Даниел Литл

Научниот Маркс: фалсификација и адхокност


Првпат објавено: Little, Daniel. The Scientific Marx. Minneapolis: University of Minnesota Press, 1986, pp. 177-186.
Превод: Томислав Захов
Онлајн верзија: јуни 2023


Карл Попер изрекува сериозни обвинувања против Маркс во однос на оправдувањето. Попер аргументира дека Марксовата теорија е непогрешлива и поради тоа е псевдо-научна. Попер сугерира дека не е можно да се добие теоретско познавање во врска со текот на историјата или развитокот на општествените процеси. Тој смета дека Маркс е недоволно внимателен со емпириските и историските докази. Сепак, јас ќе покажам дека Попер има пресимплифицирано сфаќање на емпириското размислување. Неговиот критериум на фалсификација[1] всушност го прави научното истражување невозможно.

Фалсификација и адхокност[2]

Карл Попер аргументира дека Марксовата теорија е бескрајно флексибилен инструмент којшто може да биде искористен да „даде објаснување“ за секоја можна општествена ситуација. Бидејќи Маркс е подготвен да ја модифицира својата теорија наспроти фалсификабилните емпириски докази, теоријата е непобивлива и поради тоа е ненаучна.[3]

Аргументот на Попер зависи од неговиот критериум на фалсификација за разликувањето помеѓу она што е наука и она што е псевдо-наука:

„Теорија којашто не може да се побие со било каков убедлив резултат е ненаучна. Непобивливоста не е добро својство на една теорија (како што луѓето често мислат), туку порок“.[4]

Овој критериум потоа е искористен да се посрамоти Марксовата научна пракса (особено неговата готовност сериозно да се повикува на „влијанијата со спротивни дејства“):

„Марксовата теорија на историја, наспроти сериозните напори на некои од нејзините основачи и приврзаници, на крајот ја усвои оваа пророчка пракса. Во некои од нејзините поранешни формулации … нејзините предвидувања беа подложни на тест и во суштина фалсифицирани (способни да бидат изменети или претставени лажно). Сепак, наместо да ги прифатат побивањата, приврзаниците на Маркс повторно ги толкуваа и теоријата и доказот со цел да ги усогласат. На овој начин, тие ја спасија теоријата од побивање; но тие го направија тоа по цена на присвојување инструмент којшто ја направи теоријата непобивлива. Според тоа, тие ‘и дадоа „конвенционалистички трик“ на теоријата; а со оваа итрина тие ‘и го уништија нејзиното толку популаризирано право на научен статус“.[5]

Изразен со прост пример, аргументот на Попер може да биде формулиран на следниот начин: Марксовата теорија на вишок вредност во почетокот е емпириски важна хипотеза. Една од нејзините последици е дека стапките на профит се нееднакви во различни индустрии (поради нееднаквите сразмери помеѓу капиталот и трудот). Ова е емпириска последица за којашто се знае дека е лажна; поради тоа, теоријата е лажна. Ако Маркс не сака да го прифати ова побивање, претпочитајќи, наместо тоа, да се повикува на други фактори коишто се судираат со делувањето на механизмите наведени од теоријата, тој може да направи така, но плаќајќи цена: тој ја лишува теоријата од нејзината емпириска содржина и нејзиниот научен статус. Со оглед на тоа дека Маркс рутински предлага модификации на својата теорија во едни такви околности, Попер заклучува дека неговата теорија на капитализам е ненаучна и без емпириска содржина.

Воведни прашања во однос на фалсификацијата

Пред да ја дискутираме суштината на аргументот на Попер, мора да истакнеме дека многу од неговите „фалсификувачки околности“ ја промашуваат целта, бидејќи целосно излегуваат од доменот на Марксовата научна анализа. Низ оваа книга тврдев дека е нужно да се прави остра разлика помеѓу Марксовото научно третирање на капиталистичкиот начин на производство и другите погледи што тој ги дава во рамките на својата теорија на историски материјализам. Поглавје 1 покажа дека доменот на првото е ограничен на анализа на логиката на економската структура на капитализмот и дека нема за цел пошироки тези во однос на капиталистичкото општество воопшто (на пример, теориите на политика или идеологија поврзани со историскиот материјализам). Маркс, се разбира, има цврсти ставови за идниот развиток на капитализмот и тој има многу што да каже за идеологијата и политиката. Но, ниту еден од овие домени не е вклучен во центарот на неговата наука; неговата наука е строго ограничена на структурална и динамичка анализа на капитализмот. Штом ја исцртаме оваа гранична линија, сепак, ние доаѓаме до заклучокот дека најголемиот дел од фактите за кои Попер верува дека ја фалсификуваат Марксовата анализа се всушност ирелевантни.

Да разгледаме поцелосно еден пример. Попер тврди дека настанокот на револуција во Русија и нејзиното ненастанување во Велика Британија го фалсификуваат Марксовиот систем.[6] Дали овие околности важат како потенцијални фалсификации на Марксовата теорија? Моето мислење е дека тие не ја фалсифицираат. Прво, ништо во Капиталот не го обврзува Маркс на било каков став по прашањето за можноста од револуција во Русија. Неиндустриската, полуфеудална Русија во 19-ти век била радикално различна општествена формација од Англија и целосно отпаднала од доменот на Марксовото научно истражување. Настанокот на револуција овде е ирелевантен во однос на точноста на неговата теорија во Капиталот. Маркс експлицитно ја усвојува оваа позиција во својата преписка со уредничкиот одбор на еден руски часопис. Таму тој е заинтересиран да ја обезхрабри примената на аргументот развиен во Капиталот врз околностите затекнати во Русија од доцниот 19-ти век: „Главата за првобитната акумулација сакаше само да го набележи патот по кој, во Западна Европа, капиталистичкиот економски поредок излезе од крилото на феудалниот економски поредок. … Мојот критичар по секоја цена настојува мојата историска скица на генезата на капитализмот во Западна Европа да ја претвори во историско-филозофска теорија на општото движење, судбински наметната на сите народи, па макар какви и да се историските околности во кои се тие сместени… Откако ќе се проучи посебно секоја од тие еволуции, и потоа тие ќе се споредат една со друга, лесно ќе се најде суштината на таа појава, но никогаш до неа нема да се дојде со помошта на една општа историско-филозофска теорија, чијашто врховна добродетел се состои во тоа дека е надисториска.“ (Писмо до редакцијата на „Отечествение Записки“[7])

Дали Капиталот е барем посветен на настанокот на социјалистичка револуција во индустријализираната Европа? Не е. Маркс, се разбира, верува дека социјалистичка револуција е неизбежна во индустријализираната Европа и дека Капиталот го поддржува ова верување. Сепак, ова убедување е само многу далечна и условна импликација на неговата теорија на капитализам. Понепосредни последици на неговата теорија се однесуваат на развојните тенденции на капитализмот: промени во сопственичките односи и во техниките на производство, концентрација и централизација на индустриското производство, создавање на индустриска резервна армија, повторување на економските кризи итн. Овие се Марксовите реални „теореми“. Врз основа на овие заклучоци Маркс подоцна нуди аргумент во Капиталот за ефектот што овие тенденции го предвидуваат – евентуално рушење на капиталистичкиот начин на производство. Тој аргумент, сепак, не може да се земе како дел од научниот систем на Капиталот. Тоа е Марксово донекаде шпекулативно предвидување на самостојните последици на својот теоретски систем отколку последица на самиот тој систем. Поради тоа, неуспехот на револуцијата во Западна Европа го поткопува само Поглавје 32 од Капиталот, „Историската тенденција на капиталистичката акумулација“, но не и аргументот на делото како целина.[8]

Според тоа, овој пример не успева да го фалсификува Марксовиот систем, бидејќи опишува работи надвор од доменот на Марксовата научна анализа. Освен тоа, тоа сосема е вообичаено за Поперовите главни „фалсификувања“ на Марксовиот систем. Според тоа, неговото обвинување против Маркс е слабо само по себе: Тоа не успева да понуди околности коишто се однесуваат на Марксовото научно дело на еден таков начин што тие би можеле да важат за фалсификатори.

Овој заклучок не го решава проблемот, сепак, бидејќи ние лесно можеме да го поправиме аргументот на Попер. Во претходното поглавје ние откривме дека Марксовиот систем е посветен на одредени долгорочни предвидувања: опаѓачка стапка на профит, интензивирање на кризите, „осиромашување на трудот“ и создавање на индустриска резервна армија. Марксовиот одговор на исклучоците од овие видови е што се повикува на конкурентните фактори коишто се судираат со основните теоретски механизми. Според тоа, приговорот на Попер може да биде преформулиран во однос на овие примери, бидејќи ниту еден, очигледно, не бил верифициран без потреба од одредена квалификација. Дали Марксовото воведување на „влијанија со спротивни дејства“ за да објасни одредени неуспеси на предвидувањата претставува „конвенционалистички трик“ што во целост ја прави анализата непобивлива?

Марксовата употреба на влијанија со спротивни дејства

Поперовото обвинување за нефалсификуваност ја има својата најцврста основа во Марксовата употреба на „влијанија со спротивни дејства“ (Влијание со спротивно дејство е претходно непознат фактор којшто е претпоставен за да ги оправди разликите помеѓу теоретските очекувања и испитуваниот факт.) Да го разгледаме ова тврдење во обвинувањето на Попер:

„Искуството покажува дека Марксовите пророштва биле лажни. Но, искуството секогаш може да биде објаснето. И, навистина, самиот Маркс, и Енгелс, започнале со разработка на помошна хипотеза наменета да објасни зошто законот на зголемување на бедата не функционира како што тие очекувале да функционира. Според оваа хипотеза, тенденцијата кон паѓање на профитната стапка … е неутрализирана со ефектите на колонијалната експлоатација“.[9]

Повикувањето на влијанијата со спротивни дејства е централен дел од Марксовата идеја за „закон на тенденција“, што се интегрира во можноста од влијанија коишто противтежат на основниот закон. Сепак, Поперовата теза на фалсификација го доведува тоа повикување до такви тенденции што самата претставува конвенционалистички трик што исклучува изградба на емпириска содржина. Па, да одговориме на ова спорно прашање директно: Дали е неразумно да се повикува на влијанија со спротивни дејства за да се оправдат разликите помеѓу една теоретска анализа на капитализмот и неговите испитувани карактеристики?

Ние можеме да започнеме со еден пример. Во том III од Капиталот Маркс се соочува со важен теоретски проблем во политичката економија: како да го објасни паѓањето на профитната стапка во британските индустрии во средината на 19-ти век. Маркс ја објаснува оваа тенденција врз основа на својата теорија на вишок вредност. Профитите се еднакви на вишокот труд и поради тоа сразмерни на применетото количество труд. Како што капиталистите воведуваат попродуктивни техники за да ја подобрат профитабилноста, тие се разбира предизвикуваат соодносот меѓу капиталот и трудот да расте. Профитната стапка, сепак, е еднаква на размерот на вишокот спрема вкупно применетиот капитал (плати и машинерија), а како што платите постануваат помал дел од вкупниот капитал, профитната стапка тежнее да опаѓа. Како резултат на тоа, Марксовата теорија на вишок вредност го дава законот на паѓање на профитната стапка (Капиталот, том III, Скопје: Мисла, 1976, 195-212 стр.). Со оглед на деталите на теоретскиот аргумент, сепак, би се очекувало профитната стапка да опаѓа многу побрзо и постојано отколку што е испитано да опаѓа. Додека ортодоксната политичка економија е засрамена со простиот факт на паѓање на профитната стапка, Маркс е засрамен со својата релативно бавна стапка на паѓање.[10]

Марксовиот одговор на овој исклучок е тврдењето дека открил само „закон на тенденција“, дека може да биде спротивставен со други фактори сè уште неприкажани; потоа тој се обидува да ги открие факторите коишто би можеле да се судираат со механизмите наведени од теоријата на вишок вредност. „Кога го разгледуваме огромниот развиток на производната сила на општествениот труд макар само за последниве 30 години, во споредба со сите поранешни периоди … тогаш на местото од тешкотијата, со која досега се занимаваше економијата, имено да се објасни паѓањето на профитната стапка, изникнува спротивна тешкотија, имено да се објасни, зошто ова паѓање не е поголемо или побрзо. Мора да се во игра влијанија со спротивни дејства, кои го попречуваат и укинуваат дејството на општиот закон и нему му даваат карактер само на тенденција, поради што паѓањето на општата профитна стапка ние го означивме како тенденциско паѓање.“ (Капиталот III, стр. 213)

Факторите што Маркс ги спомнува како влијанија со спротивни дејства се прифатливи: Тој забележува дека работодавачите имаат постојан мотив да го зголемуваат интензитетот на работниот процес, притоа ублажувајќи го паѓањето на профитната стапка; слично, капиталистите се поттикнати да ја снижуваат наемнината под вредноста на работната сила; трето, капиталистите може да го неутрализираат паѓањето, наоѓајќи странски пазари на коишто стоките може да бидат продадени над нивната вредност (а трудот вработен под неговата вредност); итн. (Капиталот III, стр. 213-20). Сите овие фактори имаат очигледни влијанија врз основните механизми на трудовата теорија на вредност, и тие јасно служат да ја ублажат тенденцијата создадена од теоретските механизми што Маркс ги спомнува. Покрај тоа, ние може директно да ги видиме општествените механизми со кои тие се појавуваат: Капиталистите, кога се затекнати во ситуација на општо паѓање на профитите, ќе направат сè што можат да ги минимизираат своите трошоци и да ја зголемат продуктивноста. Покрај тоа, воведувањето на овие фактори во анализата на едно повисоко ниво изгледа дека е прифатливо и не претставува редукција на емпириската содржина на теоријата, бидејќи конечниот резултат е зголемување на стварноста на теоријата.

Поперовиот напад на влијанијата со спротивни дејства, сепак, произлегува од следното размислување: Со оглед на тоа дека секогаш е можно да се спаси некоја теорија од фалсифицирани последици повикувајќи се на вплеткувачки фактори коишто не се земени предвид во теоријата, зарем повикувањето на такви фактори не ја намалува емпириската содржина на теоријата? И ако научникот е подготвен да се повикува во секој случај на исклучок, зарем тој не отстапува од тврдењето дека дал емпириски значајна хипотеза? Зарем не е разумно во еден таков случај да се заклучи дека теоријата е непобивлива со клаузула, а поради тоа без емпириска содржина? Со други зборови, нели е Попер во право опишувајќи го барањето помош во влијанијата со спротивни дејства како „конвенционалистички трик“, којшто ја воспоставува точноста на теоријата со клаузула?

Овој заклучок би бил оправдан само ако беше невозможно да се наметнат ограничувања на повикот кон овие тенденции – односно, само ако беше невозможно да се покаже како да се направи разлика помеѓу ad hoc (непланирани) и прогресивни модификации на теоријата. А тоа претпоставува дека критериумот на научната логика се додава кон формалните теории отколку кон истражувачките програми. За да ги оцениме овие обвинувања, сепак, ќе биде потребно подетално да ги разгледаме прашањата на исклучок и теоријата на разумна промена.

Исклучоци и теоријата на промена

Поперовата теза на фалсификација се појавува во одговор на општиот проблем на исклучок во науката. Исклучоците – факти или откритија коишто се појавуваат несоодветствувачки со прифатената теорија – се наоѓаат секаде во историјата на науката, бидејќи научното испитување е инхерентно несовршено. Ако една теорија имплицира одреден исказ А и А е неточен, следи дека теоријата мора да биде исто така неточна. Во еден таков случај научникот е соочен со низа избори. Тој може да ја отфрли теоријата во целост; да отфрли некој дел од теоријата за да го избегне заклучокот А; да ја модифицира теоријата за да го избегне заклучокот А; или да воведе некоја додатна претпоставка за да покаже како теоријата е конзистентна со „не А“. Некој строг фалсификационист веројатно би барал ние да ја отфрлиме теоријата, но овој одговор е и бесмислен за стварната научна пракса и неприфатлив како принцип на методологијата.

Кога е соочен со исклучок, научникот мора да избере дали да ја напушти теоријата во целост или да ја измени за да ја направи конзистентна со спротивните опсервации. Ако теоријата има широка низа на поддржувачки докази (настрана од спротивното искуство), постои силен мотив во прилог на спасување на теоријата, имено, на нејзино дополнување со некој дополнителен принцип којшто ја ограничува примената на нејзините закони, или модифицирајќи ги самите закони, за да се усогласи теоријата со искуството. Идеално, научникот треба да продолжи да се обидува да го лоцира изворот на грешката во оригиналната теорија. Модификацијата на теоријата во лицето на спротивниот доказ би требало да резултира со пореалистичен опис на светот, или преку поправка на погрешните теоретски принципи или преку опис на дополнителни фактори во функција коишто досега биле непознати.

Можно е, сепак, да се измени една теорија на начини коишто не одразуваат било каков дополнителен увид во реалната природа на појавата што се разгледува, но тие се донекаде само механички модификации на теоријата направени за да ја прилагодат со спротивниот доказ. Такви модификации се вообичаени во историјата на науката; Хемпел го спомнува примерот со теоретичарите на флогистон кои биле под напад на Лавоазје. После откритието на Лавоазје дека металите тежат повеќе после согорувањето отколку претходно (на тој начин очигледно фалсифицирајќи ја теоријата на флогистон), некои бранители на таа хипотеза ја модифицирале својата идеја на флогистон претпоставувајќи дека тој има негативна тежина. Оваа модификација ја прилагодила теоријата на флогистон според доказот на Лавоазје; сепак, изгледа врз сосема интуитивна основа дека тоа е нелегитимна модификација. Таа е „воведена ad hoc – односно, бидејќи на самата цел на спасување на некоја хипотеза сериозно ‘и се заканува спротивен доказ; тоа не би било побарано од други откритија, и, грубо зборувајќи, не води до дополнителни тестирачки импликации.“[11]

Проблемот на избегнување адхокност, формулирајќи збир на методолошки стандарди прикладни за контрола на модификацијата на хипотезата во светло на спротивниот доказ, е суштински проблем. Како што Хемпел забележува, најјасните ad hoc проценки се донесени ретроспективно гледано; она што можеби е рационална модификација со оглед на сегашните верувања е транспарентен случај на ad hoc модификација во корист на подоцнежното знаење. Сепак, ние можеме да изнесеме необработен збир на правила за воведување на модификации: „Дали хипотезата е предложена само со цел да се спаси некоја сегашна идеја од негативниот доказ, или дали таа ја објаснува исто така другата појава, дали таа дава дополнителни значајни тестирачки импликации?“[12] Дали таа дава придонес за теорија којашто дозволува едноставни објаснувања од широк размер на појава? Дали таа изгледа дека претставува зголемено знаење на реалните механизми коишто ја предизвикуваат појавата што се испитува? Дали таа само го повторува веќе расположливиот доказ, или е отворена за независни тестирања?[13] Овие размислувања се далеку од тоа да ја задоволат дефиницијата на адхокност, а еден неодамнешен труд во филозофијата на науката битно ги прошири овие идеи воведувајќи концепт на научна програма.[14]

Постпозитивистички третмани на исклучоците

Постпозитивистичката филозофија на науката голем дел од своите напори ги насочи кон формулирање на посоодветни стандарди за модифицирање теорија во светлината на исклучокот. Нејзините главни сознанија произлегоа од префрлање на вниманието од нивото на завршени теории до нивото на истражувачка програма, односно, од формалните закони и принципи на една теорија до поопфатниот збир на претпоставки, методолошки заложби и истражувачки интереси кои ги водат научниците во спроведување на истражувањето и формирањето теорија. Централниот фокус на неопозитивистичката теорија на науката беше научната теорија, идеално замислена како формален систем на аксиоми и дедуктивни последици. Неопозитивистите направија разлика помеѓу контекстот на откритието и оној на оправдувањето, и тие тврдеа дека само попуштањето спаѓа во опсегот на рационална контрола. Ова значеше дека само завршените теории може да бидат рационално вреднувани, додека спроведувањето на истражувањето беше замислено како вежба на чиста, нерегулирана имагинација.[15] Од оваа проценка следеа фалсификување и верификација и различни форми на теорија на потврда.

„Новата“ филозофија на науката се фокусира на „контекстот на откритието“ – претпоставките и истражувачките цели што ги водат научниците во нивното истражување. Филозофите на науката во оваа област ја отфрлаат идејата дека спроведувањето на истражувањето е неструктуриран, нерационален процес и тие се обиделе да формулираат теорија за правилата што прават разлика помеѓу доброто научно истражување и лошото. Од оваа појдовна точка, „истражувачката програма“ станува централен интерес.[16]

Што е научнo-истражувачка програма? Тоа е рамка на претпоставки, експериментални постапки, објаснувачки парадигми и теоретски принципи кои го водат спроведувањето на истражувањето. Лакатош даде особено јасна формулација на концептот.[17] Прво, тој тврди дека секоја научнo-истражувачка програма поседува „тврдо јадро“ на теоретски принципи кои го сочинуваат нејзиниот централен увид во нејзината тема на разгледување. Ова јадро се зема како фиксирано; „негативната хеуристика“ на програмата му забранува на научникот да ги толкува девијантните резултати како фалсификување на ова јадро. Наместо тоа, научникот е насочен да конструира „заштитен појас“ од помошни претпоставки наменети за обезбедување на исправноста на теоретските принципи во суштината, а научното истражување станува обид да се модифицираат или заменат претпоставките вклучени во појасот за да се направи јадрото во согласност со експерименталните резултати. Конечно, научно-истражувачката програма го вклучува она што Лакатош го нарекува „позитивна хеуристика“: збир на принципи и претпоставки кои даваат насоки за проширување и развој на појасот. Оваа концепција на научно истражување може да се сумира во форма на слоган: Брани и прошири! Гледиштето е отфрлање на фалсификувањето, бидејќи, далеку од тоа да сака да ги побие централните теоретски принципи, научникот е насочен да ги брани и прошири што е можно посилно.

Со оваа фундаментално различна почетна точка, новите филозофи на науката си поставија поинакво прашање. Наместо прашањето на позитивистите – Кој е критериумот за емпириски адекватна теорија? – тие прашуваа: Кои се карактеристиките што ја разликуваат рационалната и прогресивна научно-истражувачка програма од нејзината спротивност? Проблемот со адекватноста на теоријата не исчезнува, туку станува подредена грижа. Овој поширок пристап кон емпириската рационалност го става акцентот на степенот до кој заложбите на научно-истражувачката програма успешно го насочуваат истражувањето продуктивно и сугерираат емпириски адекватни теории – наместо на потесното прашање за критериумот за емпириска адекватност на теориите. Според ова гледиште, емпириската рационалност е карактеристика на научно-истражувачката програма наместо завршената теорија; теориите се алатки за разбирање на емпириските појави создадени од научникот во контекст на рамка на методолошки и суштински претпоставки.

Од оваа гледна точка ориентирана кон научно истражување, фалсификувањето е нездрав принцип на теориски избор, бидејќи тој е екстремен принцип кој бара отфрлање на секоја теорија со лажни последици. Потребна е поконзервативна стратегија, која ќе му овозможи на научникот да ја зачува старата теорија со минимални трошоци. Според ова гледиште, генерално е разумен методолошки принцип да се обидеме да формулираме хипотеза што ќе ја објасни вистинитоста на теоријата и неточноста на една од нејзините последици S - или со претпоставка дека S е навистина точна (т.е. експериментална грешка) или со модифицирање на теоријата или со поставување на некој незабележан фактор кој, заедно со теоријата, предвидува „не Ѕ“. (Земете ги предвид, на пример, аномалиите што се појавуваат во Њутновиот опис на планетарните орбити кои доведоа до идното позиционирање на Уран.) Разумно е, односно како научно-истражувачка стратегија да се земе максимата на најмала штета: да се направи обид да се произведе усогласување на теоријата и опсервацијата што бара најмала промена во теоријата. И општиот успех на формирањето на научна теорија водено од оваа максима ја оправдува стратегијата.

Проблемот со принципот на најмала штета е што ни овозможува да го одложиме отфрлањето на теоријата на неодредено време; тоа потенцијално ја прави теоријата невозможнa да се негира или побие. Меѓутоа, штом ќе ја прошириме нашата визија од теории до научно-истражувачки програми, ќе откриеме дека клучниот проблем не е како да се задржи теоријата подложна на фалсификација, туку како да се наметне збир на рационални ограничувања на принципот на најмала штета: како да се избегнат ад хок модификациите на теоријата кои не успеваат да ја развијат емпириската моќ и објаснувачката адекватност на теоријата.

Лакатош детално го дискутираше ова прашање. Неговото објаснување не е сосема соодветно, но дава индикација за видот на критериумот за адекватност што се чини дека има некакво ветување за успех. Според него, проблемот е како да се дефинира поимот „прогресивна промена на проблемот“, односно модификација на теоријата во однос на конфликтното искуство што ја подобрува емпириската адекватност на теоријата. Лакатош дава двоен критериум за прогресивност. Модификација на теоријата е теоретски прогресивна ако модификацијата има вишок емпириска содржина во однос на нејзиниот претходник, а емпириски е прогресивна ако дел од оваа содржина е потврдена. Ако промената не е прогресивна во оваа смисла, научно-истражувачката традиција е во состојба на дегенерација и треба да се замени.[18]

Оваа концепција за прогресивна научно-истражувачка традиција може да се засили во поспецифичен критериум за рационално придржување кон емпириска теорија наспроти аномалијата. Прво, теоријата за која станува збор мора да постигнала одреден емпириски успех. Односно, таа мора да произведе емпириски адекватни објаснувања на појавите во области кои не се засегнати од аномалија; во спротивно би било ирационално да се остане посветен на теоријата. И второ, самите модификации на теоријата мора да бидат, барем потенцијално, емпириски значајни. (1) Тие мора да доведат до други последици освен опсегот на појави за кои беа воведени да ги објаснат, и (2) тие мора да бидат подложни на понатамошно истражување. Ако се добијат овие услови и ако се произведе независно оправдување за новите фактори, и тие и претходната теорија се оправдани.

Примена на овие резултати врз Марксовата научно-истражувачка програма

Научно-истражувачката програма на Маркс ги задоволува овие стандарди на прогресивност и затоа е емпириски одбранбен напор во општествените науки. Прво, програмата дефинира „тврдо јадро“ на теоретски принципи кои се чини дека претставуваат важен увид во функционирањето на капиталистичката економија, како и прилично прецизна алатка за понатамошно истражување. Ова јадро ја вклучува теоријата за класната природа на капитализмот. Марксовото објаснување на дефинирачките карактеристики на капиталистичката економска структура, неговата анализа на кризата и така натаму. Понатаму, ова јадро имаше некои забележителни емпириски успеси. Значи, научно-истражувачката програма ги поседува основните емпириски акредитиви што ги сметаме за неопходни.[19]

Второ, програмата беше плодна во насочувањето на истражувањето. Во областа на општествените науки, слободно инспирирани од марксистичката теорија на капитализмот, може да се најдат неоспорни плодни примери на истражување. Марксистичката економска теорија ги вклучи придонесите на Пол Суизи, Морис Доб, Ернест Мандел и Митио Морисима; Марксистичката историографија ги произведе Јуџин Џеновезе, Е. П. Томпсон, Албер Собул и други; марксистичката теорија на политиката ги продуцира Ралф Милибанд, Никос Пуланцас и Теда Скочпол; а марксистичката социологија ги инспирираше Том Ботомор и Ентони Гиденс, да именувам само двајца. Оваа разновидност на продуктивни напори укажува дека програмата го обезбеди видот на хеуристична вредност што се очекува од научно-истражувачките програми.

И, конечно, модификациите на теоријата и апелите за тенденции со спротивни дејства (развојот на заштитниот појас), на кои последователната марксистичка општествена наука беше сведок, се чини дека во голема мера ги имаат прогресивните својства што ги бара Лакатош. Тие ја зајакнаа емпириската моќ и опсегот на теоријата и беа подложни (во голема мера) за понатамошни емпириски истражувања (спротивно на тврдењето на Попер дека тие се само конвенционалистички стратегии). Тие доведоа до попрецизна формулација на економскиот модел; подетален модел на класна стратификација; пофино изградена анализа на влијанието на финансискиот систем врз динамиката на капиталистичката акумулација; и попрецизна анализа на влијанието на економската структура врз системот на образование.[20] Според тоа, програмата на Маркс го има секој изглед дека била и теоретски и емпириски прогресивна, според зборовите на Лакатош, и се чини дека била плодна на начинот на кој би требало да биде една успешна научно-истражувачка програма.

Според претходното толкување на промената на теоријата во науката, повикувањето на тенденциите со спротивно дејство не е ниту ирационално ниту неконтролирано; рационално е да се обидеме да ја спасиме теоријата и можеме да наведеме релативно јасни критериуми за успех и неуспех во обидот. Повикувањето на такви фактори во принцип може да претставува прогресивна научно-истражувачка стратегија и не влијае prima facie врз емпириската содржина на теоријата. Тоа може да покаже дека теоријата не напредува, и ако е така, на крајот мора да се отфрли. Но, самото барање начини за приспособување на некооперирачките податоци не е само по себе ирационално. Ова е сè што ни треба да заклучиме дека повикувањето на тенденции со спротивно дејство само по себе не ја намалува емпириската содржина на теоријата. Затоа, обвинението на Попер дека марксистичката општествена теорија е лишена од емпириска содржина не може да се поддржи. Марксовата анализа на крајот може да се покаже како лажна. Нејзината неточност, сепак, може да се покаже само со долгорочниот неуспех на деталното истражување започнато во негово име и успехот на истражувањето што му противречи; таа не може да подлежи на евалуација пред некое одржливо општествено истражување.

Даниел Е. Литл (роден во 1949 година) е професор по филозофија на Универзитетот во Мичиген-Дерборн и професор по социологија и јавна политика на Универзитетот во Мичиген, Ен Арбор. Тој претходно служеше како канцелар на Универзитетот во Мичиген-Дерборн (2000-2018). Даниел Литл се здобил со две додипломски дипломи за филозофија и математика на Универзитетот во Илиноис во 1971 година и доктор по филозофија од Универзитетот Харвард во 1977 година. После неговото време поминато на Универзитетот Харвард, Литл работел на факултетски позиции на Универзитетот Висконсин-Парксајд, Колеџ Велсли, Универзитет Колгејт и Универзитет Бакнел. Тој служеше како потпретседател за академски работи на Универзитетот Бакнел меѓу 1996 и 2000 година. Неговите области на специјализација и компетентност вклучуваат филозофија на општествените науки, социјална и политичка филозофија и азиски студии. Тој е активен академик и нашироко пишува и предава за основите на општествените науки. Неговата книга објавена во 2003 година е „Парадоксот на богатството и сиромаштијата“, дискусија за етички прашања предизвикани од економскиот развој во Третиот свет. Негови најнови книги се „Нови придонеси во филозофијата на историјата“ (2010) и „Нови насоки во филозофијата на општествените науки“ (2016). Тој е активно вклучен во метрополитенската општина Детроит и служел во непрофитни одбори во Мичиген, кои се занимаваат со граѓански права, расни односи и подобрување на меѓу-групното разбирање. Тој во моментов служи во одборите на Лигата за јавна политика во Мичиген и мрежата за пристап на Колеџ Мичиген, со претходна служба во одборот на Њу Детроит, Сити Иар Детроит, Урбаната лига на Детроит, Јавната телевизија на Детроит и Зоолошкото друштво на Детроит.


Фусноти

[1] Фалсификација е важен концепт во филозофијата на науката што значи можност за емпириско побивање на некоја изјава или теорија. Овој концепт е спротивен на верификабилност (проверливост) што значи способност емпириски да се утврди дали некоја изјава е вистинита. (Заб. на прев.)

[2] Ад хок хипотеза е хипотеза дизајнирана да објасни поединечни, посебни појави кои е невозможно да се објаснат во рамките на дадена теорија. Во науката и научната теорија, таа игра улога на помошна хипотеза за поддршка на даден систем на хипотетички искази (теорија) преку надминување на противречностите што се појавиле. Ад хок хипотезите не тврдат дека имаат универзална валидност, наместо тоа, нивната цел е да ги објаснат и докажат исклучоците во одреден случај. Според Карл Попер, помошните хипотези, бидејќи тие би можеле да го запрат побивањето на која било теорија, се допуштени само ако фрлаат сомнеж на дадена теорија, т.е. ако тие аргументираат против, а не во корист на нејзината универзална валидност. (Заб. на прев.)

[3] Тезата на фалсификација е развиена низ трудовите на Попер. За едноставен став види Conjectures and Refutations: The Growth of Scientific Knowledge (New York: Basic, 1965), pp.36-37, и The Logic of Scientific Discovery (New York: Harper, 1968), pp. 78-92. За Поперовата примена на фалсификација врз Маркс, види Conjectures and Refutations, p. 37, и The Open Society and Its Enemies, vol. 2 (Princeton: Princeton University Press, 1971), pp. 187-89.

[4] Karl Popper, Conjectures and Refutations, p. 36.

[5] Ibid., p. 32.

[6] Karl Popper, Open Society and Its Enemies, vol. 2. pp. 105, 109, 144.

[7] В.И. Ленин, Дела, Скопје, 1980, Том 1, стр. 551-554.

[8] Навистина, Попер изгледа дека ја признава оваа поента кога тој пишува дека Марксовиот аргумент за неизбежноста на социјализмот содржи три фази и дека „Капиталот го елаборира само „првиот чекор“ на овој аргумент.“ The Open Society and Its Enemies, p. 136.

[9] Ibid., p. 187.

[10] Ернест Мандел сумира одредени податоци од 20-от век за однесувањето на профитната стапка во Marxist Economic Theory, vol. 1 (New York: Monthly Review, 1970), pp. 166-170.

[11] Carl Hempel, Philosophy of Natural Science (Englewood Cliffs, N.J.: Prentice-Hall, 1966), pp.28-30.

[12] Ibid., p. 30.

[13] Popper, Conjectures and Refutations, p. 288.

[14] Книгата на Лари Лауден Progress and Its Problems (Berkeley: University of California Press, 1977) дава добар критички краток приказ на погледите на филозофите од науката кои ја респектираат идејата на научна програма или парадигма.

[15] „Почетната фаза, чинот на замислување или измислување теорија, ми се чини дека ниту бара логичка анализа, ниту е подложна на неа. Прашањето како се случува да му се случи нова идеја на еден човек... може да биде од голем интерес за емпириската психологија, но тоа е ирелевантно за логичката анализа на научното знаење... Според тоа, остро ќе разликувам меѓу процесот на замислување нова идеја и методите и резултатите од логичното испитување на истата.“ Popper, The Logic of Scientific Discovery, p. 31.

[16] Види Imre Lakatos, "Falsification and the Methodology of Scientific Research Programmes," во Lakatos and Musgrave, eds., Criticism and the Growth of Knowledge (Cambridge: Cambridge University Press, 1970), pp. 91-195, за дефинитивна констатација на поимот на истражувачка програма. Larry Laudan-овата Progress and Its Problems исто така го дискутира и проширува концептот на истражувачка програма (pp. 70-120).

[17] Lakatos, "Falsification and Methodology," pp. 132 38.

[18] Ibid., pp. 116-22.

[19] Ернест Мандел собира дел од емпириската поддршка достапна за економската анализа на Маркс во неговиот вовед во Капиталот том II, стр. 22-24 и 80-86. Неговиот третман е од посебен интерес бидејќи директно одговара на обвинението на Попер за неподложност на фалсификација.

[20] Земете ги предвид Michio Morishima, Marx's Economics (Cambridge: Cambridge University Press, 1973); J. H. Westergaard, Class in A Capitalist Society (New York: Basic, 1976); James O'Connor, The Fiscal Crisis of the State (New York: St. Martin's, 1973), и Samuel Bowles and Herbert Gintis, Schooling in Capitalist America (New York: Basic, 1976).


марксистичка интернет архива