Петар Кропоткин

Порака до западноевропските работници


Напишано: 1919
Првпат објавено: Labour Leader, July 22, 1920.
Извор: Анархистичка библиотека
Превод: Иван Шопов
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: декември 2020


Дмитров, Русија
28 април 1919 година

Ме прашаа дали би им упатил некаква порака на работниците од западниот свет. Нормално, многу може да се каже за моменталните случувања во Русија, и многу може да се научи од тоа. Пораката би можела да биде навистина обемна, меѓутоа, сакам да изнесам само неколку основни точки:

Пред сѐ, работниците од цивилизираните земји и нивните пријатели од другите општествени слоеви би требало да влијаат на своите влади за овие сосема да ја отфрлат помислата за оружено мешање во руските случувања, било да станува збор за отворена, било за прикриена интервенција, воен ангажман или поддржување на други земји во тоа.

Русија моментално минува низ револуција со подеднаква важност и далекусежност како што е онаа која од 1639 до 1684 ја направи британскиот народ, а од 1789 до 1794 францускиот; и секоја од овие земји мора енергично да ја одбие онаа срамна улога која Велика Британија, Прусија и Австрија ја играа за време на Француската револуција. Освен тоа, мора да се уважи дека Руската револуција – која се обидува да изгради едно општество во кое сите производи на трудот, техниката и науката ќе бидат искористени за општо добро – не настана како чиста случајност во борбата на различни партии. Комунистичката и социјалистичката пропаганда ја подготвуваат веќе речиси еден век, од времето на Роберт Овен, Сен-Симон и Фурие; иако обидот да се оствари нов облик на општество преку диктатура е сосема очигледно промашување, и покрај тоа мора да се признае дека револуцијата уште сега во секојдневниот живот внесе ново разбирање на трудот, вистинската улога на државата и должноста на секој граѓанин.

Воопшто, не само работниците туку и сите напредни елементи на цивилизираните нации треба да се обидат да ја спречат поддршката која нивните земји досега ја даваа на непријателите на револуцијата. Тоа воопшто не значи дека на методите на болшевичкиот режим ништо не може да им се забележи; далеку од тоа! Но секоја оружена интервенција на една странска сила предизвикува зајакнување на диктаторските тенденции на владејачкиот режим и ги слабее настојувањата на оние Руси кои независно од режимот се спремни да ѝ помогнат на Русија во обновата на животот на нови основи.

Злото кое со себе по природата на работите го носи партиската диктатура е зголемено со воената состојба во која партијата мора да го потврди своето место. Воената состојба непосредно овозможува изговор за зајакнување на диктаторските методи на власта, како и за зајакнување на тенденцијата сите аспекти на животот да ги централизира во рацете на режимот, а на тој начин да се блокираат огромните сили кои нацијата ги носи во себе. Природните зла на државниот комунизам десеткратно се зголемени и придружени со оправдувањето дека за сите несреќи во нашиот живот се виновни интервенциите од страна.

Освен тоа, сакам да напоменам дека продолжувањето на воената интервенција на западноевропските земји во Русија безусловно ќе предизвика горчливо чувство против западните земји, а од тоа во некоја идна конфликтна ситуација одредени сили можат да извлечат корист. Едно такво огорчување веќе се шири.

Накратко, крајно време е нациите од Западна Европа да воспостават директни врски со Русија. А во тој случај, вие, работниците и напредните луѓе од сите нации, треба да влијаете на развојот на настаните.

Уште неколку збора за општите прашања. Обновата на односите меѓу европските и американските нации на една, и Русија на друга страна, нормално дека не значи супремација на руската нација над оние националности кои порано беа дел од Руското царство. Империјалистичка Русија е мртва и никогаш повеќе нема да оживее. Иднината на различните покраини од кои се состоеше царството може да биде обезбедена само во една голема федерација. Природните територии на различните делови на федерацијата им се многу добро познати на оние меѓу нас кои се занимаваат со историјата на Русија, нејзината етнографија и нејзината економска ситуација. А сите обиди да се подведат под централизирана власт деловите од Русија кои можат да управуваат самите со себе – Литванија, Финска, балтичките покраини, Украина, Грузија, Ерменија, Сибир итн. – сите тие обиди ќе завршат со сигурен неуспех. Иднината на некогашното руско царство лежи во сојузот на меѓусебно независните покраини. Затоа, во заеднички интерес е западните нации уште однапред да им го признаат правото на самоуправување на сите поединечни делови на некогашното руско царство.

Верувам дека развојот понатаму ќе се движи во овој правец. Гледам како се приближува времето кога секој член на оваа федерација ќе биде сочинет од федерации на слободни комуни и градови. И верувам дека дел од Западна Европа наскоро ќе го следи овој пример.

Што се однесува до нашата сегашна економска и политичка состојба – а Руската револуција мора да се гледа како продолжение на двете големи револуции во Англија и Франција – тука можеме да кажеме дека Русија се обидува да отиде чекор понатаму од Француската револуција, која сакаше да го оствари она што го нарекуваше вистинска еднаквост (égalité de fait), имено, Руската револуција сака да оствари социјална еднаквост.

За несреќа, во Русија обидот за остварување на оваа програма се одвива во околности на строго централизирана диктатура на една партија – партијата на социјалдемократските максималисти; а тој обид е преземен на ист начин како и заверата на Бабеф, екстремно централистички и јакобински. Морам отворено да ви признам дека, според моето уверување, обидот да се изгради комунистичка република на принципите на строго централизираниот државен комунизам под железното владеење на диктатурата на една партија, ќе заврши како фијаско, на што и сега сме сведоци. Од настаните во Русија учиме како не треба да ги градиме комунистичките односи, иако населението, ослабено и исцрпено од старото општествено уредување, не се побуни активно против експериментите на новиот режим.

Идејата на советите, тоа значи советите на работници и селани, се јави уште во Револуцијата од 1905 година и беше остварена веднаш по уривањето на царскиот режим со Февруарската револуција. Идејата за такви совети кои би го контролирале политичкиот и економскиот живот во земјата е од исклучително значење. Дотолку повеќе што ја води идејата дека во овие совети мораат да влезат сите кои со своите лични напори даваат реален придонес за производството на националното богатство.

Меѓутоа, сѐ додека во земјата владее диктатурата на една партија, советите на работниците и селаните очигледно го губат своето значење. Тие се потиснати и играат пасивна улога која некогаш мораа да ја играат сталешките собранија и парламенти кои кралот ги конституираше за да опонираат на неговата семоќ. Еден работнички совет престанува да биде слободен и вреден советодавец доколку во земјата не постои слобода на печатот, а ние тоа кај нас го доживуваме веќе речиси две години; како изговор за тоа служи воената состојба. И повеќе од тоа. Советите на работниците и селаните го губат целото свое значење ако на изборите не им претходи слободна изборна кампања и ако тие се одржуваат под притисок на партиската диктатура. Се разбира, тука се појавува вообичаеното оправдување според кое диктаторската власт е нужно средство за борба против старото општествено уредување. Сепак, таквата власт претставува чекор наназад во оној миг кога револуцијата треба да ја започне изградбата на новото општество на нови економски основи; таа станува смртна пресуда за тоа ново општество.

Патиштата кои водат кон надминување на веќе ослабениот режим се добро познати и од постарата и од поновата историја. Но ако треба да бидат создадени сосема нови услови за живот, особено нови облици за производство и размена, а притоа да не се следи ниту еден пример – значи, ако треба сѐ да биде направено на лице место, тогаш еден силен централистички режим, кој си поставува задача да се меша во тоа кога некој сака да набави цилиндер за петролејка или кибрит за палење на петролејката, ќе се покаже како апсолутно неспособен да го организира тоа преку своите функционери, колку и да се многубројни; тој режим тогаш станува штетен. Тој развива огромен бирократски апарат во однос на кој е сосема наивен францускиот бирократски систем во кој е потребна интервенција на 40 чиновници за да се организира продажба на дрвата кои при невреме паднале на државниот пат. Нешто слично доживуваме сега во Русија. А тоа вие, работниците од Запад, можете и морате да го избегнете по секоја цена, ако ви е важна социјалистичката изградба; тоа можат да ви го порачаат и делегатите кои ги испративте ваму за да видат што навистина се случува со револуцијата.

Огромната работа на изградбата, која ја бара социјалистичката револуција, не може да ја организира централната управа, па макар како патоказ ѝ служеле и повредни упатства од оние во социјалистичките и анархистичките списи. Таа бара знаење, духовна работа и духовна соработка на огромен број локални и специјализирани сили, и единствено тие можат да излезат на крај со разновидноста на економските проблеми во нивната животна средина. Она што сега се случува е спротивно на тоа: отфрлање на оваа соработка и зацврстување на довербата во генијот на партиските диктатори, разорување на независното јадро кое се наоѓа во синдикатите и месните потрошувачки заедници, така што тие се претвораат во партиски бирократски органи. Но тоа не е патот по кој револуцијата може и понатаму да се води; тоа е патот за нејзино оневозможување. И поради тоа, сметам дека имам должност сериозно да ве опоменам да не се служите со овие принципи во вашата акција.

Империјалистичките освојувачи од сите земји можеби сакаат населението на некогашна царска Русија што подолго да остане во бедни економски услови за живот, за да биде присилено да го снабдува западниот свет со суровини, додека западните фабриканти, кои произведуваат готови производи, да ја извлекуваат користа која инаку би требало да му припадне на руското население. Но, работничките класи во Европа и Америка, како и интелектуалното јадро на овие земји, сигурно сфаќаат дека само со сила е можно Русија да се држи во оваа потчинета положба. Истовремено, симпатиите кои за нашата револуција се јавуваат во цела Европа и Америка ни покажуваат дека вие би биле среќни да ја поздравите Русија како нов член на меѓународната заедница. И набрзо навистина ќе видите дека интересите на работниците од целиот свет бараат Русија што побрзо да излезе од односите кои го кочат нејзиниот развој.

Уште неколку зборови. Последната војна создаде нови услови за живот во цивилизираниот свет. Социјализмот ќе доживее значаен полет и ќе бидат создадени нови облици на независен живот, и тоа сосема сигурно во согласност со принципите на локалната политичка независност и творечката иницијатива; со мирни средства или револуционерна борба, доколку поинтелигентните кругови на цивилизираните нации не сакаат да се придружат на неизбежната нова изградба на општеството.

Но, успехот на новата градба во голема мера зависи од можностите за соработка на различните нации. За да се постигне оваа цел, работниците од сите земји мораат да бидат цврсто поврзани, и потребно е да се обнови идејата за голема интернационала на сите работници во светот; не во форма на здружување кое би го водела една партија, како што беше во Втората интернационала, и како што се повторува во Третата интернационала. Таквите здружувања исто така имаат смисла; меѓутоа, освен нив мора да настане едно здружување на сите работнички организации, обединето со цел работниците од целиот свет да се ослободат од сегашната подјарменост на капиталот.


Архива на Петар Кропоткин

Анархистичка тематска архива

Архива за Руската револуција

марксистичка интернет архива