„Мораш да се преиначиш повторно,” ми пишуваше Ернест. „Мораш да престанеш да постоиш. Мораш да станеш друга жена — не само по фустаните што ги носиш, туку и внатре, под кожата, под фустаните. Мораш да се преиначиш до таа мера, што дури ниту јас не ќе можам да те препознаам — мораш да го преиначиш гласот, движењата, однесувањето, држењето, одот, сѐ”.
И јас ја послушав оваа наредба. Секој ден вежбав со часови за да ја закопам засекогаш Ејвис Еверхард под кожата на друга жена за која можам да речам дека беше моето друго јас. А такво нешто можеше да се постигне само со долго вежбање. Самите подробности во интонацијата на гласот јас ги вежбав речиси непрестајно сѐ додека гласот на моето ново јас не стана некако решителен, автоматски. Па и сета улога што морав да ја играм беше некако автоматска. Човек мораше толку да се усоврши, па да можеше и себеси да се прелаже. Тоа беше како да учиш некој нов јазик, на пример, францускиот. Во почетокот, зборувањето на францускиот јазик е самосвесно, работа на волјата. Ученикот пред да може да разбира француски, мисли на англиски па тоа го пренесува на француски, или чита на француски, па тоа го пренесува на англиски. Подоцна, стекнувајќи цврста основа, ученикот автоматски чита, пишува и мисли на француски, воопшто не користејќи го англискиот.
А така беше и со нашето преиначување. Требаше да се вежба сѐ додека улогата што си прифатил да ја играш не стане вистинска, сѐ додека нашето првобитно јас не побара внимателна и цврста вежба на волјата. Се разбира, во почетокот тоа беше само обид полн со грешки. Создававме нова уметност и имаше многу што требаше да се открие. Но ваквата работа се одвиваше насекаде; се развиваа мајстори по оваа уметност, и беше се создала цела ризница досетливости и средства за оваа цел. Оваа ризница стана нешто како буквар што врвеше од рака на рака, како дел од наставната програма во училиштето на револуцијата.[97]
Тоа беше во времето кога исчезна татко ми. Неговите писма што дотогаш ги примав редовно, престанаа да пристигнуваат. Тој повеќе не се појавуваше во нашиот стан на Пел Стрит. Нашите другари го бараа насекаде. Со помошта на нашата тајна служба, ги пребаравме сите затвори во земјата. Но исчезна, небаре земјата го проголтала и до денеска клопчето на неговиот крај сѐ уште не се одмоткало. Не се откри ништо што би го објаснило неговиот крај.[98]
Во скривалиштето минав шест самотни месеци, но тие не ми минаа бесполезно. Нашата организација брзо напредуваше и секогаш имаше цела планина работи што чекаа да се завршат. Ернест и неговите другари-водачи во затворите решаваа што треба да се стори, а нам ни остануваше да го сториме тоа. Тука беше организирањето на усната пропаганда; организирањето на нашиот шпионски систем со сите негови расклони; основањето на нашите тајни печатници и основањето на нашата подземна железница, што би значело поврзување на сите наши безбројни скривалишта и формирање на нови скривалишта онаму каде што недостасуваа карики во синџирите што ги бевме развлекле по сета земја.
И така, велам, работата никогаш немаше крај. Кон крајот на шестиот месец, мојата самотија ја прекина доаѓањето на две другарки. Тоа беа млади девојки, храбри суштества и страсни вљубенички во слободата: Лора Петерсон, која исчезна во 1922 година и Кејт Бирс која подоцна се омажи за Дибоа,[99] и која е сѐ уште со нас, со поглед кренат кон утрешното сонце, гласник на новото време.
Обете пристигнаа обземени од возбуденост, опасност и ненадејна смрт. Во посадата на рибарскиот чамец со кој се префрлиле преку заливот Сан Пабло имало шпион. Бедно создание на Железната петица! Успешно се маскирал како револуционер и продрел длабоко во тајните на нашата организација. Без сомневање тој им беше на трагата, зашто од поодамна дознавме дека моето исчезнување предизвикало длабока загриженост во тајната полиција на олигархијата. За среќа, како што покажа исходот, никому не ги беше доверил своите откритија. Очигледно, го одлагаше поднесувањето на својот извештај чекајќи да ги доведе работите до успешен заклучок откривајќи го моето скривалиште и фаќајќи ме. Неговите сознанија умреа заедно со него. Кога двете девојки слегле во Петалума и го продолжиле патот на коњи, тој успеал, под некаков изговор, да исчезне од чамецот.
Дел од патот низ Сономските Планини девојките минале со Џон Карлсон, кој потоа ги оставил сами да продолжат а тој се вратил пеш. Во него се појавило сомневање. Го фатил шпионот, а за тоа што се случило потаму ни раскажа сѐ во подробности.
„Го суредив,” онака прозаично го опиша настанот Карлстон. „Го суредив,” повтори додека во очите му гореше некаква чудна светлина, а неговите огромни раце згрчени од преголема работа возбудено му се отвораа и се затвораа. „Ни глас не пушти. Го скрив, а вечерва ќе се вратам за да го закопам длабоко.”
Во текот на тој период обично си се чудев на својата сопствена преобразба. Одвреме навреме ми се чинеше дека не е можно некогаш да сум живеела тивок, спокоен живот во еден универзитетски град и тоа дека сум станала револуционерка и сум отрпнала на глетките на насилство и смрт. Ниту едното ниту другото ми се чинеше можно. Едното беше јаве, другото сон, но што беше што? Дали овој сегашен живот на револуционерка, скриена во оваа дупка, беше кошмар? Или сум револуционерка која некаде, некако сонувала дека некогаш порано живеела во Беркли, никогаш не знаејќи за ништо свирепо за животот, освен за чајни седенки, танцувања, дебатни друштва и универзитетски предавални? Но претпоставувам дека тоа беше искуство заедничко за сите нас што се бевме собрале под црвеното знаме на човечкото братство.
Честопати се сеќавав на личности од тој друг живот, и што беше многу чудно, тие ми се појавуваа и исчезнуваа, одвреме навреме, и во мојот нов живот. Ете, на пример, епископот Морхаус. Напразно го баравме откако се разви нашата организација. Го преместуваа од лудница во лудница. Ја следевме неговата трага од државната душевна болница во Напа до онаа во Стоктон, а оттаму до душевната болница во долината Санта Клара, наречена Егњуз и, таму, трагата исчезна. Никаде не стоеше запишано дека умрел. Мора на некој начин да избегал. Не ни сонував дека уште еднаш ќе го видам во толку страшни околности — само за момент, во виорот на колежот на Чикашката комуна.
Џексон, кој ја беше изгубил раката во предилниците на Сиера и кој беше причина да се преобразам во револуционерка, никогаш повеќе не го видов, но сите знаевме што стори пред да умре. Тој никогаш не им пријде на револуционерите. Огорчен поради својата судбина, размислувајќи за неправдите што му ги нанеле, тој стана анархист, — не филозофски анархист, туку вистинско животно, побеснето од омраза и жед за одмазда. И добро се одмазди себеси. Изигрувајќи ја стражата, една ноќ, додека сите спиеја, ја крена во воздух палатата на Пертонвејт. Ниту еден не успеа да побегне, дури ни стражата. А в затвор, додека чекаше да отпочне процесот, изврши самоубиство задушувајќи се под ќебето.
Д-р Хемерфилд и д-р Белингфорд ги снајде сосема поинаква судбина од онаа на Џeкcoн. Ѝ останаа верни на службата од каде си го вадеа парчето леб и соодветно беа наградени со црковни палати во кои и денеска живеат во мир со светот. Обајцата ја бранат олигархијата, обајцата многу се здебелија. „Д-р Хемерфилд”, како што рече еднаш Ернест, „успеа да ја модифицира својата метафизика така што на Железната петица ѝ даде божји благослов и што внесе многу обожавање на убавината смалувајќи ги до невидливо привидение оној гасовит 'рбетник што го беше опишал Хегел — само што разликата меѓу д-р Хемерфилд и д-р Белингфорд е таа што овој вториов бога го направи малку повеќе гасовит, а малку помалку 'рбетник.”
Питер Донели, беден штрајкбрехер и работоводител во предилниците на Сиера, кого го сретнав додека го истражував случајот на Џексон, нѐ изненади сите. Во 1918-тата година присуствуваше на еден состанок на Црвените од Сан Франциско. Од сите наши борбени групи, оваа беше најстрашна, најсвирепа и најбезмилосна. Меѓутоа таа не беше дел од нашата организација. Нејзините членови беа фанатици, лудаци. Не се осмелувавме да поддржуваме таков дух. Од друга страна, иако тие не ѝ припаѓаа на нашата организација, ние одржувавме пријателски односи со нив. Таа ноќ отидов таму зашто имав да свршам работа од животна важност. Единствено јас, сред толкумина мажи, не бев маскирана. Откако ја свршив работата поради која и појдов таму, еден од нив ме изведе. Во темниот ходник, човекот што ме водеше запали чкорче кибрит и држејќи го близу лицето, ја симна маската. Во тој момент го препознав лицето на Питер Донели, лицето на кое се читаа само страдања. А потоа чкорчето кибрит изгасна.
„Сакав само да знаете дека тоа сум јас”, ми рече во темнината. „Се сеќавате ли на Далас, директорот на фабриката?”
Кимнав со главата сеќавајќи се на лисичиното лице на директорот на предилниците на Сиера.
„Прво него го суредив” рече гордо Донели, „а потоа им пријдов на Црвените.”
„Но како тоа да сте овде?” го прашав. „А жената, а децата?”
„Мртви,” ми одговори. „Ете зошто. Не”, продолжи брзо, „не дека нив ги одмаздувам. Лесно си умреа во своите постели — болест, знаете, прво едното, па другото. Додека беа живи, рацеве ми беа врзани. Но сега кога ги нема нив се одмаздувам за мојата уништена личност. Некогаш бев Питер Донели, шугав работоводител, но вечерва јас сум број 27 меѓу Црвените од Сан Франциско. А сега, ајде да ве изведам одовде.”
Подоцна за него чув повеќе. На свој начин тој ми ја беше кажал вистината кога рече дека сите испоумреле. Но само еден од неговите синови, Тимоти, беше останал жив, а татко му мислел дека е мртов, зашто ѝ служел како платеник на Железната петица.[100] Секој член на Црвените од Сан Франциско се заветуваше годишно да изврши дванаесет погубувања. Ако не успее, како казна го чека смрт. Секој член кој нема да успее да го исполни тој број, извршува самоубиство. Погубувањата не се извршуваат случајно. Оваа група лудаци се состануваше често и донесуваше масовни пресуди за прекршителите и за слугите на олигархијата. Жртвите им се доделуваа со извлекување.
Всушност, работата поради која појдов таа ноќ таму беше едно такво судење. Еден од нашите другари кој со години успешно се одржуваше на работното место чиновник во месниот уред на тајната полиција на Железната петица, беше им станал сомнителен на Црвените од Сан Франциско и сега му се судеше. Се разбира, тој не беше присутен, а и судиите не знаеја дека тој беше еден од нашите. Мојата мисија се состоеше во тоа да сведочам за неговиот идентитет и верност. Можеби некој би се зачудил како дознавме ние за овој случај. Објаснувањето е едноставно. Еден од нашите тајни агенти беше член на Црвените од Сан Франциско. Требаше будно да внимаваме на секој пријател и непријател, а оваа група лудаци не беше толку неважна за да ја избегне нашата будност.
Но да се вратам на Питер Донели и на неговиот син. Сѐ одеше добро со Донели додека, следната година, не го извлече името на Тимоти Донели меѓу оние кои требаше да ги погуби. И тогаш дојде до израз она чувство на семејна приврзаност што беше особено силно развиено кај него. За да го спаси сина си, ги предаде другарите. Во ова тој беше делумно спречен, но беа погубени дванаесетина Црвени, а групата беше речиси сосема уништена. За одмазда, оние кои преживеаја го осудија Донели на смрт, што ја беше заслужил поради предавството.
А ни Тимоти не живееше долго. Црвените од Сан Франциско се зарекоа дека ќе го погубат. Олигархијата правеше сѐ само и само да го спаси. Го префрлија од едниот на другиот крај од земјата. Тројца од Црвените загинаа обидувајќи се да го фатат. Групата ја сочинуваа само мажи. На крајот наидоа на една жена, една од нашите другарки, и никоја друга туку Ана Ројлстон. Нашата внатрешна организација ѝ забрани да го стори тоа, но таа отсекогаш беше своеглава и ја презираше дисциплината. Освен тоа, беше генијална и многу љубезна со секого, па така не бевме во состојба никако да ја дисциплинираме. Беше своевиден човек што не им се потчинуваше лесно на вообичаените правила на револуционерите.
И покрај тоа што одбивме да ѝ дадеме дозвола да го изврши тоа дело, таа сепак го изврши. А Ана Ројлстон беше привлечна жена. Беше доволно само да му кимне со главата на некој маж. Многумина од нашите другари беа изгубиле глава по неа, а исто толку беше освоила таа и така врзани за неа тие ѝ пристапуваа на нашата организација. Па сепак упорно одбиваше да се омажи. Нежно ги сакаше децата, но сметаше дека кога би имала свои, тие би ја оттргнале од Делото, а Делото беше она на што таа му го беше посветила животот.
На Ана Ројлстон ѝ беше лесно да го придобие Тимоти Донели. Совеста не ја гризеше зашто токму во тоа време се случи колежот во Нешвил кога платениците на чело со Тимоти Донели буквално испозаклаа осумстотини ткајачи од тој град. Но таа не го уби Донели. Им го предаде на Црвените во Сан Франциско, како затвореник. Ова се случи токму минатата година, а денеска таа веќе има друго име. Насекаде револуционерите ја нарекуваат „Црвената Девица”.[101]
Адвокатот Ингрем и адвокатот Ван Џилберт се уште две познати личности кои ги сретнав подоцна. Адвокатот Ингрем се издигна високо во олигархијата и стана нејзин амбасадор во Германија. Пролетаријатот од обете земји го мразеше од дното на душата. Го сретнав во Берлин, каде што како ополномоштен меѓународен шпион на Железната петица бев примена од него и тој многу ми помогна. Патем, можам да кажам дека во својата двојна улога успеав да свршам неколку важни работи за револуцијата.
Ван Џилберт се прочу како Ван Џилберт Мрморкото. Одигра особено важна улога при изготвувањето на новиот нацрт-закон, по Чикашката комуна. Но пред тоа, како судија, со својата сатанска поганштина заслужи да биде осуден на смрт. Бев една од оние што му ја изрекоа таа пресуда. Погубувањето го изврши Ана Ројлстон.
И уште една личност ми се појавува од стариот живот — адвокатот на Џексон. Најмалку очекував дека ќе го сретнам овој човек, Џозеф Херд. Средбата беше необична. Доцна во ноќта, две години по Чикашката комуна, Ернест и јас стигнавме во скривалиштето во Бентон Харбор. Скривалиштето се наоѓаше во Мичиген, од другата страна на Чикашкото езеро. Стигнавме токму кога завршуваше судењето на еден шпион. Му беше изречена смртна казна и го одведоа. Наидовме токму на таа сцена.
Следниот момент кутриот човек им се истргна од рацете на стражарите, ме стегна со рацете околу колената, цврсто небаре менгеме, и избезумено почна да ме моли за милост. Кога се сврте со своето измачено лице кон мене, го препознав Џозеф Херд. Од сите ужасни нешта што ги бев видела ништо не ме растрои толку како молењето на ова избезумено создание да му го спасам животот. Беше просто луд од желбата за живот. За жалење! Одбиваше да ме пушти иако дванаесетина другари го оттргнуваа, и кога на крај го одвлекоа онака разврескан, паднав во несвест. Полесно е да гледаш како умира храбриот одошто да слушаш како кукавицата моли да му биде спасен животот.[102]
Забелешки
[97] Преиначувањето стана во тој период вистинска уметност. Револуционерите во сите свои скривалишта имаа училишта за глумење. Тие ги презираа разните помошни средства, како перики и бради, вештачки веѓи и слично, што ги користеа театарските артисти. Играта на револуцијата беше игра на живот и смрт, и единствени помошни средства беа стапиците. Преиначувањето мораше да биде темелно, верно, дел од човековото битие, негова втора природа. Се говори дека Црвената Девица била една од најискусните во оваа уметност, поради кое мора да ѝ се припише долгата и успешна кариера.
[98] Исчезнувањето беше еден од ужасите на ова време. Тоа постојано се јавува како мотив во песните и расказите. Тоа беше неизбежна и придружна појава на подземната војна што беснееше во текот на тие три века. Оваа појава беше речиси исто толку вообичаена во олигархиската класа и работничките касти како што беше во редовите на револуционерите. Без предупредување, без трага, исчезнуваа мажи, жени, па дури и деца за никогаш повеќе да не бидат видени, и чиј крај беше обвиткан во мистерија.
[99] Дибоа, денешниот библиотекар во Ардис, е директен потомок на овој револуционерен брачен пар.
[100] Покрај работничката каста се појави и друга — војничката каста. Создадена е постојана војска професионални војници. Офицерите на оваа војска беа членови на олигархијата; војската беше позната — како платеничка. Таа беше создадена наместо резервната војска што под овој режим се покажа непрактична. Надвор од редовната тајна служба на Железната петица, беше формирана и платеничка тајна служба, како врска меѓу полицијата и војската.
[101] Дури откако втората револуција беше задушена, Црвените од Сан Франциско се кренаа повторно. Оваа група цели две генерации цветаше. А потоа, еден агент на Железната петица успеа да стане нејзин член, да продре во сите нејзини тајни и да ја доведе до целосна пропаст. Ова се случи во 2002 година. Членовите беа погубени еден по еден, во временско растојание од три недели, а нивните тела беа изложени во работничкиот кварт во Сан Франциско.
[102] Скривалиштето Бентон Харбер беше катакомба чиј влез беше лукаво камуфлиран со помош на бунар. Тоа е прилично добра зачувано, па љубопитниот посетител денес може да шета по неговиот лавиринт до собраниската сaла, каде, без сомнение, се одиграла онаа сцена што ја опишува Ејвис Еверхард. Подалеку се ќелиите, во кои биле затворени затворениците, и собата на смртта каде се вршеле погубувањата. Долу се наоѓаат гробиштата — долги, кривулести галерии, издлабени во цврсти карпи, со вдлабнатини од обете страни во кои ред над ред лежат револуционерите исто онака како што нивните другари ги положиле пред многу години.