Карл Маркс
Капиталот (том 1)

ДОДАТОК KОH ГЛАВА ПРВА[1*]

Форма на вредноста


Анализата на стоката покажа дека таа е нешто двородно — употребна вредност и вредност. Поради тоа, некој предмет за да има форма на стока, мора да има двојствена форма, форма на употребна вредност и форма на вредност. Формата на употребната вредност е форма на самото стоковно тело, железо, платно итн., неговата сетилно осетлива форма на постоење. Таа му е природната форма. Формата нас вредноста на стоката е, напротив нејзината општествена форма.

А како се изразува вредноста на некоја стока? Значи, како добива таа своја појавна форма? Преку односот на размената на стоки. За правилно да ја анализираме формата содржана во таков однос, мораме да тргнеме од нејзиниот најпрост, најнеразвиен вид. Најпростиот однос на некоја стока е, очигледно, нејзиниот однос спрема една единствена друга стока, сеедно која да била. Поради тоа односот на две стоки го претставува најпростиот израз на вредноста на некоја стока.

I. Проста форма на вредноста

20 аршини платно = 1 капут, или 20 аршини платна чини 1 капут.

Тајната на секоја форма на вредноста е содржана во оваа проста форма на вредноста. Поради тоа нејзината анализа претставува вистинска мачнотија.

§1. Двата полуса на изразот на вредноста: Релативна форма на вредноста и еквивалентната форма

Две разнородни стоки, платното и капутот, играат овде, очигледно, две различни роли во простиот израз на вредноста. Платното е стока која ја изразува својата вредност во стоковното тело кое се разликува од самото него, во капутот. Од друга страна, овој вид стока — капутот — служи како материјал во кој се изразува вредности. Едната стока игра активна, а другата пасивна ролја. За стоката која својата вредност ја изразува во некоја друга стока велиме: нејзината вредност е претставена како релативна вредност, или се најдува во релативна форма на вредноста. Напротив, за другата стока, во овој случај за капутот, која служи како материјал за изразување на вредноста, велиме: таа функционира како еквивалент на првата стока, или таа се најдува во форма на еквивалент.

И без некоја подлабока анализа, уште сега се јасни следниве точки:

а) Нераздвоивоста на двете форми

Релативната форма на вредноста и еквивалентната форма се два неразделни моменти од еден ист израз на вредноста, кои одат еден со друг и заемно се условуваат.

б) Поларноста на двете форми

Од друга страна овие две форми претставуваат заемно исклучиви или спротивни крајности, т.е. полови на еден ист израз на вредноста. Тие постојано се разделуваат на различни стоки, кои изразот на вредноста ги доведува во заемен однос. На пр., вредноста на платното не може да се изрази во платното, 20 аршини платно = 20 аршини платно не е израз на вредноста, туку изразува само едно определено количество од употребната вредност, од платно. Вредноста на платното, значи, може да се изрази само релативно, т.е. во друга стока. Оттука релативната форма на вредноста на платното претполага спроти неа да се најде во еквивалентна форма една друга која било стока. Од друга страна, оваа друга стока, овдека капутот — која фигурира како еквивалент на платното, значи, се најдува во еквивалентна форма — не може едновремено да се најдува и во релативна форма на вредноста. Таа не ја изразува својата вредност. Таа само доставува материјал за изразување на вредноста на некоја друга стока.

Секако изразот: 20 аршини платно = 1 капут или: 20 аршини платно вреди 1 капут, вклучува во себе и обратен однос: 1 капут = 20 аршини платно или: 1 капут вреди 20 аршини платно. Но ако сакаме вредноста на капутот да ја изразиме релативно, мора да се обрне еднаквоста, а штом тоа ќе се направи, платното станува еквивалент наместо капутот. Според тоа една иста стока не може во ист израз на вредноста да се јави едновремено во двете форми. Уште повеќе, тие форми се исклучуваат полусно.

Да замислиме разменска трговија меѓу производителот на платното А и производителот на капутот Б. Пред да се спогодат, А вели: 20 аршини платно вреди колку 2 капути (20 аршини платно = 2 капути), а Б напротив: 1 капут вреди колку 22 аршини платно (1 капут = 22 аршини платно). Најпосле, по долго пазарење, се согласија. А вели: 20 аршини платно вреди колку еден капут, а Б вели: 1 капут вреди колку 20 аршини платна. Овдека и двете, платното и капутот, едновремено се најдуваат во релативна форма на вредноста и во еквивалентна форма; но, nota bеnе, за две различни личности и во два различни израза на вредноста, кои само што едновремено влегуваат во живот. За А неговото платно — поради тоа што за него иницијативата трга од неговата стока — се најдува во релативна форма на вредноста, а стоката од другиот, капутот, во еквивалентна форма. Од гледиштето на Б е обратно. Според тоа, една иста стока никогаш, па ни во овој случај, нема едновремено две форми во еден ист израз на вредноста.

в) Релативната вредност и еквивалентот претставуваат само форми на вредноста

И релативната вредност и еквивалентот претставуваат само форми на вредноста на стоката. Дали некоја стока се најдува во едната форма или во другата која е поларна спротивност на неа, зависи исклучиво од нејзиното место во изразот на вредноста. Тоа јасно се гледа во простата форма на вредноста, која прво овде ја разгледувавме.

По содржината, двата изрази:

1) 20 аршини платно = 1 капут или 20 аршини платно вреди колку 1 капут
2) 1 капут = 20 аршини платно или 1 капут вреди колку 20 аршини платно

со ништо не се разликуваат. По формата, тие не само што се различни, туку се и спротивни. Во изразот 1) вредноста на платното се изразува релативно. Затоа таа се најдува во релативната форма на вредноста, додека во исто време вредноста на капутот е изразена како еквивалент. Поради тоа, капутот се најдува во еквивалентна форма. Ако го обрнеме изразот 1) ќе го добиеме изразот 2). Стоките заемно ги сменуваат местата и веднаш капутот се најдува во релативната форма на вредноста, а платното во еквивалентна форма. Поради тоа што заемно ги изменија местата во истиот израз на вредноста, тие ги изменија и формите на вредноста.

§2. Релативната форма на вредноста

а) Однос на еднаквост

Бидејќи платното треба да ја изрази својата вредност, од него трга и иницијативата. Тоа стапува во некој однос кон капутот, т.е. кон која било друга стока, која се разликува од самото него. Тој однос е однос на изедначување. Основата на изразот: 20 аршини платно = 1 капут во сушноста е платно = капут, при што, изразено со зборови, значи само тоа: дека стоката капут има иста природа, иста супстанција која ја има и стоката платно, а која е различен вид стока од неа. Во повеќето случаи тоа се испушта од предвид, зашто целото внимание го привлекува квантитативниот однос, т.е. одредениот размер во кој една стока се изедначува со друга. Се заборава дека големините на различните предмети можат квантитативно да се споредуваат дури од кога ќе се сведат на исто единство. Само како изрази на исто единство тие се истоимени, па затоа и сомерливи големини. Значи, во горниот израз платното се однесува кон капутот како рамно на себе, како кон нешто што е исто со него. Тој, значи, квалитативно се изедначува со платното.

б) Односот на вредноста

Капутот претставува нешто исто со платното само до колку се и тој и платното вредности. Со тоа, значи, што платното се однесува кон капутот како кон нешто рамно на себе, или со тоа што капутот се изедначува со платното како со предмет од иста супстанција, се изразува дека капутот во тој однос има значење на вредност. Тој се изедначува со платното само до толку до колку е и тоа вредност. Односот на еднаквоста, според тоа, е однос на вредноста, а односот на вредноста пред сѐ е изразна вредност или битие на вредноста на стоката која ја изразува својата вредност. Како употребна вредност или стоковно тело, платното се разликува од капутот. Наспротив, неговото битие како вредност се појавува, се изразува во еден однос во кој некој друг вид стока, капутот, се изедначува со него, или важи како нешто што е со него исто.

в) Квалитативната содржина на релативната форми на вредноста содржана во односот на вредноста

Капутот е вредност само до колку е предметен израз на човечката работна сила потрошена за неговото производство, значи до колку е здрвена смеса од апстрактен човечки труд — апстрактен труд затоа што е овде апстрахиран од одредениот, полезниот, конкретниот карактер на трудот кој е содржан во него, а човечки труд затоа што трудот овде се смета воопшто само како трошење на човечката работна сила. Платното, според тоа, не може да се однесува кон капутот како кон некој предмет од вредност, или, тоа не може да стои во однос кон капутот како вредност, а да не стои во однос кон него како кон тело чија единствена материја се состои од човечки труд. Но како вредност, платното е здрвена смеса од еден ист човечки труд. Според тоа, во рамките на овој однос телото капут ја претставува супстанцијата на вредноста, која му е заедничка нему и на платното, т.е. човечкиот труд. Значи, во рамките на истиот однос капутот важи само како вид вредност, а поради тоа и како вид на вредноста на платното, како сетилно појавна форма на вредноста од платното. Така, со посредство на односот на вредноста, вредноста на некоја стока се изразува во употребната вредност на некоја друга стока, т.е. во некое друго стоковно тело кое се разликува од самото него.

г) Квантитативната одреденост на релативната форма на вредноста содржана во однос на вредноста

Сепак, 20 аршини платно не се само вредност воопшто, т.е. здрвена смеса од човечки труд, туку се и вредност од одредена големина т.е. во нив е опредметено определено количество човечки труд. Според тоа, во односот на вредноста на платното кон капутот стоката капут квалитативно се изедначува со платното не само како вредносно тело воопшто, т.е. како отеловување на човечкиот труд, туку и како едно определено количество од ова вредносно тело, 1 капут, не 1 дузина итн., до колку во еден капут се најдува токму онолку супстанција од вредноста, или од човечкиот труд, колку и во 20 аршини платно.

д) Целоста на релативната форма на вредноста

Со помошта на релативниот израз на вредноста, според тоа, вредноста на стоката добива, прво, форма која се разликува од нејзината сопствена употребна вредност. Употребната вредност на таа стока е на пр. платно. Наспротив својата форма на вредност оваа стока ја има во нејзиниот однос на еднаквост со капутот. Врз основа на овој однос на еднаквост, едно друго стоковно тело, кое од неа сетилно се разликува, станува огледало на нејзиното сопствено вредносно битие, нејзиниот сопствен вредносен лик. Така стоката добива самостојна форма на вредноста, различна и независна од нејзината природна форма. И второ, како вредност од одредена големина, како одредена големина на вредност, стоката квантитативно се мери со квантитативно одреден однос или со пропорција во која со неа се изедначува едно друго стоковно тело.

§3. Еквивалентна форма

а) Формата на непосредната разменливост

Како вредности сите стоки се еднакви, меѓу себе заменливи и разменливи изрази на едно исто единство, човечки труд. Поради тоа некоја стока воопшто може да се размени за друга стока ако има форма во која се појавува како вредност. Некое стоковно тело може непосредно да се размени за друга стока доколку неговата непосредна форма, т.е. неговата сопствена телесна или природна форма во односот кон друга стока ја претставува вредноста или важи како лик на вредност. Тоа својство капутот го има во односот на вредноста од платното кон него. Инаку вредноста на платното не би можела да се изрази во предмет — во капутот. Значи, тврдењето дека некоја стока има воопшто еквивалентна форма означува само тоа дека благодарение на нејзиното место во изразот на вредноста нејзината сопствена природна форма важи како форма ни вредноста за друга стока, или дека таа има форма на непосредна разменливост за друга стока. Според тоа, не е нужно таа да добие форма различна од нејзината непосредна природна форма за да се појави пред друга стока како вредност, да важи како вредност и да дејствува врз неа како вредност.

б) Квантитативната определеност не е содржана во еквивалентната форма

Ако речеме дека некој предмет кој има форма на капут може непосредно да се размени за платно, или дека некој предмет кој има форма на злато може непосредно да се размени за сите други стоки — тогаш оваа еквивалентна форма на некој предмет не содржи воопшто никаква квантитативна определеност. Напротив, погрешна мислење се јавува од следниве причини:

Прво, на пример, стоката капут, која служи како материјал за изразување на вредноста на платното, во еден таков израз секојпат е квантитативно определена, како 1 капут, а не 12 капути итн. А зошто? Затоа што 20 аршини платно во својот релативен израз на вредноста не се изразени само како вредност воопшто, туку се и измерени како одредени количества од вредност. А тоа дека 1 капут, а не 12 капути, содржи онолку труд колку и 20 аршини платно, па поради тоа се изедначува со 20 аршини платно, нема воопшто никаква врска со карактеристичната особеност на стоката капут што таа може непосредно да се разменува за стоката платно.

Второ, ако 20 аршини платно како вредност се од одредена големина изразена во 1 капут, тогаш е и обратно, големината на вредноста на 1 капут е изразена во 20 аршини платно, значи е исто така квантитативно само што индиректно, со превртување на изразот, значи не кога капутот игра ролја на еквивалент туку, напротив, кога својата сопствена вредност релативно ја претставува во платното.

Трето, ние ја знаеме формулата: 20 аршини платно = 1 капут: 20 аршини платно вреди колку 1 капут: 20 аршини платно и 1 капут се еквиваленти или двата претставуваат еднакви вредности. Овде не ја изразуваме вредноста од која било од двете стоки во употребната вредност на другата. Поради тоа овде ни едната ни другата стока не се става во еквивалентна форма. Еквивалентот овде ја означува само еднаквоста на големините, откога двата предмета претходно и премолчано се сведени во нашата глава на апстракција од вредност.

в) Особености на еквивалентната форма

а) Првата особеност на еквивалентната форма: употребната вредност станува појавна форма на својата спротивност, вредноста

Природната форма станува форма на вредноста. Но, nota bеnе, она qиid pro qиo се збиднува за некоја стока Б (капут, или пченица, или железо итн.) само во рамките на односот на вредноста, во кој со неа стапува која било друга стока А (платно итн.), и само во овој однос. Разгледуван одвоено, само за себе, на пример капутот е само полезен предмет, употребна вредност, исто онака како што е тоа и платното, и оттука неговата капутска форма е само форма на употребна вредност или природна форма на еден определен вид стока. А бидејќи ни една стока не може да се однесува сама кон себе како кон еквивалент, и бидејќи, значи, својата сопствена природна кожа не може да ја направи израз на својата сопствена вредност, таа мора да се однесува кон друга стока како кон еквивалент, или природната кожа од друго стоковно тело да ја направи своја сопствена форма на вредноста.

Да го илустрираме овој пример со една мера што им припаѓа на стоковните тела како на такви, т.е. како на употребни вредности. Една грутка шеќер, како тело е тешка, и затоа има тежина, но ни на една грутка шеќер нејзината тежина не може да ѝ се види ни да ѝ се гибне. Ние земаме сега различни парчиња железо чија тежина претходно е определена. Гледана за себе, ни телесната форма на железото не е форма во која се појавува тежината, како што не е тоа ни грутката шеќер. Сепак, за да ја изразиме грутката шеќер како тежина, ја ставаме во тежински однос спроти железото. Во овој однос железото важи како едно тело што ја претставува исклучиво тежината. Поради тоа количеството железо служи како мера за тежината на шеќерот, таа спроти телото од шеќерот го претставува само ликот на тежината, формата во која се појавува тежината. Оваа ролја железото ја игра само во рамките на овој однос, во кој стапува кон него шеќерот, или кое да било друго тела, чија тежина сакаме да ја најдеме. Кога и двата предмета не би биле тешки, тие не би можеле да влезат во таков однос, нити пак, според тоа, би можел едниот да послужи како израз на тежината за другиот. Ако ги ставиме и обата на терезија, тогаш ние вистински ќе видиме дека се тие како тежини едно исто, па поради тоа, дека во определен размер се од иста тежина. Како што телото на железото како мера за тежина спроти грутката шеќер ја застапува само тежината, така и во нашиот израз на вредноста телото на капутот спроти платното ја застапува само вредноста.

б) Втората особеност на еквивалентната форма: конкретниот труд станува појавна форма на својата спротивност, апстрактниот човечки труд

Капутот во изразот на вредноста на платното важи како тело на вредност, поради тоа неговата телесна или природна форма важи и како форма на вредност, т.е. значи и како отеловување на безразличен човечки труд, на човечкиот труд воопшто. А трудот со кој се создава полезниот предмет — капутот и со кој му се дава неговата определена форма не е апстрактен човечки труд, човечки труд воопшто, туку е одреден, полезен; конкретен вид труд — труд на кројач. Простата, релативна форма на вредноста бара вредноста на некоја стока, на пример на платното, да се изрази само во еден единствен друг вид стока. А за простата форма на вредноста е сосем без важност кој ќе биде тој друг вид стока. Наместо во стоката капут, вредноста на платното би можел да се изрази и во стоковен вид пченица или наместо во стоковен вид пченица, во стоковен вид железо итн. Но било тоа да е капут, пченица или железо, секој пат еквивалентот на платното за платното би важел како тело на вредноста, и поради тоа како отеловување на човечкиот труд воопшто. И секој пат определената телесна форма на еквивалентот, било тоа капутот, пченицата или железото, би останала отеловување не на апстрактниот човечки труд, туку на определен, конкретен, полезен вид труд, па бил тој труд на шивач, селанец, или рудар. Определениот, конкретниот, полезниот труд, кој го произведува стоковното тело на еквивалентот, мора, значи, нужно да има во изразот на вредноста секој пат значење на одредена форма од создавање или појавна форма на човечки труд воопшто, т.е. апстрактен човечки труд. На пример, капутот може да важи како тело од вредност и поради тоа како отелотворување на човечки труд воопшто само тогаш кога трудот на шивачот важи како определена форма во која се троши човечката работна сила или во која се реализира апстрактниот човечки труд.

Во рамките на односот на вредноста и на изразот на вредноста кој е вклучен во него, она што е апстрактно-општо нема значење на својство на конкретна, сетилно-реално, туку, обратно, она што е сетилно-конкретно има значење само на појавна форма или на одредена форма на реализирање на апстрактно-општото. Трудот на шивачот, кој е, на пример содржан во еквивалентот капут, нема во изразот на вредноста од платното општо својство да го претставува и човечкиот труд воопшто. Напротив, тоа што е човечки труд — важи како негова сушност, а тоа што е труд на шивачот важи само како појавна форма или определена форма на реализирање на таа негова сушност. Овој quid pro quo е неизбежен поради тоа што трудот, претставен во производот на трудот, создава вредност само до колку е безразличен човечки труд, така што трудот да се опредметува во вредноста на еден производ воопшто не се разликува од трудот опредметен во вредноста на некој различен производ.

Ова извртување според кое она што е сетилно-конкретно има значење само на појавна форма од апстрактно-општото, наместо, обратно, она што е апстрактна-општо да важи како својство на конкретното, го карактеризира изразот на вредноста. Тоа истовремено го отежнува поимањето на тој израз. Ако речам: и римското право и германското право се права, тоа е само по себе разбирливо. Но ако речам: правото, тој апстрактен поим, се реализира во римското право и во германското право, во обете овие права, тогаш оваа поврзаност станува мистична.

в) Третата особеност на еквивалентната форма: приватниот труд станува форма на својата спротивност, труд во непосредно општествена форма

Производите на трудот не би станале стока да не се производи на самостојни приватни трудови кои се вршат независно еден од друг. Општествената поврзаност на овие приватни видови труд материјално постои доколку се тие алки во синџирот на една природна, општествена поделба на трудот, и оттука со своите производи задоволуваат различни потреби, од чија целокупност исто така прави природен систем на општествени потреби. А таа материјална општествена поврзаност на приватните трудови, кои се вршат независно еден од друг, се реализира само со посредство на размената од нивните производи. Поради тоа производот на приватниот труд има општествена форма само до колку има форма на вредност и, според тоа, и форма на разменливост за други производи на трудот. Непосредна општествена форма тој има доколку неговата сопствена телесна или природна форма е во исто време форма на негова разменливост за друга стока или кога за другата стока има значење на форма на вредност. Сепак, како што видовме, за производот на трудот ова се збиднува само тогаш кога тој, врз основа на односот на вредноста на другата стока кон него, се најдува во еквивалентна форма или во односот кон друга стока игра ролја на еквивалент.

Еквивалентот има непосредна општествена форма до колку има форма на непосредна разменливост за друга стока, а таа форма на непосредна разменливост тој ја има до колку за другата стока има значење на тело од вредност, значи значење на нешто еднакво. Според тоа, и определениот полезен труд содржан во него, има значење на труд во непосредна општествена форма, т.е. како труд кој има форма на еднаквост со трудот содржан во другата стока. Некој определен, конкретен труд, како што е трудот на шивачот, може да има форма на еднаквост со разнороден труд содржан во различната стока, на пример во платното, единствено ако определената форма важи како израз на нешто што вистински претставува еднаквост на разнородните видови труд или како нешто што е еднакво со нив. A еднакви се до колку се човечки труд воопшто, апстрактен човечки труд, т.е. трошење на човечката работна сила. Значи, како што веќе покажавме, поради тоа што определениот конкретен труд содржи во еквивалентот има значење на одредена форма на реализација или на појавна форма на апстрактниот човечки труд, тој има и форма на еднаквост со друг труд, и поради тоа — иако е приватен труд, како и секој друг труд кој произведува стоки — сепак тој е труд во непосредна општествена форма. Токму поради тоа е и претставен во таков производ кој е непосредно разменлив за друга стока.

Обеве последни особености на еквивалентната форма ќе ни станат уште поразбирливи ако се вратиме до големиот иследувач што прв ја анализира формата на вредноста, како и толку други форми на мислењето, на општеството и на природата. Тој е Аристотел.

На прво место Аристотел сосем јасно укажува дека паричната форма на стоката е само понатака развиен вид на простата форма на вредноста, т. е. изразувањето на вредноста од некоја стока со која и да било друга стока, зошто тој вели:

„5 постели = 1 куќа (clinai pente anti oiciaς)
Не се разликува од:
5 постели = толку и толку пари“. (clinai pente anti ... oson ai pente clinai)

Тој потака увидува дека односот на вредноста што е содржан во овој израз на вредноста, од своја страна, условува да бидат земени како квалитативна еднакви куќата и постелата и дека овие сетилно различни нешта без таква еднаквост на нивната сушност не би можеле да се доведат во меѓусебен однос како мерливи големини. „Без еднаквоста не може да биде размена — вели тој — а нема еднаквост без сомерливост (out isothς mh oushς summetriaς). Но овде тој престанува со натамошната анализа на формата на вредноста. „Но вистински е невозможно (th men oun alhqeia adunaton) такви разнородни нешта да бидат мерливи“, т.е. квалитативно еднакви. Ова изедначување може да биде нешто што на вистинската природа на предметите им е туѓо, значи само „нужно спомогнување во практичната потреба“.

Значи, самиот Аристотел ни кажува на што се разбила неговата натамошна анализа, имено на тоа што му отсуствувал поимот за вредноста. Што е еднаквата, т.е. заедничката супстанца што во изразот на вредноста на постелата ја претставува куќата како постела? Такво нешто „вистински не може да суштествува“, вели Аристотел. Зошто? Куќата претставува нешто еднакво со постелата, до колку вистински го претставува тоа што е еднакво во обете, во куќата и во постелата, а тоа е човечкиот труд.

Но дека во формата на стоковните вредности сите видови труд се изразени како еднаков човечки труд, па со тоа и како видови труд од еднаква вредност, Аристотел не можеше да прочита од самиот израз на вредноста, од причина што грчкото општество почиваше врз робовски труд, што значи дека нееднаквоста на луѓето и на нивната работна сила му била природна основа. Тајната на изразот на вредноста, еднаквоста и еднаквото важење на сите видови труд, бидејќи се и до колку се човечки труд општо, може да се разоткрие дури тогаш, кога поимот за еднаквост на луѓето ќе ја добие тврдоста на народна предрасуда. Но тоа е возможно дури во едно општество, каде што стоковата форма е општа форма на производите на трудот, значи и каде што односите на луѓето еден спрема друг како производители на стоки се владеачки општествени односи. Аристотеловиот гениј го покажува својот сјај токму во тоа што во изразот на вредности открил однос на еднаквост. Само историските рамки на општеството во кое живеел го спречиле да изнајде во што се состои „вистински“ тој однос на еднаквоста.

г) Четврта особеност на еквивалентната форма: фетишизмот на формата на стоката е повпечатлив во еквивалентната отколку ва релативната форма на вредноста

Тоа што производите на трудот, такви полезни предмети како што е капут, платно, пченица, железо итн., се вредности, определени големини на вредности и воопшто стоки — претставуваат особености кои им се својствени, се разбира, во нашето општење, а не им се дадени од природата како што им се дадени особеностите, на пример, да се тешки или да одржуваат топлина или да се хранат (да се чуваат!?). Но во нашето општење овие предмети се однесуваат меѓу себе како стоки. Тие се вредности, сомерливи се како големини на вредности и нивната заедничка особеност како вредност ги поставува во меѓусебен однос на вредности. Дека сега на пример, се 20 apшини платно = 1 капут или 20 аршини платно вреди колку еден капут, со тоа само се изразува дека 1) различните трудови потребни за изработка на овие предмети еднакво се признаваат како човечки труд; 2) дека количеството труд потрошено за нивното производство се мери по одредени општествени закони и 3) дека шивачот и ткајачот влегуваат во одреден општествен производствен однос. Тоа е одреден општествен однос на производителите во кој тие различните полезни видови труд ги изедначуваат како човечки труд. Но тоа не е помалку и одреден општествен однос на производителите во кој тие големината на својот труд ја мерат со времето во кое се троши човечката работна сила. Само што во нивното општење општествените карактеристики на нивниот сопствен труд им се чинат како да се општествени природни особености, како предметни определби на самите производи на трудот; еднаквоста на човечките трудови им се чини како особеност од вредноста на производите на трудот, мерата на трудот, која е определена од општественото потребно работно време, им се чини нако големина на вредноста на производот на трудот и, најпосле, општествениот однос меѓу производителите со посредство на нивните трудови им се чини како однос на вредноста или општествен однос меѓу тие предмети, производи на трудот. Токму поради тоа производите на трудот им се чинат како стоки, како сетилно непоимливи или општествени предмети. Така и светлосниот впечаток од некој предмет на очниот нерв не се покажува како субјективно дразнење на самиот очен нерв, туку како објективна форма на еден предмет надвор од окото. Но при гледањето еден предмет, надворешен предмет вистински фрла светлост на еден друг предмет, на окото. Овдека имаме еден физички однос меѓу физички предмети. Спротивно на ова стоковната форма и односот на вредноста на производите на трудот во која таа се изразува немаат апсолутно никаква работа со нивната физичка природа и со оние односи меѓу предметите што произлегуваат од неа. Овде се случува само тоа, што определениот општествен однос меѓу самите луѓе зема во нивните очи фантасмагорична форма на еден однос меѓу предмети. И за да му најдеме некоја аналогија на тоа, ние мораме да се свртиме кон магловитите региони на верскиот свет. Во него производите на човечката глава се појавуваат како самостојни суштества, надарени со сопствен живот, и кои се најдуваат во однос меѓу себе како и со луѓето. Така е и со производите на човечките раце во стоковниот свет. Ова јас го викам фетишизам, што се прилепува на производите на трудот штом тие се произведуваат како стоки, и поради тоа, е неразделно сврзан со стоковното производство.

Овој фетишки карактер е понагласен кај еквивалентната форма отколку кај релативната форма на вредноста. Релативната форма на вредноста на некоја стока се добива по посреден пат, имено со нејзиниот однос кон друга стока. Со оваа форма на вредност е изразена вредноста на стоката како нешто што е сосем различно од нејзиното сопствено сетилно битие. А со тоа е речено едновремено и тоа дека вредносното битие може да биде однос, туѓ на самиот предмет и дека, поради тоа, неговиот однос на вредноста кон некој друг предмет може да биде самo појавна форма на некој општествен однос, скриен во неа. Обратно е со еквивалентната форма. Таа се состои токму во тоа што телесната или природната форма на некоја стока непосредно важи како општествена форма, како форма на вредност за друга стока. Значи, во рамките на нашето општење се чини дека општествено природната особеност на некој предмет е особеност која му е дадена од природата, тоа дека таа има еквивалентна форма и со тоа во оној вид во кој таа сетилно постои може непосредно да се разменува за други предмети. А поради тоа дека во рамките на изразот на вредноста на стоката А еквивалентната форма и од природа дадена на стоката Б, се чини дека на последнава таа ѝ е дадена од природа и надвор од тој однос. Оттука, на пример, загадочниот карактер на златото, на кое се чини како од природата да му е дадена, покрај неговите други природни својства, светлата боја, специфичната тежина, неоксидирање на воздух, и еквивалентната форма или општественото својство да може непосредно да се разменува за сите други стоки.

§ 4. Штом вредноста се појави самостојно, таа ја има формата на разменската вредност

Изразот на вредноста има два пола, релативна форма на вредноста и еквивалентна форма. Најнапред што се однесува до стоката која функционира како еквивалент, таа за другата стока има значење од облик на вредност, од тело во непосредно разменлива форма — од разменска вредност. А стоката чија вредност е релативно изразена има форма на разменска вредност, зашто 1) нејзиното вредносно битие се покажува благодарение на способноста од некое друго стоковно тело да се разменува за неа; 2) нејзината големина на вредноста се изразува со размерот во кој другата стока се разменува за неа. Поради тоа, разменската вредност е воопшто самостојната појавна форма на вредноста на стоката.

§ 5. Простата форма на вредноста на стоката е проста појавна форма на спротивностите содржани во стоката: употребната вредност и разменската вредност

Во односот на вредноста на платното кон капутот природната форма на платното важи само како лик на употребна вредност, а природната форма на капутот важи само како форма на вредност или како лик на разменска вредност. Според тоа, внатрешната спротивност меѓу употребната вредност и вредноста содржани во стоката се изразуваат во надворешна спротивност, т.е. во односот меѓу две стоки, од кои едната непосредно важи само како употребна вредност, а другата непосредно само како разменска вредност, или каде што овие две спротивни определби, употребната вредност и разменската вредност, се разделуваат поларно меѓу стоките. — Ако речам: како стока платното е употребна вредност и разменска вредност, тогаш овој мој суд за природата на стоката е добиен со анализа. Спротивно на тоа, во изразот 20 аршини платно 1 капут или 20 аршини платно вреди колку 1 капут, самото платно кажува за себеси дека е 1) употребна вредност (од платното), 2) дека е од неа различна разменска вредност (нешто еднакво со капутот) и 3) дека е единство на двете разлики, значи стока.

§ 6. Простата форма на вредноста на стоката е проста стоковна форма на производот на трудот

Во својата природна форма производот на трудот ја донесува со себе на светот и формата од некоја употребна вредност. Според тоа, нему му е потребна уште само формата на вредност за да има форма на стока, т.е. за да се појави како единство на спротивности — како употребна вредност и разменска вредност. Затоа развитокот на формата на вредноста е идентичен со развитокот на формата на стоката.

§ 7. Односот меѓу формата на стоката и паричната форма

Ако наместо „20 аршини платна = 1 капут или 20 аршини платно вреди колку 1 капут“ се стави „20 аршини платна = 2 ф. ст. или 20 аршини платно вреди 2 ф. ст.“, тогаш уште на прв поглед се гледа дека паричната форма не е ништо друго од поразвиен вид од простата форма на вредноста на стоката, значи од простата форма на производот на трудот. А затоа што е паричната форма само развиена форма на стоката таа произлегува од простата форма на стоката. Поради тоа, штом се разбере последната, останува уште да се разгледаат редицата метаморфози низ кои мора да помине простата форма на стоката: 20 аршини платно = 1 капут за да се добие видот: 20 аршини платно = 2 ф. ст.

§ 8. Проста релативна форма на вредноста и поединечна еквивалентна форма

Изразот на вредноста во капутот на платното му дава форма на вредност според која тоа самото се разликува како вредност од самото себе како употребна вредност. Оваа форма го поставува платното само во однос кон капутот, т.е. кон која било поединечна, од самото него различен вид стока. Но како вредност тоа е исто како сите други стоки. Според тоа, неговата форма на вредноста мора да биде и таква која го поставува во однос на квалитативна еднаквост и квантитативна пропорционалност кон сите други стоки. На простата релативна форма на вредноста на една стока ѝ одговара поединечната еквивалентна форма на некоја друга стока. Или, стоката, во која се изразува вредноста, функционира овде само како поединечен еквивалент. Така капутот во релативниот израз на вредноста на платното има само еквивалентна форма или форма на непосредна разменливост во однос на поединечниот вид на стоката платно.

§ 9. Премин од простата форма на вредноста во развиената форма на вредноста

Простата форма на вредноста условува вредноста на некоја стока да се изразува само во една, безразлично која, стока од друг вид. Значи, ако е вредноста на платното изразена во железо или во пченица итн., тогаш се добива ист прост релативен израз на вредноста на платното како и тогаш кога е таа изразена во стоката капут. Поради тоа, во зависност од тоа дали платното влегува во однос на вредноста со овој или со оној друг вид стока, се добиваат различни прости релативни изрази на вредноста на платното. Потенцијално платното има толку различни прости изрази на вредноста колку што постојат и стоки различни од него. Всушност, неговиот полн релативен израз на вредноста не се состои во еден поединечен прост релативен израз на вредноста, туку во собирот на неговите прости релативни изрази на вредноста. Така добиваме:

II. Полна или развиена форма на вредноста

20 аршини платно = 1 капут, или = 10 фунти чај, или = 40 фунти кафе, или = 1 квартер пченица, или = 2 унци злато, или 1/2 тон железо или = итн.

§ 1. Бескрајност на редицата

Оваа редица од прости релативни изрази на вредноста може според својата природа постојано да се продолжува, таа никојпат не се завршува зашто постојано се појавуваат нови видови стоки, а секој нов вид стока дава материјал за нов израз на вредноста.

§ 2. Развиената релативна форма на вредноста

Вредноста на некоја стока, на пример на платното, сега е изразена во безбројни други елементи од стоковниот свет. Секое друго стоковно тело станува огледало на вредноста на платното. Дури сега самата оваа вредност се покажува како здрвена смеса од човечки труд воопшто. Зашто труд кој ја создава вредноста од платното исклучено е претставен како труд со кој е еднаков секој друг човечки труд, па макар каков му бил неговиот природен лик, па, значи, макар тој да се опредметил во капут или во пченица, или во железо, или во злато итн. Поради тоа, со посредство на својата форма на вредност, платното сега стои во општествен однос не само со еден поединечен инаков вид стока, туку со стоковниот свет. Како стока, тоа е граѓанин на овој свет. Едновремено бескрајната редица од изрази на стоковните вредности ни докажува и тоа дека нејзе ѝ е сосем сеедно во која одделна форма на употребна вредност ќе се покажува.

§ 3. Посебната еквивалентна форма

Секоја стока, капут, чај, пченица, железо итн. важи во изразот на вредноста на платното како еквивалент, а поради тоа и како тело на вредност. Определената природна форма на секоја од овие стоки сега е една посебна еквивалентна форма покрај многуте други. На ист начин, разноличните, определените, конкретните, полезните видови труд, содржани во различните стоковни тела, важат сега како исто толку посебни форми во кои се осуштествува или пројавува простиот човечки труд.

§ 4. Недостатоци на полната или развиената форма на вредноста

Прво, релативниот израз на вредноста на стоката е недовршен, бидејќи е сочинет од низа што никогаш не се завршува. Второ, овој израз се состои од еден шарен мозаик од разнородни изрази на вредноста без меѓусебна врска. Најпосле, ако се изрази, како што мора да биде, релативната вредност на секоја стока во оваа развиена форма, тогаш релативната форма на вредноста на секоја стока е една бескрајна низа од изрази на вредноста, низа различна од релативната форма на вредноста на секоја друга стока. — Недостатоците на развиената релативна форма на вредноста се одгледуваат и во соодветната нејзина еквивалентна форма. Бидејќи природната форма на секој одделен вид стока е овде една посебна еквивалентна форма покрај безбројни други посебни еквивалентни форми, тоа воопшто суштествуваат само ограничени еквивалентни форми, од кои секоја ги исклучува другите. Исто така, определениот, конкретниот, полезниот вид труд, содржан во секој посебен стоковен еквивалент, е само посебна, значи неисцрпна форма, во која се појавува човечниот труд. Вистина, последниов добива полна или тотална форма во која тој се појавува во целокупноста на овие посебни појавни форми. Но тоа значи дека тој нема единствена појавна форма.

§ 5. Премин од полна форма на вредноста во општа форма на вредноста

Меѓутоа, полната или развиената форма на вредноста се состои само од еден збир на прости релативни изрази на вредноста или од равенки на проста форма, како:

20 аршини платно = 1 капут
20 аршини платно = 10 фунти чај итн.

Но секоја од равенки содржи и идентично обратна равенка:

1 капут = 20 аршини платно
10 фунти чај = 20 аршини платно итн.

Всушност, кога сопственикот на платното ќе ја размени својата стока за многу други стоки, и поради тоа вредноста на својата стока ќе ја изрази во низа други стоки, тогаш многуте други сопственици на стоки нужно мораат да ги разменат своите стоки за платното и со тоа да ја изразат вредноста на своите различни стоки во една иста трета стока, во платното. — И така, кога ќе го обрнеме редот: 20 аршини платно = 1 капут, или = 10 фунти чај или = итн. т.е. кога ќе изразиме обратен однос што на самата сушност на работите се најдува во редот, тогаш ќе добиеме:

III. Општа форма на вредноста

1капут
10фунти чај
40фунти кафе
1квартер пченица
2унци злато
1/2тон железо
xх стока А итн.
      = 20 аршини платно

§ 1. Изменет облик на релативната форма на вредноста

Релативната форма на вредноста сега има сосем изменет облик. Сите стоки сега ги изразуваат своите вредности: 1) просто зашто ги изразуваат во една единствено стоковно тело, 2) единствено, т.е. во едно исто друго стоковно тело. Нивната форма на вредноста е проста и заедничка, т.е. општа. За сите разнородни стоковни тела платното сега важи како нивен заеднички и општ облик на вредноста. Формата на вредноста на некоја стока, т.е. изразот на нејзината вредност во платното прави таа стока да се разликува сега не само како вредност од своето сопствено битие како предмет за употреба, т.е. од својата сопствена природна форма, туку истовремено ја поставува како вредност во однос на сите други стоки, на сите стоки како еднакви со неа. Поради тоа во формата на вредноста стоката ја добива општествената форма.

Само врз основа на својот општ карактер формата на вредности одговара на поимот на вредноста. Формата на вредноста морала да биде форма, во која стоките една по друга се појавуваат како проста смеса од здрвен безразличен, еднороден човечки труд, т.е. како предметни изрази на една иста супстанција на трудот. Сега тоа е постигнато. Зашто сите тие се изразени како материјализација на еден ист труд, труд кој е содржан во платното, или како една иста материјализација на трудот, имено како платно. На тој начин тие се квалитативно изедначени.

Во исто време тие се квантитативно споредени или претставени една за друга како одредени големини на вредности. На пример, 10 фунти чај = 20 аршини платно, и 40 ф. кафе = 20 аршини платно. Значи: 10 ф. чај = 40 ф. кафе. Или во 1 ф. кафе се најдува само 1/4 од она количество од супстанцијата на вредноста, од трудот, која се најдува во 1 ф. чај.

§ 2. Изменет вид на еквивалентната форма

Посебната еквивалентна форма сега натаму се развила во општа еквивалентна форма. Или, стоката која се најдува во еквивалентна форма сега е општ еквивалент. Како природна форма на стоковното тело платното важи како лик на вредност на сите други стоки, тоа е сега форма на нејзината неутралност или на непосредна разменливост за сите елементи од стоковниот свет. Значи, неговата природна форма истовремено е и негова општа општествена форма.

За сите други стоки, иако се тие производи од најразлични видови труд, платното важи како појавна форма од трудот содржан во нив самите и, според тоа, отеловување на истороден безразличен човечки труд. Значи, ткаењето, тој посебен конкретен вид труд, сега, врз основа на односот на вредноста на стоковниот свет кон платното, има значење на општа и непосредно иcцpпна форма на реализација на апстрактниот човечки труд, т.е, на потрошената човечка работна сила воопшто.

Приватниот труд, содржан во платното, важи исто така и како труд кој се најдува непосредно во општо-општествена форма или во формата на еднаквост со сите други трудови.

Според тоа, ако некоја стока има општа еквивалентна форма или функционира како општ еквивалент, нејзината природна или телесна форма има значење на видна инкарнација, на општа општествена обвивка на секој човечки труд.

§ 3. Рамномерност на развитокот на релативната форма на вредноста и на еквивалентната форма

На степенот на развитокот на релативната форма на вредноста му одговара степенот на развитокот на еквивалентната форма. Но, а ова треба добро да се запамети, — развитокот на еквивалентната форма претставува само израз и резултат од развитокот на релативната форма на вредноста. Иницијативата излегува од последнава.

Простата релативна форма на вредноста ја изразува вредноста на некоја стока само во еден единствен друг вид стока, сеедно која. Стоката така добива само форма на вредност за разлика од својата сопствена форма на употребна вредност или од природната форма. И нејзиниот еквивалент содржи само поединечна еквивалентна форма. Развиената релативна форма на вредноста ја изразува вредноста на некоја стока во сите други стоки. Поради тоа тие добиваат форма на многу посебни еквиваленти или посебна еквивалентна форма. Најпосле, стоковниот свет си дава себеси единствена, општа, релативна форма на вредноста на тој начин што исклучува од својата средина еден единствен вид стока во која сите други стоки заеднички ја изразуваат својата вредност. На тој начин исклучената стока станува општ еквивалент, или еквивалентната форма станува општа еквивалентна форма.

§ 4. Развиток на поларноста на релативната форма на вредноста и еквивалентната форма

Поларната спротивност или нераскинливата заемна поврзаност и, исто така, постојаната заемна исклучивост на релативната форма на вредноста и еквивалентната форма — така што 1) некоја стока не може да се најдува во една форма, а друга стока да не се најдува во спротивна форма, и 2) штом една стока се најдува во една форма, едновремено во истиот израз на вредноста не може да се најдува и во другата форма — таа поларна спротивност на двата момента од изразот на вредноста се развива и се зајакнува во истата мера во која воопшто се развива и усовршува формата на вредноста.

Во формата I се исклучуваат веќе двете форми, но само формално. Во зависност од тоа дали равенката се чита од лево на десно или од десно на лево, секој од овие два стоковни екстрема, како платно и капут, се најдуваат подеднакво де во релативната форма на вредноста де во еквивалентната форма. Овде е сѐ уште тешко да се долови поларната спротивност.

Во формата II кој било вид стока може секојпат да ја развие својата релативна форма на вредноста полно или таа има развиена релативна форма на вредноста само затоа дека сите други стоки се најдуваат и до колку се најдуваат во еквивалентна форма кон неа. Најпосле, во формата III стоковниот свет има општа општествена форма на вредноста само затоа што се и до колку се сите стоки кои влегуваат во него исклучени од еквивалентната форма или од формата на непосредна разменливост. Обратно, стоката која се најдува во општата еквивалентна форма или фигура како општ еквивалент, е исклучена од единствената, а со тоа и од општата релативна форма на вредноста од стоковниот свет. Кога би се сакало и платното, т.е. која било стока што се најдува во општата еквивалентна форма, да учествува едновремено и во општата релативна форма на вредноста, тогаш таа би морала да се однесува спрема самата себе како еквивалент. Тогаш добиваме: 20 аршини платно = 20 аршини платно, една тавтологија во која не е изразена ни вредност ни големина на вредност. За да ја изразиме релативната вредност на општиот еквивалент, мораме да ја обрнеме формата III. Тој еквивалент нема никаква релативна форма на вредноста заедничка со другите стоки, туку неговата вредност релативно се изразува во бескрајната низа од сите други стоковни тела. Така сега развиената форма на вредноста или формата II се јавува како специфична релативна форма на вредноста на онаа стока која игра ролја на општ еквивалент.

§ 5. Премин од општата форма на вредноста во парична форма

Општата еквивалентна форма е форма на вредноста воопшто. Според тоа, таа може да ѝ припаѓа на секоја стока, но секој пат ако е таа исклучена од средината на сите други стоки.

Сепак, веќе и самата разлика на формата меѓу формата II и формата III покажува нешто својствено што го немаше во формите I и II. Имено, во развиената форма на вредноста (формата II) едната стока ги исклучува сите други за да ја изрази во нив својата сопствена вредност. Ова исклучување може да биде чисто субјективен процес, на пример процес на сопственикот на платното, кој вредноста на својата сопствена стока ја проценува во многу други стоки. Спротивно на тоа, некоја стока се најдува во општа еквивалентна форма (форма III) само затоа што и до колку сите други стоки неа ја одвојуваат како еквивалент. Овдека одвојувањето е објективен процес, независен од издвоената стока. Затоа во историскиот развиток на формата на стоката општата еквивалентна форма може наизменична да ѝ принадлежи де на една де на друга стока, но некоја стока никој пат вистински не функционира како општ еквивалент до колку нејзиното одвојување, а со тоа и нејзината еквивалентна форма не е резултат на еден објективен општествен процес.

Општата форма на вредноста е развиена форма на вредноста, а поради тоа и развиена форма на стоката. Производите на трудот кои се материјално сосем различни не можат да имаат готова форма на стока, па затоа и не функционираат во процесот на размената како стоки ако не се претставени како предметни изрази на еден ист човечки труд. Тоа значи, за да добијат готова форма на стока, мораат да добијат единствена, општа релативна форма на вредност. Но таа единствена релативна форма на вредноста тие можат да ја добијат само на тој начин што од својата сопствена средина исклучуваат еден определен вид стока како општ еквивалент. И дури од оној момент кога тоа исклучување најпосле ќе се сведе на еден специфичен вид стока, единствената релативна форма на вредноста добива објективна цврстина и општа општествена важност.

Сега посебната стока, со чија природна форма сраснала општествената еквивалентна форма, станува парична стока, т.е. функционира како пари. Таа добива специфична општествена функција, а со тоа и општествен монопол да игра во рамките на стоковниот свет ролја на општ еквивалент. Меѓу стоките кои во формата II фигурираат како посебни еквиваленти на платното, а кои во формата III заеднички ја изразуваат својата релативна вредност со платното. Една определена стока, златото, историски го освоила тоа привилегирано место. Поради тоа, кога во формата III наместо стоката платно ја ставиме стоката злато, добиваме:

IV. Парична форма

20аршини платно =
1капут =
10фунти чај =
40фунти кафе =
1квартер пченица =
1/2тон железо =
xстока А =
      2 унци злато
§ 1. Разлика меѓу преминот од општата форма на вредноста и паричната форма и понапрежните премини во развитокот

При преминот од формата I во формата II и од формата II во формата III, се случуваа битни измени. Напротив, формата IV со ништо не се разликува од формата III освен во тоа што сега наместо платното во формата на општ еквивалент се најдува златото. Во формата IV златото останува она што во формата III беше платното — општ еквивалент. Напредокот е само во тоа што сега формата на непосредна општа разменливост, или формата на општ еквивалент, со општествена навика дефинитивна е срасната со специфичната природна форма на стоковното тело злато.

Златото истапува пред другите стоки како пари само затоа што понапред истапувало пред нив како стока. Како и сите други стоки, и тоа функционирала како еквивалент, било како поединечен еквивалент во одделни актови на размената, било како посебен еквивалент покрај другите стоки-еквиваленти. Постепено, златото во потесни или пошироки кругови почнало да функционира како општ еквивалент. Штом го освоило монополот на тоа место во изразот на вредноста од стоковниот свет, тоа станало парична стока, а дури од моментот кога тоа веќе станало парична стока се разликува формата IV од формата III, или — општата форма на вредноста се претворила во паричната форма.

§ 2. Претворање на општата релативни форма на вредноста во форма на цена

Простиот релативен израз на вредноста на некоја стока, на пример на платното, даден во стоката која веќе функционира како парична стока, на пример во златото, е форма на цена. Според тоа „ценовната форма“ на платното е:

20 аршини платно = 2 унци злато

или ако се 2 фунти монетарно име за 2 унци злато,

20 аршини платно = 2 фунти.

§ 3. Простата форма на стоката ја претставува тајната на паричната форма

Се гледа дека вистинската парична форма не претставува никаква тешкотија. Штом ќе се открие опшrата еквивалентна форма, не треба многу да се размислува за да се разбере дека таа еквивалентна форма се фиксира за некој специфичен вид стока како што е златото дотолку повеќе што општата еквивалентна форма по својата природа условува општествено исклучување на еден вид стока од страна на сите други стоки. Се работи уште само за тоа ова исклучување да добие објективна општествена консистенција и општа важност; оттука, тоа нити наизменично ги погодува различните стоки нити има чисто локално значење само во одделните сфери на стоковниот свет. Тоа што е тешко во поимот на паричната форма, се ограничува на примањето на општата еквивалентна форма, значи на самата општа форма на вредноста, на формата III. А формата III се решава кога ќе тргнеме наназад, во формата II, а конститутивниот елемент на формата II е формата I:

20 аршини платно = 1 капут или х стока А = у стока Б. Ако знаеме што е употребната вредност и разменската вредност, ќе видиме дека формата I е најпростиот, најнеразвиениот начин за да се претстави како стока кој било производ на трудот, на пример платното, т.е. како единство на спротивности: употребна вредност и разменска вредност. Тогаш е лесно да се открие и низата од метаморфози низ кои мора да помине простата форма на стоката: 20 аршини платно = 1 капут, за да добие своја полна форма: 20 аршини платно = 2 фунти, т.е. паричната форма.


Забелешки на уредникот на изданието

[1*] Маркс предвидувал дека читателите на неговите економски дела ќе се среќаваат со значителни тешкотии, кои, како што самиот велел, произлегуваат од природата на самата материја, од новиот теориски поглед со кој што тој ја третирал таа материја и од револуционирањето на науката што тој го вршел со своите економски дела. Поради тоа Маркс, особено по објавувањето на неговото дело „Прилог кон критиката на политичката економија“ (1859), а во кое начинот на изложувањето бил доста непристапен, настојувал своите дела, а посебно „Капиталот“, да им го приближи, колку може повеќе, до читателите.

На овие тешкотии со кои ќе се сретнат читателите на I том од „Капиталот“ прв му го свртел вниманието на Маркс неговиот пријател Лудвиг Кугелман. Тој му предложил двојно да ги прикаже формите на вредноста. Види го текстот кон второто издание. При печатењето на I том од „Капиталот“ соодветниот текст Маркс му го испратил на Енгелс за да се консултира со него. Од Енгелсовото писмо до Маркс од 16 јуни 1867 се гледа дека Енгелс го прочитал текстот, согледал во него некои методолошки недостатоци и му дал на Маркс определени сугестии. Забележал дека дијалектичкото изложување требало да се поврзе со историското, историски да се илустрира. „Многу си погрешил“, му пишува Енгелс на Маркс, „што текот на мислите во тоа апстрактно изложување не си го направил попрегледно со помали пододдели и поднаслови. Тој дел требаше да го обработиш по примерот на Хегеловата „Енциклопедија“, со куси параграфи; секој дијалектички премин да го нагласиш со одделни наслови и, по можност, сите екскурзи и илустрации да ги печатиш со инакви букви. Со тоа работата донекаде би добила школски карактер, но тоа значително би помогнало на доста широк круг читатели полесно да те разберат. Популусот, па дури ниту учените, сѐ уште не се свикнати на таков начин на мислење, па тоа мора на сите возможни начини да им се олесни.“

Оваа Енгелсова забелешка на начинот од Марксовото излагање била непосреден повод Маркс повторно да го земе во разгледување соодветниот текст и да го дополни и исправи во смисла на Енгелсовите сугестии. На 22 јуни Маркс му пишува на Енгелс: „Што се однесува до изложувањето на формата на вредноста јас твојот савет и го послушав и не го послушав, за да останам и во тој поглед дијалектичар. Тоест, јас 1. напишав еден Додаток, во кој истата работа ја изложив толку просто и толку 'школски', колку што тоа беше возможно, и 2. по твојот совет секоја етапа од развитокот ја поделив на параграфи итн. со сопствени наслови. А потоа на 'недијалектичкиот' читател му велам да ги прескокне страниците oд х до у, и наместо тоа да го прочита Додатокот. Притоа не мислам само на филистрите, туку и на младината, која е желна за знаење итн. Освен тоа, ова прашање е решавачко за целата книга.“

Дека Енгелсовата забелешка била непосреден повод Маркс повторно да го земе во обработка овој текст, го покажува и Марксовото писмо до Енгелс од 27 јуни 1867, во кое тој вели дека постапил точно по Енгелсовиот совет.

Од преписката меѓу Маркс и Енгелс гледаме дека овој Додаток Маркс го напишал меѓу 18 и 27 јуни 1867 г, т.е, во време кога I том од „Капиталот“ во поголем дел веќе бил во печат. Во своето писмо од 27 јуни 1867 до Енгелс, Маркс веќе говори за Додатокот, наведувајќи ја подробната поделба на текстот, неговите параграфи и наслови, што значи дека тогаш ракописот на Додатокот не само што бил завршен туку и сосем бил приготвен за печат.

Бидејќи му било јасно дека е нужен дополнителниот текст на I. глава, во второто издание на I том од „Капиталот“ Маркс не се запрел на двојното изложување на материјата во рамките на I глава и во рамките на самостојниот Додаток на I глава на крајот од тој том, туку првата глава повторно ја редигирал и најголемиот дел од Додатокот го внел во текстот од оваа глава. „Што се однесува до самиот текст, најважно е следново: во глава I, член 1, со поголема научна строгост го спроведов изведувањето на вредноста од анализата на еднаквостите во кои се изразува секоја разменска вредност, а исто така изречно е изразена и врската меѓу супстанцата на вредноста и определувањето на големината на вредноста со општествено потребното работно време, за кое во првото издание беше само спомнато. Глава I, член 3 (формата на вредноста) сосем го преработив, што ми наложуваше и самото двојно изложување во првото издание.“

Но и без оглед на тоа, дека е овој Додаток на I лава од 1867, во второто издание во најголемиот дел бил интегриран во текстот од I глава, тој има самостојна вредност. Тој претставува логично тесно поврзана и исклучително прегледна целост, концизна и систематска обработка на најсложените проблеми од економската наука.


Прва глава

Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива