Делото од кое првиот том ѝ го предавам на публиката претставува продолжение од моето дело издадено во 1859 година: „Кон критиката на политичката економија“. Долгата пауза меѓу почетокот и продолжението се должи на долгогодишната болест, што често ми ја прекинуваше работата.
Содржината на моето претходно дело е резимирана во првата глава од овој том.[*] Јас тоа не го сторив само заради сврзаноста и целосноста. Излагањето е подобрено. Многу точки порано само назначени, овде понатаму се развиени, до колку тоа на некој начин го допушташе природата на предметот, додека, обратно, тоа што е таму исцрпно разработено овдека е само назначено. Одделите за историјата на теориите на вредноста и парите овдека, се разбира, сосема се изоставени. Сепак, на читателот од претходното дело му се отвораат во забелешките кон првата глава нови извори за историјата на тие теории.
Секој почеток е тежок, важи во секоја наука. Затоа најголема тешкотија е разбирањето на првата глава, особено одделот што ја содржи анализата на стоката. А што се однесува сега за самата анализа на супстанцата на вредноста и големината на вредноста, ја популаризирав неа колку што е тоа возможно.[1] Формата на вредноста што добива готов лик во паричната форма, е мошне бессодржајна и проста. А сепак човечкиот дух повеќе од 2.000 години залудно се обидувал да проникне во неа, додека, од друга страна, тој успеал барем приближно да анализира многу посодржајни и посложени форми. Зошто? Зашто е полесно да се проучува развиеното тело отколку ќелијата на телото. Освен тоа, при анализата на економските форми не може да се послужиме ниту со микроскоп ниту со хемиски реагенси. И едното и другото мора да ги замени силата на апстракцијата. Но стоковната форма на производот на трудот или вредносната форма на стоката е економско-ќелијната форма на буржоаското општество. Нејзината анализа му се чини на неупатениот оти се врти околу голи ситници. И навистина се работи овде за ситници, но само така како што се работи и кај микролошката анатомија.
Поради тоа, со исклучок на одделот за формата на вредноста човек не може да се поплаче на оваа книга дека е тешко разбирлива. Се разбира, јас претпоставувам читатели што сакаат да научат нешто ново, значи, што сакаат сами да размислуваат.
Физичарот ги набљудува природните процеси или таму кадешто тие се покажуваат во најизразита форма и каде што разрушувачките влијанија нив најмалку ги заматуваат или, каде што е возможно, тој прави експерименти под услови што го осигуруваат чистиот тек на процесот. Тоа што ќе го иследувам во ова дело е капиталистичкиот начин на производство и нему соодветните односи на производството и размената. Неговата класична земја досега е Англија. Тоа е причината што таа служи за главна илустрација на моето теоретско излагање. Но, сепак, ако германскиот читател фати фарисејски да ги крева рамењата за состојбата на англиските индустриски и земјоделски работници, или оптимистички да се смирува со тоа дека во Германија ни оддалеку работите не стојат така лошо, тогаш јас морам нему да му довикнам: De te fabula narratur! [приказната зборува за тебе!][**]
Всушност овдека не се работи за повисок или понизок степен на развитокот на општествените антагонизми што произлегуваат од природните закони на капиталистичкото производство. Се работи за самите тие закони, за самите тие тенденции што дејствуваат и се спроведуваат со железна неопходност. Индустриски поразвиената земја ѝ ја покажува на помалку развиената земја само сликата од нејзината сопствена иднина.
Но да го оставиме тоа настрана. Таму каде што капиталистичкото производство кај нас наполно се утврдило на пр., во вистинските фабрики, условите се многу полоши отколку во Англија, зашто ја нема противтежата на фабричките закони. Во сите други области, исто така како во целата друга континентална западна Европа, ние страдаме не само од развитокот на капиталистичкото производство, туку и од недостигот на неговиот развиток. Покрај модерните неволи нè притиснува нас и една цела редица наследени неволи што произлегуваат од тоа што продолжуваат да вегетираат старинските, преживеаните начини на производство со нивните соодветни застарени општествени и политички односи. Ние не страдаме само од живите, туку и од мртвите. Le mort saisit le vif! [Мртвиот го закопува живиот!]
Социјалната статистика на Германија и на другата континентална западна Европа во споредба со англиската е бедна. Сепак, и тоа го открива превезот токму толку за да може да се наѕре зад него главата на Медуза. Ние би се вџашиле пред нашите сопствени услови, кога нашата влада и парламент, како во Англија, би поставиле периодични иследни комисии за економските односи, кога овие комисии би биле снабдени со истите полномошна за испитување на вистината, како во Англија, и кога би успеало да се најдат за таа цел исто така добри познавачи на работите, непристрасни и безобѕирни луѓе, како што се фабричките инспектори во Англија, нејзините лекари известители за „Public Health“ [Здравје на населението], нејзините комесари за испитување на експлоатацијата над жените и децата, за станбената и прехранбената состојба итн. На Персеј му требаше невидлива шапка за да ги преследува чудовиштата. Ние длабоко ја натиснуваме невидливата шапка преку уши и преку очи за да можеме да го одречеме самото суштествување на чудовиштето.
Но ние не смееме во однос на тоа да се залажуваме. Како што Американската војна за независност во 18 век беше камбанен глас на тревога за средната класа во Европа, така е Американската граѓанска војна од 19 век за европската работничка класа. Во Англија процесот на превратот може со рака да се фати. Кога ќе достигне на извесен степен тоа мора да се одрази на континентов. Тој овде ќе прими побрутална или похумана форма, според степенот на развитокот на самата работничка класа. Според тоа, независно од високите мотиви, најблиските интереси на владејачките класи сега наложуваат да се отстранат сите пречки што го задржуваат развитокот на работничката класа и што можат законски да се контролираат. Затоа јас ѝ дадов во овој том меѓу другото, толку значајно место на историјата, на содржината и на резултатите на англиското фабричко законодавство. Една нација треба и може да учи од друга. Дури и кога некое општество надојде на трагата на природните закони на своето движење – а крајната цел на ова дело е да го разоткрие економскиот закон на движењето на модерното општество – тоа не може ни да ги прескокне, ни со декрет да ги отстрани фазите на природниот развиток. Но тоа може да ги скуси и да ги ублажи родилните болки.
Уште еден збор за да се избегнат возможните недоразбирања. Ликовите на капиталистот и земјопоседникот јас никако не ги сликам во розова светлина. Но овдека се работи за личности само до колку тие се персонификација на економски категории, носители на определени класни односи и интереси. Моето гледање, што развитокот на економско-општествената формација го гледа како природно историски процес, може помалку од секое друго да го направи поединецот одговорен за условите, од кои е и тој социјален производ, па макар колку тој да можел субјективно да се издигне над нив.
Во областа на политичката економија слободното научно иследување не се среќава само со истиот непријател на развитокот како и во сите други области. Особената природа на материјата што ја обработува политичката економија ги предизвикува против себеси на бојното поле најжестоките, најниски и најзлобни страсти на човечките гради, фуријата на приватниот интерес. Високата англиска црква на пр. побргу го простува нападот на 38-те од 39-те членови од нејзиниот симбол на верата отколку нападот на 1/39 од нејзините парични приходи. Денеска и самиот атеизам е culpa levis [лесен грев] во споредба со критиката на традиционалните односи на сопственоста. Сепак, и овде има извесен напредок. Јас укажувам на пр. на Сината книга,[***] објавена во последниве седмици: „Correspondence with Her Majesty’s Missions Abroad, regarding Industrial Questions and Trade Unions“. Надворешните застапници на англиската круна искажуваат со суви зборови дека во Германија, Франција, кусо речено, во сите културни држави од западноевропскиот континент, исто така се чувствува преобразување на постојните односи меѓу капиталот и трудот и дека тоа е преобразување исто така неизбежно како и во Англија. Едновремено г. Веид, потпретседател на Соединетите Држави на Северна Америка објави од онаа страна на Океанот на јавен митинг: По отстранувањето на ропството на дневен ред иде преобразувањето на капиталистичките односи и на односите во земјишната сопственост! Овие се знаците на времето што не можат да се покријат ни со пурпурна мантија ни со црно расо. Тие не означуваат дека утре ќе стане чудо. Тие покажуваат дека дури и во владејачките класи се зародува матното чувство оти сегашното општество не е никаков тврд кристал, туку е еден организам што е способен за преобразување и што постојано е во процес на преобразувања.
Вториот том од ова дело ќе го обработува процесот на циркулацијата на капиталот (книга II) и формите на целокупниот процес (книга III), а завршниот трет том (книга IV) историјата на теоријата.
Секој суд од научната критика ќе ми биде добредошол. А што се однесува до предрасудите од таканареченото општествено мнение, на кое јас никогаш не сум му правел отстапки, важи за мене како и понапред поговорката на големиот Флорентинец: Segui il tuo corso, e lascia dir le genti! [Врви си по патот и пушти ги луѓето нека си зборуваат што сакаат!][****]
Лондон, 25 јули 1867
Карл Маркс
Фусноти
[1] Ова ми се стори толку попотребно што има значителни недоразбирања дури и во одделот од делото на Ф. Ласал против Шулце-Делич, во кој тој вели дека ја дал „духовната квинтесенција“ на моите изложувања за овие теми. Патем речено: Кога Ф. Ласал сите теориски поставки на неговите економски дела, како и на пр. за историскиот карактер на капиталот, за врската меѓу односите на производството и начинот на производство итн. ги позајмува од моите дела скоро буквално и со терминологијата што ја создадов јас и притоа без да ги наведе изворите, што оваа постапка наполно се објаснува од пропагандни мотиви. Се разбира, јас не говорам за неговото излагање подробности ниту за нивната практична примена, со кои јас немам ништо заедничко.
Забелешки на уредникот на изданието
[*] Маркс овде се повикува на првата глава од првото издание (1867), чие заглавие беше „Стока и пари“. За второто издание Маркс го преработи томот и го измени неговиот склоп. Тој ја подели поранешната прва глава во три самостојни глави, кои сега под истото заглавие го сочинуваат првиот оддел.
[**] Од Хорациевите „Сатири“, 1, сатира 1.
[***] Сини книги (Blue Books) — општо обележување на публикациите за материјалите од англискиот парламент и за дипломатските документи од Министерството за надворешни работи. Сините книги, наречени така поради нивните сини обвивки, се издаваат во Англија од XVII век и се најважниот официјален извор за историјата на стопанството и дипломатијата на оваа земја.
[****] Парафразиран цитат од Дантеовата „Божествена комедија“, „Чистилиште“, 5 песна.