На Мapкc не му беше судено сам да го подготви за печат ова трето издание. Моќниот мислител, пред чија величина сега се приклонуваат и противниците, умре на 14 март 1883 година.
Мене, што го изгубив во него четириесетгодишниот, најдобар, неразделен пријател, кому имам повеќе да му заблагодарам отколку што може да се искаже со зборови, мене ми падна сега должност да се погрижам за издавањето како на ова трето издание така и за издавањето на вториот том што остана во ракопис. Овде сум должен да му положам сметка на читателот, чако го извршив првиот дел од оваа должност.
Маркс отпрво претполагаше да го преработи поголемиот дел од првиот том, некои теоретски точки поостро да зафати, нови да придодаде, историскиот и статистичкиот материјал да го дополни за до најново време. Неговата болест и желбата да ја заврши редакцијата на вториот том го натераа да се откаже од тоа. Требаше да се измени само најнужното и да се внесат само дополненијата, влезени во француското издание што меѓувремено беше објавена. („Le Capital. Par Karl Marx." Paris, Lachâtre 1873.)
Во оставнината се најде и еден германски егземплар, коригиран на места од него и снабден со упатства за француското издание, исто така се најде и еден француски егземплар во кој тој точно ги означи местата што треба да се исползуваат. Овие измени и дополнувања се ограничуваат со мали изнимки на последниот дел од книгата, на одделот: Процесот на акумулацијата на капиталот. Текстот од овој оддел повеќе од другите го задржа првобитниот нацрт, додека текстот од претходните оддели бил од основа преработен. Поради тоа стилот овде беше пожив, поцелосен, но и понебремен, испреплетен со англицизми, на места нејасен; текот на излагањето имаше овде-онде празнини, а одделни важни моменти беа само назначени.
Што се однесува за стилот, самиот Маркс основно ревидира повеќе пододдели, и со таа како и со чести усни укажувања, ми ја даде мерата до каде можам да одам во отстранувањето на англиските технички изрази и на другите англицизми. Додатоците и дополненијата Маркс секако уште еднаш би ги преработил и глаткиот француски јазик би го надоместил со својот сопствен збиен германски јазик; јас овде морав да се задоволам со таа да ги пренесам нив што е возможно потесно и да ги приклучам кон првобитниот текст.
Значи, во третово издание не е изменет ни еден збор за кој не сум сигурен оти би го изменил и самиот автор. Ни на ум не можеше да ми падне да го воведам во „Капиталот“ тековниот жаргон со кој имаат обичај да се изразуваат германските економисти, оној неразбирлив јазик, на пр. на кој се вика работодавец оној што за готови пари купува труд од други,[1*] а работопримач од кого трудот се одзема за наемнина. И на француски се употребува travail, во обичниот живот во смисла на „вработување“. Но Французите со право би го сметале за луд економистот што би сакал да го вика капиталистот donneur du tгavail [работодавец], а работникот receveur du tгavail [работопримач].
Исто така, не си дозволив да ги заменам употребените низ целиот текст англиски пари, мери и тежини со нивните нови германски еквиваленти. Кoгa излезе првото издание на „Капиталот“, во Германија имаше толку многу видови мери и тежини колку што има дни во годината, притоа имаше два вида марки (рајхсмарката важеше тогаш само во главата на Сетбера што ја пронајде тој при крајот на 30-те години), два вида гулдени и најмалку три вида талири, меѓу нив еден на кого единица му беше „новата дветретинка“[2*]. Во природните науки владееше метричка, а на светскиот пазар владееше англиска мера и тежина. Под такви околности англиските единици за мера беа сосем природни за една книга што беше присилена да ги црпе своите фактички податоци скоро исклучиво од англиските индустриски односи. И оваа последна причина си останува уште и денес решавачка, толку повеќе што соодветните односи на светскиот пазар одвај нешто се изменија, а особено за најважните индустрии — за железо и памук — англиските мери и тежини скоро исклучиво владеат уште и денеска.
Најпосле, уште неколку збора за Марксовиот начин на цитирање, што е малку разбран. При чиста фактичко предавање и опишување на цитатите, на пр. од англиската Сина книга, тие служат, се разбира, само како прости извори на доказите. Но инаку е таму каде што се цитираат теоретските погледи од други економисти. Овде цитатот треба да утврди само тоа каде, кога и од кого најнапред јасна е искажана некоја економска мисла што настанала во текот на развитокот. Притоа овде се работи само за тоа дали речената економска претстава има важност за историјата на науката, дали таа повеќе или помалку е адекватен теориски израз на економската положба на своето време. Но сосем не се работи за тоа дали оваа претстава има некоја апсолутна или релативна важност за гледиштето на авторот или пак дали таа веќе сосем ѝ припаѓа на историјата. Според тоа, овие цитати сочинуваат само еден тековен коментар кон текстот позајмен од историјата на економската наука, и ги утврдува по датум и по автор одделните поважни напредоци на економските теории. А тоа беше мошне важно во една наука чии историчари досега се одликуваа само со тенденциозно, скоро штреберско незнаење. Сега станува јасно зошто и Маркс, во согласност со предговорот кон второто издание, само во исклучителен случај ги наведува германските економисти.
Се надевам дека вториот том ќе излезе во текот на 1884 година.
7 ноември 1883
Фридрих Енгелс
Забелешки на уредникот на изданието
[1*] Германскиот израз „Anwender” во нашиов превод е преведуван со применувач, т.е. оној што ја применува, употребува работната сила, понекаде со претприемач. Никаде не е употребен ненаучниот термин „работодавец“, иако во практиката и кај нас се употребува.
[2*] Нова дветретинка — една сребрена монета во вредноста од 2/3 од талир, кој се наоѓала во оптек од 17 до средината на 19 век во разни германски држави.