Првпат објавено: Paul Cockshott, What then is the escape from capitalism?, Paul Cockshott's blog, 2019.
Превод: Томислав Захов
Онлајн верзија: јануари 2022
Кој е излезот од капитализмот?
Кои би биле основните карактеристики на социјалистичката економија, кои би биле навистина остварливи?
Социјалистите од 19-ти век како Маркс, сметале дека елиминацијата на монетарната економија е апсолутно суштинска. Целата книга Капитал на Маркс може да се чита како континуиран аргумент дека монетарната индустриска економија неизбежно води кон цел пакет капиталистички институции. Од парите и индустријата произлегува купувањето на работна сила, од ова произлегува експлоатацијата и класниот систем. Од експлоатацијата произлегуваат сите други зла на системот.
Секој обид да се воведе реформирана монетарна економија ја остава основната логика на функционирање на капитализмот недопрена. Основните тенденции кои се безусловни во монетарната економија, се реафирмираат. Искуството од досега постојниот социјализам кој ја смени сопственоста на имотот без да ги елиминира парите и монетарната пресметка, сведочи за оваа внатрешна логика. Постои постојан притисок повторно да се воведат сè повеќе капиталистички елементи во економијата, бидејќи овие капиталистички институции се внатрешна нужност на монетарната логика.
„Во онаа (иста) мера во која стоковното производство, сообразно со своите внатрешни закони, се развива кон капиталистичко производство, во таа иста мера законите за сопственоста, својствени на стоковното производство, се преобратуваат во закони на капиталистичкото присвојување. Како да не ѝ се чудиме според тоа на итроумноста на Прудон, кој сака да ја укине капиталистичката сопственост со тоа што притоа ѝ ги противставува вечните закони на сопственоста на стоковното производство.“[1]
Но, што значи да се ослободиме од парите? Дали тоа е дури практично? Која е алтернативата?
Маркс беше прилично јасен дека ја гледа непосредната алтернатива како систем базиран на употреба на ваучери за личен труд:
„Поединечниот производител – по одбивањата – го добива назад токму она што му го дава нему. Она што тој му го дал е неговиот индивидуален квантум на трудот. На пример, општествениот работен ден се состои од збирот на индивидуалните работни денови. Индивидуалното работно време на одделните производители е оној дел од општествениот работен ден што тој го дава, неговиот удел во него. Тој од општеството добива потврда дека тој дал толку и толку труд (по одбивањето од неговиот труд за заедничките фондови), и врз основа на оваа потврда зема од општествените залихи на средства за потрошувачка точно онолку колку што чини трудот. Истиот квантум труд што му го дал на општеството во една форма, го добива тој назад во друга форма.“ („Критика на Готската програма“, 1875)
Со воведувањето на ова ќе нема експлоатација – работникот го добива назад она што го придонел како производ или услуга. Ќе нема вишок што ќе оди кај приватниот сопственик.
Сè уште ќе мора да има нешто еквивалентно на данок на доход, она што Маркс го нарекува одбивање од општествениот труд за заеднички фондови.
Но, сè уште ќе има пресметковна единица. Маркс не предлагаше економија што ќе биде бесплатна за сите. Тој не велеше дека едноставно ќе одите во локалната продавница и ќе земете колку што сакате. Се разбира, ако ова ви биде дозволено, би ја поттикнало појавата на паразити како во старото општество. Но, како се разликува овој систем на трудови ваучери од парите?
Зарем овие ваучери, според терминологијата на мислители како Хајнрих, едноставно не „ја репродуцираат формата на вредност“. Маркс одговара на ова во фуснота во том I oд Капиталот.
„Прашањето зошто парите непосредно не го претставуваат работното време, така што на пр. еден книжен паричен знак да претставува x работни часови, просто сосем се сведува на прашањето зошто мораат врз основа на стоковното производство производите на трудот да се претставуваат како стоки, бидејќи претставувањето на стоката го вклучува нејзиното раздвојување на стока и на парична стока. Или зашто приватниот труд не може да се третира како непосреден општествен труд, како негова спротивност. Плиткиот утопизам за некои „работни пари“ врз основа на стоковното производство опширно го разјаснив на друго место. (Каrl Marx: „Zur Kritik etc”., стр. 61 и натаму). Овдека ќе го забележам уште тоа, дека на пр. „трудовите пари“ на Овен се исто толку малку „пари“, нешто како еден театарски билет. Овен има за претпоставка непосреден поопштествен труд, т.е. една форма на производство што му е дијаметрално спротивна на стоковното производство. Потврдата за трудот го потврдува само индивидуалниот дел со кој учествува производителот во општиот труд и неговото индивидуално права на делот од општиот производ определен за потрошувачка. На на Овен ни на ум не му иде да го земе за претпоставка стоковното производство и тогаш да се обиде да ги заобиколи неговите нужни услови со парични итроштини.“[2]
Значи, овде тој вели дека предуслов за видот на трудов ваучер за којшто тој зборува, е директно здружено производство, односно, производство коешто е организирано според заеднички план и не го спроведуваат приватни бизниси. Но, дали ова едноставно нема одново да создаде пари?
Дали овие трудови ваучери би почнале да циркулираат како банкноти?
Па, Маркс беше јасен дека тоа нема да се случи.
„При општествено производство отпаднува паричниот капитал. Општеството ја расподелува работната сила и средствата за производство на различни производни гранки. Производителите можат да добиваат по желба хартиени белешки со кои од општествените резерви за потрошувачка ќе извлекуваат количество кое одговара на нивното работно време. Овие хартии не се пари. Тие не циркулираат.“[3]
Што, сепак, предложил Маркс за да ја спречи циркулацијата на овие трудови ваучери? Тој не објаснил како, но кога размислувате за тоа, импликациите се прилично јасни. Ваучерите ќе го носат името на работникот што извршил х часа работа. Во малите фабрички градови на 19-ти век, касиерските работници ги препознавале другите работници по име, ова било доволно. Во еден голем град, купувачот можеби ќе морал да приложи документ за лична идентификација. Ова ќе ги спречило да циркулираат и да делуваат како пари.
Но, сето тоа е засновано на технологијата од почетокот на 19-ти век. Кон крајот на 19-ти век, социјалистичките автори како Едвард Белами предлагаа да се искористи тогашната модерна технологија со дупнати картички (или картички на Холерит (според Херман Холерит) е парче тврда хартија која содржи дигитални информации засновани на присуство или отсуство на дупки на картичката). Белами предвидуваше социјалистичка економија во која работниците ќе имаат социјални кредитни картички, дупнати картички, кои ќе ги користат за да купат производи од локалните продавници. Кога работниците купуваат нешто, кредитот едноставно ќе биде поништен со дупнување на нивната картичка. Потоа, стоката се испорачува во стилот на Амазон, користејќи пневматски цевки што се движат до секој работнички дом.
Она што ова покажува е дека минатата генерација на социјалисти не се двоумеле околу користењето на најдобрите технологии од своето време кога размислувале да се ослободат од парите. Денес, се разбира, имаме инфраструктура на паметни картички и нивните отчитувачи. Промената на ова кон систем на трудово сметководство просто би било прашање на:
1. Промена на пресметковната единица од денар во работен час.
2. Измена на софтверот така што трансферите помеѓу приватни сметки ќе бидат невозможни.
3. Повлекување на сите денари од оптек.
Но, за да ги обележите добрата и услугите во однос на нивната содржина на труд, потребно ви е и директно здружено производство, негово спроведување во согласност со заеднички план и можност за извршување на потребните пресметки.
„По укинувањето на капиталистичкиот начин на производство, но при задржување на општествено производство, определбата на вредноста останува владејачка во смислата, дека регулирањето на работното време и поделбата на општествениот труд меѓу различните групи на производство, најпосле книговодството за сето тоа, станува поважно од секогаш.[4] (Капиталот, Tом 3, 772) ... Општеството мора однапред да пресмета колку труд, средства за производство и средства за живот може да примени без никаква штета на оние производни гранки, кои, на пример, како градба на железница, за долго време, за една година и повеќе, не даваат ни средства за производство ни средства за живот, ниту каков било полезен ефект, а сепак од вкупниот годишен производ одземаат труд, средства за производство и средства за живот.“[5] (Капиталот, Tом 2, 278).
Во 1920-тите, десничарскиот економист Лудвиг фон Мизес тврдеше дека социјалистичката пресметка без пари ќе биде невозможна. Тој призна дека работното време на Маркс би било алтернативен начин за пресметка, но рече дека пресметката на трудовата содржина е неверојатно тешка задача. Според Мизес, економијата е далеку пресложена, премногу различни видови на труд се вклучени индиректно во изработката на кој било производ, како би била пресметката на трудовата содржина практична.
Мизес пишуваше пред времето на компјутери и пред Интернетот. Во негово време, пресметките ги правеле службениците со хартија и пенкало во книговодствата. Она што некогаш било застрашувачка, денес со модерната дигитална технологија станува релативно лесна задача. Дури и во 1980-тите години Алин Котрел и јас покажавме дека со тогаш достапната Интернет технологија и 8-битни микрокомпјутери, можете да имате систем на трудови вредности коишто се ажурираат секојдневно. Со денешната технологија, ажурирањето може да биде уште побрзо.
Техничките и теоретските проблеми поврзани со укинувањето на капиталистичката монетарна економија се лесно решливи. Решенијата биле јавни со години. Проблемот е политички. Потребно е класно освестување на најголемиот дел од популацијата дека од ваквата транзиција тие директно и на краток рок ќе имаат придобивки.
Фусноти
[1] Капиталот, Том 1. Скопје: Мисла, 1975, стр. 516.
[2] Капиталот, Том 1. Скопје: Мисла, 1975, стр. 93.
[3] Капиталот, Том 2. Скопје: Мисла, 1975, стр. 315.
[4] Капиталот, Том 3. Скопје: Мисла, 1976, стр. 772.
[5] Капиталот, Том 2. Скопје: Мисла, 1975, стр. 278.