В. И. Ленин

Воведен збор на отворањето на Првиот конгрес на Комунистичката интернационала


Одржан: 2 март 1919 година
Извор: Lenin Collected Works, Progress Publishers, 1965, Moscow, Volume 28, p. 455-477. „Револуција: македонско е-списание за историјата, теоријата и праксата на марксизмот“, Антифа-Битола, 2019, бр. 2.
Превод: Евгениј Литовски
Онлајн верзија: декември 2019


Во име на Централниот комитет на Руската комунистичка партија, го прогласувам за отворен Првиот конгрес на Комунистичката интернационала. Прво, би сакал да ги замолам сите присутни да станат и да им оддадат почит на најдобрите претставници на Третата интернационала: Карл Либкнехт и Роза Луксембург.

Другари, нашиот собир е од историска важност. Сведочи за колапсот на сите илузии негувани од буржоазијата. Не само во Русија, туку во повеќето развиени капиталистички земји во Европа, на пример во Германија, граѓанската војна е факт.

Буржоазијата спроведува терор врз растечкото работничко револуционерно движење. Ова е разбирливо доколку се согледа развојот на настаните од големата империјалистичка војна, кои се во корист на работничкото револуционерно движење и фактот дека светската револуција започнува и интензивно расте насекаде.

Луѓето се свесни за големината и значајноста на борбата која се случува. Сè што треба е да се пронајде практичната форма за да се овозможи пролетаријатот да ја воспостави својата власт. Таква форма е советскиот систем на диктатура на пролетаријатот. Диктатура на пролетаријатот – до овој момент овие зборови беа на латински јазик за широките маси. Благодарение на ширењето на советите, латинскиот јазик сега е веќе преведен на сите модерни јазици. Практичната форма на диктатура е пронајдена од страна на работниот народ. Масите работници сега тоа го разбираат благодарение на советската моќ во Русија, Спартаковиот сојуз во Германија и слични на нив организации во другите земји како на пример Советите на работничките делегати во Велика Британија. Сето ова докажува дека практичната форма на диктатура на пролетаријатот веќе е пронајдена и дека пролетаријатот знае како да ја практикува својата власт.

Другари, мислам дека после овие настани во Русија и јануарската борба во Германија, од особена важност е да се напомене дека и во други земји, исто така, работничкото движење сè повеќе се зацврстува. Денес, во еден антисоцијалистички весник прочитав репортажа за делегацијата на Советот на работници на Бирмингем кај Британската влада, која ја истакнала својата подготвеност, советите да бидат признаени како економски тела. Со тоа се докажува дека советскиот систем успева не само во назадната Русија, туку и во најразвиените земји на Европа како Германија и Британија, која е најстарата капиталистичка земја.

Иако буржоазијата сè уште е револтирана и можеби ќе убие уште илјадници работници, победата ќе биде наша, победата на светската комунистичка револуција е веќе сигурна.

Другари, ви испраќам топли поздрави од името на Централниот Комитет на Руската комунистичка партија. Предлагам да избереме президиум. Да ги слушнеме номинациите.


Ленинова архива | Архива на Коминтерната

марксистичка интернет архива