Различните фактори во процесот на трудот добиваат и различно соучество при образувањето на вредноста на производот.
Работникот му придава на предметот на трудот нова вредност со тоа што му придава нему определено количество труд, без оглед на определената содржина, целта и техничкиот карактер на неговиот труд. Од друга страна, вредностите на потрошените средства за производство ги најдуваме пак како составени делови на вредноста на производот, на пр. вредноста на памукот и вретената во вредноста на преѓатa. Значи, вредноста на средствата за производството се додржува со нејзиното пренесување на производот. Ова пренесување се врши за време на претворањето на средствата за производство во производ, во процесот на трудот. Тоа се врши со посредство на трудот. Но како?
Работникот не работи двојно во едно исто време, не работи еднаш за тоа за да му придаде на памукот вредност со својот труд, а другиот пат за да ја додржи неговата стара вредност, или, што е исто, за да ја пренесе на производот, на преѓата вредноста од памукот што го преработува, и од вретеното со кое работи. Старата вредност тој ја додржува просто само со тоа што ѝ придодава нова вредност. Но бидејќи придодавањето нова вредност на предметот на трудот и додржувањето на старата вредност во производот се два сосема различни резултати што ги постигнува работникот во едно исто време, иако во истото време, тој само еднаш работи, тоа овој двојствен резултат може да се објасни, очевидно, само со двојственоста на самиот негов труд. Во едно исто време со едното свое својство тој мора да создава вредност, а со другото свое својство мора да ја додржува или да ја пренесува вредноста.
Како придава секој работник работно време, а со тоа и вредност? Секогаш само во форма на својот особен производен начин на трудот. Предачот го додава работното време кога преди, ткајачот кога ткае, ковачот кога кова. Но само со целесообразната форма, во која тие придаваат труд воопшто, а со тоа и нова вредност, со предењето, ткаењето и ковањето, стануваат средствата за производство, памукот и вредноста, преѓата и разбојот, железото и наковалната елементи за создавање некој производ, некоја нова употребна вредност.[20] Старата форма на нивната употребна вредност исчезнува, но само за да се јави во некоја нова форма на употребна вредност. Но при разгледувањето на процесот на создавањето на вредноста се покажа дека, до колку некоја употребна вредност се троши целесообразно за производството на некоја нова употребна вредност, работното време потребно за создавање на исползуваната вредност сочинува дел од работното време потребно за создавање нова употребна вредност, значи тоа е работното време што се пренесува од потрошените средства за производство на новиот производ. Значи, работникот не ги додржува вредностите на потрошените средства за производство или не ги пренесува нив на производот како составни делови на неговата вредност со придавање труд воопшто, но со особено полезниот карактер, со специфично производната форма на овој придаден труд. Како таква целесообразна производна дејност предење, ткаење, ковање — трудот само со својот допир ги скорива од мртвите средствата за производство, внесува во нив дух на фактори на процесот на трудот и се сврзува со нив во производите.
Кога не би било предењето специфичен производен труд на работникот, тогаш тој не би го претворил памукот во преѓа, значи не би ја пренесол ни вредноста од памукот и вретената на преѓата. Напротив, ако го смени истиот работник занаетот и стане столар, тој пак како и понапред со својот работен ден ќе му придава вредност на својот материјал. Значи тој ја придава неа со својот труд не затоа што е тој труд предачки или столарски, но дека е апстрактен, општествен труд воопшто, и тој придодава вредност од определена големина не поради тоа што неговиот труд има особена полезна содржина, туку дека тој трае определено време. Според тоа, во неговото апстрактно општо својство, како трошење човечка работна сила, трудот на предачот придодава кон вредноста на памукот и вретената нова вредност, а во своето конкретно, особено полезно својство како процес на предење тој ја пренесува вредноста од овие средства за производство врз производот и така ја додржува нивната вредност во производот. Оттука во едно исто време неговиот резултат е двојствен.
Само со квантитативно придодавање на трудот се придава нова вредност, со квалитетот на придадениот труд се додржуваат во производот старите вредности на средствата за производство. Ова двојствено дејство на истиот труд поради неговиот двојствен карактер сетилно се покажува во различни појави.
Да земеме, дека некој кој да било изнајдок го оспособил предачот за 5 часа да испреде толку памук колку порано што испредувал за 36 часа. Како целесообразна, полезна производна дејност, неговиот труд ја зголемил за 6 пати својата сила. Неговиот производ е 6 пати поголем, 36 место 6 фунти преѓа. Но 36 фунти памук сега исцицуваат толку работно време колку порано 6 фунти. Кон нив се придава 6 пати помалку нов труд одошто при старата метода, а со таа се придава само една шестина од поранешната вредност. Од друга страна, производот, 36 фунти преѓа, содржи сега 6 пати поголема вредност на памукот. Во 6 часа предење е додржана и пренесена на производ 6 пати поголема вредност на суровината, иако на истата суровина ѝ се придава 6 пати помала нова вредност. Ова ни покажува како својството, во кое трудот за време на истиот неделив процес ја додржува вредноста, од основа се разликува од својството, во кое тој создава вредност. Колку повеќе потребно работно време ќе влезе во истото количесто памук за време на операцијата на предењето, толку е поголема новата предност што му се придава на памукот, но колку повеќе фунти памук ќе се испреде за истото работно време, толку е поголема старата вредност што се додржува во производот.
Да го земеме обратното, производноста на предачкиот труд да остане неизменета, значи, за да претвори предачот една фунта памук во преѓа и сега му треба уште толку време колку и порано. Но нека се измени разменската вредност на самиот памук, цената на една фунта памук да се крене или да падне шестпати. Во обата случаја предачот и натаму ќе му го додава на истото количество памук истото работно време, значи истата вредност, и во обата случаја тој ќе произведува во еднакво време еднакво количество преѓа. Сепак вредноста што ја пренесува од памукот на преѓата, на производот, едниот пат е шестпати помала, а другиот пат шестпати поголема отколку понапред. Исто така е и кога поскапат или поевтинат средствата на трудот, но само ако ги вршат во процесот на трудот истите услуги.
Ако останат техничките услови во процесот на предењето неизменети и ако не се изврши никаква измена во вредноста на неговите средства за производство, тогаш ткајачот и сега како и понапред во еднакво работно време ќе троши еднакви количества суровини и машинерија со неизменети вредности. Вредноста, што тој ја додржува во производот, стои тогаш во права сразмера спрема новата вредност што ја придава. Во двете седмици тој придава двапати повеќе труд отколку во една седмица, значи и двапати повеќе вредност, и едновремено ползува двапати повеќе материјал од двапати поголема вредност, и потрошува двапати повеќе машинерија од двапати поголема вредност, значи во производот од две седмици додржува двапати повеќе вредност одошто во производот од една седмица. Под дадени неизменети услови на производството работникот додржува толку повеќе вредност колку повеќе вредност придава, но тој не додржува повеќе вредност затоа што придава повеќе вредност, туку затоа, оти тој неа ја придава под услови што остануваат неизменети и што се независни од неговиот сопствен труд.
Секако може да се каже во релативна смисла, дека трудот постојано ја додржува старата вредност во иста пропорција во која придава нова вредност. Било памукот од 1 шилинг да се крене на 2 ш. или да падне на 6 пенси, тој постојано ќе ја додржува во производот од еден час само половината вредност на памукот отколку во производот од два часа, па како и да се изменува оваа вредност. Ако се измени, потака, производноста на неговиот сопствен труд, било да се крене или падне, тој ќе испреде на пр. во еден работен час повеќе или помалку памук одошто понапред, и соодветно на тоа ќе додржи во производот од еден работен час повеќе или помалку вредност на памукот. Покрај сево ова тој ќе додржи во два работни часа двапати повеќе вредност одошто во еден работен час.
Вредноста, ако не го земеме предвид нејзиното чисто симболичко претставување во знакот на вредноста, суштествува само во некоја употребна вредност, во некој предмет. (Самиот човек, разгледуван само како битие на работната сила, е природен објект, предмет, иако жив, самосвесен предмет, а самиот труд е материјално пројавување на оваа сила). Затоа ако се загуби употребната вредност, ќе се загуби и вредноста. Средствата за производство не ја загубуваат својата вредност едновремено со губењето на својата употребна вредност, бидејќи тие вистински го губат со процесот на трудот првобитниот лик на својата употребна вредност само за да добијат во производот лик од некоја друга употребна вредност. Но колку што е важно за вредноста да суштествува во која било употребна вредност, толку е за неа, како што покажува метаморфозата на стоката, сосема сеедно во која употребна вредност суштествува. Од ова следува дека во процесот на трудот вредноста на средствата за производство преминува на производот само до колку средствата за производство заедно со својата самостојна употребна вредност ја губат и својата разменска вредност. Тие му ја предаваат на производот само онаа вредност, што ја губат како средства за производство. Но и во овој поглед материјалните фактори на процесот на трудот се однесуваат различно.
Ќумурот што гори во машината исчезнува без трага, исто така маслото со кое се подмачкува оската од колцето итн. Бојата и другите помошни материи исчезнуваат, но се покажуваат во својствата на производот. Суровината ја образува супстанцата на производот, ама нејзината форма се изменува. Значи, суровината и помошните материи го губат самостојниот облик, со кој сите влегоа во процесот на трудот како употребни вредности. Инаку е со вистинските средства на трудот. Некој инструмент, некоја машина, некоја фабричка зграда, некој сад итн. служат во процесот на трудот, само додека го зачувуваат својот првобитен облик и сè додека ќе можат утре да влезат во процесот на трудот во онаа иста форма како што и вчера. Како што тие за време на својот живот, во процесот на трудот, го зачувуваат својот самостаен облик спроти производот, така го додржуваат и по својата смрт. Трупиштата на машини, алати, работилниците итн. што помогнувале за образување на производот уште и натаму суштествуваат разделени од него. Ако го разгледаме сега целиот период, за кое време служи некое такво средство на трудот; од денот кога влегло во работилницата па до денот на неговото истерување во килерот за ветво, ќе видиме дека за време на овој период трудот му ја потрошил наполно неговата употребна вредност, и затоа неговата разменска вредност преминала наполно на производот. Ако некоја предачка машина си го одживее животот на пр. за 10 години, тогаш за време на десетгодишниот процес на трудот е пренесена нејзината целокупна вредност на десетгодишниот производ. Значи, животниот период на некое средство на трудот опфаќа поголем или помал број процеси на трудот што се вршат постојано со него. A на средствата на трудот им оди како на човекот. На секој човек дневно му се куси животот за 24 часа. Но ни на еден човек не може токму да му се види за колку дена веќе му е скусен животот. Сепак тоа не им пречи на осигурителните друштва за живот да извлечат од средниот живот на луѓето мошне точни, а што е уште поважно, мошне профитоносни изводи. Така е и со средствата на трудот. Од опит се знае колку време средно се задржува некое средство на трудот на пр. некоја машина од извесен вид. Да претпоставиме дека нејзината употребна вредност трае во процесот на трудот само 6 дена. Тогаш таа ќе губи средно во секој работен ден 1/6 од нејзината употребна вредност и поради тоа ќе му предава на дневниот производ 1/6 од својата вредност. На овој начин се пресметува абењето на сите средства на трудот, на пр. нивната дневна загуба на употребната вредност, и соодветно на тоа нивното дневно пренесување на вредноста врз производот.
Така јасно се покажа дека едно средство за производство не му предава никогаш повеќе вредност на производот, отколку што таа во процесот на трудот губи со уништувањето на својата сопствена употребна вредност. Кога тоа не би имала никаква вредност за губење, т.е. ако самото тоа не би било производ на човечкиот труд, тогаш тоа не би му предавало никаква вредност на производот. Тоа би служело како создавач на употребна вредност, без да служи како создавач на разменска вредност. Таков е случајот со сите средства за производство, што постојат од природа, без содејство на човекот, како што е со земјата, со ветерот, со водата, со железото во рудниците, со дрвото во прашумата итн.
Овде истапува спроти нас една друга интересна појава. Нека вреди некоја машина на пр. 1.000 ф. ст. и нека се изаби за 1.000 дена. Во овој случај секој ден 1/1.000 од вредноста на машината преминува од самата неа врз нејзиниот дневен производ. Едновремено во процесот на трудот постојано дејствува целокупната машина, иако со сè понамалена животна сила. Значи, се покажува дека некој фактор од процесот на трудот, некое средство за производство, влегува цело во процесот на трудот, но само делум во процесот на создавањето на вредноста. Разликата меѓу процесот на трудот и процесот на создавањето на вредноста се огледува овдека во нивните материјални фактори, во тоа што едно исто средство за производство како елемент од процесот на трудот цело се смета во истиот процес на производството, а како елемент што создава вредност само делум.[21]
Од друга страна, некое средство за производство може обратно, да влезе цело во процесот на нарастувањето на вредноста, иако во процесот на трудот влегува само делум. Да земеме дека секој ден при предењето на 115 фунти памук отпаѓа 15 фунти, што не станува преѓа, ами само devils dust [памучен прав]. Сепак, ако е овој отпадок од 15% нормален, ако е тој неразделив од средното преработување на памукот, тогаш вредноста на 15 ф. памук, кои не се никаков елемент на преѓата, влегува во вредноста на преѓата сосема така како и вредноста од 100 ф. што ја составуваат нејзината супстанца. Употребната вредност од 15 ф. памук мора да се испавта во прав, за да се направат 100 ф. преѓа. Значи, загубата на овој памук е услов за производството на преѓата. Токму затоа неговата вредност преминува на преѓата. Ова важи за сите екскременти во процесот на трудот, во најмала мера до толку, до колку овие екскременти не сочинуваат пак одново средства за производство, а со тоа и нови употребни вредности. Така во големите фабрики за машини во Манчестер можат да се видат ридишта од отпадоци на железо, настругани како деланки од киклопните машини, како вечерно време патуваат на големи коли од фабриката во топилницата за железо, а на другиот ден пак назад се враќаат од топилницата за железо кон фабриката како масивно железо.
Средствата за производство ја пренесуваат својата вредност на новиот облик од производот само до толку, до колку за време на процесот на трудот ја губат вредноста во облик на својата стара употребна вредност. Максимумот загуба на вредноста, што може да се претрпи во процесот на трудот, очевидно е ограничена со првобитната големина на вредноста со која тие влегуваат во процесот на трудот, или со работното време потребно за нивното сопствено производство. Затоа средствата за производство никогаш не можат да придадат повеќе вредност отколку што имаат самите, независно од процесот на трудот кому му служат. Колку сака нека биде полезен некој материјал за работа, некоја машина, некое средства за производство: ако тоа чини 150 ф. ст. да речеме 500 работни дена, никогаш нема да му придаде на целокупниот производ за чие создавање служи повеќе од 150 ф. ст. Неговата вредност не е определена cо процесот на трудот во кој тоа влегува како средство за производство, туку со процесот на трудот, од кој таа излегува како производ. Во процесот на трудот тоа служи како употребна вредност, како предмет со полезни својства, и затоа не би му предало на производот никаква вредност кога тоа не би имало вредност пред да влезе во процесот.[22]
За времето додека производниот труд ги претвора средствата за производство во елементи што создаваат некој нов производ, дотогаш со нивните вредности се врши како некое преселување на душите. Вредноста преминува од истрошеното тело во новооформеното тело. Ама ова преселување на душите се врши зад грбот на вистинскиот труд. Работникот не може да придава нов труд, значи не може да создава нова вредност без да ја додржува старата вредност, бидејќи тој секогаш мора да го придава трудот во определена полезна форма, а тој не може него да го придава во полезна форма без да ги прави производите средства за производство на нови производи, а со тоа да не ја пренесува нивната вредност на новите производи. Значи, работната сила во дејство, живиот труд, има од природа дарба, да ја додржува вредноста, кога таа придава вредност, природна дарба, која не му чини ништо на работникот, а на капиталистот му придонесува многу, додржувањето на постојаната вредност на капиталот.[22а] Сè додека работите одат глатко, капиталистот е мошнe задлабочен во извлекување вишоци, за да го забележи овој бесплатен дар на трудот. Насилствените прекини на процесот на трудот, кризите, придонесуваат осетливо да го забележи тој овој дар.[23]
Тоа што во средствата за производство воопшто се потрошува е нивната употребна вредност, со ова трошење трудот создава производи. Вистински нивната вредност не се троши,[24] значи исто така не може да се препроизведува. Таа се додржува, но не зашто со самата неа се врши некоја операција во процесот на трудот, туку дека употребната вредност во која таа отпрво суштествуваше вистина исчезна, но исчезна само во некоја друга употребна вредност. Оттука вредноста на средствата за производство пак се пројавува во вредноста на производот, но точно речено, не се препроизведува. Тоа што се произведува е новата употребна вредност, во која пак се појавува старата разменска вредност.[25]
Инаку е со субјективниот фактор на процесот на трудот, со дејствувачката работна сила. Додека трудот со својата целесообразна форма ја пренесува вредноста од средствата за производство врз производите и со тоа неа ја додржува, секој момент од неговото движење создава придадена вредност, нова вредност. Да претпоставиме дека процесот на производството ќе се запре при точката на која работникот произвел еквивалент за вредноста на својата сопствена работна сила, и дека со шестчасовниот труд придал на пр. вредност од 3 шилинзи. Оваа вредност го образува вишокот на вредноста на производот над вредноста на неговите елементи што произлегуваат од средствата за производство. Таа е единствената оригинална вредност, што настана во рамките на овој процес, единствениот дел од вредноста на производот што е произведен со самиот овој процес. Секако, таа само ги заместува парите авансирани од капиталистот при купувањето на работната сила и издадени од самиот работник на средства за живот. Во однос на издадените 3 ш. новата вредност од 3 ш. се појавува само како препроизводство. Но таа е препроизводена вистински, а не привидно, како вредноста на средствата за производство. Заместувањето на едната вредност со другата овдека се врши со создавање нова вредност.
Сепак, ние веќе знаеме дека процесот на трудот продолжува преку точката до која би бил препроизведен и придаден кон предметот на трудот само еквивалентот за вредноста на работната сила. Место 6 часа што е за ова доста, процесот продолжува на пр. 12 часа. Значи, со дејството на работната сила нема да биде препроизведена само нејзината сопствена вредност, туку се произведува извесен вишок на вредноста. Овој вишок на вредноста го образува вишокот на вредноста на производот над вредноста на елементите потрошени за создавањето на производот, т.е. на средствата за производство и работна сила.
Штом ги претставивме различните ролји што ги играат различните фактори од процесот на трудот при создавањето на вредноста на производот, ние вистински ги окарактеризиравме функциите на разните составни делови на капиталот во процесот на неговото сопствено оплодување. Вишокот на вкупната вредност на производот над сумата вредности на неговите составни елементи е вишокот на оплодениот капитал над првобитно авансираната вредност на капиталот. Средствата за производство на една страна, работната сила на друга, само се различни форми на егзистенција, што ги зема првобитната вредност на капиталот при соблекувањето на својата парична форма, и при нејзиното претворање во фактори на процесот на трудот.
Според тоа — делот од капиталот што се претвора во средства за производство, т.е. во суровини, помошни материи и средства на трудот, не ја изменува во процесот на производството својата големина на вредноста. Затоа јас него го викам постојан дел од капиталот, или кратко: постојан капитал.
Напротив, делот од капиталот што е претворен во работна сила во процесот на производството ја изменува својата вредност. Тој го препроизведува својот сопствен еквивалент и еден вишок над тоа, вишок на вредноста, што може и сам да се изменува, да биде поголем или помал. Од постојана големина овој дел од капиталот секогаш се претвора во променлива. Затоа јас го викам променлив дел на капиталот, или кратко: променлив капитал. Исти составни делови на капиталот, кои од гледна точка на процесот на трудот се разликуваат како објективни и субјективни фактори, како средства за производство и работна сила, од гледна точка на процесот на оплодувањето на вредноста се разликуваат како постојан капитал и променлив капитал.
Поимот постојан капитал по никој начин не исклучува револуција во вредноста на неговите составни делови. Да земеме дека денеска 1 фунта памук чини 6 пенси, а утре да се крене на 1 шилинг, поради полошата берба на памукот. Стариот памук, што продолжува да се преработува, е купен по вредност од 6 пенси, но сега тој му придава на производот еден дел во вредност од 1 шилинг. А веќе и испредениот памук, кој можеби е веќе во циркулација на пазарот како преѓа, исто така му придава на производот двапати поголема вредност од неговата првобитна. Сепак, може да се види дека овие измени во вредноста се независни од оплодувањето на вредноста на памукот во самиот процес на предењето. Ако стариот памук уште не беше влезен во процесот на трудот, тој сега пак ќе можеше да се продаде за 1 шилинг место за 6 пенси. Обратно: Колку помал број процеси на трудот поминал, тоа толку е посигурен овој резултат. Затоа законот на шпекулацијата при такви револуции во вредноста е да се шпекулира со суровините во нивната најмалку преработена форма, значи побргу со преѓа отколку со ткаенина, и побргу со самиот памук отколку со преѓата. Измената во вредноста произлегува овде од процес што произведува памук, а не од процесот во кој памукот функционира како средство за производство, поради тоа како постојан капитал. Вистина, вредноста на некоја стока е определена со количеството труд што е содржан во неа, но самото ова количество е определено општествено. Ако се измени работното време што е општествено потребно за нејзиното производство — и истото количество памук на пр. ќе претставува при лоша берба поголемо количество труд одошто при добра берба — тогаш тоа се одразува врз старата стока, што секогаш важи само како поединечен егземплар од својот род,[26] чија вредност постојано се мери со општествено потребниот труд, значи и постојано се мери со трудот потребен под сегашните општествени услови.
Како што може да се измени вредноста на суровината, така може да се измени и вредноста на средствата на трудот, машинеријата итн. што веќе служат во процесот на производството, значи исто и оној дел од вредноста, што тие му го предаваат на производот. Ако на пр. поради некој нов изнајдок машинеријата од ист вид се препроизведува со помалку трошење труд, старата машинерија повеќе или помалку, ќе се обезвреди, а поради тоа ќе пренесува на производот сразмерно помалку вредност. Но исто и овдека измената на вредноста произлегува надвор од процесот на производството во кој машината функционира како средство за производство. Во овој процес таа не му предава на производот повеќе вредност отколку што ја има независно од овој процес.
Како што некоја измена во вредноста на средствата за производство не го изменува нивниот карактер како постојан капитал, иако таа реагира на нив веќе оттогаш откога тие влегле во процесот, исто така некоја измена во пропорцијата меѓу постојаниот и променливиот капитал не ја засегнува нивната функционална различност. Техничките услови на процесот на трудот можат на пр. да се преобразуваат така што таму, каде што понапред 10 работници со 10 алатки од мала вредност преработувале сразмерно мала маса суровина, сега 1 работник со скапа машина преработува стопати поголема маса суровини.
Во овој случај постојаниот капитал, т.е. масата на вредноста на употребените средства за производство силно би пораснала, а променливиот дел од капиталот, авансиран во работната сила, сосема би се смалил. Сепак оваа измена го преиначува само односот на големините меѓу постојаниот и променливиот капитал, или пропорцијата во која целокупниот капитал се распаѓа на постојани и променливи составни делови, а пак напротив таа и не ја засегнува разликата меѓу постојаниот и променливиот капитал.
Фусноти
[20] „Трудот додава нова творба на местото од она што е уништено“. („An Еѕѕау on the Political Economy of Nations“. London 1821, стр. 13.)
[21] Овдека не се работи за поправка на средствата на трудот, машините, зградите итн. Една машина што се поправува не функционира како средство на трудот, туку како материјал на трудот. Не се работи со неа, туку самата таа се обработува, за да се закрпи нејзината употребна вредност. За нашата цел трудот за поправка секогаш можеме да си го замислиме како труд потребен за производство на средствата на трудот. Во текстот станува збор за такво трошење на кое никаков доктор не може да му најде лек и кое постепено води кон смрт, за таков вид трошење што не може да се поправи одвреме навреме, и што најпосле го доведува на пр. некој нож до таква состојба, што ножарот да каже, дека никакво ново сечило повеќе не се исплатува. Во текстот се гледа дека на пр. една машина влегува цела во секој одделен процес на трудот, но само со по еден дел во едновремениот процес на оплодувањето на вредноста. Според тоа, може да се суди за следново мешање на поимите: „Рикардо говори за извесно количество труд што го троши градителот на машината кога ја прави машината за плетење чорапи“, како на пр. да е таа содржина во едно paлo чорапи. „Но целиот труд што го изработува секое одделно рало чорапи... го опфаќа и целиот труд на градителот на машината, а не само извесен дел; зашто некоја машина навистина изработува многу рала, но ни едно одделно рало не би можело да биде изработено без целата машина“. (“Observations on certain verbal disputes in Political Economy particularly relating to Value and to Demand and Supply”. London 1821, стр. 54.) Авторот, еден и обично самодопадлив „wiseacгe“ [умник] во својата конфузија, па според тоа и во својата полемика, има само до толку право, што ни Рикардо ни некој друг економист пред него или по него не ги разликувал токму обете страни на трудот, а уште помалку да ги анализирал нивните различни ролји во образувањето на вредноста.
[22] Оттука е разбирлива бесмисленоста кога излитениот Ж. Б. Сеј сака вишокот на вредноста (интересот, профитот, рентата) да ја изведе од „services productifs” [производни услуги] што ги вршат во процесот на трудот со својата употребна вредност средствата за производство, земјата, орудијата, кожата итн. Г. Вилхелм Рошер, кој лесно не остава да не регистрира црно на бело, итри апологетски мисли, извикува: „Сосем токму забележува Ж. Б. Сеј („Traité“, кн. Х, гл. 4.), вредноста што ја произведува некоја мелница за масло по одбивањето на сите трошоци, сепак е нешто ново, битно различно од трудот со кој е создадена самата мелница за масло“. („Die Grundlagen der Nationalökonomie“, 3 издание, 1858, стр. 82, забелешка.) Сосем точно? „Маслото“ произведено од мелницата за масло е нешто сосем различно од трудот што ја изградил мелницата. А под „вредност“ г. Рошер разбира такво нешто, како што е „масло“, бидејќи „маслото“ има вредност, а бидејќи „во природата“ има минерално масло, иако релативно не „сосем многу“, тоа неговата втора белешка токму е наперена кон тоа: „Таа (природата) скоро никако не создава разменска вредност.“ (стр. 79.) На природата, според Рошер, ѝ оди со разменската вредност онака како што ѝ оди на лудата девојка со детето, кое само што „било сосем малечко“. Истиот „учен“ („savant sérieux“) забележува уште при погоре споменатиот случај: „И школата на Рикардо обично го подвлекува капиталот под поимот труд како „заштеден труд“. Тој е невешт (!) бидејќи (!) стопанот на капиталот (!) сепак (!) направил повеќе (!) отколку само (?!) произведување (?) и (??) и додржување на истото (на што?): имено (?!?) воздржување од сопствено уживање, и за тоа тој на пр. (!!!) бара интерес“, (Исто, [стр. 82]). Колку е „искусен“ овој „анатомско-физиолошки метод" на политичката економија, кој токму изведува „вредност“ од простото „барање“.
[22а] „Од сите орадија на фармерската дејност, човечкиот труд... е оној од кој фармерот очекува најмногу да му се надомести неговиот капитал. Другите два — работниот добиток и... колите, плуговите, мотиките итн. — не се ништо без извесно количество труд.“ (Edmund Burke: „Thoughts and Details on Scarcity, originally presented to the Right Hon. W. Pitt, in the month of November 1795“. Изд. London 1800, стр. 10.)
[23] Во „Тајмс“ од 26 ноември 1862, еден фабрикант во чија предилница работат 800 работници и кој неделно средно троши 150 бали источноиндиски или приближно 130 били американски памук, се плаче пред публиката за годишните трошоци на неговата фабрика предизвикани од тоа што таа стои мирно. Тој ги проценува нив на 6.000 ф. ст. Меѓу овие непроизводни трошоци се најдуваат многy позиции што нас овде не нè интересираат, како земјишната рента, данокот, премиите за осигурување, платите на работници ангажирани годишно, на manager [директор], книговодители, инженери итн. И потака, тој смета 150 ф. ст. за јаглен, за да се стопли одвреме навреме фабриката и за да се пушта во движење парната машина по потреба, освен тоа и за наемнина на работниците што со својот повремен труд ја одржуваат машинеријата во „готовност“. Најпосле 1.200 ф. ст. за абењето на машинеријата, бидејќи времето и природните разрушни влијанија нема да го запрат своето дејство поради тоа што го запрела парната машина своето движење“. Тој изрично забележува дека оваа сума од 1.200 ф. ст. ја извадил толку ниско затоа што машинеријата веќе се најдува во мошне изабена состојба.
[24] „Производната потрошувачка: каде што трошењето на некоја стока е дел од процесот на производството... Во овие случаи не се врши трошење вредности. (S. P. Newman: „Elements of Political Economy“, стр. 296.)
[25] Во еден североамерикански учебник, што можеби има доживеано 20 изданија, ние читаме: „Сосем е сеедно во која форма ќе се јави капиталот пак.“ По едно многусловно набројување на сите можни елементи на производството и чијашто вредност се јавува пак во производот, најпосле се вели: „И разните видови храна, облекла и живеалишта нужни за суштествување и удобност на луѓето, се подложни на измени. Тие oдвpeмe навреме се трошат, и нивната вредност се јавува повторно во нова сила која им ја даваат на телото и духот, и така создаваат нов капитал за нова примена во процесот на производството“. (F. Wayland: „The Elements of Political Economy”, стр. 31, 32.) Без да зборуваме за сите други чудности, ќе речеме оти она што се јавува повторно во обновената сила не е на пр. цената на лебот, но неговите супстанции што создаваат крв. Напротив, она што се јавува повторно како вредност на силата не се средствата за живот туку нивната вредност. Истите средства за живот и да се наполу поевтини, произведуваат токму исто толку мускули, коски итн., кусо речено иста сила, но не сила од иста вредност. Ова превртување од „вредност“ во „сила“ и целата фарисејска неопределеност треба само затоа да ги прикрива секаквите залудни обиди да се изведе вишокот на вредноста од простото повторно појавување на авансираните вредности.
[26] „Сите производи од еден вид образуваат, строго речено, една маса, чијашто цена се определува генерално и без оглед на поблиските околности на одделените случаи.“ (Le Trosne: „De l’Intérêt Social”, стр. 893.)