Два аспекти на животинскиот живот ми оставија впечаток при моите патешествија кои ги направив во младоста во Источен Сибир и Северна Манџурија. Еден од нив беше суровоста на борбата за преживување што повеќето видови мораа да ја водат против бурната природа; огромната разорност на животот која периодично се појавуваше поради природни причини; и последователната разретченост на животински свет низ широката територија која беше опфатена при моите набљудувања. А другиот беше, дури и во оние места каде животинскиот свет изобилуваше, не успеав да ја воочам, иако страсно ја барав, таа горка борба за средствата за живот помеѓу животните што припаѓаат на исти видови, што се сметаше од страна на повеќето дарвинисти (иако не секогаш од самиот Дарвин) како доминантна карактеристика на борбата за живот и главен фактор на еволуцијата.
Ужасни снежни бури што бришеа во северниот дел од Евроазија во подоцнежниот дел од зимата и стакленест мраз што често ги следеше; мраз и снежни бури што се враќаа секоја година во втората половина од мај, кога дрвјата веќе беа во полн цут, а инсектите се роеја насекаде; рани мразеви и, повремено, обилни снежни врнежи во јули и август, што ненадејно уништуваа безброј инсекти и новороденчиња на птиците во преријата; поројни дождови заради монсуните што врнеа во поумерениот појас во август и септември – што завршуваа со поплави од степен познат само во Америка и Источна Азија и преплавување на цели висорамнини широки колку некоја европска земја; и конечно, обилни врнежи на снег, рано во октомври, што на крајот прават територии големи колку Франција и Германија да бидат апсолутно некорисни за преживарите, притоа истребувајќи ги со илјадници – ова беа условите под кои го видов животинскиот свет како се бори во Северна Азија. Тие ме натераа многу рано да ја сфатам исклучителната важност во природата на она што Дарвин го опиша како „природна контрола на прекумерното размножување“, наспроти борбата помеѓу единките од ист вид за средствата за преживување, што се случуваше овде-онде, во ограничено количество, но никогаш не ја добиваше важноста на првата особина. Оскудноста на животот, недоволната бројност, а не прекубројноста, како главна карактеристика на тој огромен простор од Земјината топка што го нарекуваме Северна Азија, ме натера уште тогаш да имам сериозни сомнежи – кои понатамошните испитувања само ги потврдија – во врска со вистинитоста на застрашувачкото натпреварување за храна и живот помеѓу истите видови, а што беше прашање на вера кај повеќето дарвинисти и, следствено, во врска со доминантната улога што овој натпревар требаше да го игра во еволуцијата на нови видови.
Од друга страна, кога и да видев животински свет што е во изобилство, како, на пример, кај езерата, каде големи групи на различни видови и милиони единки се собираа за да се грижат за своето потомство, во колониите на глодарите, во миграциите на птиците покрај Усури што тогаш се одвиваа на ниво на преселбите во Америка и особено во миграциите на елените-лопатари на кои бев сведок на Амур, кога групи од илјадници од овие интелигентни животни се собираа од огромна територија, бегајќи пред доаѓањето на длабокиот снег, со цел да го поминат Амур на местото кадешто е најтесно – во сите овие сцени од животинскиот свет што поминаа пред моите очи, јас видов меѓусебна помош и меѓусебна поддршка издигната на ниво што ме натера да се помислам дека тоа претставува карактеристика од најголема важност за оддржувањето на животот, зачувувањето на својот вид и неговата понатамошна еволуција.
И конечно, кај полудивиот добиток и коњите во Трансбајкалија, кај дивите преживари насекаде низ Сибир, кај верверичките итн., видов дека кога животните мора да се борат поради недостаток на храна, како последица на една од погоренаведените причини, целината од тој сегмент од видот што е доведен до беда излегува од неволјите многу посиромашен во виталност и здравје, така што никаква прогресивна еволуција на видот не може да настане во такви периоди на жестока конкуренција.
Како последица на тоа, кога подоцна врската помеѓу дарвинизмот и социологијата го привлече моето внимание, не можев да се согласам со ниту едно дело или памфлет што беа напишани на оваа важна тема. Тие настојуваа да докажат дека човекот, како последица на неговата висока интелигенција и знаење, може да ја ублажи суровоста на борбата за живот меѓу луѓето; но во исто време тврдеа дека борбата за средства за живот на секое животно против сите нивните сродници, како и на секој човеко против сите останати луѓе беше „закон на природата“. Сепак, ова гледиште не можев да го прифатам, бидејќи бев убеден дека признавањето на безмилосната, внатрешна борба за живот помеѓу секој вид и гледањето во таа борба услов за прогрес, значеше да се признае нешто што не само што не е докажно, туку и нешто на што му фали и потврда од директно набљудување.
Спротивно на тоа, предавањето „За законите на меѓусебната помош“, што беше поднесено во Рускиот конгрес на биолози, во јануари 1880 година, од страна на добропознатиот зоолог, професорот Кеслер, тогашен декан на Санктпетербуршкиот универзитет, ми се чинеше дека фрла нова светлина на целата тема. Кеслеровата идеја беше дека, покрај законот за меѓусебна борба, во природата постои и законот за меѓусебна помош, кој, за успехот во борбата за живот, а особено за прогресивната еволуција на видовите, е многу поважен од законот за меѓусебен натпревар. Овој предлог – кој всушност не беше ништо повеќе од понатамошно развивање на идеите на самиот Дарвин образложени во „Потеклото на човекот“ – ми делуваше како нешто толку точно и со толку голема важност што веднаш штом се запознав со неговото дело (во 1883 година) почнав да собирам материјали за понатамошен развој на идејата, која Кеслер само површно ја опиша во неговото предавање, но не доживеа да ја развие. Тој умре во 1881 година.
Само во врска со една точка не можев целосно да ги прифатам Кеслеровите ставови. Кеслер алудираше на „родителските чувства“ и грижата за потомството (види подолу, Глава 1) како извор на меѓусебната наклонетост кај животните. Но, да се одреди во која мера овие две чувства навистина влијаеле врз еволутивниот развој на друштвените инстинкти, а во која мера некои други инстинкти вршеле свое влијание во истата насока, мене ми делува како засебно и многу широко прашање, кое тешко дека можеме сега да го разгледуваме. Само откако јасно ќе ги одредиме фактите на меѓусебната помош кај различните класи животни, како и нивната важност во еволуцијата, ќе можеме да проучуваме што е она што ѝ припаѓа на еволуцијата на друштвените и родителските чувства, а што на својствата на самата друштвеност – при што второто има очигледни корени во најраните фази на еволуцијата во животинскиот свет, веројатно уште во „фазата на колонии“. Следствено, го насочив своето главно внимание пред сè на претставувањето на важноста на меѓусебната помош како фактор на еволуцијата, оставајќи ги понатамошните испитувања како идна задача во која ќе се открие потеклото на инстинктот на меѓусебна помош во природата.
Важноста на меѓусебната помош како фактор – „само кога би можела неговата општост да се демонстрира“ – не му избега на природонаучната генијалност на Гете. Кога во 1827 година Екерман му кажал на Гете дека две мали жолтоклунчиња што избегале од кај него ги нашол наредниот ден во гнездо на црвеногушки (Robin Redbreast, Rothkehlchen), што ги хранеле изгубените малечки, паралелно со сопствените млади, тој многу се возбудил. Во ова тој нашол потврда на своите пантеистички погледи и кажал: „Ако е точно дека ова хранење на странец се одвива низ целата природа како нешто што има својство на општ закон – тогаш многу мистерии ќе бидат разјаснети“. Тој се навратил на оваа тема наредниот ден и многу сериозно го молел Екерман (кој бил, како што е познато, зоолог) да направи посебна анализа на темата, притоа додавајќи дека тој сигурно би дошол „до доста непреценето богати резултати“ („Gespräche“, издание од 1848 година, том III, стр. 219, 221). За жал, оваа анализа никогаш не беше направена, иако е многу веројатно дека Брем, кој во своите дела има вклучено толку многу богати материјали во врска со меѓусебната помош помеѓу животните, бил инспириран од Гетеовите забелешки.
Неколку важни дела беа објавени во периодот од 1872 до 1886 година, што се занимаваа со интелигенцијата и менталниот живот на животните (спомнати се во фуснота во првата глава од оваа книга), а три од нив се занимаваат поконкретно со темата која ја разгледуваме; имено, „Les Sociétés Animales“, од Епина (Париз, 1877 година); „La lutte pour l'existence et l'association pour la lute“, предавање на Џ. Л. Ланесан (април 1881 година); и книгата на Лудвиг Бихнер, „Liebe und Liebes-Leben in der Thierwelt“, чие прво издание излезе во 1882 или 1883, а второто, многу проширено во 1885 година. Но, иако сите овие дела се извонредни, тие оставаат обемен простор за работа во кој би се зела предвид меѓусебната помош, не само како аргумент во полза на претчовечките корени на моралниот инстинкт, туку и како закон на природата и фактор на еволуцијата. Епина го посвети своето главно внимание на такви животински општества (мравки, пчели) што се воспоставени врз физиолошка поделба на трудот. И покрај тоа што неговото дело е полно со восхитувачки поенти во сите можни насоки, тоа беше напишано во време кога еволуцијата на човековите општества сè уште не можеше да се разгледува со помош на знаењето коешто ние денес го имаме. Предавањето на Ланесан повеќе има карактер на брилијантно претставен општ план за дело, во кое би се разгледувала меѓусебната поддршка, почнувајќи од камењата во морето, па потоа преоѓајќи кон преглед на светот на растенијата, животните и човекот. А што се однесува на Бихнеровото дело, иако тоа е сугестивно и богато со факти, јас не можам да се согласам со неговата главна идеја. Книгата почнува со химна за љубовта, а речиси сите нејзини илустрации се наменети да докажат постоење на љубов и симпатија помеѓу животните. Сепак, да се сведе животинската друштвеност на љубов и симпатија значи да се ограничи нејзината општост и важност, исто како што човековата етика базирана на љубов и лична симпатија само придонесе да се ограничи разбирањето на моралните чувства како целина. Не е љубовта кон мојот сосед – кого често воопшто и не го познавам – тоа што ме тера да земам кофа вода и да се стрчам кон неговата куќа кога ќе видам дека таа гори; туку далеку поширокото, иако и неодредено чувство или инстинкт на човекова солидарност и друштвеност е тоа што ме придвижува. Истото е и со животните. Не е љубовта, не е дури ниту симпатијата (сфатена во вистинската смисла) она што го поттикнува стадото преживари или коњи да направи прстен со цел да се одбрани од нападот на волци; не е љубовта она што ги поттикнува волците да направат глутница за да ловат; не е љубовта она што ги поттикнува мачињата или јагнињата да си играат, или десетиците различни видови птици заедно да го поминуваат денот во есен; и не е ниту љубовта, ниту симпатијата она што поттикнува неколку илјадници елени-лопатари раштркани низ територија голема колку Франција да се групираат во неколку посебни стада, кои потоа заедно маршираат кон одредена точка, со цел таму да поминат река. Тоа чувство е бескрајно пошироко од љубовта или личната симпатија – инстинкт што бавно се развивал кај животните и луѓето во текот на една крајно долга еволуција, а што ги научил животните, како и луѓето за силата што можат да ја стекнат преку практикувањето на меѓусебна помош и поддршка, како и за задоволствата кои можат да ги пронајдат во друштвениот живот.
Важноста на оваа разлика лесно ќе биде разбрана од проучувачите на животинската психологија, а уште повеќе од проучувачите на човековата етика. Секако дека љубовта, симпатијата и самопожртвуваноста играат клучна улога во прогресивниот развој на нашите морални чувства. Но не е љубовта, дури ниту симпатијата она на што се темели општеството кај луѓето. Тоа е свеста – макар била на ниво на инстинкт – за човечка солидарност. Тоа е несвесното препознавање на силата што ја добива секој човек кога ја практикува меѓусебната помош, блиската зависност на среќата на секого од среќата на сите, како и чувството за правда, или рамноправност, што го доведува поединецот да ги смета правата на секој друг поединец како еднакви на своите. Врз основа на оваа широка и неопходна подлога се имаат развиено уште повисоките морални чувства. Но, оваа тема е надвор од опсегот на ова дело, па тука само ќе посочам на едно предавање, „Правда и морал“, што го презентирав како одговор на „Етиката“ на Хаксли и што ја разгледува оваа тема во повеќе детали.
Следствено, сметав дека една книга, напишана за меѓусебната помош како закон на природата и фактор на еволуцијата ќе пополни една голема дупка. Кога во 1888 година Хаксли го објави својот манифест „Борба за опстанок“ („Борбата за опстанок и нејзиното влијание врз човекот“), што според мене беше многу неточна претстава на фактите на природата, такви какви што може да се забележат во грмушките и шумите, го контактирав уредникот на „Nineteenth Century“[1] и го прашав дали ќе ми го пружи гостопримството на неговото списание за да напишам детален одговор на погледите на еден од најважните дарвинисти; и г-динот Џејмс Ноулс го прифати предлогот со целосна наклонетост. Исто така, зборував и со В. Бејтс. „Да, секако; тоа е вистински дарвинизам“, беше неговиот одговор. „Ужасно е што ‘тие’ направија од Дарвин. Напиши ги овие статии, и кога ќе излезат во печат, ќе ти напишам писмо што ќе можеш да го објавиш.“ За жал, ми беа потребни речиси седум години за да ги напишам овие статии и кога последната беше објавена, Бејтс веќе беше починат.
Откога ја разгледав важноста на меѓусебната помош кај различните класи животни, јас очигледно бев должен да ја разгледам важноста на истиот фактор во еволуцијата на човекот. Ова беше дотолку понеопходно, бидејќи има голем број еволуционисти кои можеби не одбиваат да ја прифатат важноста на меѓусебната помош меѓу животните, но кои, како Херберт Спенсер, ја отфрлаат кај човекот. За примитивниот човек – тие тврдат – војната на секој против секого бил основниот животен закон. Околу тоа колку е поддржана оваа претпоставка, која премногу спремно се повторува, без доволна критичност, уште од времето на Хобс, од она што го знаеме за раните фази на човековиот развој, се разгледува во поглавјата наменети за дивјаците и варварите.
Бројот и важноста на институциите втемелени на меѓусебна помош што беа развиени од креативната генијалност на дивјаците и полудивјачките маси, за време на најраниот клански период на човештвото, а уште повеќе за време на следниот период на селски заедници, како и огромното влијание што овие рани институции го извршиле врз понатамошниот развој на човештвото, сè до денешно време, ме натера да ги проширам моите истражувања на подоцнежите историски периоди; особено да го истражувам оној најинтересен период – слободните средновековни градски републики, чија универзалност и влијание врз нашето модерно општество сè уште не е соодветно почитувана. И, конечно, се обидов накратко да ја претставам важноста што ја играат инстинктите на меѓусебната помош, наследени од човештвото од неговата крајно долга еволуција, дури и денес во нашето модерно општество, кое наводно почива на принципот: „Секој за себе, а државата за сите“, но кој принцип никогаш не успеал, ниту пак некогаш ќе успее да се оствари.
На оваа книга може да ѝ се забележи дека во неа и животните и луѓето се претставени во доста благонаклонет аспект; дека се инсистира на нивните друштвени квалитети, додека нивните антисоцијални и себе-афирмирачки инстинкти речиси и да не се чепнати. Ова, сепак, беше неизбежно. Во последно време толку многу слушнавме за „суровата, безмилосна борба за живот“, која наводно ја врши секое поединечно животно против сите останати животни, секој „дивјак“ против сите останати „дивјаци“ и секој цивилизиран човек против сите негови сограѓани – при што овие тврдења станаа главен предмет на вера – што беше неопходно, пред сè, ним да им се спротивстави голема низа на факти што го прикажуваат човековиот живот од сосема поинаков аспект. Беше неопходно да се покаже неизмерната важност која друштвените навики ја играат во природата и прогресивната еволуција како на животните така и на човечките суштества: да се докаже дека тие им обезбедуваат на животните подобра заштита од непријатели, многу често и механизми за собирање храна (зимски резерви, миграции итн.), долговечност, па оттаму и подобри механизми за развој на интелектуални способности; а дека тие му имаат дадено на човекот, како дополнување на истиве придобивки, можност за разработување на оние институции кои му овозможиле на човекот да преживее во неговата тешка борба со природата, како и прогрес и покрај сите перипетии на историјата. Ова е книга за законите на меѓусебната помош, разгледувана како еден од главните фактори на еволуцијата – не книга за сите фактори на еволуцијата и нивните соодветни вредности; па мораше прво да се напише една ваква книга, за потоа останатата да стане возможна.
Јас секако треба да бидам последниот што ќе го потцени уделот што го играше себе-афирмирањето на поединецот во еволуцијата на човештвото. Сепак, верувам дека оваа тема бара многу подлабока разработка од онаа што ја има добиено досега. Во историјата на човештвото, себе-афирмирањето на поединецот често било, а и продолжува да биде, нешто многу различно, далеку поголемо и подлабоко од ситната, неинтелегентна тесноградост, која голема група писатели ја идентификуваат како „индивидуализам“ и „себе-афирмирање“. Ниту, пак, поединците што ја прават историјата се ограничени на оние што се претставени како херои од историчарите. Следствено, мојата цел е, ако ми дозволат околностите, дополнително да ја разгледам улогата што ја има „себе-афирмирањето“ на поединецот во прогресивната еволуција на човештвото. Сега можам само да ја дадам следната општа забелешка: Кога институциите на меѓусебната помош – племето, селската заедница, еснафите, средновековниот град – започнале, со текот на историјата, да го губат својот првобитен карактер, кога почнале да бидат напаѓани од паразитски израстоци, станувајќи така препреки за прогресот, револтот на поединците против овие институции секогаш заземал два различни аспекта. Дел од оние што застанале против тежнееле да ги прочистат старите институции, или да разработат повисока форма на заедница втемелена на истите принципи на меѓусебна помош; на пример, тие се обиделе да го воведат принципот на „надоместување“, на местото на законот на одмаздата (lex talionis),[2] а подоцна и простувањето на прекршоците, или пак уште повисокиот идеал на еднаквост пред човечката совест наместо „надоместувањето“, согласно класната вредност. Но во исто време, друг дел од тие поединечни бунтовници настојувале да ги уништат заштитните институции на меѓусебна помош, без никоја друга цел освен преку тоа да си ги зголемат сопствените богатства и моќ. Во овој триаголен натпревар, помеѓу двете класи на побунети поединци и поддржувачите на веќе постоечкото, лежи вистинската трагедија на историјата. Но, да се објасни овој натпревар и искрено да се проучи делот што го игра секоја од трите страни во еволуцијата на човештвото, би одзело исто толку години колку што ми беа потребни да ја напишам оваа книга.
Во врска со делата што се занимаваат со приближно истата тематика, а беа објавени по издавањето на моите статии за меѓусебната помош помеѓу животните, морам да ги спомнам „Ловеловите предавања на подемот на човекот“, од Хенри Драмонд (Лондон, 1894) и „Потеклото и развојот на моралниот инстинкт“, од А. Сатерленд (Лондон, 1898). И двете главно се втемелени на мисли извлечени од Бихнеровата „Љубов“, а во второто дело, подробно е развиена идејата дека родителската љубов и семејните чувства се единственото влијание во развојот на моралните чувства. Трето дело што се занимава со човекот и што е напишано врз слични идеи е „Принципите на социологијата“, од Проф. Ф. А. Гидингс, чие прво издание беше објавено во 1896 година во Њујорк и Лондон, а чии идеи беа опишани накратко во памфлет на авторот, објавен во 1894 година. Сепак, морам да им ја отстапам на книжевните критичари задачата да ги дискутираат моментите на врска, сличност и разидување помеѓу овие дела и моето.
Различните поглавја на оваа книга првично беа објавени во „Nineteenth Century“ („меѓусебната помош кај животните“ во септември и ноември 1890 година; „меѓусебната помош кај дивјаците“ во април 1891; „меѓусебната помош кај варварите“ во август и септември 1894; и „меѓусебната помош кај модерниот човек“, во јануари и јуни 1896). Нивното издавање во форма на книга најпрво беше замислено така што во еден додаток ќе ги соберам збирот од материјали, како и разгледувањето на некои второстепени поенти, кои мораа да се изостават од статиите во списанието. Меѓутоа, се покажа дека таквиот додаток би ја дуплирал големината на книгата, па морав да ја напуштам таа идеја или барем да го одложам нејзиното објавување. Сегашниот додаток вклучува само неколку точки што беа предмет на научна контроверзија во последните неколку години, а во текстот воведов само таков материјал кој би можел да се вклучи без да се наруши структурата на делото.
Ја користам оваа прилика да изразам благодарност до уредникот на „Nineteenth Century“, г-динот Џејмс Ноулс, како за можноста што ми ја даде за објавување на овие материјали како статии, веднаш штом се запозна со нивната општа идеја, така и за дозволата што ми ја даде за нивно повторно објавување.
Петар Кропоткин,
Брумли, Кент, 1902 година
Забелешки на преведувачот
[1] Британско месечно книжевно списание основано во 1877 од Џејмс Ноулс.
[2] Lex talionis е латински поим што значи „закон за одмазда“. Повеќето луѓе го препознаваат ова правило како правилото „око за око, заб за заб“.