Напишано: август 1920
Првпат објавено: Hugo Sonnenschein, "Die goldenen Ritter der Freiheit oder Tschechoslowakische Demokratie. Tagebuch meiner Kuttenberger Haft", Leipzig und Wien, 1921.; "Le Libertaire", July 1921.
Извор: Анархистичка библиотека
Превод: Иван Шопов
Техничка обработка и корекции на преводот: Здравко Савески
Онлајн верзија: декември 2020
Другари и пријатели!
Последната војна несомнено покажа дека во сегашното општество е апсолутно бесмислено да се чека денот кога војните ќе станат невозможни, додека на другата страна и понатаму трае искористувањето на работниците од страна на капиталот и експлоатацијата на неразвиените нации од страна на најразвиените индустриски земји. Сѐ додека трае експлоатацијата, војните ќе го потресуваат човештвото и ќе го кочат неговиот развој. Четиригодишната војна, која сѐ уште трае, повторно го потврди она што социјалистите од сите ориентации неуморно го повторуваа: сѐ додека капиталот може да купува работна сила и сѐ додека едни можат да се богатат на сметка на други, ќе постојат и граѓански војни. А она што е точно за една земја, важи и за заедницата на народите. Нацијата која во својот економски развој е супериорна над друга (или само верува дека е супериорна), за жал, ќе се обиде и со помош на оружје да се збогати на нејзина сметка.
Во постоечките услови ќе избиваат нови војни, и како што неодамна доживеавме, нивниот карактер ќе биде сѐ покрволочен, уште поужасен отколку до сега и кобен за генерациите кои доаѓаат. Во овие околности, сѐ поочигледна станува нужноста од радикално ново обликување на општеството на поинакви основи одошто до сега т.е. нужноста од социјална револуција. Тоа почнува да го сфаќа дури и самата буржоазија. И поради тоа е безусловно нужно оние кои се најсилно заинтересирани за тоа ново обликување на општеството, темелно меѓусебно да ги продискутираат суштинските црти на структурните промени во општеството што треба да се создадат.
За таквите дискусии работниците до сега едвај да покажуваа некое интересирање. Тие не веруваа во можноста од скорешна социјална револуција. Меѓутоа, сега мора да сфатат дека не беа во право. Секојдневниот живот, а особено војната, ја обелоденија неизбежноста од преобразба на општеството. Социјалната револуција тропа на нашата врата. Како што несомнено ќе дознаете од вашите делегати кои се враќаат од Русија, далекусежниот и обемен обид на една јакобинска социјална револуција, која кај нас трае веќе три години, не ги донесе очекуваните резултати.
Луѓето ќе бидат склони да го објаснуваат поразот со укажување на војната која и сега уште трае. Меѓутоа, причините за него се многу подлабоки.
Револуцијата од октомври 1917 се обидува да етаблира во Русија систем на владеење во кој се измешани авторитарниот, строго централистичкиот бабефовски комунизам, со исто толку централистичкиот колективизам од [Константин] Пекеровски тип, значи, она што веќе четириесет години се популаризира под називот марксизам. А овој обид – тоа едноставно не може да се превиди – сосема очигледно не ги донесе очекуваните резултати.
Обидот за етаблирање на строго централизиран режим кој би ја спровел комунистичката револуција со помош на декрети и војска од чиновници, заврши неуспешно. Сите вообичаени недостатоци на централистичката држава ја парализираат управата, водат кон тоа масата народ да го сврти грбот на општествената преобразба, а диктаторската сила на комунистичките чиновници само ги зголемува недостатоците, наместо да ги намалува.
Значи, сосема е извесно дека, кога ќе се дознаат резултатите од Руската револуција, работниците од Средна и Западна Европа, а особено работниците од романските земји, ќе мора да побараат поефикасни средства за реализација на својата цел. Уште кога во Првата интернационала се водеа расправи за „јавните служби во идното општество“, тие бараа решение на општествените проблеми во поопштествување на производството и стоковната размена, но не сакаа да го постигнат тоа преку централистичка држава, туку преку федерација на слободни комуни, преку децентрализација на производството и стоковната размена, и будење на иницијативата за здружување на локалните производители и потрошувачи. Накратко, тие на прашањето за тоа како треба да се изгради новото општество не бараа одговор во создавање централа која би издавала наредби, туку во тоа општеството да се изгради поаѓајќи од едноставните елементи кон посложените, при што целосна поддршка ѝ се дава на локалната и индивидуалната иницијатива, наместо да се задушува со армија функционери чија задача е што поверно да ја извршуваат волјата на централата.
Искуствата кои ги стекнавме во Русија ја потврдија нужноста за развивање на тенденцијата кон поавтономен и федеративен систем, а настојувањата на работниците несомнено – како и во федералистичката интернационала – ќе одат во овој правец, штом станат свесни за големите и тешки прашања кои се поставуваат пред секоја револуција.
Браќа и пријатели во Западна Европа, историјата ѝ постави тешка задача на вашата генерација. На вас е да почнете со практикување на принципите на социјализмот и да барате практични патишта за нивно реализирање. Вам ви припадна задачата да најдете форми за едно ново општество во кое нема да има искористување на еден човек од страна на друг, на една класа од страна на друга, во кое наместо централизам, кој со себе носи потчинување, и војни ќе стапат слободните синдикати и независните комуни, каде ќе се развијат илјадници центри на живот и конструктивни сили.
Историјата се движи во овој правец. Па, да појдеме храбро на работа!
Да завршиме со предрасудите за капиталот како добротвор и државата како провидение! Во нашите групи, на нашите конгреси, во нашите синдикати и комуни ќе се најдат доволно сили за изградба на едно ново општество, општество на трудот и слободата, во кое нема да има капитал, држава и култ кон авторитетот.