Џек Лондон
Железната петица

Глава XXV

Терористи


Дури кога јас и Ернест се вративме во Њујорк, и откако изминаа недели, можевме да го почувствуваме сиот замав на несреќата што го беше снашла нашето Дело. Ситуацијата беше горчлива и крвава. Во многу места, ширум земјата дојде до робовски бунтови и колежи. Списокот на мачениците постојано се зголемуваше. Насекаде се вршеа безброј погубувања. Планините и пустите предели беа преполни со прогонети и бегалци. Нашите скривалишта беа преполни со другари за чии глави се плаќаа високи награди. Известени од своите шпиони, Железната петица прати војска што изврши препад во дваесетина наши скривалишта. Многумина од другарите се обесхрабрија и се одмаздија станувајќи терористи. Сите нивни надежи беа пропаднале и тие запаѓаа во очај: никнуваа многу терористички организации што немаа врска со нас, а што ни задаваа многу мака.[117] Овие луѓе, скршнати од патот, бесцелно ги жртвуваа своите сопствени животи, нарушувајќи ни ги плановите и назадувајќи ни ја организацијата.

А низ сето ова се движеше Железната петица, бесчувствителна и претпазлива, растресувајќи ја сета градба на општествената структура, барајќи ги нашите другари, вршејќи чистки во редовите на платениците, работничките касти и во сите свои тајни служби, казнувајќи без милост и без злоба, молкум поднесувајќи ги сите одмазди и пополнувајќи ги сите празнини во својата бојна линија, брзо како и што се појавуваа. А, напоредно со сето ова, Ернест и другите водачи, неуморно работеа на реорганизацијата на силите на револуцијата. Големината на задачата може да се сфати ако се земе во[118]


Забелешки

[117]Аналите на оваа куса ера на очајување се напишани со крв. Одмаздата беше главниот мотив, a членовите на терористичките организации не мислеа на своите животи и беа песимисти во поглед на иднината. Во западните планини се појавија и се проширија вдолж сета обала на Тихиот Океан, од Панама до Алјаска, Данитите, таканаречени слоред анѓелите-одмаздници од мормонската митологија. Валкирите беа жени. Тие беа најстрашни од сите. Член во нивната организација стануваше само онаа жена на која Железната петица ѝ ги беше отепала нејзините најблиски. Своите затвореници ги мачеа до смрт. Друга прочуена женска организација беше таканаренената „Воени вдовици.” На женската организација Валкари одговараше машката организација Берзеркерите. Тие мажи своите животи не ги ценеа воопшто и тие беа оние кои до темел го разурнаа големиот платенички град Белона заедно со неговите, преку сто илјади жители. Бедламитите и Хелдамитите беа две сродни робовски организации, додека пак една нова религиозна секта што не се одржа долго, се нарекуваше Божји Гнев. Меѓу другото, за да ја покажеме своевидноста на нивната ужасна вистина ги наведуваме следниве организации: Срца што крварат, Синови на утрото, Утрински ѕвезди, Фламинги, Трикратни триаголници, Три шипки, Рубоники, Одмаздници, Команчи, Синови на пеколот.

[118] Ова е крајот на ракописот на Еверхард. Тој се прекинува нагло, насред реченица. Веројатно Ејвис Еверхард беше известена дека доаѓаат платениците, зашто таа имаше време ракописот да го скрие на сигурно место пред да побегне или пред да ја фатат. За жал, таа не живееше толку долго за да ја заврши својата приказна, зашто тогаш, без сомнение, би ни се разјаснила сета мистерија во која седум векови е обвиткано погубувањето на Ернест Еверхард.