Напишано: декември 1918
Извор: МИА, 'Gesammelte Werke', Berlin (GDR), 1970-75, Vol. 4, p 431-34
Првпат објавено: Die junge Garde (Berlin); No 2, 4 декември 1918.
Превод: Goran Maric
Техничка обработка: Goran Maric
Пролетерската револуција која сега започна не може да има друга цел и друг резултат од остварување на социјализмот. Работничката класа мора, пред сè, да тежнее да ја освои сета политичка власт во свои раце. Политичката власт, сепак, за нас социјалистите е само средство. Цел за чие остварување мораме да ја користиме оваа власт е темелната преобразба на целокупните економски односи.
Моментално сето богатство - најголемите и најдобри имоти, како и рудниците, работилниците и фабриките - припаѓа на неколкумина јункери (германски аристократи з.п.) и приватни капиталисти. Големо мнозинство на работниците од овие јункери и капиталисти за својот напорен труд добиваат само бедна плата за да преживеат. Богатењето на овој мал број на безделници е целта на денешната економија.
Оваа состојба на работите мора да се поправи. Сето општествено богатство, земјата со сите природни ресурси, сокриени во нејзината утроба или на површината, и сите фабрики и работилници мораат да се одземат од рацете на експлоататорите и да се стават во заедничка сопственост на луѓето. Прва задача на вистински работничката власт е преку серија на декрети да ги прогласи најважните средства за производство за национална сопственост и да ги стави под контрола на општеството.
Сепак, дури тогаш почнува вистинската и најтешката задача: реконструкција на економијата на потполно нови основи.
Во овој момент производството во секое претпријатие се спроведува од страна на индивидуалните капиталисти на нивна сопствена иницијатива. Што - и на кој начин - треба да се произведува, каде, кога и како треба да се продадат произведените добра одредено е од страна на индустријалците. Работниците немаат удел во сево ова, тие се само живеачки машини кои треба да ја работат својата работа.
Во социјалистичката економија ова мора да биде сосема поинаку! Приватните работодавачи нема да постојат. Тогаш целта на производството повеќе нема да биде богатење на поединци, туку обезбедување средства на јавноста за задоволување на сите потреби. Согласно на ова, фабриките, работилниците и земјоделските претпријатија мораат да бидат реорганизирани во склад со новиот поглед на нештата:
Прво: ако производството има за цел секому да му обезбеди достоен живот, изобилство храна и да обезбеди други културни средства за егзистенција, тогаш продуктивноста на трудот мора да биде далеку поголема отколку што е сега. Земјата мора да дава поголеми приноси, најнапредната технологија мора да биде применета во фабриките, само најпродуктивните рудници експлоатирани итн. Од ова следи дека поопштествувањето пред сѐ ќе биде насочено кон големите претпријатија во индустријата и земјоделството. Нема потреба, ниту сакаме да ги експроприраме ситните селани и занаетчии кои живеат од мала нива или работилница. Со текот на времето тие самите ќе ни се придружат кога ќе ги согледаат предностите на социјализмот над приватната сопственост.
Второ: за да може секој член на општеството да ужива во напредокот, сите мораат да работат. Само оној кој врши корисна работа за јавноста, било да е со рацете или со умот, може да има право да добива средства од општеството за задоволување на своите потреби. Уживачкиот живот, каков што го водат сега мнозинството богати експлоататори, мора да престане. Општа обврска за работа за сите кои се способни, при што малите деца, старите и болните се изземени, - тоа е клучна работа за една социјалистичка економија. Општеството мора да обезбеди средства за оние кои се неспособни да работат - не трошки како сега, туку обилни средство, социјално воспитување на децата, грижа за старите, здравствена заштита, итн.
Трето, согласно кажаното, за општа благосостојба, мора разумно да се управува и да се биде економичен како со средствата за производство така и со трудот. Арчењето кое сега го има насекаде мора да престане. Секако, воената индустрија мора да се укине, зошто на социјалистичкото општество не му треба оружје и наместо да се трошат вредни материјали и човечки труд на неа, тие мора да се употребат за корисни производи. Индустријата на луксузни стоки, која произведува безначајни ситници за богаташите исто така мора да биде укината, заедно со личната послуга. Сиот човеков труд што се троши на ова ќе добие повредна и покорисна употреба.
Ако на овој начин воспоставиме нација на работници, каде секој работи за секого, за јавно добро и корист, тогаш и самата работа мора да биде организирана сосема поинаку. Денес работата во индустријата, земјоделството и во канцелариите главно е мачење и товар за пролетаријатот. На работа се оди затоа што се мора, бидејќи поинаку не можат да се добијат средства за живот. Во социјалистичкото општество, каде што сите работат заедно за свое добро, здравјето на работната сила и нејзиниот ентузијазам за работа мора да добијат најголемо значење. Кратки работни часови кои не ги надминуваат нормалните можности, здрави услови за работа, сите можности за закрепнување и разновиден труд мораат да се воведат за секој да ужива во својата работа.
Сепак, сите овие големи реформи, бараат соодветен човечки материјал. Моментално над главата на работникот стојат капиталистот, контролорот и надзорникот, со камшик во рака. Гладот го тера пролетаријатот на работа во фабрика и во канцеларија, да работи за јункерот или крупниот земјопоседник. Работодавачите се грижат да не се расфрла времето и материјалот, а работата да биде квалитетна и ефикасна.
Во социјалистичкото општество индустријалецот со својот камшик престанува да постои. Работниците се слободни и еднакви човечки суштества кои работат за свое добро и корист. Тоа значи дека работат сами, на сопствена иницијатива, не трошејќи го општественото богатство, и дека работат многу доверливо и вредно. На секое социјалистичко претпријатие секако му се потребни технички менаџери кои точно знаат што работат и даваат упатства за сè да се одвива течно и за да се оствари најдобра поделба на трудот и ефикасност. Сега се работи за доброволно почитување на овие упатства во целост, за одржување дисциплина и ред, за непредизвикување проблеми или збрка.
Со еден збор: работниците во социјалистичкото стопанство мораат да покажат дека можат да работат напорно и на вистински начин, да одржуваат дисциплина и да даваат сè од себе без камшикот на гладот и без капиталистот и неговите управувачи со робови над глава. Ова бара внатрешна самодисциплина, интелектуална зрелост, морал, чувство на достоинство и одговорност, комплетна преродба на пролетаријатот.
Социјализмот не може да се оствари со мрзливи, несериозни, егоистични, безумни и индиферентни луѓе. На социјалистичкото општество му требаат луѓе од кои секој е на свое место, полни со страст и ентузијазам за општото добро, полни со пожртвуваност и симпатии за другите луѓе, полни со храброст и одважност за да се проба и најтешкото.
Не треба да чекаме можеби цел век или деценија пред да се развие таков вид луѓе. Сега, во борбата, во револуцијата, масите пролетери го учат нужниот идеализам и набрзо стекнуваат интелектуална зрелост. Исто така ни требаат храброст и издржливост, внатрешна јасност и пожртвуваност, за да можеме воопшто да ја доведеме револуцијата до победа. Со подготвувањето способни борци за сегашната револуција, исто така ги создаваме идните социјалистички работници кои новиот поредок ги бара за да биде остварен.
Младината на работничката класа е посебно добро квалификувана за овие големи задачи. Како идна генерација, тие, навистина, сигурно е, веќе ја поставуваат реалната основа на социјалистичката економија. Веќе сега нејзина задача е да покаже дека е дорасната на големата задача да биде носител на иднината на човештвото. Целиот стар свет сè уште треба да биде срушен и потполно нов да биде изграден. Но ние тоа ќе го направиме, млади другари, зарем не? Ќе го направиме! Токму како што кажува песната:
Нам секако ништо не ни недостига, жено, дете,
освен сѐ она што преку нас расте,
да биде слободно како птица:
само време!