Политичката економија принципиелно меша два сосем различни вида приватна сопственост, од кои едниот почива врз сопствениот труд на производителот, а другиот врз експлоатацијата на туѓ труд. Таа заборава дека последниов не само што е директната спротивност на првиот, туку и дека расте само врз неговиот грб.
Во Западна Европа, татковината на политичката економија, процесот на првобитната акумулација повеќе или помалку е завршен. Овде капиталистичкиот режим или директно го потчинил под себе целото национално производство или пак, онаму каде што се односите уште недоразвиени, тој барем во најмала мера индиректно ги контролира општествените слоеви што суштествуваат покрај него, што се во опаѓање, а кои му припаѓаат на застарениот начин на производство. На овој готов свет на капиталот политичкиот економист ги применува претставите за правото и сопственоста на преткапиталистичкиот свет, и тоа со толку позагрижена ревност и со толку поголемо подлижување, колку што повеќе се испречуваат фактите против неговата идеологија.
Во колониите е поинаку. Капиталистичкиот режим таму насекаде се судира со пречки, бидејќи производителите се стопани на своите сопствени услови на труд, се збогатуваат со својот труд сами себеси, а не капиталистот. Противречноста на овие два дијаметрално спротивни економски системи се потврдува овдека практично во нивната борба. Таму каде што ја има капиталистот зад себеси силата на метрополата, тој се обидува сосила да го отстрани од патот начинот на производство и присвојувањето што почива врз сопствениот труд. Истиот интерес што му определува на политичкиот економист, на сикафантот на капиталот теоретски да го прогласи капиталистичкиот начин на производство во метрополата за негова сопствена противност, истиот интерес го тера него овдека „to make a clean breast of it“ [отворено да ги каже работите] и гласно да ја прогласи противноста на обата начина на производството. За оваа цел тој докажува дека развитокот на општествената производна сила на трудот, кооперацијата, поделбата на трудот, примената на машинеријата во крупни размери итн. се неможни без експропријацијата на работникот и без соодветното претворање на неговите средства за производство во капитал. Во интерес на таканареченото национално богатство тој бара вештачки средства за создавање народна сиромаштија. Неговиот апологетски панцир се раскршува овде парче по парче како трошлив трат.
Големата заслуга на Е. Г. Вехфилд не е во тоа што тој откри нешто ново за колониите,[254] туку што ја откри во колониите вистината за капиталистичките односи на метрополите. Како што се стремеше системот на протекционализмот при своето изникнување[255] во метрополата кон фабрикување на капиталисти, така и теоријата за колонизација од Векфилд, која Англија едно време се обидуваше да ја стави во дејство како закон, се стремеше во колониите кон фабрикување наемни работници. Тоа тој го вика “systematic colonisation” (систематска колонизација).
Векфилд најпрво откри во колониите оти сопственоста на пари, на средства за живот, машини и на други средства за производство сѐ уште не го прави некој човек капиталист, ако му го нема дополнувањето, наемниот работник, другиот човек што е присилен доброволно да се продава сам себе. Тој откри дека капиталот не е предмет туку општествен однос меѓу лица низ предмети.[256] Господин Пил — тажи тој пред нас — зел со себе од Англија на Сван Ривер, во Нова Холандија, средства за живот и средства за производство во износ од 50.000 ф. ст. Г. Пил бил толку предвидлив, што повел со себеси освен тоа и 3.000 лица од работничката класа, мажи, жени и деца. Кога еднаш стасал на определеното место, „останал г. Пил без ниеден слуга за да му го намести креветот или да му нацрпе вода од река.“[257] Кутриот г. Пил, што беше предвидел сѐ, не беше го предвидел само извозот на англиските производствени односи на Сван Ривер!
За поимање на следниве откритија на Векфилд, даваме две забелешки. Се знае: средствата за производство и средствата за живот како сопственост на непосредниот производител не се капитал. Тие стануваат капитал само под услови во кои тие едновремено служат како средство за експлоатација над работникот и за господарење над него. Но оваа нивна капиталистичка душа во главата на политичкиот економист толку тесно е сврзана со нивната материјална супстанца, што тој ги крсти нив како капитал под сите околности, па и таму каде што му се тие токму спротивности на капиталот. Така е кај Векфилд. Потака: раскинатоста на средствата за производство како индивидуална сопственост на мнозина еден од друг независни работници со самостојни стопанства тој ја вика еднаква расподелба на капиталот. На политичкиот економист му оди како на феудалниот јурист. Последниов и на чисто паричните односи им ја залепуваше својата феудална јуристичка етикета.
„Кога би бил капиталот“, вели Векфилд, „расподелeн на еднакви делови меѓу сите членови на општеството, тогаш ни еден човек не би имал интерес да акумулира повеќе капитал отколку што може да примени со своите сопствени раце. Во извесен степен ваков е случајот во новите американски колонии, каде што страста за земјишна сопственост го спречува суштествувањето на една класа наемни работници.“[258]
Значи, сѐ додека работникот може сам за себе да акумулира, а тоа тој може сѐ додека останува сопственик на своите средства за производство, капиталистичката акумулација и капиталистичкиот начин на производства се неможни. Ја нема за тоа неопходната класа на наемни работници. Па како е извршена тогаш во стара Европа експропријацијата на работниците од нивните услови за труд, како е, според тоа, создаден капиталот и наемниот труд? Со еден contrat ѕocial [општествен договор] од сосем оригинален вид.
„Човештвото... усвоило еден прост метод за унапредување на акумулацијата на капиталот“, кој нему, се разбира, уште од времето на Адама му висела пред очи како последна и единствена цел на неговото суштествување: „тоа се разделило на сопственици на капитал и сопственици на труд... Оваа расподелба била резултат од доброволно согласување и комбинација.“[259]
Со еден збор: масите на човештвото сами себе се експроприрале во чест на „акумулацијата на капиталот“. Сега би требало да се верува дека инстинктот на ова фанатично самоодрекување би морал слободно да се разузда особено во колониите, каде што единствено и суштествуваат луѓе и околности што би можеле еден contrat social да го пренесат од царството на соништата во царството на дејствителноcтa. Но тогаш воопшто зошто ќе биде „систематската колонизација“ спротивно на природната колонизација? Но, но:
„во Северните Држави на Американскиот Сојуз сомнително е дали има една десетина од населението што ѝ припаѓа на категоријата наемни работници... Во Англија... големите маси народ се наемни работници.“[260]
Да, стремежот за самоекспропријација на работното човештво во чест на капиталот е толку слаб, што, дури и според Векфилд, ропството е единствена природна основа за колонијалното богатство. Неговата систематска колонизација е само едно голо pis aller [помош од немајкаде], бидејќи тој сега има работа со слободни, а не со робови.
„Првите шпански иселеници во Санто Доминго не добиваа работници од Шпанија. Но капиталот без работници (т.е. без ропство) би пропаднал или барем би се свел на малечки маси што би можела секоја индивидуа да ги применува со своите сопствени раце. Тоа навистина и се случи во последната колонија основана од Англичаните, каде што пропадна еден голем капитал во семе, добиток и орудија, поради недостиг на наемни работници и каде што ниеден преселник нема повеќе капитал отколку што може да примени со своите сопствени раце.“[261]
Ние видовме: експропријацијата на народните маси од земјата е основа на капиталистичкиот начин на производството. Сушноста на една слободна колонија се состои напротив во тоа, што масата од земјата е уште народна сопственост и затоа ceкoj доселеник може да претвори еден дел од неа во негова приватна сопственост и во индивидуално средство за производство, без да му пречи на подоцнежниот доселеник да ја повтори истата операција.[262] Тоа е тајната за расцветувањето на колониите, како и за нивната рак-рана — нивниот отпор против доселувањето на капиталот.
„Таму каде што е земјата сосем евтина и каде што се сите луѓе слободни, каде што може секој по желба да си задржи едно парче земја за себеси, не само што е таму трудот сосем скап, ако се земе предвид делот што го добива работникот од неговиот производ, туку тешкотијата е тука во тоа што комбиниран труд не може да се добие ни за која било цена.“[263]
Бидејќи во колониите работникот уште не е одделен од условите на трудот и од нивниот корен — земјата, или е одделен само спорадично или на сосем ограничено пространство, не е ни земјоделството одделено од индустријата, ниту е веќе уништена селската домашна индустрија, па од каде треба да дојде внатрешниот пазар за капиталот?
„Во Америка ниеден дел од населението не е исклучиво земјоделски, со одземка на робовите и нивните господари, кои го комбинираат капиталот и трудот за крупни работи. Слободните Американци, што ја обработуваат сами земјата, едновремено се занимаваат и со многу други работи. Еден дел од мебелите и алатите што им се потребни обично ги прават сами. Тие често ги градат и своите сопствени куќи и го носат производот од својата индустрија на многу оддалечен пазар. Тие се предачи и ткајачи, тие сами прават сапун и свеќи, чевли и облекло за своја сопствена потреба. Во Америка обработката на земјата е често второстепено занимање на некој ковач, воденичар или дуќанџија.“[264]
Кај има меѓу овие чудаци место за „одрекување“ за капиталистот?
Големата красота на капиталистичкото производство се состои во тоа, што тоа не само што го препроизведува постојано наемниот работник како наемен работник, туку што и сразмерно со акумулацијата на капиталот постојано произведува една релативно прекубројно население од наемни работници. Така се одржува законот за барање и предлагање труд во правилен однос, колебањата на наемнината се натеруваат на благопријатните граници за капиталистичката експлоатација, и најпосле се осигурува неопходната социјална зависност на работникот од капиталистот, однос на апсолутна зависност; кој политичкиот економист дома, во метрополата, може брборливо да го заврати во еден божем слободен договорен однос меѓу кyпeц и продавач, меѓу два еднакво независни стопани на стоки, стопанот на стоката капитал и на стоката труд. Но во колониите исчезнува оваа красна илузија. Апсолутниот пораст на населението овде е многу побрз отколку во метрополите зашто овдека многу работници доаѓаат на светот возрасни, а сепак пазарот на трудот постојано е недостатно полн. Законот за барањето и предлагањето на трудот се крши. Од една страна стариот свет постојано фрла капитал жеден за експлоатација и со стремеж за одрекување; од друга страна редовното препроизводство на наемните работници како наемни работници се судира со најнеприличните и донекаде несовладливи пречки. Но камо го сега производството на прекубројни и наемни работници во однос на акумулацијата на капиталот? Денешниот наемен работник утре станува независен, селанец со самостојно стопанство или занаетчија. Тој исчезнува од пазарот на трудот, но — не во работен дом. Ова постојано претворање на наемните работници во независни производители, што наместо за капиталот работат за себеси и кои наместо да го збогатуваат господин капиталистот се збогатуваат сами себеси, дејствува од своја страна сосем пакосно назад врз состојбата на пазарот на трудот. Не останува неприлично низок само степенот на експлоатацијата над наемниот работник. Наемниот работник освен тоа го губи заедно со односот на зависност, и чувството на зависност од капиталистот што се самоодрекува. Оттука излегуваат сите незгоди што ги опишува нашиот Е. Г. Векфилд така смело, така красноречиво и така жалостиво.
Предлагањето на наемниот труд, се тажи тој, не е ни постојано, ни редовно, ни достатно. Тоа, „не само што е постојано мало, туку е и несигурно.“[265]
„Иако производот што има да се раздели меѓу работникот и капиталистот е голем, работникот зема толку голем дел, што тој бргу станува капиталист... затоа само малцина, дури ако живеат сите необично долго, можат да акумулираат големи маси богатство.“[266]
Работниците просто никако не му дозволуваат на капиталистот да се самоодрекува од плаќање голем дел од нивниот труд. Нему ништо не му помогнува, иако е тој толку итар што заедно со својот капитал си донесе од Европа и свои сопствени работници.
„Тие бргу престануваат да бидат наемни работници, тие бргу се претвораат во независни селани или дури во конкуренти на своите стари господари на самиот пазар на трудот.“[267]
Разбирате ли каков е тоа ужас! Вредниот капиталист за свои сопствени убави пари донесол дури од Европа свои сопствени конкуренти! Сепак овде престанува сѐ! Не е чудо што Векфилд се плаче на немање однос на зависност и чувство на зависност кај наемните работници во колониите. „Поради високите наемнини“, вели неговиот ученик Меривел, „во колониите суштествува страшна желба за поевтин и попокорен труд, за една класа на која би можел капиталистот да ѝ ги диктира условите наместо таа нему да му ги диктира... Во земјите на старата цивилизација работникот е, иако слободен, зависен од капиталистот по природните закони, во колониите оваа зависност мора да се создаде со вештачки средства.“[268]
Какви се сега, според Векфилд, последиците од оваа жалосна положба во колониите. „Варварски систем на растурање“ на производителите и на националниот имот.[269] Распарчувањето на средствата за производство меѓу безбројните сопственици со самостојното стопанство ги уништува заедно со централизацијата на капиталот и сите основи на комбинираниот труд. Секое претпријатие ориентирано на долг рок, што трае неколку години и бара вложување голем основен капитал, се удира при изведувањето пречки. Во Европа капиталот не се занимава ни еден момент, бидејќи работничката класа претставува само негов жив придодаток, што постојано го има во изобилство, што е секогаш на располагање. Но во колониите! Векфилд ни раскажува една крајно жалосна анегдота. Тој разговарал со неколку капиталисти од Канада и од државата Њујорк, каде што брановите на доселеници често се запираат и се стајуваат во талог „од прекубројни“.
„Нашиот капитал“, здивнува едно лице од мелодрамата, „нашиот капитал беше готов за многу операции за чие исполнување се сака прилична долг период време; дали можевме да почнеме такви операции со работници кои, како што тоа го знаеме, бргу би ни го свртеле грбот? Да бевме сигурни дека ќе можевме да го задржиме трудот на тие преселници, ние со радост веднаш ќе ги ангажираме и тоа за повисока цена. Но секако, дури иако бевме сигурни дека ќе ги изгубиме, ние сепак ќе ги ангажираме, зашто бевме сигурни дека ќе дојде еден нов прилив од населеници според нашите потреби.“[270]
Откако Векфилд сјајно го прикажа англиското капиталистичко земјоделство и неговиот „комбиниран“ труд како контраст на најраздробеното американско селско стопанство, нему му се испушти да ја каже и опачината на медалот. Тој ја прикажува американската народна маса како имотна, независна, претприемлива и релативно образована, додека:
„англискиот земјоделски работник е парталко“ (a miserable wretch), паупер... Во која земја, освен во Северна Америка и некои нови колонии, наемнината за слободниот труд што е применет во земјоделството ја надминува вредноста на најнеопходните средства за суштествување на работникот во мера што заслужува да се спомене?... Несомнено, работните коњи во Англија се хранат многу подобро отколку англиските земјоделски работници, зашто се тие сопственост од вредност.“[271]
Е па never mind [ништо за тоа]. Националното богатство по својата природа сега е идентично со народната беда.
Па сега како да се излекуваат колониите од антикапиталистичката рак-рана? Ако се сака со еден удар да се претвори сета земја од народна сопственост во приватна сопственост, тогаш вистина корењето на злото ќе се уништат, но заедно со тоа ќе се уништат и колониите. Мајсторијата е да се отепаат со еден удар две муви. Нека ѝ удри владата на уште необработената земја една вештачка цена независна од законот за барањето и предлагањето, што ќе го присили преселникот подолго време да работи како наемен работник додека да може да заслужи достатно пари да купи земја[272] и да се претвори во независен селанец. Фондот добиен од продажбата на земјата по цена релативно недостапна за наемниот работник, т.е. овој паричен фонд што е исцеден од наемнините со нарушувањето на светиот закон за барањето и предлагањето, владата од своја страна нека го употреби во онаа мера во која расте тој за да доведе од Европа во колониите голтаци и така му го одржува на капиталистот неговиот пазар за наемен труд секој пат полн. Под овие околности tout sera pour le mieux dans le meilleur des mondes possibles [сѐ најдобро уредено во најдобриот од сите светови]. Ова е големата тајна на „систематска колонизација“.
„Според овој план“, извикнува Векфилд триумфално, „предлагањето на трудот мора да биде постојано и редовно; оти прво, нема да биде ни еден работник способен да си создаде земја пред да работел за пари, а сите доселени работници со таа што ќе работат комбинирано за наемнина, ќе му произведуваат на својот господар капитал за примена на повеќе труд; а второ, секој оној што ќе го обеси наемниот труд на греди и што ќе стане земјосопственик, токму со купувањето на земјата ќе осигури фонд за доведување нов труд во колониите.“[273]
Определената цена за земјата од страна на државата мора, природно, да биде „достатна“ (sufficient price), т.е. толку висока „што таа да ги спречува работниците да станат независни селани, сѐ додека не ќе дојдат други да ги земат нивните места на пазарот на трудот.“[274] Оваа „достатна цена на земјата“ не е ништо друго освен еуфемистички израз за откупната цена што му ја плаќа работникот на капиталистот за дозволата да се тргне од пазарот на наемниот труд назад на село. Тој најнапред мора да му создаде на капиталистот „капитал, со кој овој ќе може да експлоатира повеќе работници, а потоа тој мора да доведе на пазарот на трудот „заменик“, кого владата на негов трошок му го експедира преку море на неговиот понапрежен господин капиталист.
Мошне е карактеристично што англиската влада веќе со години го прилагала овој метод на „првобитната акумулација“, што го пропиша г. Векфилд посебно за употреба во колонијалните земји. Неуспехот беше, природно, исто така жалосен како и неуспехот на законот за банките на Пил.[1*] Само што поројот на емиграцијата се сврте од англиските колонии кон Соединетите Држави. Меѓутоа, напредокот на капиталистичкото производство во Европа, придружуван со сѐ поголем натиск од владите, го направи Векфилдовиот рецепт излишен. Од една страна, огромниот и непрекинат порој од луѓе што од година на година тече кон Америка остава на исток од Соединетите Држави стаени талози, поради тоа што брановите на емиграцијата од Европа фрлаат таму на пазарот на трудот побргу луѓе, отколку што другиот бран на емиграцијата може да ги однесе на запад. Од друга страна, Американската граѓанска војна имаше за последица еден огромен национален долг, а со него даночен натиск, создавање најодвратна финансиска аристократија, подарување огромен дел од општествените земји на шпекулантски друштва за експлоатација на железниците, рудниците итн. — кусо речено најбрза централизација на капиталот. Значи, големата република престана да биде ветена земја за иселените работници. Капиталистичкото производство таму напредува со гигантски чекори, иако снижувањето на наемнината и зависноста на наемниот работник сѐ уште ни оддалеку не се доведени на европското нормално ниво.
Бесрамното раздавање на необработената колонијална земја на аристократите и капиталистите од страна на англиската влада — што гласно го осудуваше дури и Векфилд — заедно со поројот луѓе што ги привлекоа gold dіggings [златните рудници] и со конкуренцијата што им ја прави вносот на англиската стока дури и на најдробните занаетчии, сето тоа создаде, особено во Австралија,[275] достатно „релативно прекубројно работничко население“ што секој поштенски пароброд донесува лоши гласови за преполнетост на австралискиот пазар на трудот — “glut of the Australia labour-market,” — и дека проституцијата таму на места се расцветала така бујно како на лондонскиот Хајмаркет.
Сепак овдека нас не нѐ занимава положбата на колониите. Она што нас овдека единствено нѐ интересира е тајната што е откриена во Новиот свет и гласно прокламирана од страна на политичките економисти од Стариот свет: капиталистичкиот начин на производство и акумулацијата, значи и капиталистичката приватна сопственост го имаат за услов уништувањето на приватната сопственост што почива врз сопствениот труд, т. е. ја имаат за услов експропријацијата на работникот.
Фусноти
[253] Овдека се работи за вистински колонии, за девствена земја, што се колонизира од слободни преселници. Соединетите Американски Држави, економски да се изразиме, се сѐ уште колонијална земја за Европа. Покрај другото, овдека идат и такви стари плантажи каде што укинувањето на ропството од корен ги преобрази сите односи.
[254] Малкуто јасни погледи на Векфилд за сушноста на самите колонии ги изнесоа наполно уште порано Мирабо-таткото, физиократите, а уште многу порано англиските економисти.
[255] Подоцна тој стана една повремена нужност во интернационалната конкурентска борба. Но каква сакала била причината, последиците си остануваат исти.
[256] „Негарот си е Негар. Дури во определени односи тој станува раб. Памучната машина е машина за предење памук. Само во определени односи таа станува капитал. Оттргната од овие односи, таа е исто толку малку капитал, колку што е златото само по себе пари или шеќерот цена на шеќер... Капиталот е општествен производствен однос. Тој е историски производствен однос.“ (Каrl Marx: „Lohnarbeit und Kapital etc.“ „N[eue] Rh[einische] Z[etung]”, No. 266 од 7 април 1849)
[257] Е. G. Wakefield: “England and America,” том II, стр. 33.
[258] Исто, том I, стр. 17, 18.
[259] Исто, том I, стр. 18.
[260] Исто, стр. 42, 43, 44.
[261] Исто, том II, стр. 5.
[262] „За да стане земјата елемент за колонизација, мора да биде не само необработена, туку и општествена сопственост, која може да се претвори во приватна сопственост.“ (Исто, том II, стр. 125.)
[263] Исто, том I, стр. 247.
[264] Исто, стр. 21, 22.
[265] Исто, том II, стр, 116.
[266] Исто, том I, стр. 131.
[267] Исто, том II, стр. 5.
[268] Merivale: „Lectures on Colonization etc.,“ том II, стр. 235-314 и потака. Дури и кроткиот приврзаник на слободната трговија, вулгарниот економист Молинари вели: „Во колониите, каде што е укинато ропството, без да се надомести присилниот труд со соодветно количество слободен труд, видовме како се појавува факт спротивен од она што секој ден се одигрува пред нашите очи. Видовме простите работници како ги експлоатираат од своја страна индустриските претприемачи, како бараат од нив наемнини што се надвор од секоја сразмерност според легитимниот дел (part légitime) што би им припаѓал во производот. Бидејќи сопствениците на плантажите не беа во состојба да добијат за својот шеќер цени што би можеле да го надоместат кревањето на наемнините, тие беа присилени да го покриваат дефицитот отпрво за сметка на профитот, а попосле за сметка на самите капитали. На овој начин се упропастени многу сопственици на плантажи, а други ја запреа работата за да ја избегнат пропаста... Нема сомнение дека е подобро да пропаднат натрупани капитали, отколку цели поколенија (какво великодушие од страна на г. Молинари!); но зар не би било подобро да не пропаднат ни едните ни другите?“ (Molinari: „Études économiques“, стр. 51, 52.) Господин Молинари, господин Молинари! Што ќе стане со десетте заповеди, со Мојсеј и пророците, со законот за барање и предлагање, кога може во Европа „entrepreneur“ [претприемачот] да му го скуси на работникот, а во Западна Индија работникот на entrepreneur-от, неговиот part légitime. И што е, ви се молам, овој „part légitime“, кој според вашето признание капиталистот во Европа редовно не го плаќа? Господин Молинари има силен скокот, таму преку, во колониите, каде што се работниците така „прости“, да ги „експлоатираат“ капиталистите, со помошта на полицијата да го доведе во правилен од законот на барањето и предлагањето, кај инаку дејствува автоматски.
[269] Wakefield: „England and America.“ том II, стр. 52.
[270] Исто, том II, стр. 191, 192.
[271] Исто, том I, стр. 47, 246.
[272] „Вие тврдите дека треба да му се заблагодари на присвојувањето на земјата и на капиталот што човекот кој нема ништо освен своите раце најдува работа и создава за себе доход... Напротив само благодарение на индивидуалното присвојување земја, се најдуваат луѓе што немаат ништо освен своите раце ... Кога ќе турнете некој човек во безвоздушен простор, му го земате воздухот за дишење. Истото го правите и кога ќе загосподарите над земјата... Тоа значи да се турне во простор без богатство, за да му ro направите животот зависен од вашето самоволство“ (Collins: „L'Economie politique etc.,“ том III, стр. [267], 268-271 и натака).
[273] Wakefield: „England and America”, том II, стр. 192.
[274] Иcтo, стр. 45.
[275] Штом Австралија станала свој сопствен законодавец, таа природно донесла закони благопријатни за преселниците, но ѝ пречи во тоа растурањето на земјата што го вршат Англичаните. „Првата и најважната цел на новиот закон за земјата од 1882 г. е да му се олесни на народот населувањето.“ [„The Land Law of Victoria, by the Hon. G. Duffy, Мinister of Public Lands.“ London 1862, [стр. 3]).
Забелешки на уредникот на изданието
[1*] Станува збор за банкарскиот закон од 1844. За да се отстранат тешкотиите при разменувањето на банкнотите за злато, англиската влада по иницијатива на Роберт Пил решила да донесе закон за Англиската банка. Овој закон предвидувал поделба на Англиската банка на две наполно независни одделенија со одвоени готовински фондови: банково одделение кое ги вршело сите чисто банкарски операции, и емисионо одделение, кое врши емисија на банкноти. Тие банкноти би требало да имаат солидно покритие во вид на специјален златен фонд, кој постојано требало да стои на располагање. Издавањето банкноти без покритие во злато е сведено на 14 мил. фунти стерлинзи. Меѓутоа, количеството на банкнотите во оптек спротивно на законот за банките од 1844 г. всушност не зависи од фондот за покритието, туку од барањето на циркулационата сфера. За време на стопанските кризи, кога недостигот на банкноти бил најголем, англиската влада го ставила надвор од сила законот од 1844 г. и ја зголемила cyмaтa на банкнотите без покритие во злато.