Антун Колендиќ е роден во Омиш, Хрватска во 1914 година. Во 1932 година завршил гимназија во Скопје. Член е на СКОЈ од 1932 година, а на КПЈ од 1933 година. Уапсен е на 25 декември 1934 година и во јуни 1935 година е осуден на четири години. Казната ја одлежува во затворот во Сремска Митровица. Од 2 јануари до крајот на јуни 1940 година е интерниран во логорот во Билеќа.
По бугарската окупација на Македонија, на 18 октомври 1941 година Колендиќ се приклучува на Првиот скопски партизански одред, формиран на 22 август 1941 година. Во одредот е секретар на партиската организација. По распуштањето на одредот, живее во илегала и одреден период е во Бугарија. Во мај 1942 година во процесот против борците на Првиот скопски одред бугарскиот воен суд во Скопје во отсуство го осудува на смрт со бесење.
По крајот на војната работи како уредник на „Борба“, а потоа е долгогодишен дипломат во југословенските дипломатски претставништва во Софија, Виена, Грац и Западен Берлин. Главно работи во разузнавачкиот сектор. На пошироката јавност ѝ е познат по обидот за атентат што врз него го извршија, додека беше на служба во Западен Берлин, припадниците на усташката емиграција на 30 јуни 1969 година. Во таа прилика, Колендиќ е тешко ранет, а последиците од атентатот ги чувствувал до крајот на животот.
Завршил студии по книжевност на Белградскиот универзитет, каде и докторира на историски науки. Се занимавал и со публицистика. Благодарение на неговото истражување, беа актуелизирани две дубровнички ренесансни комедии: „Боздоган“ и „Лукреција – или ти Ждрело“. За работата на втората претстава Колендиќ во 1994 година ја добива Стериината награда.
Носител е на Партизанска споменица 1941 година и други високи одликувања на СФРЈ.
Умира на 29 април 1999 година, во гратчето Марина ди Рагуза на Сицилија.