Петар Кропоткин
Меѓусебната помош: фактор на еволуцијата

Глава 2

Меѓусебната помош меѓу животните
(продолжение)


Преселба на птиците – Здружувања за размножување – Есенски друштва – Цицачи: мал број на недруштвени видови – Ловечки здружувања на волците, лавовите итн. – Друштва на глодари, преживари, мајмуни – Меѓусебната помош во борбата за живот – Дарвиновите аргументи за да се докаже борбата за живот во рамките на самите видови – Природните контроли на прекумерното размножување – Претпоставеното истребување на посредните врски – Отстранување на конкуренцијата во природата.

Веднаш штом доаѓа пролетта во умерената зона, илјадници и илјадници птици што се раштркани во потоплите региони на југ повторно се собираат во безброј групи и полни со виталност и радост брзаат кон север за да ги одгледуваат своите потомци. Секоја наша жива ограда, секоја корија, секој океански гребен и секоја бара и езеро со кои се прекриени Северна Америка, Северна Европа и Северна Азија, во тоа време од годината ни ја раскажуваат приказната за тоа што значи меѓусебната помош за птиците, за тоа каква сила, енергија и заштита таа му доделува на секое живо суштество, колку и да е тоа слабо и беспомошно во спротивен случај. Земете го, на пример, едно од безбројните езера во руските и сибирските степи. Неговите брегови се населени со илјадници водни птици што припаѓаат на барем дваесетина различни видови, сите живеејќи во совршен мир, сите штитејќи се едни со други.

„И по неколку стотини јарди од брегот, воздухот е исполнет со галеби и рибарки [terns], како со снегулки во некој зимски ден. Илјадници барски птици и песочарки [sand-coursers] прелетуваат преку плажата, барајќи храна, свиркајќи и просто уживајќи во животот. Дополнително, на речиси секој бран има патка која се лула, додека погоре можеш да забележиш јато на касаршки патки [Casarki duck]. Богат живот врие насекаде.“[1]

Потоа ги имаме грабливките – најсилните, најитрите, оние „идеално организирани за грабење.“ Тогаш ги слушаш нивните гладни, лути и мрачни врисоци додека со часови последователно ја чекаат можноста да грабнат од големата група живи суштества некоја незаштитена единка. Но, штом се доближат, нивното присуство е сигнализирано од десетиците доброволни стражари и веднаш потоа стотици галеби и рибарки се впуштаат во бркање на грабливката. Полудена од глад, грабливката тогаш ја заборава својата вообичаена претпазливост: ненадејно се плеснува во живата група, но, нападната од сите страни, таа повторно е присилена да се повлече. Од чист очај, таа трга во напад кон дивите патки, но интелегентните, друштвени птици бргу се собираат во јато и одлетуваат ако грабливката е морски орел, нурнуваат во езерото ако е сокол, или креваат водена завеса и го забркуваат напаѓачот ако е јастреб.[2] И додека животот продолжува да врие на езерото, грабливката одлетува настрана со врисоци на лутина и трга во потрага по некоја мрша, или пак некоја млада птица или полско глувче кои сè уште не се навикнати да ги слушаат предупредувањата на своите другари. Во лицето на бујниот живот, идеално вооружената грабливка мора да се задоволи со отпадокот од тој живот.

Уште посеверно, во арктичките архипелази, „можете да пловите крај брегот со милји и да ги видите сите гребени, сите карпи и катчиња на планините, со висина од две до петстотини стапки, буквално прекриени со морски птици, чии бели гради се гледаат покрај црните карпи како карпите да се попрскани со бели дамки. Воздухот, блискиот и далечниот, е, така да се каже, полн со живина.“[3]

Секоја од овие „планини од птици“ е жива илустрација на меѓусебната помош, како и илустрација на бесконечната разновидност на карактери, поединечни и посебни, што се резултат на општествениот живот. Остриголовецот [oystercatcher] е познат по својата подготвеност да ги напаѓа грабливите птици. Баржот [barge] е познат по својата будност и лесно станува лидер на покротките птици. Камењарот [turnstone], кога е опкружен со другари што припаѓаат на некој поенергичен вид, е прилично плашлива птица, но си зема за обврска да ја оддржува сигурноста на заедницата кога е опколен со помали птици. Овде ги гледаме доминирачките лебеди, а таму – крајно друштвените тропрсти галеби [kittiwake gull], меѓу кои караниците се ретки и кратки, потоа привлечните поларни норки [guillemot], кои постојано нежно се галат едни со други, како и егоистичната женска гуска што ги отфрла сирачињата на убиениот другар, а до нејзе друга женка што го посвојува секое сираче и сега лета опколена со педесет или шеесет млади, што ги води и се грижи за нив како да се нејзини. Рамо до рамо со пингвините, што си ги крадат јајцата едни на други, ги гледаме блатарчињата [dotterel], чии семејни односи се толку „шармантни и трогателни“ што дури и најстраствениот ловџија одбива да убие женка од овој вид, кога е опкружена со нејзините млади, или пак патките гаги [eider duck] меѓу кои (како кај кадифените патки [velvet duck] или короите [coroya] во саваните) неколку женки полагаат јајца во исто гнездо, или северните гнорки [lum], што наизменично седат на јајцата во истото јато. Природата е разнообразност сама по себе што ги нуди сите можни различни карактери, од најниските до највисоките: и затоа таа не може да се прикаже со ниту една општа изјава. Уште помалку може да биде просудена од моралистичка гледна точка, зошто самите погледи на моралистите се резултат, најчесто несвесен, на набљудувањето на природата.[4]

Собирањето заедно за време на гнездењето е толку вообичаено кај повеќето птици што едвај да се потребни повеќе примери. Нашите дрвја се крунисани со групи на гнезда на врани, нашите живи огради се полни со гнезда на помали птици, нашите селски куќи засолнуваат колонии на ластовици, а нашите стари кули се прибежиште за стотици ноќни птици. Страници и страници можат да се пополнат со најшармантни описи на мирот и хармонијата што владеат во речиси сите здружувања за гнездење. А што се однесува до заштитата што ја добиваат најслабите птици од своите здруженија – тоа е очигледно. На пример, д-р Куес, тој одличен набљудувач, ги забележал малите карпести ластовици [cliff swallow] како се гнездат во непосредно соседство на прерискиот сокол (Falco polyargus). Соколот имал гнездо на едно од минарињата од глина, што се толку вообичаени во кањоните во Колорадо, додека една колонија ластовици се гнездела веднаш под него. Малите, мирољубиви птици немале страв од својот алчен сосед, тие никогаш не му дозволиле да ѝ се приближи на нивната колонија. Веднаш го опколиле и го набркале, поради што тој морал веднаш да одлета.[5]

Животот во општества не прекинува кога ќе заврши периодот на гнездење. Тогаш тој почнува во друга форма. Младите пилиња се собираат во младешки друштва, кои најчесто вклучуваат повеќе видови. Друштвениот живот во тоа време се практикува главно поради него самиот – делумно заради безбедност, но најмногу заради задоволството што произлегува од него. Па така, во шумите можеме да ги забележиме општествата составени од млади ѕидарки (Sitta cæsia), заедно со сеници [titmouse], сипки, глувчарчиња, ползавчиња или некој вид на клукајдрвци.[6] Во Шпанија, ластовичките се здружуваат со ветрушките, муравчињата, па дури и со гулабите. На далечниот запад од Америка, младите ушести чучурлиги живеат во големи општества заедно со други чучурлиги (со Спраговите чучурлиги), полските чучурлиги, саванскиот врабец и неколку различни видови на овесарки [bunting] и подорошки [longspur].[7] Всушност, многу би било поедноставно да се опишат видовите што живеат изолирано отколку да се набројат оние што се приклучуваат на есенските друштва на млади птици – не со цел да ловат или заедно да се гнездат, туку чисто за да уживаат во животот во друштво и за да го поминат денот во игра и спорт, откако ќе потрошат неколку часа од денот за да ја соберат потребната храна за тој ден.

И конечно, го имаме огромниот показател на меѓусебната помош кај птиците – нивните преселувања – поле во кое не се осудувам да навлезам тука. Доволно е да се каже дека птиците што со месеци живееле во мали групи расштркани низ широки територии се собираат со илјадници на одредено место, неколку дена со ред, пред да тргнат, и очигледно разговараат за деталите на патувањето. Некои видови секое попладне се впуштаат во подготвителни летови за долгото патешествие. Сите ги чекаат своите задоцнети роднини и конечно тргаат во одредена, добро избрана насока – плод на натрупаното колективно искуство – при што најсилните летаат на чело на групата и си олеснуваат меѓусебно во таа тешка задача. Тие ги прелетуваат морињата во големи групи, составени и од големи и од мали птици и кога се враќаат наредната пролет, тие се раздвојуваат на истото место и, во најголем број случаи, секој од нив си го зазема истото место во гнездото што го изградил или поправил претходната година.[8]

Оваа тема е толку опширна, а сепак толку несовршено истражена. Таа нуди толку многу ударни илустрации на навиките на меѓусебна помош, како дополнение на главниот факт што се забележува кај преселбите, а секоја од нив бара засебно истражување, па така јас овде мора да се воздржам од навлегување во повеќе детали. Можам само површно да посочам на бројните и живи собири на птици кои се случуваат, секогаш на исто место, пред да започнат нивните долги патешествија кон север или југ, како и на оние што може да се забележат во северот, откога птиците ќе пристигнат на нивните места за размножување на реката Енисеј или во северните окрузи на Англија. Многу денови едноподруго, понекогаш цел месец, тие ќе се собираат секое утро по еден час, пред да одлетаат во потрага по храна, можеби да разговараат за местото кадешто ќе ги изградат своите гнезда.[9] И ако, за време на преселбите, нивните редови бидат разбиени од некое невреме, птици од најразлични видови се собираат заедно поради меѓусебната несреќа. Птиците што не се сосема преселнички, туку бавно се движат северно и јужно со годишните времиња, исто така ги вршат тие патешествија во јата. Далеку од тоа да се преселуваат индивидуално, со цел да ги обезбедат за секоја засебна единка придобивките од подобра храна или засолниште што можат да се најдат во некое друго подрачје, тие секогаш се чекаат едни со други и се собираат во јата пред да тргнат кон север или југ, во зависност од годишното време.[10]

Преоѓајќи сега на цицачите, првата работа која ни паѓа во очи е големата бројчена надмоќност на друштвените видови над оние неколку месојади што не се здружуваат. Висорамнините, алпските предели, степите на Новиот и Стариот свет се преполни со стада на срни, антилопи, газели, елени-лопатари, бафала, диви кози и овци, а притоа, секој од нив е друштвен вид. Кога Европејците се населиле во Америка, тие забележале дека таа е толку густо населена со бафала, што првите населеници секогаш морале да го прекинат своето движење кога колона на преселнички бафала ќе им го пресечела патот, а марширањето на густите колони на бафала понекогаш знаело да трае два до три дена. И кога Русите го заземале Сибир, откриле дека тој е толку густо населена со срни, антилопи, верверички и други друштвени животни, што всушност освојувањето на Сибир не било ништо друго туку ловечка експедиција што траела двесте години. А, пак, тревните подрачја на Источна Африка сè уште се прекриени со стада на зебри, антилопи конгони [hartebeest] и останати антилопи.

Не многу порано, малите реки во Северна Америка и Северен Сибир биле населени со колонии на дабари, а сè до 17 век слични колонии се роеле во Северна Русија. Рамнините на четирите големи континенти сè уште се покриени со безбројни колонии на глувци, верверици, мрмоти и други глодари. На пониските географски ширини на Азија и Африка, шумите сè уште се дом на голем број на фамилии на слонови, носорози и безбројни општества на мајмуни. На далечниот север, ирвасите се собираат во безбројни стада, а уште понасевер ги наоѓаме стадата мошусни говеда и безбројните групи поларни лисици. Бреговите на океаните бликаат со живот поради јатата фоки и моржови, а нивните води, пак, од јатата друштвени морски цицачи. Дури и длабоко во големите висорамнини на Средна Азија може да забележиме стада диви коњи, диви магариња, диви камили и диви овци. Сите овие цицачи живеат во општества и родови што понекогаш достигнуваат стотици илјади единки, иако сега, по трите века барутна цивилизација, ги наоѓаме само остатоците од огромните популации на старите времиња. Колку безначаен, во споредба со нив, е бројот на месојади! И, оттука, колку е погрешно гледиштето на оние што зборуваат за животинскиот свет како во него да не може да се види ништо друго освен лавови и хиени што ги забиваат своите крвави заби во месото на нивните жртви! Некој би можел исто така да го замисли и целокупниот човечки живот како ништо друго освен непрекината низа на воени масакри.

Здружувањето и меѓусебната помош се правилото кај цицачите. Наоѓаме друштвени навики дури и кај месојадите и може да го наведеме само племето[1*] мачки (лавовите, тигрите, леопардите итн.) како сегмент од животинското царство чии членови претпочитаат да живеат изолирано наместо во општество и многу ретко можат да се сретнат дури и во мали групи. А сепак, дури и кај лавовите „многу честа практика е да ловат заедно“.[11] Двете племиња на мачки цибетки (Viverridæ) и ласиците (Mustelidæ) исто така може да бидат карактеристични по нивниот изолиран живот, но факт е дека во текот на минатиот век обичните ласици беа подруштвени одошто сега. Тогаш тие биле забележани во големи групи во Шкотска и во швајцарскиот кантон Унтервалден. А што се однесува до големото племе на кучињата, тоа e особено друштвено и здружувањето заради ловење може да се смета за особена карактеристика на неговите многубројни видови. Всушност, добро е познато дека волците се собираат во глутници за ловење и Чуди ни даде одличен приказ за како тие прават полукруг, опколуваат некоја крава што пасе на планинските падини и тогаш наеднаш ѝ се појавуваат со гласно лаење, присилувајќи ја да западне во амбисот.[12] Во триесетите, Одубон исто така ги забележа лабрадорските волци како ловат во глутници и како една глутница волци следела некој човек во неговата колиба и му ги убиле кучињата. За време на остри зими, глутниците волци стануваат толку бројни што почнуваат да претставуваат опасност за човечките населби, како што беше случај во Франција пред околу четириесет и пет години. Во руските степи тие никогаш не напаѓаат коњи на друг начин освен во глутница. А сепак, тие влегуваат во огорчени борби, за време на кои коњите (според сведочењето на Кол) понекогаш дури отпочнуваат офанзивна војна и во такви случаи, ако волците веднаш не се повлачат, ризикуваат да бидат опколени од коњите и да бидат убиени од нивните копита. Прериските волци (Canis latrans) се познати по нивното здружување во групи од дваесет до триесет единки кога бркаат некое бафало што се одвоило од своето стадо.[13] Чакалите, кои се најхрабрите и најверојатно се сметаат за едни од најинтелегентните претставници на племето кучиња, секогаш ловат во глутници. Така обединети, тие не се плашат од поголеми месојади.[14] А пак дивите кучиња во Азија (kholzuns или dholes), Вилијамсон забележал како нивните големи глутници ги напаѓаат сите поголеми животни, со исклучок на слоновите и носорозите, надвладувајќи ги дури и мечките и тигрите. Хиените секогаш живеат во општества и ловат во глутници, а Каминг навистина ги фали ловечките здружувања на африканското диво куче. Но, дури и лисиците, кои по правило живеат изолирано во нашите цивилизирани земји, можат да се забележат како се здружуваат кога ловат.[15] А поларната лисица, пак, е, или поточно, била во времето на Стелер, едно од најдруштвените животни. И кога некој го чита приказот на Стелер за војната што ја водел Беринговиот несреќен екипаж против овие мали, интелигентни животни, тој не знае за што повеќе да се чуди: за извонредната интелигенција на лисиците и нивната меѓусебна помош што ја покажувале при ископувањето на храната скриена под купиштата камењата или складирана над некој столб (при што една од лисиците ќе се искачела до врвот и ќе им ја фрлела храната на своите другари долу), или пак суровоста на човекот, доведен до очај од бројните глутници на лисици. Дури и некои мечки живеат во општества таму каде што не се вознемирувани од луѓето. Така, Стелер ги забележал црните мечки од Камчатка во бројни глутници, а поларните мечки повремено можат да се видат во мали групи. Дури и неинтелигентните инсектојади не секогаш презираат здружување.[16]

Сепак, особено кај глодарите, копитарите и преживарите наоѓаме високоразвиена практика на меѓусебна помош. Верверичките се индивидуалисти во голема мера. Секоја од нив си гради свое сопствено удобно гнездо и си собира свои сопствени залихи. Нивната наклонетост е кон семејниот начин на живеење, а Брем открил дека едно семејство на верверички никогаш не е толку среќно како кога две млади верверички од иста рожба можат да им се приклучат на своите родители и да одат во некој далечен агол од шумата. Но сепак, тие одржуваат општествени односи. Жителите на различните гнезда постојано се во близок однос, така што кога во одредена шума шишарките стануваат ретки, тие емигрираат во групи. А, пак, црните верверички од далечниот запад се особено друштвени. Освен неколкуте часа секој ден што ги користат за собирање на храна, тие го поминуваат својот живот играјќи си во бројни групи. А кога ќе се размножат пребрзо во дадена област, се собираат во групи, речиси исто толку бројни колку и групите на скакулците, и се движат кон југ, уништувајќи ги шумите, полињата и градините, додека лисиците, куните, соколите и ноќните птици грабливки ги следат нивните густи колони и чекаат некои единки да заостанат зад групата. Земјените верверички – што е близок род до нив – се уште подруштвени. Тие се посветени на собирањето храна и складираат најразлични видови јадливи корења и јатки во своите подземни холови, кои обично луѓето ги пљачкаат наесен. Според некои набљудувачи, тие покажуваат одредени знаци на скржавост. Но и покрај тоа остануваат друштвени животни. Тие секогаш живеат во големи села, а Одубон, кој отворил дел од живеалиштата на црвените верверички за време на зимата, открил неколку единки што живеат во истиот стан, што значи дека складирањето го вршеле со заеднички напори.

Големото племе на мрмотите, што ги вклучува трите големи родови Arctomys, Cynomy и Spermophilus, е уште подруштвено и поинтелегентно. Тие, исто така, преферираат да имаат свое сопствено живеалиште, но сепак живеат во големи села. Стоболката, тој голем непријател на жетвата во Јужна Русија, од која околу десет милиони се истребуваат годишно од страна само на човекот, живее во безбројни колонии. И додека руските провинциски собранија жестоко дискутираат како да изнајдат начин да го отстранат овој непријател на општеството, тие со илјадници си уживаат во животот на најрадосен можен начин. Нивните игри се толку шармантни што ниту еден набљудувач не се воздржува од тоа да ги пофали, но откако ќе ги спомне мелодичните концерти што произлегуваат од острите свирки на мажјаците и меланхоличните свирки на женките, тој нагло се враќа на своите граѓански обврски – смислување на најжестоки начини за истребување на малите крадци. Сите видови птици грабливки и ѕверови се покажаа немоќни во оваа војна, а последниот збор на науката во оваа војна е вакцинација против колера! Селата на прериските кучиња во Америка се една од најубавите глетки. До каде што окото може да ја дофати преријата, се гледаат купишта земја и на секое од нив стои прериско куче, фатено во жива дискусија со своите соседи, што ја вршат преку кратки лаења. Штом се сигнализира приближување на луѓе, сите се втурнуваат во своите живеалишта, веднаш исчезнувајќи како да се употребила магија. Но, ако опасноста помине, малите суштества наскоро повторно се појавуваат. Цели семејства излегуваат од нивните колонии и се препуштаат на игра. Малечките почнуваат да се гребат меѓу себе, да се вознемируваат и да ја покажуваат својата грациозност стоејќи исправено. Во меѓувреме, постарите чуваат стража. Тие се посетуваат едни со други, а натапканите патчиња што ги поврзуваат нивните земјени ритчиња сведочат за честотата на посетите. Накратко, најдобрите природонаучници ги имаат напишано некои од своите најдобри страници опишувајќи ги здруженијата на прериските кучиња од Америка, мрмотите од Стариот свет и поларните мрмоти од алпските предели. А сепак, за мрмотите мора да посочам на истото што го посочив за пчелите. Тие ги задржале своите боречки инстинкти и овие инстинкти повторно доаѓаат до израз кога тие се заробени. Но, во нивните големи здруженија, во склоп на слободната природата, недруштвените инстинкти немаат простор да се развијат, па општиот резултат е мир и хармонија.

...

 


Забелешки на авторот

[1] Syevettsoff, Periodical Phenomena, p. 251.

[2] Seyfferlitz, цитиран од Brehm, iv. 760.

[3] The Arctic Voyages of A.E. Nordenskjöld, London, 1879, p. 135. Видете го и моќниот опис на островите Св. Килда од г-дин Диксон (цитиран од Seebohm) и речиси сите книги за арктичките патувања.

[4] Види додаток III.

[5] Elliot Couës во Bulletin U.S. Geol. Survey of Territories, iv. No. 7, pp. 556, 579, etc. Меѓу галебите (Larus argentatus) во мочуриштата во Северна Русија, Полјаков забележал дека во подрачјата за гнездење на голем број од овие птици нив секогаш ги чувал еден мажјак, кој ја предупредувал колонијата при надоаѓање на некоја опасност. Во таква ситуација, сите птици летнувале и го напаѓале непријателот со голема жестокост. Женките, кои имале пет или шест гнезда заедно на секое брекче во мочуриштето, одржувале одреден ред при напуштањето на своите гнезда во потрага по храна. Жолтоклунците, кои во спротивно се исклучително незаштитени и кои лесно стануваат жртви на птиците грабливки, никогаш не биле оставени сами ("Family Habits among the Aquatic Birds," in Proceedings of the Zool. Section of St. Petersburg Soc. of Nat., Dec. 17, 1874).

[6] Brehm таткото, цитиран од A. Brehm, iv. 34 seq. Видете исто така и White's Natural History of Selborne, писмо XI.

[7] Dr. Couës, Birds of Dakota and Montana, во Bulletin U.S. Survey of Territories, iv. No. 7.

[8] Често се тврди дека се случува поголемите птици повремено да транспортираат некои од помалите птици кога заедно го поминуваат Средоземното Море, но тој факт сè уште останува под сомнеж. Од друга страна, сигурно е дека некои помали птици им се приклучуваат на поголемите при преселбите. Овој факт беше забележан неколкупати и пред извесен период беше потврден од Л. Буксбаум во Раунхајм. Тој забележал неколку групи на жерави покрај кои летале чучурлиги, како помеѓу нив, така и на двата краја на нивните преселнички колони (Der zoologische Garten, 1886, p. 133).

[9] Х. Зебом и Ч. Диксон ја споменуваат оваа навика.

[10] Овој факт му е добро познат на секој теренски биолог и во однос на Англија можат да се најдат неколку примери во Чарлс-Диксоновата Among the Birds in Northern Shires. Сипките пристигнуваат за време на зимата во огромни јата и речиси во исто време, т.е. во ноември, доаѓаат јата на планински ѕвингалки. Лисестите дроздови исто така прелетуваат на истите места во „слични големи друштва“ итн. (стр. 165, 166).

[11] S.W. Baker, Wild Beasts, etc., vol. i. p. 316.

[12] Tschudi, Thierleben der Alpenwelt, p. 404.

[13] Houzeau, Études, ii. 463.

[14] За ловечките здружувања, видете Sir E. Tennant, Natural History of Ceylon, цитиран во Romanes, Animal Intelligence, p. 432.

[15] Видете го писмото на Emil Hüter во L. Büchner, Liebe.

[16] Види Додаток IV.

 


Забелешки на преведувачите

[1*] Во биологијата, племе е таксономски ранг над родот, а под семејството.