Објавувањето на „Капиталот“ на англиски јазик нема нужда да се докажува. Скоро обратно, би можело да се очекува објаснение зошто англиското издание досега била одложувано, кога се знае дека во последниве неколку години во англискиот и американскиот печат и во дневната литература постојано се споменуваа, се напаѓаа и бранеа, се објаснуваа и извртуваа теориите застапувани во оваа книга.
Кога бргу по смртта на авторот на „Капиталот“ во 1883 г. стана очевидна нужноста од англиското издание на делото, мистер Семјуел Мур, долгогодишен пријател на Маркса и на авторот на овие редови, и кој со самата книга е запознат можеби повеќе од секој друг, изјави оти е готов да го земе на себе преводот, за кое исполнителите на книжевниот тестамент на Маркса се стремеа што побргу да го публикуваат, Беше договорено јас да го споредам ракописот cо оригиналот и да предложам измени кои мислам оти треба да се извршат. Кoгa малку по малку се покажа, дека работите од неговата професија го спречиле мистер Мура да го заврши преводот со брзина, што ја сакавме сите ние, затоа со радост го примивме предлогот на др. Евелинг, да преземе еден дел од работата; едновремено г-ѓа Евелинг, најмладата Марксова ќepкa, се предложи да ги контролира цитатите и да го воспостави оригиналниот текст на многубројните места што ги зел Маркс од англиските писатели и Сините книги и што ги превел на германски. Сево ова наполно е извршено, освен неколку неизбежни исклучоци.
Др. Евелинг ги преведе следниве делови од книгата: 1. глава Х („Работниот ден“) и XI („Нормата и масата на вишокот на вредноста“); 2. оддел VI („Наемнината“ што ги опфаќа главите XIX - ХХII); 3. од главата XХIV, оддел 4 („Околностите што итн.“) до крајот на книгата, опфаќајќи го последниот дел од главата XXIV, главата ХXV и целиот оддел седми (од глава (XXVI до XXXIII); 4. двата предговора, од авторот. Сите други делови од книгата ги преведе мистер Мур.[1*] Дури така секој преведувач сам си ја носи одговорноста за својот дел од работата, јас ја носам одговорноста на целината.
Третото германско издание, што е земенo за основа на нашата работа, гo подготвив јас во 1883 со помошта на забелешките, оставени од авторот, и во кои се назначени местата од второто издание, што требаше да се заменат со назначените места во францускиот текст објавен во 1873.[1] Измените што така настанаа во текстот од второто издание главно се совпаѓаат со измените, назначени од Маркса во редица ракописни упатства за англискиот превод, на чие издавање се мислело во Америка пред десет години, но издавањето изостанало главно поради тоа што не се нашол способен и погоден преведувач. Овој ракопис ни го стави на располагање нашиот стар пријател г. Ф. А. Зоpгe во Хобокен, Њу Џepcи. Во него е укажано на уште некои додавки од француското издание, но бидејќи тоа е толку години постаро од последните упатства за третото издание, тоа не се сметав ополномоштен, да го исползувам него, освен во исклучителни случаи и особено во случаите, каде што тоа ни помогнуваше во совладувањето на тешкотии. При најмногуте тешки места се послуживме и со француското издание за да оцениме, што беше готов да жртвува самиот автор, каде што имало нешто да се жртвува во преводот од точното значење на оригиналот.
Сепак останува една тешкотија, од која не можевме да го ослободиме читателот: употребата на извесни изрази во смисла што се разликува не само од употребата во обичниот говор туку и од јазикот на обичната политичка економија. Но тоа беше неизбежно. Секое ново разбирање на некоја наука донесува со себе револуција во нејзините технички термини. Најдобро тоа го потврдува хемијата, во која целокупната терминологија радикално се изменува приближно во секои дваесет години и каде што тешко ќе се најде некое органско соединение, што не минало редица различни имиња. Политичката економија главно се задоволува со тоа да ги земе изразите од трговскиот и индустрискиот живот онака како што ги заварила и да оперира со нив, притоа таа сосем не забележала, оти со таа се ограничила на тесен круг идеи што биле изразувани со тие зборови. Така ни самата класична политичка економија, иако беше наполно свесна, дека профитот и рентата се само пододдели, парчиња од неплатениот дел на производот, што работникот мора да му го дава на претприемачот (на првиот, иако не на последниот, исклучивиот присвојувач на производот), сепак никогаш не излезе од вообичаените поими за производот (што Маркс го вика вишок на вредноста) во неговата целокупност како цело, па поради тоа никогаш не дојде да јасно поимање на неговото потекло и на неговата природа, а исто така ни на законите што ја регулираат попослешната распределба на неговата вредност. Слично така и целото производство, со исклучок на земјоделството и занаетчиството, се опфаќа без разлика со терминот мануфактура, а со тоа се брише разликата меѓу два големи и битно различни периода на економска историја: периодот на вистинската мануфактура, што почиваше врз распределбата на рачниот труд, и периодот на модерната индустрија, што почива врз мaшините. Според тоа, само од себе се разбира, дека една теорија, што го смета модерното капиталистичко производство само како преоден стадиум во економската историја на човештвото, мора да употребува термини поинакви од тие на кои се навикнати оние писатели, што таа форма на производството ја сметаат како вечна и крајна.
Нема да биде излишно ако кажеме нешто за авторовиот метод на цитирање. Во повеќето случаи цитатите служат (како обично) за докажување на тврдењата изнесени во текстот. Но во многу случаи се наведуваат места од економските писатели, за да се покаже, кога, каде и кој првпат јасно изрекол некое определено гледиште. Тоа се прави во такви случаи, каде што споменатото мислење е важно како повеќе или помалку адекватен израз на условите на општественото производство и размена што преовладувале во извесно време, и тоа сосем независно од таа дали Маркс ги признава нив или тие имаат општо значење. Овие цитати на овој начин го дополнуваат текстот со придружни коментари зајмени од историјата на науката.
Нашиот превод ја опфаќа само првата книга од делото. Но оваа прва книга во голема мера претставува сама за себе целост и дваесет години важеше како едно самостојно дело. Втората книга, што ја издадов на германски јазик во 1885, безусловно е непотполна без третата, што не може да се објави пред крајот на 1887. Кoгa ќe биде издадена третата книга во германскиот оригинал, ќе биде доста рано да се мисли за подготовката на англиско издание од обете.
„Капиталот“ на континентот често се вика „библија на работничката класа“. Никој што е запознаен со работничкото движење нема да одрекува дека заклучоците направени во оваа книга стануваат секој ден сѐ повеќе основни принципи на великото движење на работничката класа не само во Германија и Швајцарија, туку и во Франција, во Холандија и Белгија, во Америка, па дури и во Италија и Шпанија; дека работничката класа насекаде сѐ повеќе ги признава и оние заклучоци како најсоодветен израз на својата положба и на своите стремежи. Па и во Англија токму во овој час теориите на Маркса вршат моќно влијание врз социјалистичкото движење, што се шири исто толку во редовите на образованите колку во редовите на работниците. Но тоа не е сѐ. Бргу се приближува времето, кога темелното испитување на економската положба на Англија ќe се наметне како неодложива национална нужност. Движењето на англискиот индустриски систем, што е невозможно без постојаното и брзо ширење на производството, а според тоа и на пазарите, се приближува до мртвата точка. Слободната трговија ги исцрпе своите помошни извори; дури и самиот Манчестер се сомнева во своето некогашно економско евангелие.[2] Индустријата што бргу се развива во другите земји насекаде му се испречува на англиското производство, не само на пазарите заштитени со царини, ами и на неутралните пазари, па дури и од оваа страна на Ла Манш. Додека производните сили растат во геометриска прогресија, ширењето на пазарите расте во добар случај во аритметичка прогресија. Десетгодишниот циклус на застој, просперитет, претерано производство и криза, што од 1825 до 1867 постојано се повратува, изгледа оти истекол; но само за да нѐ довлечка во блатиштето на крајна безнадежност од една перманентна хронична депресија. Силно саканиот период на просперитет не доаѓа; колку пати и да ни ce чинело дека сме ги загледале симптомите што сведочат за неговото идење, толку пати тие се изветрија. Притоа секоја нова зима го поставува одново прашањето: „Што да се прави со безработните?“ Но додека бројот на безработните од година на година расте, нема никој да одговори на ова прашање; и ние би можеле тукуречи да го пресметаме моментот кога безработните ќe го изгубат трпењето и ќe си ја земат судбината во своите раце. Во таков момент секако ќe треба да се чуе гласот на човекот кому целата теорија му е резултат од доживотното изучување на економската историја и на положбата на Англија, и кого го доведе ова изучување до заклучок дека Англија е единствена земја, барем во Европа, каде што неизбежната социјална револуција би можела наполно да се справеде мирно и co легални средства. Навистина тој никогаш не пропушти да дададе, дека слабо очекува владеачката класа на Англија да ѝ се потчини на оваа мирна и легална револуција без „бунт во одбрана на ропството“.
5 ноември 1886
Фридрих Енгелс
Фусноти
[1] „Le Capital, Par Karl Marx", превод од М. Ж. Роа, наполно прегледана од авторот. Paris, Lachâtre. Овој превод, особено последниот дел од книгата, содржи значителни измени и дополненија во споредба со текстот од второто германско издание.
[2] На тримесечното собрание на Трговската комора во Манчестер, што е одржано денеска попладне, дојде до жива дискусија по прашањето за слободната трговија. Предложена беше една резолуција во таа смисла дека „четириесет години залудо се чекало тоа другите нации да тргнат по англискиот пример на слободната трговија, па Комората смета дека дошло време да се измени ова гледиште.“ Резолуцијата беше одбиена со мнозинство само од еден глас; гласаа 21 за, а 22 против. („Evening Standard”, 1 ноември 1886 г.)
Забелешки на уредникот на изданието
[1*] Нумерирањето на главите во англиското издание на првиот том од „Капиталот“ не се совпаѓа со нумерирањето во германските изданија.