Џек Лондон
Железната петица

Глава VII

Визијата на епископот


„Епископот сосема изгуби контрола над себе”, ми пишуваше Ернест. „Сиот е в облаци”. Вечерва ќе почне да го исправа овој наш беден свет. Ќе ја предаде својата порака. Така тој ми рече и јас не можев да го одвратам. Вечерва тој е претседател на И.П.Х.[48] и својата порака ќе ја каже уште во своите уводни зборови.

„Сакаш ли да те одведам да го чуеш? Се разбира, тој е однапред осуден на неуспех. Срцето твое и негово ќе препукне, но за тебе тоа ќе биде одлична конкретна лекција. Знаеш, сакана моја, колку се гордеам што ме сакаш. И токму заради тоа сакам да ја запознаеш сета моја вредност, сакам во твоите очи да искупам барем дел од мојата безвредност. Мојата гордост бара ти да знаеш дека моето размислување е точно и правилно. Моите сфаќања се сурови: Бесполезноста да имаш благородна душа каква што е таа на епископот ќе ти покаже зошто морам да сум суров. Затоа дојди вечерва. Иако знам дека тажни работи ќе се случат, чувствувам дека токму тоа ќе нѐ зближи уште повеќе”.

Таа вечер организацијата И.Л.Х. имаше состанок во Сан Франциско.[49] Состанокот се свикуваше за да го разгледа проблемот на јавниот неморал и неговото искоренување. Претседаваше епископот Морхаус. Kora се качи на говорницата, беше многу нервозен, а можев да забележам и дека е силно напрегнат. Крај него седеа епископот Дикинсон, Х.Х. Џoнc, шеф на катедрата по етика при калифорнискиот универзитет, госпоѓата Херд, организатор на големи добротворни приредби, Филип Ворд, исто така голем филантроп и неколку помали ѕвезди од областа на моралот и милосрдието. Епископот Морхаус стана и веднаш почна:

„Се возев со мојата кочија по улиците. Беше ноќ. Одвреме навреме погледнував низ прозорецот, и наеднаш очите чиниш ми се отворија и ги видов работите онака какви што всушност се. Во почетокот ги покрив очите со рацете за да не ја гледам ужасната глетка, а потоа, онака во темнината, се прашав: Што да се прави? Што да се прави? Нешто подоцна тоа исто прашање ми се појави во друга форма: А што господ би сторил? Заедно со прашањето како некаква силна светлина да го исполни просторот и тогаш, јасно како сонце, ја видов својата должност како што Савле ја видел својата на патот за Дамаск.

„Ја запрев кочијата, слегов и по еден разговор од неколку минути, наговорив две уличарки да се качат во мојата кочија. Ако Христос имаше право, тогаш овие две несреќници беа мои сестри и единствената надеж повторно да започнат чесен живот, лежеше во мојата љубов и нежност.”

„Живеам во еден од најубавите квартови на Сан Франциско. Куќата во која живеам чини сто илјади долари, а нејзиниот мебел, книги и уметнички дела — уште толку. Куќата е огромна. Не, тоа е дворец со многу слуги. Никогаш не сум знаел зошто служат дворците. Мислев дека тие се градат за да се живее во нив. Но сега знам. Ги одведов двете уличарки во мојот дворец и таму ќе останат со мене. Се надевам дека сите одаи на мојот дворец ќе ги исполнам со сестри како нив двете.”

Слушателите стануваа сѐ повознемирени и понемирни, а на лицата на оние што седеа на говорницата се читаше сѐ поголем страв и ужас. И токму во тој момент, епископот Дикинсон стана и со израз на одвратност слезе од говорницата во салата. Но епископот Морхаус, несвесен за сето она што се случуваше, а сиот исполнет со својата визија, продолжи:

„О, сестри и браќа, во оваа своја постапка јас го најдов решението на сите мои маки. Не знаев зошто се прават кочии, но сега знам. Тие се прават за да се возат со нив изнемоштените, болните и старите: тие се прават за да им се укаже со нив чест на оние што го изгубиле дури и чувството на срам.

„Не знаев зошто се градат дворци, но сега ја открив нивната намена. Дворците на Црквата би требало да бидат болници и негователски домови за оние кои скршнале од правиот пат и сега пропаѓаат.”

Направи долга пауза, очигледно совладан од мислата што го окупираше и нервозен како најдобро да ја изрази.

„Не сум достоен, драги браќа, да ви кажам било што во врска со моралот. Предолго сум живеел во срам и лицемерство за да можам да им помогнам на другите, но мојата постапка со оние жени, мои сестри, ми покажа дека лесно е да се пронајде подобриот пат. За оние кои веруваат во Христос и неговото евангелие не може да постои друг однос меѓу човек и човек освен односот на љубов. Само љубовта е посилна од гревот — посилна од смртта. Затоа на богатите што се меѓу вас им велам дека нивна должност е да го прават она што сум го направил јас и што сѐ уште го правам. Нека секој од вас што е богат прибере во својата куќа некој крадец и нека кон него се однесува како кон свој брат или некоја несреќница и нека се однесува кон неа како кон своја сестра, па во Сан Франциско не ќе има потреба од полиција и судови; затворите ќе се претворат во болници, а злосторниците ќе исчезнат со сите свои злосторства.

„Мораме себеси да се дадеме, а не само нашите пари. Мораме да правиме онака како што Христос правел. Тоа е денеска порака на Црквата. Далеку сме одлутале од Неговото учење. Нѐ сотрел нашиот сопствен раскош. На местото на Христос сме го ставиле нашето злато. Овде имам една песна која ја кажува сета вистина. Би сакал да ви ја прочитам. Ја напиша една заблудена душа но која сепак јасно гледала.[50] Не смеете погрешно да ја сфатите како напад на католичката црква. Таа е напад на сите цркви, на сјајот и раскошот на сите цркви што скршнале од Неговиот пат и се оградиле за да не им пречат Неговите јагниња. Слушајте:

Сребрените труби под куполата ечат;
Народот со страв на земја клекнат;
И го видов, носен на нивните плеќи,
Ко најголем Бог, Светиот Отец на Рим
Ко свештеник, облечен во одежда од морската пена побела,
И како крал, завиен во наметка црвена,
Три златни круни главата му ја красат;
Во раскош и светлост Папата во домот свој ита.

Со мислите тогаш в минатото појдов
Кај Оној што осамен крај морето талкал;
И напразно место за свој почин барал:
„Лисиците дувла, а птиците гнезда свои вијат,
А само јас изморен талкам,
Нозеве од умора ми паѓаат и вино солено од солзи пијам”.

Слушателите беа вознемирени, но рамнодушни. Меѓутоа, епископот Морхаус не го забележуваше тоа. Цврсто стоеше на своето.

„И така на богатите меѓу вас и на сите богати им велам дека жестоко сте ги притиснале Неговите јагниња. Срцата ви се скоравиле. Сте си ги затнале ушите за да не ги слушате гласовите што ечат по сета земја — гласови на болка и тага што вие нема да ги чуете, но што ќе се чујат еден ден. И така ви велам...”

„Во тој момент Х.Х. Џoнc и Филип Ворд, кои веќе беа станале на нозе, го одведоа епископот од говорницата, а слушателите седеа без здив и потресени.

Кога излеговме на улицата, Ернест се насмеа сурово и дивјачки. Неговата смеа ми одеше на нервите. Срцето само што не ми препукна од солзите што цело време ги придушував.

„Тој ја предаде својата порака,” извика Ернест. „Човештината и длабоко скриената, нежна природа на нивниот епископ избувна, а неговите слушатели — христијани, кои толку многу го сакаа, заклучија дека тој е луд! Виде ли како загрижено го одведоа од говорницата? Мора од оваа глетка во пеколот да се орела смеа”.

„Сепак, она што епископот го стори и рече вечерва, ќе остави длабок впечаток,” реков.

„Мислиш?” ме праша Ернест потсмешливо.

„Ќе предизвика сензација,” тврдев. „Зар не ги виде дописниците како чкрабаа како луди додека тој зборуваше?”

„Ниту еден ред од сето тоа што го напишале не ќе се појави во утрешните весници.”

„Не можам да верувам во тоа,” извикав.

„Причекај, па ќе видиш,” беше одговорот. „Ниту еден ред, ниту една мисла што ја изговори. Дневен печат? Дневна цензура!”

„Но дописниците,” приговорив, „јас ги видов”.

„Печатот нема да види ниту збор од она што тој го рече. Ги заборави уредниците. Тие примаат плата за политиката што ја водат. А нивната политика е да не печатат ништо што сериозно му се заканува на воспоставениот поредок. Говорот на епископот беше жесток напад на постоечкиот морал. Тоа беше ерес. Го одведоа од говорницата за да не проповеда уште повеќе ерес. Весниците ќе го исчистат неговиот ерес во заборавот на молчењето. Печатот на Соединетите Држави? Тоа е паразитски израсток што се гои на плеќите на капиталистичката класа. Негова задача е да му служи на воспоставениот поредок вклучувајќи го и јавното мислење; тој сосема добро му служи.

„Дозволи ми да проречам. Утрешните весници само ќе споменат дека епископот не се чувствува добро, дека премногу работел и дека минатата вечер сосем клапнал. Неколку дена подоцна, ќе спомнат дека тој страда од нервна премореност и дека неговото благодарно стадо му дало одмор. А потоа ќе се случи една од овие две работи: или епископот ќе увиди дека го згрешил патот и од одморот ќе се врати закрепнат, без визии, или пак ќе остане на својата лудост, и тогаш може да очекуваш весниците патетично и нежно да соопштат за неговото лудило; потоа ќе биде препуштен своите визии да им ги дрдори на тапацираните ѕидови во лудницата.”

„Е, сега претера,” извикав.

„Во очите на општеството тоа ќе биде вистинско лудило,” ми одговори. „Кој чесен човек, ако не е луд, би прибрал пропаднати жени и крадци во својот дом да живее со нив како со свои сестри и браќа? Навистина, Христос умрел меѓу двајца крадци, но тоа е друrа приказна. Лудило? Психичките процеси кај човекот со кој не се сложуваме, се секогаш погрешни. Заради тоа и духот на тој човек е погрешен. Каде е границата меѓу погрешниот и лудиот дух? Несфатливо е дека било кој духовно здрав човек може потполно да се сложува со нечии најздрави заклучоци.

„Во вечерниов весник има добар пример за тоа. Мери Мекена живее јужно од Маркет Стрит. Тоа е сиромашна, но чесна жена. Таа е и патриот. Но има погрешни сфаќања во врска со американското знаме и заштитата што се претпоставува дека тоа ја симболизира. И еве што ѝ се случи. Мажот ѝ доживеа несреќа и лежеше три месеци в болница. Иако переше по туѓи куќи, таа заостана во плаќањето кирија. Вчера ја исфрлиле од станот. Но прво, таа истакна американско знаме и под неговите набори изјави дека под неговата заштита не може никој да ја исфрли на студените улици. И што сторија со неа? Ја уапсија и ја прогласија за луда. Денеска беше прегледана и од страна на вешти психијатри. Заклучија дека е луда. Ја испратија в лудница.”

„Но тоа е нешто сосема друго,” приговорив. „Да претпоставиме дека не се сложувам со никој околу стилот на некоја книга. Нема сигурно да ме пратат в лудница заради тоа.”

„Точно,” ми одговори. „Но таквото отстапување во мислењето не би претставувала никаква закана за општеството. Тука лежи разликата. Отстапувањето во мислењето на Мери Мекена и на епископот вистински му се заканува на општеството. Што би било ако сите сиромашни луѓе би одбиле да плаќаат кирија заштитувајќи се со американското знаме! Би се срушил системот на станарската сопственост. Сфаќањата на епископот се исто така опасни за општеството. Значи, в лудница со него.”

Но јас и понатаму одбивав да поверувам.

„Почекај, па ќе видиш,” ми рече Ернест и јас чекав. Следното утро испратив да ги купат сите весници.

Ернест имаше право. Навистина, ниту збор на епископот не беше отпечатен. Во еден или два весника беше спомнато дека чувствата го совладале, а блуткавите говори на другите говорници беа надолго и нашироко изнесени.

Неколку дена подоцна беше соопштено дека заминал на одмор за да закрепне по напорната работа. Дотука сѐ беше точно, но никаде не се навестуваше неговото лудило, ниту пак неговиот нервен слом. Ни на крај ум не ми паѓаше страшниот пат по кој на бискупот Морхаус му беше судено да патува — Голготата и распетието за кое Ернест размислуваше.


Забелешки

[48] Не постои објаснување за името на организацијата што ја означуваат овие иницијали.

[49] За да се мине од Беркли во Сан Франциско, потребни се само неколку минути патување со траект. Овие, како и останатите градови во заливот, претставуваа, практично, една заедница.

[50] Оскар Вајлд, еден од мајсторите на англискиот јазик во деветнаесеттиот век.