Во „Deutsch-Französische Jahrbücher“ ветив да дадам критика на науката за правото и државата во вид на критика на Хегеловата филозофија на правото. При обработката на материјалите за печатење се покажа дека поврзувањето на критиката, насочена само против спекулативното мислење, со критиката на различни предмети сами по себе, е сосем непогодно, бидејќи го стеснува текот на излагањето и го отежнува разбирањето. Освен тоа, обилноста и разновидноста на предметите што подлежат на разгледување би дозволиле да се збие сиот тој материјал во еден труд, само при услов да се даде сосем афористичко излагање, а такво афористичко излагање, од своја страна, би создало привид на произволно систематизирање. Ете зошто критиката на правото, моралот, политиката итн. јас ќе ја дадам во низа одделни, една по друга, самостојни брошури, а во заклучок ќе се обидам во посебна работа да ја осветлам внатрешната врска на целината, меѓусебниот однос на одделни делови и, најпосле, да ја подложам на критика спекулативната обработка на сиот тој материјал. Заради тие околности, во оваа работа врската меѓу политичката економија и државата, правото, моралот, граѓанскиот живот итн. се засега само дотолку доколку тие предмети ех professo [специјално] ги засега самата политичка економија.
Нема зошто да го уверувам читателот, запознат со политичката економија, дека до своите заклучоци сум дошол по пат на сосем емпириска анализа, заснована врз совесно критичко изучување на политичката економија.
[А на рецензентот непознавач, што за да го скрие своето полно незнаење и сиромаштија на мислата, се нафрла врз позитивниот критичар со такви изрази како „утописка фраза“, или уште други такви, како „сосем чиста, сосем решителна, сосем критичка критика“, или „не само правно, туку општествено, сосем општествено општество“, или „компактна, масовна маса“, или „говорнички говорници на масовната маса“, — на тој рецензент му останува уште отпрвин да даде доказ за тоа дека, освен своите теолошки семејни работи, има право да претендира на учество во разгледувањето исто така на световните работи.]
Само по себе се разбира, дека освен од француските и англиските социјалисти, јас исто така се користев и со трудовите на германските социјалисти. Меѓутоа, содржајните и оригинални германски трудови во областа на таа наука се сведуваат, не сметајќи ги трудовите на Вајтлинг, — на статиите на Хес, објавени во зборникот „Дваесет и еден лист“ и на „Нацртот за критика на политичката економија“ на Енгелс, напечатен во „Германско-францускиот годишник“, каде што јас од своја страна во најопшта форма ги назначив првите елементи на овој труд.
[Освен тие автори, коишто критички се занимавале со политичката економија, позитивната критика воопшто, а значи и германската позитивна критика на политичката економија, своето вистинско засновање го должи на откритијата на Фоербах. Меѓутоа, против неговата „Филозофија на иднината“ и објавените во „Anedocta“, „Тези за реформа на филозофијата“, — без оглед на тоа што се тие работи нашироко користени, беше направен вистински заговор на молк, породен од дробнавата завист на едни и вистинска јарост од други.]
Дури со Фоербах започнува позитивната хуманистичка и натуралистичка критика. Колку помалку тој прави врева, толку е поуверено, подлабоко, поопфатно и поцврсто влијанието на неговите трудови после „Феноменологијата“ и „Логиката“ на Хегела, ова се единствени трудови што содржат вистинска теоретска револуција.
Завршното поглавје од предлаганиов труд — критичката анализа на Хегеловата дијалектика и Хегеловата филозофија воопшто — ми се чинеше крајно нужно, спротивно на критичките теолози на нашето време, затоа што слична работа сѐ досега уште не е направена. Неоснованоста — е нивна неизбежна судба: па нели дури и критичкиот теолог останува теолог, т.е. или тој е принуден да тргне од определени претпоставки на филозофијата како некаков беспорен авторитет, или ако во процесот на критиката и благодарејќи на туѓи откритија се појавиле во него сомневања во правилноста на тие филозофски претпоставки, тој страшливо и неоправдано ги напушта, се апстрахира од нив, при што неговата ропска понизност пред тие претпоставки и неговата лутина на таа ропска понизност се појавуваат сега само во негативна, несвесна и софистичка форма.
[Во врска со тоа тој или без престан повторува уверување за чистотата на својата сопствена критика, или, пак за да го одвлече вниманието на читателот и своето сопствено внимание од нужноста за решително објаснување на критиката со нејзината мајчинска пазува — Хегеловата дијалектика и германската филозофија воопшто, — од нужноста да се надмине од современата критика нејзината сопствена ограниченост и стихијност, тој, напротив, се обидува да создаде таков впечаток, како божем критиката да има работа само со некоја ограничена форма на критиката надвор од неа, — со критика, заостаната, да речеме на рамништето од XVIII век, — и со ограниченоста на масата. И, најпосле, кога се прават откритија за сушноста на неговите сопствени филозофски претпоставки — такви како откритијата на Фоербах, — тогаш критичкиот теолог создава привид како божем тие откритија да ги направил не некој друг туку самиот тој. Тој го создава овој привид на следниов начин: бидејќи не е во состојба да ги разработи резултатите од тие откритија, тој ги фрла, од една страна, тие резултати во вид на готови пароли [stichworten] врз главата на авторите што уште се наоѓаат пленети од филозофијата; од друга страна, тој се убедува во тоа дека по своето рамниште тој дури се издига над тие откритија, со таинствен изглед, скришно, подмолно и скептички оперирајќи против Фоербаховата критика на Хегеловата дијалектика, со оние елементи на таа дијалектика што тој уште не ги наоѓа во таа критика, и што уште не се поднесени за користење во критички преработен вид. Самиот тој не се обидува и не е во состојба да ги доведе тие елементи во соответна врска со критиката, туку просто оперира со нив во онаа форма што ѝ е својствена на Хегеловата дијалектика. Така на пример, тој ја издига категоријата на посредниот доказ против категоријата на позитивната вистина што започнува од самата себе. Ама теолошкиот критичар наоѓа за сосем природно филозофите сами да сторат сѐ што е потребно, за да може тој да ломоти за чистотата и решителноста на критиката, за сосем критичката критика, и тој се смета за вистински херој, што ја надминал филозофијата, кога, на пример, чувствува дека еден или друг Хегелов момент отсуствува кај Фоербах, — бидејќи теолошкиот критичар не преминува зад границите на осетот кон свеста, и наспроти сето свое спиритуалистичко идолопоклонство на „самосвеста“ и „духот“.]
Теолошката критика, што во почетокот на движењето беше навистина прогресивен момент, се покажува при поблиско разгледување во крајна линија не како нешто друго туку во теолошка карикатура изродено довршување и последица на старата филозофска и особено Хегелова трансцендентност. На друго место јас подробно ќе ја покажам таа историска nemesis [одмазда], тој интересен суд на историјата којашто сега ја определува теологијата, што отсекогаш претставувала гнило место на филозофијата, да го прикажува врз самата себе негативното распаѓање на филозофијата, т.е. процесот на нејзиното гнило распаѓање.
[А во колкава мера, напротив, Фоербаховите откритија за сушноста на филозофијата сѐ уште — во крајна линија барем да ги докажат — го правеле нужно критичкото разграничување со филозофската дијалектика, читателот ќе види од самото мое излагање.]