Напишано: октомври-ноември 1843.
Првпат објавено: Deutsch-Französische Jahrbücher, 1844.
Извор: Маркс-Енгелс, Од раните трудови, „Култура“, Скопје, 1961.
Превод: Цветко Мартиновски
Онлајн верзија: февруари 2022
Политичката економија е настаната како природна последица од проширувањето на трговијата, и со неа на местото на просто ненаучно ситничарење истапи развиен систем на дозволена измама, цела наука за обогатувањето.
Оваа политичка економија, или наука за обогатувањето, настаната од меѓусебната завист и лакомост на трговците, го носи на своето чело печатот на најгнасното саможивство. Луѓето уште живееја со наивната претстава дека божем богатството се состои во златото и среброто и дека затоа треба насекаде колку што е можно поскоро да се забрани извозот на „благородни“ метали. Нациите стоеја една спроти друга како скржавци, што со обете раце ја зграпчиле за нив скапата вреќа со пари, со заблазување и сомничење обѕирајќи се на своите соседи. Сите средства беа пуштени во употреба, за да се измамат колку се може повеќе готови пари од оние народи со кои се одржуваа трговски односи, и цврсто да се задржат зад царинските прегради среќно внесените пари.
Сосем доследното спроведување на тој принцип би ја убило трговијата. Затоа започнаа да излегуваат од рамките на тој прв степен: стана јасно дека капиталот што лежи неподвижно во сандакот е мртов, додека во циркулација тој постојано расте. Односите меѓу нациите затоа станаа попријателски; луѓето почнаа да ги вадат своите дукати како примамка, за да се враќаат назад тие дукати заедно со други и беше научено дека воопшто не е штетно да му се наплатува на господин А за неговата стока, доколку таа стока може да му се продаде на господин Б по уште повисока цена.
Врз таа основа беше изграден меркантилниот систем. Лакомиот карактер на трговецот беше веќе донекаде замаскиран; нациите почнаа по малку да се зближуваат, да заклучуваат трговски спогодби и договори за пријателство тие стапуваа една со друга во трговски зделки и за поголема корист си укажуваа една на друга секаква љубезност и добри услуги. Но, всушност, тоа беше сета онаа иста стара лакомост за пари и себичност, и одвреме-навреме тие се пројавуваа во војните, што во тој период секогаш беа предизвикани од трговското соперништво. Тие војни исто така покажаа дека трговијата, како и ограбувањето, се заснова врз правото на тупаницата, на посилниот; без никакво гризење на совеста се трудеа со итроштина или насилство да добијат такви спогодби што се сметаа за најпогодни.
Централна точка на сиот меркантилен систем претставува теоријата за трговскиот биланс. Токму затоа што сите уште упорно се држеа за поставката дека божем богатството се состои во златото и среброто, за доходни се признаваа само оние работи што во крајна линија `и донесуваа на земјата готови пари. За да си го изјаснат тоа, го споредуваа извозот и увозот. Ако извозот го надминува увозот, сметаа дека разликата постапила во земјата во готови пари, и дека богатството нараснало со таа разлика. Умешноста на економистите на таков начин се состоеше во грижи за тоа, на крајот на секоја година да се даде поволен биланс спроти увозот; и во името на таа смешна илузија беа жртвувани илјадници луѓе! И трговијата исто така има свои крстоносни војни и своја инквизиција.
XVIII век, век на револуцијата, ја револуционизира и политичката економија. Но, како што сите револуции на тој век биле еднострани и останувале во рамките на спротивноста, како што на апстрактниот спиритуализам му бил спротивставен апстрактниот материјализам, на монархијата - република, на божественото право - општествениот договор, - токму така и револуцијата во политичката економија не ги надмина спротивностите. Насекаде останаа истите тие претпоставки; материјализмот не го засегна христијанското презирање на човекот и неговото понижување, и само наместо христијанскиот бог му ја спротивстави на човекот природата како апсолут; политиката и не помисли да ги подложи на иследување самите претпоставки на државата; на политичката економија не `и доаѓаше на ум да го постави прашањето за оправданоста на приватната сопственост. Затоа новата политичка економија беше само половичен прогрес; таа беше принудена да ги предаде своите сопствени претпоставки и да се одрече од нив, да ја повика на помош софистиката и лицемерството, за да ги скрие противречностите во кои таа се заплетка за да дојде до оние заклучоци кон кои ја туркаа не нејзините сопствени претпоставки, туку хуманиот дух на векот. На таков начин политичката економија доби филантропски карактер; таа им ја одзеде својата наклоност кон производителите и им ја даде на потрошувачите; таа лицемерно го афишира своето побожно гнасење од крвавите ужаси на меркантилниот систем, и прогласи дека трговијата им служи на врските на пријателството и обединувањето како меѓу народите така и меѓу индивидуите. Се` беше полн блесок и великолепност, - но претпоставките наскоро одново напомнаа за себе и ја создадоа, спротивно на таа лицемерна филантропија, теоријата за населението на Малтус, најгрубиот, најварварскиот систем од сите што кога било постоеле, систем на очаеност, што ги фрли во кал сите прекрасни зборови за љубовта спрема човекот и светското граѓанство; тие претпоставки го создадоа и го издигнаа фабричкиот систем и современото ропство, што по својата нечовечност и бездушност со ништо не заостанува од стариот. Новата политичка економија, систем на слобода на трговијата, заснован врз „Богатството на народите“ на Адам Смит[2], се покажа исто толку лицемерство, недоследност и неморалност, коишто во сите области се спротивставуваат себе на слободната човечност.
Но, зарем системот на Смит не беше сепак прогрес? - Се разбира, беше, и тоа нужен прогрес. Беше нужно да се кутне меркантилниот систем со неговиот монопол и ограничувањето на трговските односи, за да можат да се покажат вистинските последици на приватната сопственост; беше нужно сите тие ситни месни и национални обѕири да отстапат на заден план, заради тоа борбата на нашето време да може да стане општа, човечка; беше нужно заради тоа теоријата на приватната сопственост да го напушти чисто емпирискиот, голо-објективистички пат на иследување и да добие повеќе научен карактер, што ја прави одговорна исто така и за последиците, и со самото тоа ја пренесе работата во општочовечка област; за да биде доведена содржаната во старата политичка економија неморалност до највисока точка, преку обидот за нејзиното одречување и внесеното лицемерство како нужна последица на тој обид. Сево ова беше во редот на нештата. Ние со волја признаваме дека само засновањето и остварувањето на слободата на трговијата ни даде можност да излеземе од рамките на политичката економија на приватната сопственост, но истовремено мораме да го имаме и правото да ја прикажеме таа слобода на трговијата во сета нејзина теоретска и практична ништожност.
Нашиот суд мора да биде дотолку построг доколку се блиски до нашето време оние економисти за кои ни претстои да го искажеме своето мислење. Зашто во она време, додека Смит и Малтус завариле во готов вид само одделни елементи, поновите економисти веќе имаа пред себе цел завршен систем; беа направени сите заклучоци, достатно јасно се покажаа противречностите, и сепак тие не дојдоа до иследувањето на претпоставките, и се` уште ја земаа на себе одговорноста за системот во целост. Колку се поблиску економистите до нашето време толку се подалеку тие од чесноста. Со секој прогрес на времето нужно се засилува софистичкото мудрување, за да се задржи политичката економија на рамништето на векот. Затоа, на пример, Рикардо е повеќе виновен одошто Адам Смит, а Мак Кулох и Мил се повеќе виновни одошто Рикардо.
Најновата политичка економија не може правилно да го оцени дури ни меркантилниот систем, затоа што таа самата има едностран карактер, и уште е обременета со претпоставките на меркантилизмот. Само гледиштето што се издига над спротивностите на обата система, што ги критикува општите претпоставки на обата и тргнува од чисто човечка основа, ќе може да им го покаже на обата система нивното вистинско место. Тогаш ќе се види дека заштитниците на слободата на трговијата - се полоши монополисти одошто самите стари меркантилисти. Тогаш ќе се види дека под лицемерната хуманост на новите економисти се крие варварство, коешто на старите економисти им беше сосем непознато; дека брканицата на поими кај старите економисти е уште проста и доследна во споредба со лажната логика на нивните противници; и дека ниедна од тие страни не може да `и префрли на другата прекор што не би се свртел против неа самата. - Затоа најновата либерална политичка економија и не може да ја разбере реставрацијата на меркантилниот систем од страна на Лист, додека за нас работата е мошне проста. Недоследната и двојствена либерална политичка економија нужно мора одново да се распадне на своите основни составни делови. Како што теологијата мора или да се врати кон слепото верување, или да оди напред кон слободната филозофија така и слободата на трговијата мора да доведе до реставрација на монополот на една страна, а на друга страна, - до уништување на приватната сопственост.
Единственото позитивно постигање на либералната политичка економија е разработката на законите на приватната сопственост. Тие закони навистина се содржат во неа, иако уште не се развиени до последните заклучоци и не се изразени јасно. Оттука следува дека во сите точки, каде што станува збор за наоѓањето на најкусиот пат за обогатување, значи, во сите строго економски спорови, имаат право заштитниците на слободата на трговијата, - се разбира, во споровите со приврзаниците на монополот, а не со противниците на приватната сопственост, зашто, како што тоа одамна го докажаа на практика и во теорија англиските социјалисти, противниците на приватната сопственост и од економска гледна точка се поспособни правилно да ги решаваат економските прашања.
Значи, критикувајќи ја политичката економија, ние ќе ги иследуваме основните категории, ќе ја откриеме противречноста, внесена од системот на слобода на трговијата и ќе извлечеме заклучоци што произлегуваат од обете страни на таа противречност.
Изразот „национално богатство“ се појави за прв пат благодарејќи на стремежот на либералните економисти за обопштување. Додека постои приватната сопственост, тој израз нема смисла. „Националното богатство“ на Англичаните е мошне големо, и сепак тие се најсиромашен народ на светот. Треба или воопшто да се отфрли тој израз, или да се земат такви претпоставки при кои тој би добил смисла. Истото, се однесува за изразите: национална економија, политичка, општествена економија. При сегашната положба на работите, таа наука би требало да се нарекува приватно-сопственичка економија, бидејќи за неа општествените односи постојат само заради приватната сопственост.
Следната последица на приватната сопственост претставува трговијата, меѓусебната размена на нужни предмети, купувањето и продажбата. При господствувањето на приватната сопственост, таа трговија како и секоја друга дејност мора да стане непосреден извор на приход за трговецот; тоа значи, секој мора да се труди колку што може да продаде поскапо, и колку што може поевтино да купи. Значи, при секое купување и продажба истапуваат еден спроти друг два човека со апсолутно спротивни интереси; конфликтот има решително непријателски карактер, бидејќи секој ги знае намерите на другиот, знае дека тие намери им се спротивни на неговите сопствени. Затоа како прва последица од трговијата се јавува, од една страна, меѓусебната недоверба, а од друга - оправдувањето на таа недоверба, примената на неморални средства за постигањето на неморална цел. Така, на пример, како прво правило во трговијата претставува премолчувањето, сокривањето на сето она што би можело да ја снижи цената на дадена стока. Оттука заклучокот: во трговијата е дозволено да се извлекува колку што се може поголема корист од незнаењето, доверливоста на спротивната страна, и на ист начин е дозволено на својата стока да `и се придаваат такви својства какви што таа нема. Со еден збор, трговијата е озаконета измама. Дека практиката одговара на таа теорија, може да го потврди секој трговец, ако сака да `и биде верен на вистината.
Mеркантилниот систем во извесен степен уште се одликуваше со наивна, католичка отвореност, и ни најмалку не ја криеше неморалната сушност на трговијата. Ние видовме колку отворено таа ја изнесуваше на видело својата ниска лакомост. Меѓусебното непријателство на нациите во XVIII век, одвратна завист и трговско соперништво беа неизбежна последица на трговијата воопшто. Општественото мислење уште не беше хуманизирано, - значи, немаше зошто да се крие она што произлегуваше непосредно од нечовечната, со непријателство исполнета сушност на самата трговија?
Но, во тоа време, кога Лутер на политичката економија - Адам Смит почна да ја критикува поранешната политичка економија, положбата на работите мошне се промени. Векот стана похуман, разумот си проби пат, моралноста почна да претендира на своето вечно право. Натурените со сила трговски спогодби, трговските војни, строгата изолација на народите стапија во мошне остра противречност со напред одминатата свест. На смена на католичката отвореност дојде протестантското лицемерство. Смит докажуваше, дека и хуманоста имала, што се вели, своја основа, во сушноста на трговијата, дека трговијата, наместо да „биде најобилен извор на кавги и непријателство“, мора да служи „како врска на обединувањето и пријателството, како меѓу народите, така и меѓу индивидуите“ (види го „Богатството на народите“, книга IV, глава 3, § 2); па во самата природа на работите божем стои дека трговијата воопшто и во целост е корисна за сите што учествуваат во неа.
Смит имаше право кога ја прогласуваше трговијата за хумана. На светот нема ништо апсолутно неморално; и во трговијата има таква страна, во која `и се дава почит на моралноста и човечноста. Но, како се дава! Правото на тупаницата, на посилниот, на средновековието, отворениот грабеж на широк пат стана донекаде похуман кога се претвори во трговија, а трговијата стана донекаде похумана кога нејзиниот прв степен, што се карактеризираше со забранување на извоз на пари се претвори во меркантилен систем. Сега и самиот тој систем стана донекаде похуман. Се разбира, трговецот има интерес да одржува добри односи како со оној од кого тој евтино купува така и со оној на кого тој скапо му продава. Затоа мошне неумно постапува онаа нација што побудува кај своите набавувачи и клиенти непријателски однос спрема себе. Колку е попријателски толку е покорисно за неа. Ете во што се состои хуманоста на трговијата, и тој лицемерен начин на злоупотребување со моралноста за неморални цели претставува гордост на системот на слобода на трговијата. Зарем ние не го кутнавме варварството на монополите, викаат лицемерите, зарем ние не донесовме цивилизација во најоддалечените краишта на земјината топка, зарем не создадовме братство меѓу народите и не го намаливме бројот на војните? Да, сето тоа вие го сторивте, но како го сторивте тоа? Вие ги уништивте ситните монополи, за да се развива уште послободно и понеограничено еден голем основен монопол - сопственоста; вие ја донесовте цивилизацијата на сите краишта на светот, за да добиете нова територија за развивањето на вашата ниска лакомост; вие ги збратимивте народите, но со братство на крадци, и го намаливте бројот на војните, за да можете повеќе да печалите во мирно време, за да го изострите до крајност непријателството меѓу одделни лица, бесчесната војна на конкуренцијата! - Каде сте сториле вие нешто, тргнувајќи од чисто хумани побуди, од свеста за тоа дека спротивноста меѓу општиот и индивидуалниот интерес нема право на постоење? Дали сте биле вие некогаш морални, без да бидете заинтересирани за тоа, без да сте притаиле во длабочината на душата неморални, егоистички мотиви?
Откако либералната политичка економија стори се` што зависеше од неа, да го направи општо непријателството, преку уништувањето на националностите, да го претвори човештвото во глутница на стрвни ѕверови, - бидејќи што друго претставуваат конкурентите? - што се поголтнуваат меѓусебе токму затоа што секој со другите сите има ист интерес, - по таквата претходна работа нејзе `и преостануваше да стори уште еден чекор - распаѓањето на семејството. За да го постигне тоа, нејзе `и дојде на помош нејзиниот сопствен мал пронајдок - фабричкиот систем. Последните остатоци на општи интереси - семејната заедница на имотот - се поткопани од фабричкиот систем и - барем тука, во Англија - веќе се наоѓаат во процес на распаѓање. Стана сосем обична, секојдневна појава, децата што штотуку одвај станале работоспособни, т.е. достигнале деветгодишна возраст, да ја трошат својата заработка за себе, во татковскиот дом гледаат само просто платено засолниште и им даваат на своите родители извесна награда за јадењето и живеалиштето. Па и како би можело да биде инаку? Што друго би можело да се добие од поделеноста на интересите, што лежи во основата на системот на слобода на трговијата? Еднаш приведен во движење, било кој принцип самиот се пробива низ сите свои последици, независно од тоа дали тоа им се допаѓа на економистите или не.
Но, економистот сам не знае на какво дело му служи. Тој не знае дека тој со сето свое егоистичко резонерство прави само алка во синџирот на општиот прогрес на човештвото. Тој не знае дека со своето распаѓање тој само му пробива пат на оној голем пресврт, во пресрет на кој се движи нашиот век - помирувањето на човештвото со природата и со самото себеси.
Следната категорија, обусловена од трговијата, претставува вредноста. По прашањето за таа категорија, исто онака како и во однос на сите други категории, не постои никаков спор меѓу старите и новите економисти, затоа што на приврзаниците на монополот, непосредно обземени од страста за обогатување, не им остануваше време за занимавање со категории. Сите спорови за такви прашања потекнуваат од поновите економисти.
Економистот што оперира со спротивности, природно има работа и со двојна вредност: апстрактна, или реална вредност и разменска (прометна) вредност. За сушноста на реалната вредност имаше долг спор меѓу Англичаните, што ги сметаа трошоците за производство за израз на реалната вредност, и Французинот Сеј, кој тврдеше дека таа вредност се мери со корисноста на предметот. Спорот се завлечка од почетокот на овој век и стивна без да добие решение. Економистите не можат ништо да решат.
Значи, Англичаните - особено Мак Кулох и Рикардо - тврдат, дека апстракната вредност на нешто се определува од трошоците за производство. Забележете, апстрактна вредност, а не разменска вредност, exchangeable value, вредност во трговијата, којашто, според нивните зборови, претставува нешто сосем друго одошто апстрактната вредност. Зошто трошоците за производство претставуваат мерило на вредноста? Затоа што - слушајте, слушајте! - при обични околности, и ако не се зема во обѕир конкуренцијата, никој не би продавал нешто поевтино одошто нему што му чини неговото производство. Не би го продавал? Но, тука не станува збор за трговската вредност, - што ни е нам грижа за „продажбата“? Заедно со оваа последнава веднаш на сцената се појавува и трговијата, којашто ние токму се спогодивме да ја оставиме настрана, - и каква трговија! - таква што не е принудена да го зема во обѕир главното - конкуренцијата! Отпрвин ние имавме апстрактна вредност, сега имаме во дополнување апстрактна трговија, трговија без конкуренција, т.е. човек без снага, мисла без мозок, што ја породува мислата. И зарем на економистот воопшто не му доаѓа на ум дека ако ја оставиме конкуренцијата настрана, тогаш нема никаква гаранција дека производителот ќе ја продава својата стока токму според трошоците за производство? Каква бркотница!
Понатаму! Да допуштиме за миг дека сево ова е така, како што вели економистот. Да допуштиме дека некој со голема загуба на труд и огромни трошоци направил сосем бескорисен предмет, за кој никој човек нема побарувачка, - зарем и таквиот предмет чини колку трошоците за производство? Ни најмалку не, одговара економистот, па кој ќе сака да го купи? Значи, ние наеднаш тука ја имаме не само прочуената корисност на Сеј, туку, заедно со „купувачката“ - и конкуренцијата. Се добива неможна ситуација, економистот ни за миг не е во состојба да `и остане верен на својата апстракција. Не само конкуренцијата, којашто тој со толку мака се труди да ја отстрани, туку и корисноста, на која тој напаѓа, секој миг незабележно се вовлекува во неговите расудувања. Апстрактната вредност и нејзината определба со трошоците за производство претставуваат токму само апстракции, нереалности.
Но, за миг да допуштиме уште еднаш дека економистот е прав, - на каков начин мисли тој да ги определи трошоците за производство, ако не ја зема во пресметка конкуренцијата? Ние ќе видиме при иследувањето на трошоците за производство, дека и таа категорија е заснована врз конкуренцијата. И тука одново ќе се покаже колку е економистот неспособен доследно да ги спроведува своите тврдења.
Ако преминеме кон Сеј, тогаш ќе ја најдеме истата таа апстракција. Корисноста на предметот е нешто чисто субјективно, што воопшто не се подава на определба во апсолутна форма; се разбира, таа не се подава на определба барем дотогаш додека луѓето се плеткаат во спротивности. Според таа теорија, предметите што се најнужни би морале да имаат поголема вредност одошто предметите за луксуз. Единствено можен пат, што доведува до некакво барем донекаде објективно, навидум општо решение за поголема или помала корисност на еден предмет, при господствувањето на приватната сопственост, е конкуренцијата, а меѓутоа токму таа и мора да биде оставена настрана. Но, штом се допуштат односите на конкуренцијата, тогаш со нив се јавуваат и трошоците за производство, бидејќи никој нема да продава поевтино од она што од самиот него е вложено за производство. Значи, и тука, сакале-нејќеле, едната страна на спротивноста преминува во другата.
Да се обидеме да внесеме јасност во таа бркотница. Вредноста на предметот ги содржи во себе обата фактора, насилно и, како што видовме, безуспешно разединувани од спорните страни. Вредноста е однос на трошоците за производство спрема употребливоста. Следната примена на вредноста е во решавањето на прашањето за тоа дали воопшто чини да се произведува даден предмет, т.е. дали неговата употребливост ги покрива трошоците за производство. Само по тоа може да станува збор за примената на вредноста за размена. Ако трошоците за производство на два предмета се еднакви, тогаш употребливоста ќе биде решавачки момент во определувањето на нивната споредбена вредност.
Таа основа е единствено правилната основа на размената. Но, ако се тргнува од неа, кој ќе го решава прашањето за употребливоста на предметите? Дали просто мислењето на учесниците во размената? Тогаш, една од двете страни секако ќе биде измамена. Или пак мора да постои таква определба, што е заснована на употребливоста, својствена на самиот предмет, - определба што не зависи од учествувачките страни и останува нејасна за нив? Тогаш, размената би можела да се остварува по принуда, и секој учесник во размената би се сметал за измамен. Без уништувањето на приватната сопственост, не може да се уништи таа спротивност меѓу стварната, на самиот предмет својствена употребливост, и определбата на таа употребливост, меѓу определбата на употребливоста и слободата на разменувачите; а кога приватната сопственост ќе биде уништена, тогаш нема да биде можно да се зборува за размена во таков вид, во каков што постои сега. Практичната примена на поимот за вредноста тогаш се` повеќе ќе се ограничува со решението на прашањето за производството, а тоа и е негова вистинска сфера.
A каква е положбата на работите сега? Ние видовме дека поимот на вредноста e насилно раскинат и дека секоја од неговите одделни страни со врева се прогласува за целост. Трошоците за производството, коишто уште од самиот почеток се изопачуваат од конкуренцијата, мораат да ја играат улогата на самата вредност; таква иста улога мора да игра чисто субјективната употребливост, бидејќи никаква инаква употребливост сега не може да има. За да им се помогне на тие сакати определби, да застанат на нозе, нужно е во обата случаи да се зема во обѕир конкуренцијата; и најинтересното е тука тоа, што кај Англичаните, кога зборуваат за трошоците на производството, конкуренцијата го зема местото на употребливоста, додека, напротив, кај Сеј, кога зборува за употребливоста, конкуренцијата ги внесува со себе трошоците на производството. Но, каква употребливост, какви трошоци на производството внесува таа! Нејзината употребливост зависи од случајноста, од модата, од волјата на богатите, нејзините трошоци на производството се повишуваат или се снижуваат во зависност од случајниот однос меѓу побарувачката и понудата.
Во основата на разликата меѓу реалната вредност и разменската вредност лежи токму тој факт, што вредноста на предметот се разликува од таканаречениот еквивалент, даван за него во трговијата, т.е. дека тој еквивалент не претставува еквивалент. Тој таканаречен еквивалент е цената на предметите, и кога економистот би бил чесен, тогаш тој би го употребувал тој збор наместо „трговска вредност“. Но, токму заради тоа, неморалноста на трговијата да не излегува мошне на видело, економистот е принуден се` уште да запазува барем сенка од привидноста на тоа дека цената некако е сврзана со вредноста. А дека цената се определува од меѓусебното дејство на трошоците за производство и конкуренцијата, тоа е сосем точно, тоа е главен закон на приватната сопственост. Тој чисто емпириски закон и е она првото што го нашол економистот, и оттука тој потем ја апстрахирал својата реална вредност, т.е. цената што се установував тогаш кога односот на конкуренцијата се урамнотежува, кога побарувачката и понудата се покриваат една со друга. Тогаш, природно, остануваат на лице само трошоците на производството, и тоа економистот го вика реална вредност, додека всушност ние имаме тука работа само со извесна определеност на цената. Но, во политичката економија е се` на таков начин поставено со главата надолу: вредноста, што претставува нешто првично, изворот на цената, се става во зависност од последната, од својот сопствен производ. Како што е познато, тоа изопачување и ја формира сушноста на апстракцијата, за кое види кај Фоербах.
Според гледиштето на економистот, трошоците на производството на стоката се состојат од три елемента: од земјишната рента за парчето земја, неопходно за производство на суровини, од капиталот заедно со доходот од него и од наемнината за трудот, потребен за производството и обработката. Но, веднаш се покажува дека капиталот и трудот се идентични, бидејќи самите економисти признаваат дека капиталот е „натрупан труд“. На таков начин, нам ни преостануваат само две страни: природната, објективна - земјата, и човечката, субјективна - трудот, што го вклучува во себе капиталот и уште нешто трето, за коешто економистот и не мисли, - јас го имам предвид, паралелно со физичкиот елемент на простиот труд, духовниот елемент на пронајдувањето, мислата. Каква работа има економистот со духот на пронајдувањето? Зарем не се здобил тој со сите пронајдувања без свое учество? Зарем било кое од нив му чинело нешто? Па, зошто тогаш во таков случај има да се беспокои за нив при пресметнувањето на своите трошоци на производството? Услови за богатството за него се земјата, капиталот и трудот, и ништо повеќе нему не му треба. Нему не му е грижа ни за науката. Иако науката нему му дала подароци преку Бертоле, Деви, Либих, Ват, Картрајт итн.[3], подароци, што го издигнаа него самиот и неговото производство на невидена дотогаш височина, - што му е нему грижа за тоа? Такви работи тој не може да смета, успесите на науката излегуваат од рамките на неговите пресметки. Но, при еден разумен поредок, што стои над раздробеноста на интересите, како што е тоа кај економистите, духовниот елемент, се разбира, ќе влегува во бројот на елементите на производството и ќе си го најде своето место меѓу трошоците на производството и во политичката економија. И тука, се разбира, ние сo чувство на задоволување се научуваме дека работата во областа на науката се наградува исто така и материјално, дознаваме дека само една таква добивка на науката, како што е парната машина на Џемс Ват, му донесла на светот за првите педесет години на своето постоење, повеќе одошто светот уште од самиот почеток потрошил за развитокот на науката.
Значи, ние имаме во дејство два елемента на производството - природата и човекот, а последниот, од своја страна, со неговите физички и духовни својства; сега можеме да се вратиме кон економистот и кон неговите трошоци на производството.
Сето она што не може да биде монополизирано, нема вредност, — така вели економистот; таа поставка ние ќе ја иследиме подоцна поподробно. Кога велиме: нема цена, — таа поставка е вистинита за устројството, засновано на приватната сопственост. Кога би било можно толку лесно да се добива земјата како воздухот, ниеден човск не би плаќал земјипша рента. Но, штом тоа не е така и површината на присвојуваната земја во секој одделен случај е ограничена, тогаш мора да се плаќа земјишна рента за присвоената т.е. монополизираната земја, или да се купува по продажната цена. Но по такво објаснување на потеклото на вредноста на земјата, мошне е чудно да се чуе од економистот дека земјишната рента претставува разлика меѓу доходноста на парчето земја, што донесува рента, и најлошото парче земја, што го исплатува само трудот за неговата обработка. Како што е познато, таква определба на земјишната рента најпрвин во потполност е развиено кај Рикарда. Таа определба, вистина, е практично точна, ако се претпостави дека опаѓањето на побарувачката моментно се одразува на земјишната рента, и уште веднаш отстранува од обработка соодветно количество најлоша обработлива земја. Но, тоа не е така, и затоа дадената определба е недостатна, освен тоа таа не ги вклучува причините за потеклото на земјишната рента, и веќе затоа мора да отпадне. Полковникот Т. П. Томпсон, приврзаник на Лигата против законите за житото, во спротивност на таа определба се врати кон определбата на Адам Смит и ја образложи. Според неговото мислење, земјишната рента е однос меѓу конкуренцијата на оние што бараат користење на земјата и ограниченото количество земја, што ја има на располагање. Тука, во крајна линија, е на лице враќање кон прашањето за потеклото на земјишната рента; но тоа објаснение ги исклучува разликите во плодородноста на земјиштето, исто онака како што погоре спомената определба ја испушта од предвид конкуренцијата.
Значи, одново имаме две еднострани и затоа половични определби на еден и ист предмет. Како и при разгледувањето на поимот за вредноста, ние и тука мораме да ги соединиме обете тие определби, за да ја најдеме правилната определба, што произлегува од развитокот на самиот предмет, и затоа ги опфаќа сите случаи што се сретнуваат во практиката. Земјишната рента е однос меѓу плодноста на парчето земја, природната страна (што од себе се состои од природни својства и човековата обработка, трудот, вложен за нејзиното подобрување) — и човечката страна, конкурекцијата. Нека си ја нишкаат главата економистите поради оваа „определба“, за свој ужас тие ќе увидат дека таа го содржи во себе сето она што се однесува за работата.
Земјопоседникот веќе не може ништо да му префрла на трговецот. Тој пљачкосува монополизирајќи ја земјата. Тој ограбува, обрнувајќи го во своја корист порастот на населението, што ја зголемува конкуренцијата, а со неа и вредноста на неговото парче земја, претворувајќи го во извор иа своја лична корист она што сосем случајно му припаднало. Тој ограбува, кога ја дава својата земја во аренда, присвојувајќи си ги на крајот сите подобрувања направени од неговиот арендатор. Во тоа се наоѓа тајната на сето нараснувачко богатство на крупните земјопоседници.
Аксиомите што го квалифицираат начинот на печалење на земјопоседникот како пљачкосување, а кои токму тврдат дека секој има право на производот од својот труд, или дека никој не треба да жнее онаму каде што не сеел, не претставуваат наше тврдење. Првата аксиома ја исклучува обврзаноста да се хранат децата, втората го лишува секое поколение од правото на постоење, бидејќи секое поколение го наследува она што му го предоставило претходното поколение. Тие аксиоми, напротив, претставуваат последици на приватната сопственост. Нужно е или да се остварат сите последици што произлегуваат од неа, или да се откаже од неа како од претпоставка.
Дури самото првобитно присвојување на земјата се оправдува со помош на тврдењето дека уште постоело правото на заедничка сопственост. Значи, на каде и да се свртиме, приватната сопственост не` доведува до противречности.
Да се направи земјата предмет за продавaње, земјата што за нас претставува се`, што претставува прв услов за нашето постоење, беше последен чекор кон самопродавањето; тоа било и до денешниот ден и останува таква неморалност што ја надминува само неморалноста на трговијата со себе. И првобитното присвојување на земјата, нејзиното монополизирање од малкумина, лишувањето на сите други од основниот услов за нивното постоење, не отстапува со ништо од неморалноста на подоцнежното продавање на земјата.
Ако и тука ја отстраниме приватната сопственост, тогаш земјишната рента ќе се сведе на својата вистина, на она разумно гледање, што всушност лежи во нејзината основа. Од земјата во вид на рента одделената вредност на земјата тогаш ќе `и се врати на самата земја. Таа вредност измерувана со производната способност на еднакви површини при еднакво количество вложен труд, навистина мора да биде примена во пресметка при определувањето на вредноста на производите како дел од трошоците на производството, и како земјишната рента претставува однос на производната способност спрема конкуренцијата, но спрема вистинската конкуренција, кон онаа што ќе се развие во свое време.
Ние видовме дека капиталот и трудот првобитно се идентични; од расудувањата на самиот економист ние понатаму гледаме дека капиталот, резултат на трудот, во процесот на производството уште веднаш одново станува супстрат, материјал на трудот; дека, значи, произведеното за миг одделување на капиталот од трудот ушге веднаш одново се уништува во единството на обата нив; и сепак економистот го одделува капиталот од трудот, и сепак тој цврсто се држи за таа поделба, признавајќи го нивното единство само во вид на определбата на капиталот како „натрупан труд“. Расцепот меѓу капиталот и трудот, што произлегува од приватната сопственост, не е ништо друго, туку поделба на трудот во себе самиот, што одговара на таа поделена состојба и што произлегува од неа. А откако е довршена таа поделеност, капиталот одново се поделува на првичниот капитал и на профитот, прирастот на капиталот, добиван од него во процесот на производството, иако практиката уште веднаш одново го присоединува тој профит кон капиталот и заедно со него го пушта во циркулација. Па и самата добивка од своја страна се разделува на проценти и вистинска добивка. Во процентите неразумноста на тие разделувања достигнува највисок степен. Неморалноста на давањето пари на заем, добивањето приход без вложување труд, само заради предоставеното позајмување, иако веќе има свој корен во приватната сопственост, е мошне очебијна и одамна спознаена од непредубедената народна свест, којашто обично се покажува права во таквиот вид работи. Сите тие тенки расцепувања и разделувања настануваат од првобитната поделеност на капиталот од трудот и поделбата на човештвото, што ја завршува таа разделеност, на капиталисти и работници, разделеност што се изострува со секој ден, и како што ќе видиме, што мора постојано да се засилува. Но таа одделеност иа капиталот од трудот, како и веќе разгледаното од нас одделување на земјата од капиталот и трудот, се покажува на крајот како нешто невозможно. Никако не може да се определи каков дел во еден или друг определен продукт им припаѓа на земјата, капиталот и трудот. Тие три величини се несоизмерливи. Земјата создава суров материјал, но не без капиталот и трудот; капиталот претпоставува наличност на земја и труд, а трудот претпоставува барем земја, во поголем број случаи и капитал. Функциите на тие три елемента се сосем разновидни и не можат да бидат измерени со некаква четврта заедничка мерка. Затоа, кога при сегашните односи, доаѓа до поделба на приходот меѓу овие три елемента, тогаш за нив не може да се најде никаква внатрешна ним својствена мерка, и работата ја решава сосем туѓа, за нив случајна мерка: конкуренцијата, или рафинираното право на посилниот. Земјишната рента ја вклучува во себе конкуренцијата; профитот од капиталот се определува само од конкуренцијата, а како стои работата со надницата, - ќе видиме сега.
Штом ќе ја отстраниме приватната сопственост, ќе отпаднат сите тие противприродни поделености. Ќе отпадне разликата меѓу процентите и профитот; капиталот не е ништо без трудот, без движење. Значењето на добивката се сведува на значењето на оној тег што капиталот го клава на терезијата при определувањето на трошоците на производството и таа добивка му е инхерентна на капиталот, како што и тој самиот ќе се врати кон првичното единство на капиталот и трудот
Трудот, главното во производството, „изворот на богатството“, слободната дејност на човекот, се покажува кај економистот во непогодна положба. Како што веќе капиталот бил одделен од трудот, така сега пак трудот се разделува повторно; производот на трудот му противстои на трудот во вид на надница, тој е одделен од трудот, и како што е вообичаено, пак се определува од конкуренцијата, бидејќи за определувањето на уделот на трудот во производството, како што видовме, нема цврста мерка. Штом ќе ја уништиме приватната сопственост, ќе отпадне и таа неприродна поделба; трудот ќе стане своја сопствена награда, и со полна јасност ќе се покаже вистинското значење на порано оттуѓената надница: значењето на трудот за определувањето на трошоците на производството на некој предмет.
Ние видовме дека, на крајот на краиштата, додека постои приватната сопственост, се` се сведува на конкуренцијата. Таа е главна категорија на економистот, негова најсакана ќерка, којашто тој не престанува да ја гали и да ја милува, — но погледнете, какво медузино лице се открива тука. Прва последица на приватната сопственост беше подедбата на производството на две спротивни страни — природната и човечката, на земјата, којашто без нејзиното оплодување од човекот е мртва и бесплодна, и на човечката дејност, чиј што прв услов претставува токму земјата. Ние понатаму видовме дека човечката дејност од своја страна се распадна на труд и капитал, и како непријателски истапија тие страни една против друга. На таков начин, кај нас веќе се доби борбата на сите тие три елементи еден против друг, наместо нивното меѓусебно поткрепување; сега, во дополнување на тоа, приватната сопственост носи со себе раздробување на секој од тие три елемента. Едно парче земја му противстои на друго, еден капитал — на друг капитал, една работна сила – на друга работна сила. Со други зборови, бидејќи прттватната сопственост го изолира секој во неговата сопствена група одделеност и бидејќи секој, меѓутоа, има ист интерес како и неговиот сосед, тогаш земјопоседникот непријателски му противстои на земјопоседникот, капиталистот — на кашгталистот и работникот — на работникот. Во тоа непријателство на еднакви интереси, токму поради нивната еднаквост, се довршува неморалноста на сегашната состојба на човештвото и тоа нивно довршување е конкуренцијата.
Спротивност на конкуренцијата е монополот. Монополот беше борбена парола на меркантилистите, а конкуренцијата - воинствен извик на либералните економисти. Не е тешко да се види дека таа спротивност од своја страна е сосем лишена од содржина. Секој конкурент мора да сака за себе монопол, било да е работник, капиталист или земјопоседник. Секоја мала група конкуренти мора да сака монопол за себе против сите други. Конкуренцијата се заснова врз интересот, а интересот одново создава монопол; накусо речено, конкуренцијата преминува во монопол. Од друга страна, монополот не може да го запре поројот на конкуренцијата; дури и повеќе, тој самиот породува конкуренција, како што забранувањето на увозот или високите царини директно ја породуваат конкуренцијата на шверцот. — Противречноста на конкуренцијата е наполно иста како и противречноста на самата приватна сопственост. Во интерес на секој одделен човек е да поседува се`, а во интерес на општеството — секој да поседува еднакво со другите. На таков начин, општиот и приватниот интерес се дијаметрално спротивни. Противречноста на конкуренцијата се состои во тоа што секој мора да сака за себе монопол, додека сето општество како такво мора да губи од монополот, и затоа мора да го отстранува. Дури и повеќе, конкуренцијата веќе претпоставува монопол, а токму монополот на сопственоста, — тука одново истапува на видело лицемерството на либералите, — и се` дотогаш додека постои монопол на сопственоста, дотогаш и сопственоста на монопол има еднаква оправданост со неа, бидејќи еднаш веќе даден монопол — е сопственост. Затоа, колку е бедна половичноста да се напаѓа на малите монополи и да се запазува основниот монопол! Иако ја додадеме тука уште и погоре споменатата поставка на економистот, — дека сето она што не може да биде предмет на монолол нема вредност, значи, сето она што не допушта такво монополизирање, не може да стапи во таа борба на конкуренцијата — тогаш нашето тврдење дека коикуренцијата претпоставува монопол ќе се покаже наполно оправдано.
Законот на конкуренцијата се состои во тоа дека побарувачката и понудата постојано се стремат да се совпаднат една со друга, и токму затоа никогаш не се совпаѓаат. Обете страни се одделуваат една од друга, и се претвораат во остра спротивност. Понудата секогаш следува непосредно по побарувачката, но никогаш не се случува таа да се поклопува со неа токму; таа е или мошне голема, или мошне мала, но никогаш не одговара на побарувачката, затоа што во оваа несвесна состојба на човештвото, никој не знае колку е голема побарувачката или понудата. Ако побарувачката е поголема од понудата, тогаш цената се повишува и со тоа како да се возбудува понудата: штотуку таа зголемена понуда ќе се појави на пазарот, цените се снижуваат, и ако понудата стане поголема од побарувачката, тогаш опаѓањето на цените ќе биде толку значително, што поради тоа од своја страна ќе се зголеми побарувачката. Така станува за сето време; никогаш нема здрава состојба, туку е секогаш на лице смена на поттикнување и олабавување, што исклучува секаков прогрес, вечно колебање, што никогаш не доаѓа до крај. Тој закон, со неговото постојано изедначување, при кое изгубеното на едно место се надополнува на друго, економистот го смета за прекрасен. Тоа е негова главна гордост, тој не може да се засити гледајќи на него, и го разгледува при сите можни и невозможни услови. И сепак е јасно дека тој закон е чисто природен закон, а не закон на духот. Тоа е закон што ја породува револуцијата. Економистот се јавува со својата прекрасна теорија за побарувачката и понудата, ви докажува дека „никогаш не може да биде произведено прекумерно многу“, а практиката одговара со трговски кризи, што се појавуваат одново исто толку регуларно, како кометите, и кај нас сега ги има просечно секои пет — седум години. Последниве осумдесет години тие трговски кризи настапуваа исто толку редовно, како порано големите епидемии, и донесуваа со себе повеќе беди, повеќе неморалност одошто епидемиите (види: Џон Вејд, „Историја на средната и работничката класа“, Лондон 1835, стр. 211)[4]. Се разбира, тие трговски револуции го потврдуваат законот, го потврдуваат во најполна мера, но не на оној начин како што ни го претставува тоа економистот. Што треба ние да мислиме за таков закон, којшто може да си пробие пат само преку посредството на периодични револуции? Тоа и е природен закон заснован врз тоа што тука учесниците дејствуваат несвесно. Кога производителите како такви би знаеле колку им е потребно на потрошувачите, кога тие би го организирале производството, кога би го распределиле меѓу себе, тогаш колебаљата на конкуренцијата и нејзината наклонетост кон кризи би биле невозможни. Почнете да произведувате свесно, како луѓе, а не како распрснати атоми, што немаат свест за својата генеричка заедница, и вие ќе се спасите од сите тие искуствени и неодржливи спротивности. Но, дотогаш, додека го продолжувате производството на сегашниов несвесен, бесмислен, на господството на случајноста предоставен начин, дотогаш ќе останат и трговските кризи; и секоја следна криза мора да биде поуниверзална, значи — потешка од претходната, мора да упропастува поголем број мали капиталисти и во нараснувачка прогресија да ја зголемува бројноста на класата, што живее само од трудот, мора, значи, чувствително да ја зголемува масата луѓе што имаат потреба од добивање работа, што претставува главен проблем на нашите економисти, и најпосле сето тоа мора да предизвика таква социјална револуција каква што не ни сонува школската мудрост на економистите.
Вечното колебање на цените, создавано од условите на конкуренцијата, конечно ја лишува трговијата од последните траги на моралност. За вредноста не станува веќе ни збор. Самиот тој систем, кој, се чинеше, и придаваше такво значење на вредноста, којшто ја издигаше апстракцијата на вредноста, во форма на пари, во ранг на некакво посебно постоење, — самиот тој систем разурнува преку конкуренцијата секаква внатрешна на нештата инхерентна вредност, и секојдневно и секојчасовно го променува односот на вредноста на сите предмети еден спрема друг. Па каде во тој виор останува можноста за размена заснована врз морални начела? Во тоа непрестајно колебање нагоре-надолу секој мора да се труди да го погоди најповолниот момент за купување и продажба, секој мора да стане спекулант, т.е. да жнее онаму каде што не сеел, да се обогатува за сметка на загубата на други, да ги прави своите пресметки врз туѓа несреќа, или да се користи од случајноста за печалење. Шпекулантот секогаш смета со неволите, особено со неродните години, тој користи се`, како на пример своевремено пожарот во Њујорк; но кулминациона точка на неморалот претставува берзанската спекулација со вредносни хартии, што ја понижува историјата, а со неа и човештвото до улогата на средство, што ја задоволува лакомоста на пресметливиот или на ризик готов спекулант. Но нека чесниот, „солиден“ трговец не фарисејствува по повод на берзанската игра: сполај ти, господе, итн. Тој трговец е исто толку одвратен, како и спекулантите со вредносни хартии, тој во исто толкав степен спекулира како и тие, тој мора да спекулира — конкуренцијата го принудува на тоа,—и неговата трговија ја содржи, значи, истата таа неморалност, како и зделките на берзијанците. Вистината на конкуренцијата е во односот на потрошувачката сила спрема производната сила. Во поредок, достоен за човештвото, нема да има инаква конкуренција освен таа. Општеството ќе мора да пресметне што може да произведе со помошта на средствата што му се наоѓаат на негово располагање, и соодветно со односот на таа производна сила спрема масата потрошувачи, да определи доколку треба да се зголеми или да се намали производството, доколку треба да го допушти или да го ограничи луксузот. Но за да судат правилно за тој однос, и за тоа какво зголемување на производната сила може да се очекува од разумното уредување на општеството, моите читатели нека ги прочитаат трудовите на англиските социјалисти, а делум исто така и Фурие.
Конкуренцијата на одделни лица меѓу себе, соперништвото на капиталот со капитал, трудот со труд итн. при тие услови ќе се сведе на натпревар, заснован на човечката природа, и кое засега е во извесна мера разјаснето само од страна на Фурие, - натпреварување што, со отстранувањето на спротивни интереси, ќе биде ограничено на нему својствена своевидна и разумна сфера.
Борбата на капиталот со капитал, трудот со труд, земјишната сопственост со земјишна сопственост го доведува производството во состојба на треска во која сите негови природни и разумни односи се поставуваат со главата надолу. Ниеден капитал не може да ја издржи конкуренцијата на друг, ако не ја развие својата дејност до највисок степен. Ниедно парче земја не може да биде обработено со корист, ако неговата производност постојано не се зголемува. Ниеден работник не може да се одржи против своите конкуренти, ако не `и ги посвети на работата сите свои сили. Воопшто никој од оние што се вовлечени во конкурентската борба не може да ја издржи неа без крајно напрегање на сите свои сили, без одрекување од сите вистински човечки цели. Како последица на такво вонредно напрегање, од една страна, неизбежно се појавува на друга страна исцрпеност. Кога колебањето на конкуренцијата е незначително, кога побарувачката и понудата, потрошувачката и производството се речиси еднакви едни со други, во развитокот на производството мора да настапи таков стадиум во кој ќe ce покаже толку многу одвишна производна сила, што огромна маса од народот ќе немаат со што да живеат, што ќе почнат луѓето да умираат од глад — а токму од преобилност. Во таа апсурдна положба, во таа состојба на отелотворена бесмисленост веќе подолго време се наоѓа Англија, а ако производството се колеба посилно, што е неопходна последица на опишаната положба на работите, тогаш настапува сменување на расцут и криза, прекумерно производство и застој, едно по друго. Економистот никогаш не можел да си ја објасни таа безумна состојба; за да ја објасни, тој ја измислил теоријата за населеноста, којашто е исто без смисла и дури побесмислена одошто таа противречност на истовремено постоење на богатството и бедата. Економистот не посмеал да ја види вистината; тој не посмеал да признае дека таа противречност е просто последица на конкуренцијата, зашто инаку сиот негов систем би бил срушен.
А за нас тоа е работа што може лесно да се објасни. Производната сила што се наоѓа на располагање на човештвото е безгранична. Плодноста на земјата може да биде бескрајно зголемена со примената на капиталот, трудот и науката. „Пренаселената“ Велика Британија, според пресметките на најсолидните економисти и статистичари (види Алисон, „Основи на населението“, том I, гл. 1 и 2[5]), може во текот на десет години да биде доведена во таква состојба, да произведе достатно леб за население шест пати поголемо одошто сегашното. Капиталот се зголемува со секој ден, работната сила расте заедно со порастот на населението, а науката со секој ден сé повеќе и повеќе им ги потчинува на луѓето силите на природата. Таа безгранична производна способност, искористена свесно и во интерес на сите, наскоро до минимум би го намалила трудот што му паѓа во дел на човештвото; оставена на конкуренцијата, таа го исполнува истото тоа, но во рамките на спротивноста. Еден дел од земјата се подлага на најдобра обработка, додека друг - во Велика Британија и Ирска 30 милиона акри добра земја - останува необработена. Еден дел од капиталот циркулира со неверојатна брзина, а друг лежи мртов во сандаци. Еден дел од работниците работат по четиринаесет – шеснаесет часа на ден, додека друтиот дел остануваат безделно, без работа и умираат од глад. Или истите спротивности не истапуваат истовремено; денеска трговијата врви добро, побарувачката е мошне значителна, насекаде врви работата, капиталот циркулира со зачудувачка брзина земјоделството цути, работниците работат до изнеможеност, - утредента настапува застој, земјоделството не може да ги исплати вложените усилби во него, големи површини земја остануваат необработени, капиталот во кулминацијата на движењето наеднаш застинува, работниците остануваат без работа и сета земја страда од одвишно богатство и од одвишно население.
Ваквиот тек на работите не може економистот да го признае за правилен; инаку тој би морал, како што е речено, да се откаже од сиот свој систем на конкуренција; тој би морал да ја здогледа сета бесмисленост на своето спротивставување на производството и потрошувачката, одвишното население и одвишното богатство. А да го доведе тој факт во согласност со теоријата, - па самиот факт не можел да биде одречен, - беше пронајдена теоријата за населението.
Малтус, основоположник на таа доктрина, тврди дека населението секогаш врши притисок врз средствата за постоење, дека со зголемувањето на производството во исто толкав степен се зголемува и населението, и дека на населението својствената тенденција да се размножува повеќе одошто има на свое располагање средства за постоење претставува причина за сета сиромаштија, сите пороци, зашто каде има мошне многу луѓе, таму тие на еден или друг начин мораат да бидат отстранети: треба или насилно да бидат убиени, или пак мораат да умрат од глад. А штом ќе настане тоа, одново се појавува празнина, што уште веднаш одново се пополнува со размножувањето на преостанатото население, и одново настапува поранешната беда. И така станува, божем, во сите услови, не само во цивилизирана, но и во природна состојба; дивјаците на Нова Холандија[6], каде што на една квадратна милја доаѓа по еден човек, исто толку мошне силно страдаат од пренаселеност, како и Англија. Кусо речено, ако сакаме да бидеме доследни, тогаш мораме да признаеме дека земјата била пренаселена уште тогаш кога постоел само еден човек. И еве од тоа расудување се извлекува заклучокот, дека бидејќи токму сиромашните се оние што се одвишни, тогаш за нив не треба да се прави ништо друго освен по можност да им се олесни смртта од гладување, да се убедат дека тука ништо не може да се измени, дека единствен спас за сета нивна класа е во тоа колку што е можно помалку да се размножуваат, или, ако од тоа ништо не се добива, тогаш следува, во крајна линија, да се образува државна установа за безболно умртвување на децата на сиромашните, како што го предлагаше тоа „Маркус“;[7] при тоа секое работничко семејство треба да има две и пол деца, а што е повеќе да се убие безболно. Подавањето милостиња се смета за злосторство, зашто тоа го зголемува прирастот на одвишното население; затоа се смета за мошне корисно да се објави сиромашноста за злосторство и домовите за бедни да се претворат во казнени заводи, како што е тоа веќе сторено во Англија со новиот „либерален“ закон за бедните[8]. Вистина, таа теорија мошне лошо се согласува со библиското учење за совршенството на господа и неговите созданија, но „лошо е она побивање што на фактитe им ја противставува библијата“!
Дали треба и понатаму уште поподробно да ја излагам оваа гнасна, ниска доктрина, оваа одвратна бласфемија против природата и човештвото, и да се следат нејзините понатамошни заклучоци? Па најпосле тука пред нас истапува неморалноста на економистот во нејзината највисока форма. Што значат сите војни и стравотии на системот на монополите во споредба со оваа теорија? А токму таа претставува оној завршен камен во либералниот систем на слободата на трговијата, со чие паѓање мора да се урне сета зграда. Зашто веќе е докажано дека конкуренцијата се појавува тука како првопричина за сиромаштијата, бедата, злосторството, па кој тогаш уште ќе се реши да каже збор во нејзина одбрана?
Алисон, во погоре споменатото дело, ја разниша Малтусовата теорија, апелирајќи на производната сила на земјата и спротивставувајќи му го на принципот на Малтус фактот дека секој возрасен човек може да произведе повеќе одошто троши самиот, - факт без кој човештвото не би можело да се размножува, дури и повеќе не би можело дури ни да постои; инаку со што би живеело поколението допрва што нараснува? Но Алисон не проникнува во сушноста на работите и затоа на крајот на краиштата доаѓа до истиот резултат како и Малтус. Вистина, тој ја докажува неправилноста на Малтусовиот принцип, но не е во состојба да ги оспори фактите што го довеле Малтуса до неговиот принцип.
Ако Малтус не би гледал толку еднострано на работата, тогаш тој бездруго би видел дека одвишното население или одвишната работна сила секогаш е сврзана со одвишно богатство, одвишен капитал и одвишна земјишна сопственост. Населението станува мошне големо само таму каде што е мошне голема производната сила воопшто. Тоа најјасно ја покажува состојбата на секоја пренаселена земја, особено на Англија, во времето кога пишувал Малтус. Такви биле тие факти што морал Малтус да ги разгледа во нивната целокупност, и разгледувањето на кои треба бездруго да приведе до правилниот заклучок: наместо тоа тој се задржал на еден факт, на другите не им обрнал внимание, и затоа дошол до својот безумен заклучок. Втората грешка, сторена од него, се состоела во заменувањето на средствата за издржување со средствата за вработување. Дека населението секогаш врши притисок врз средствата за вработување, дека колкаво количество луѓе можат да бидат вработени и толкаво исто количество од нив и се произведува, накусо речено, дека производството на работна сила досега се регулирало со законот на конкуренцијата, и затоа исто така било подложно на периодични кризи и колебања, тоа е факт, чиешто утврдување претставува заслуга на Малтус. Но средствата за вработување не се истото она што се и средствата за издржување. При зголемувањето на силата на машините и порастот на капиталот, средствата за вработување пораснуваат само во краен резултат; а средствата за издржување нараснуваат незабавно, воопшто колку и да се зголеми производната сила. Тука истапува нова противречност на политичката економија. Побарувачката во разбирањето на економистот не е стварна побарувачка, потрошувачката во неговото разбирање е искуствена потрошувачка. За економистот стварен претставник на побарувачката, стварен потрошувач претставува само оној што може да понуди еквивалент за она што го добива. Но ако тоа е факт, дека секој возрасен човек произведува повеќе одошто може самиот да потроши, дека децата прилегаат на дрвја, што со одвишок ги враќаат за нив направените трошоци, — а тоа се сé факти, тогаш треба да се смета дека секој работник бездруго би требало да има можност да произведува значително повеќе од она одошто му е потребно, и затоа општеството би морало со волја да го снабдува со сé неопходно; би требало да се смета дека големото семејство мора да биде за општеството мошне сакан подарок. Меѓутоа, економистот, поради грубоста на своите погледи, не знае за никаков инаков еквивалент освен оној што се исплатува со опипливи готови пари. Тој толку се заплеткал во своите спротивности, што и најуверливите факти го беспокојат исто толку малку колку и самите научни принципи.
Ние ја уништуваме противречноста просто со тоа што ја укинуваме. При слевањето на сега спротивни интереси ќе исчезне спротивноста меѓу пренаселеноста, на една страна, и одвишното богатство, на друга, ќe исчезне тој чуден факт, почуден од сите чудеса на сите религии земени заедно, дека нацијата мора да умира од глад токму од богатство и одвишок; ќе исчезне безумното тврдење дека божем земјата не била во состојба да ги исхрани луѓето. Тоа тврдење е највисока мудрост на христијанската политичка економија, а дека нашата политичка економија всушност е христијанска, би можел да го докажам на секоја поставка, на секоја категорија во свое време и ќе го сторам тоа; теоријата на Малтус е само економски израз на религиозната догма за противречноста меѓу духот и природата и расипаноста на обете што произлегува оттука. Неоснованоста на таа противречност, што уште одамна e откриена во областа на религијата и заедно со неа, се надевам, јас ја покажав исто така и во областа на економијата; освен тоа јас нема да го признам за компетентен ниеден заштитник на Малтусовата теорија додека тој не ми објасни со нејзиниот сопствен принцип, на каков начин народот може да умира од глад и токму од одвишок, и додека економистот не го приведе тоа објаснување во согласност со разумот и фактите.
Теоријата на Малтус беше впрочем, сосем нужен преоден момент што не` доведе бескрајно напред. Со нејзина помош, како и воопшто со помошта на политичката економија, ние почнавме да обрнуваме внимание на производната сила на земјата и човештвото, и откако го надминавме тој економски систем на очаеност, се обезбедивме за секогаш од стравот од пренаселеноста. Од теоријата на Малтус ние ги црпиме најсилните економски аргументи во полза на социјалната преобразба, бидејќи дури кога Малтус би бил безусловно прав, тогаш сепак би било неопходно неодложно да се преземе таа преобразба, зашто само таа, само просветувањето на масите, остварливо благодаpejќи на таа преобразба, би го направило можно и тоа морално ограничување на инстинктот за размножување, којшто самиот Малтус го смета за најлесното и најуспешно средство против пренаселеноста. Преку таа теорија ние почнавме да го разбираме најдлабокото понижување на човештвото, неговата зависност од условите на конкуренцијата; таа ни покажа колку на крајот на краиштата приватната сопственост го претворила човекот во стока, производството и уништувањето на која исто така зависи само од побарувачката; како тој систем на конкуренцијата убивал и секојдневно убива милиони луѓе; сето тоа ние сме го увиделе и сето тоа не` поттикнува да се доврши со тоа понижување на човештвото преку уништувањето на приватната сопственост, конкуренцијата и спротивноста на интересите.
Да се вратиме, меѓутоа, уште еднаш кон прашањето за односот на производната сила спрема населението, за да покажеме колку е лишен од каква било основаност општо распространетиот страв од пренаселеноста. Сиот систем на Малтус е изграден врз следнава пресметка. Како божем населението да расне во геометриска прогресија: 1 + 2 + 4 + 8 + 16 + 32 итн., а производната сила на земјата во аритметичка прогресија: 1 + 2 + 3 + 4 + 5 + 6. Разликата е очевидна, застрашувачка, но дали е таа точна? Каде е докажано дека производната способност на земјата расте во аритметичка прогресија? Површината на обработуваната земја е ограничена, — да допуштиме. Работната сила применувана на таа површина расте со порастот на населението; да допуштиме дури дека големината на приносот со зголемувањето на трошоците на трудот не секогаш се зголемува во ист степен колку и трудот; тогаш останува уште третиот елемент, што за економистот, се разбира, нема никакво значење, — науката, а нејзиниот прогрес е исто така бескраен и, барем, исто толку брз колку и порастот на населението. Какви успеси им должи земјоделството на овој век само на самата хемија, дури само на двајца – на сер Хемфри Деви и Јустус Либих? Но науката расте барем со исто толкава брзина како и населението; населението расте пропорционално на бројноста од последното поколение, науката се движи напред пропорционално на масата знаења наследени од неа од претходните поколенија, значи, при најобични услови таа исто така расте во геометриска прогресија. А што е невозможно за науката? Смешно е, меѓутоа, да се зборува за пренаселеност додека „долината на Мисисипи има доволно необработена земја, што таму би можело да се премести сето население на Европа“[9], додека воопшто само една третина од земјата може да се смета за обработувана, а продукцијата од таа третина на земјата може да биде зголемена шестпати и повеќе, само преку применувањето на веќе сега познати усовршени начини на обработка.
Конкуренцијата, значи, му го спротивставува капиталот на капиталот, трудот на трудот, земјишната сопственост на земјишната сопственост, и на еднаков начин, секој од тие елементи – на двата други. Во борбата победува најсилниот, и за да се претскаже резултатот на таа борба, треба да ги испитаме силите на тие што се борат. Пред сé земјишната сопственост и капиталот, и едното и другото одделно – се посилни од трудот, затоа што работникот, за да живее, мора да работи, додека земјопоседникот може да живее од својата рента, а капиталистот од своите проценти, во краен случај, од својот капитал или за сметка на капитализираната земјишна сопственост. Поради тоа наработникот му преостанува само најнужното, само самите средства за издржување, додека поголемиот дел од продуктите се споделува меѓу капиталот и земјишната сопственост. Освен тоа, посилниот работник го потиснува од пазарот послабиот, поголемиот капиталист – помалиот, крупната земјишна сопственост – ситната. Практиката го потврдува тој заклучок. Предностите на крупниот фабрикант и трговец пред ситниот, на крупниот земјопоседник пред сопственикот на еден единствен дунум земја – се познати. Како последица на тоа се јавува што веќе при обични услови крупниот капитал и крупната земјишна сопственост ги поголтнуваат со правото на посилниот ситниот капитал и ситната земјишна сопственост, т.е. настанува централизација на сопственоста. Во време на трговските и земјоделските кризи таа централизација станува уште многу побрзо. - Воопшто крупната сопственост расте значително побрзо од ситната, затоа што за трошоците за поседот тука се одбива од приходот значително по мал дел. Оваа централизација на поседот е закон, исто толку иманентен на приватната сопственост, како и сите други закони; средните класи мораат сé повеќе и повеќе да исчезнуваат, додека светот не стане поделен на милионери и паупери, на крупни земјопоседници и сиромашни надничари. Никакви закони, никакво разделување на земјишната сопственост, никакви случајни раздробувања на капиталот не можат ништо да помогнат, — тој резултат мора да настапи и настапува, ако не го испревари полната преобразба на социјалните односи, слевањето на спротивните интереси, уништувањето на приватната сопственост.
Слободната конкуренција, главна парола на економистите од нашиве дни, претставува нешто невозможно. Монополот имаше барем намера да го заштити потрошувачот од измама, иако тоа не можеше да го оствари. Уништувањето на монополот `и ја отвори ширум вратата на измамата. Вие велите, конкуренцијата содржи во самата себе средство против измамата, никој нема да купува лоши предмети; но па тоа значи дека секој мора да биде познавач на секоја стока, а тоа е невозможно; оттука произлегува нужноста од монопол, како што тоа и го покажува трговијата со многу стоки. Аптеките и др. сл. мораат да имаат монопол. И најважната стока парите имаат потреба токму повеќе од сé од монопол. Секогаш, штотуку орудието за циркулација престанувало да биде државен монопол, тоа создавало трговска криза и затоа англиските економисти, меѓу нив д-р Вајт, и ја признаваат тука нужноста од монопол. Но и монополот не заштитува од фалшиви пари. Погледнете на прашањето од која сакате страна, една страна претставува исто толку тешкотии колку и другата . Монополот создава слободна конкуренција, а последнава од своја страна – монопол; затоа обете тие мораат да паднат, и со отстранувањето на принципот што ги создава, ќе бидат отстранети и самите тешкотии.
Конкуренцијата го става својот отпечаток на сите наши животни односи, и го довршува меѓусебното поробување, во кое сега се наоѓаат луѓето. Конкуренцијата претставува оној моќен механизам што одново и одново го поттикнува кон дејност нашиот застарен и изабен социјален поредок, или поточно безредие, но којшто заедно со тоа поголтнува дел од неговите ослабени сили со секое ново нивно напрегање. Конкуренцијата господствува над бројниот пораст на човештвото, таа господствува и над неговиот морален развиток. Којшто е донекаде запознат со статистиката на злосторствата, нему бездруго мора да му паднала во очи своевидната правилност со која секоја година растат злосторствата, и со која определени причини породуваат определени злосторства. Раширувањето на фабричкиот систем насекаде има како своја последица пораст на злосторствата. За еден голем град или за цела околија може со достатна точност однапред да се преткаже, како што тоа често се правело во Англија, секојдневниот број на апсења, криминални случаи, дури бројот на убиствата, насилни кражби, дробни кражби итн. Таа правилност докажува дека и злосторствата се управувани од конкуренцијата; дека општеството создава побарувачка за злосторствата, којашто се задоволува со соодветна понуда; дека празнината што се создава поради апсењата, испраќањето на прогонство или погубувањето на извесен број луѓе, уште веднаш одново се пополнува од други, сосем исто онака како што секоја празнина во населението уште веднаш се пополнува од новодојдени; со други зборови, дека злосторствата исто така вршат притисок врз средствата за казнување, како населението врз средствата за вработување. Колку е праведно при такви околности, без оглед, за сето ова станато, да се казнуваат злосторниците, им предоставам да судат моите читатели. Мене ми е важно тука само едно: да го докажам проширувањето на конкуренцијата и во областа на моралот и да покажам до колку длабока деградација го довела човекот приватната сопственост.
Во борбата на капиталот и земјишната сопственост против трудот, обата први елементи имаат пред трудот уште една посебна предност – помошта на науката, бидејќи при сегашните односи и таа е управена против трудот. На пример, речиси сите механички пронајдувања, а особено машините за предење памук на Харгривс, Кромптон и Аркрајт, беа предизвикани од недостиг на работна сила. Зголемената побарувачка на труд секогаш повлекува по себе пронајдувања, што во голема мера ја зголемиле силата на трудот и затоа ја намалувале побарувачката за човечкиот труд. Историјата на Англија од 1770 г. до денеска, е постојан доказ за тоа. Последното големо пронајдување во предењето на памук – селфакторот[10] – беше предизвикано исклучиво од побарувачката за труд и порастот на надницата; тоа ја удвои работата на машините и со тоа наполу го скуси рачниот труд, ја лиши половината работници од работа и во резултат на тоа ја снижи надницата на другата половина; тоа ја уништи спогодбата на работниците против фабрикантите и го урна оној последен остаток сила што уште му дозволуваше на трудот да ја изрази нерамната борба против капиталот (види д-р Јур, „Филозофијата на мануфактурата“[11], т. II). Економистот навистина вели дека во краен резултат машините се корисни за работниците, зашто тие го поевтинуваат производството и затоа создаваат за своите производи нов, поширок пазар и дека на таков начин машините, на крајот на краиштата, им даваат можност одново да се вработат работниците што останале без работа. Сосем точно; но зошто економистот тука заборава дека производството на работна сила се регулира од конкуренцијата, дека работната сила секогаш врши притисок врз средствата за вработување, дека значи, тогаш, кога треба да настапат тие погодности, па ќе се покажат на видело одвишен број што конкурираат, што бараат работа, и со самото тоа користа ќе стане илузорна, додека неповолноста – ненадејното лишување од средства за издржување, за едната половина на работниците и опаѓањето на надницата за другата ни најмалку не е илузорна? Зошто економистот заборава дека прогресот на пронајдувањата никогаш не се запира, дека таа неповолност, значи, се овековечува? Зошто тој заборава дека при бескрајно нараснатата како резултат на нашава цивилизација поделба на трудот, работникот може да постои само во случај ако може да најде примена за своите сили, на дадена определена машина за дадена определена делумна работа; дека преминот од еден вид работа на друг, нов, речиси секогаш е сосем невозможен за возрасниот работник?
Разгледувајќи го влијанието на машинското производство, доаѓам на друга, поодалечена тема – на фабричкиот систем; но немам ни волја, ни време да се занимавам тука со неговото разгледување. Меѓутоа, се надевам дека наскоро ќе имам можност подробно да ја анализирам гнасната неморалност на тој систем и беспоштедно да го разобличам лицемерството на економистите, што тука истапува во својот полн блесок[12].
Фусноти
[1] „Нацрт за критиката на политичката економија“ е прв економски труд на Ф. Енгелс, во кој тој од гледиште на социјализмот го разгледува економскиот поредок на буржоаското општество и основните категории на буржоаската политичка економија. Маркс подоцна високо го оценувал тој труд на Енгелс, нарекувајќи го „генијален нацрт за критика на економските категории“ (Види го Предговорот кон трудот „Кон критиката на политичката економија“, 1859). Покрај сведоштвото за конечниот премин на Енгелс од идеализмот кон материјализмот и од револуционерниот демократизам кон комунизмот, во овој труд има и елементи на етичкиот, „филозофски“ комунизам. На низа места Енгелс го критикува буржоаското општество уште тргнувајќи од апстрактните принципи на општо-човечката моралност и хуманост.
[2] A. Smith. "An Inquiry into the Nature and causes of the wealth of Nations". Лондон, 1776 („Иследување на природата и причините за богатството на народите“).
[3] Видни дејци на науката и пронаоѓачи. Berthollet Claude Louis (1748-1822) - виден француски хемичар, Davy Humphry (1778-1829) - англиски физичар и хемичар, Liebig Justus (1803-1873) - германски хемичар, основач на агрокултурната хемија и хемијата на вештачките ѓубриња, Watt James (1736-1819) - пронаоѓач на парната машина, Cartwright Edmund (1743-1823) - пронаоѓач на механичкиот ткаачки разбој, што претставувал вистинска револуција во техниката на производството на текстил, измислил и други полјоделски алатки, се занимавал и со поезија.
[4] J. Wade. "History of the Middle and Working Classes", 3rd ed., London, 1835.
[5] A. Alison. „The Principles of Population, and their Connection with Human Happiness“. Vol. 1-2 London, 1840 (А. Алисон. „Основи на населението и нивната врска со благосостојбата на човештвото“. Т. 1-2, Лондон 1840.
[6] Старо име за Австралија.
[7] „Маркус“ е псевдоним на авторот од една брошура, појавена во Англија во крајот на 30-те години од XIX век, во која се проповеда човекоомразната малтузијанска теорија.
[8] Се има предвид новиот „Закон за бедните“, примен во Англија во 1834 година. Според тој закон се допушта само една форма за помош на бедните – сместување во работилници – „домови со затворско-робијашки режим, наречени од народот „бастилји за бедните“.
[9] A. Alison. "The Principles of Population...", vol. 1, London, 1840, p. 548.
[10] Selfacting mule - автоматска предилка.
[11] A. Ure. "The Philosophy of Manufactures". London, 1835.
[12] Енгелс го има предвид замислениот труд за социјалната историја на Англија, за кој собирал материјал во текот на својот престој во таа земја (ноември 1842 - август 1844 г.). Во тој труд Енгелс сакал да `и посвети специјална глава на положбата на англиските работници. Подоцна Енгелс ја сменил својата намера и решил да му посвети на англискиот пролетаријат посебен труд, што и го напишал по своето враќање во Германија. Тоа е книгата „Положбата на работничката класа во Англија“, објавена во Лајпциг, во 1845 г.
Маркс-Енгелсова интернет архива |
Тематска архива за економија
марксистичка интернет архива