Јан Филип Даприх, Пол Кокшот

Биткоинот не е она што му треба на социјализмот


Првпат објавено: Jan Philipp Dapprich, Paul Cockshott Paul Cockshott's blog, November 23, 2017.
Превод: Томислав Захов
Онлајн верзија: февруари 2022


Во еден неодамнешен труд Хакл и Вајт (2016)[1] тврдат дека, иако Биткоинот често се поврзува со десничарската либертаријанска политичка филозофија, основната технологија – Блокверига – има својства што исто така ја прават применлива во социјалистички економски систем. Тие го цитираат концептот на Маркс за трудовите ваучери и тврдат дека ваучерите создадени од Blockchain може да ја преземат улогата на претставување на работното време. Во Критиката на Готската програма (1875), Маркс ја дискутира идејата за комунистичко општество кое им доделува трудови ваучери на работниците во сооднос со работното време придонесено од нивна страна. Еден час работа ќе даде трудов ваучер што претставува еден час работа, без даноците. Даноците треба да се користат за јавни расходи, како што се инвестиции, образование или потрошувачки потреби на оние кои не можат да работат. За возврат, ваучер за работна сила од еден час може да се користи за купување на потрошувачки производ за кој е потребен еден час за да се произведе.

Предлогот на Хакл и Вајт е дека биткоините, создадени со блокверижна криптографија, може да се користат како дигитални ваучери за труд. Цената на стоките за широка потрошувачка во биткоини би била одредена од нивната енергетска содржина, односно колку енергија е потребна за нивно производство:

„Според анализата на животниот циклус спроведена од Aguirre et al., едно електрично возило (EV) користи, во текот на својот животен век (производство, транспорт, користење и отстранување), 506.988 MJ, или 140,83 MWh. Имајќи предвид дека потребни се 5,14 MWh за да се создаде еден BTC, цената на Nissan Leaf EV е дадена со: 140,83 MWh/5,14 MWh по BTC _ 27,4 BTC.“ (Huckle and White 2016, стр. 10)

Може да се тврди дека енергетската содржина во одредена смисла треба да се рефлектира во цените, но со оглед на тоа што цените чисто засновани на енергија воопшто не ги земаат предвид инпутите на трудот, ова очигледно не би претставувало реализација на Марксовиот систем на трудови ваучери како што авторите сугерираат. Дури и ако се прифати енергетското одредување на цените на стоките за широка потрошувачка, не е јасно како Хакл и Вајт замислуваат да се одреди компензацијата на работниците. Во случајот со трудовите ваучери на Маркс, тие се директно поврзани и со содржината на трудот на стоките за широка потрошувачка и со трудот што го придонесуваат работниците. Истото не може да се каже за Биткоин. Иако може да биде возможно да се пресмета еквивалент на биткоин на производи преку релативната енергетска содржина, истото не е можно да се направи за придонесот на труд. Ова значи дека предлогот на Хакл и Вајтс не дава одговор на суштинското прашање колку долго работникот ќе треба да работи за да може да си го дозволи Nissan Leaf EV во нивниот пример.

Но, постои посуштински проблем со нивниот предлог. Трудовите ваучери на Маркс самите не бараат труд за да се произведат. Или барем не толку колку трудот што треба да го претставуваат. Тие едноставно се токени дадени за да се потврди дека работникот придонел одредено работно време. Ваучерите всушност не треба да бараат исто работно време за да се произведат. Всушност, ако го бараат тоа, ова би било значително губење на труд што нема да биде искористен за производство на производи или услуги кои имаат директна употребна вредност. Трудовите ваучери се подобри во споредба со театарски билет. Театарски билет го претставува правото да може да се види една претстава. За да биде така, не е неопходно самиот билет да бара значителен напор или ресурси за да се произведе воопшто. Сè што треба да се осигури е дека не може лесно да се фалсификува, за да се спречи измама.

Биткоинот во предлогот на Хакл и Вајт, од друга страна, всушност мора да одземе онолку енергија за да се произведе колку и производите што може да ги набави, енергија што не може да се искористи за производство на стоки што всушност задоволуваат одредена потреба. Додека трудовите ваучери може да се споредат со театарски билет, биткоините треба да се споредат со златна валута. Златото добива разменска вредност, затоа што е тешко да се дојде до него или според марксистичката трудова теорија на вредноста: потребно е значително општествено неопходно работно време за да се произведе. Тоа е она што го прави златото да има вредност и овозможува да се замени за други предмети од вредност. Истото може да се каже и за Биткоинот, за кој е потребно значително количество енергија (што за возврат бара значителна количина на труд од работниците во фабриката, рударите за јаглен итн.) за да се произведе. Вредноста на биткоините е обезбедена со фактот што тие бараат постојано зголемување на количината на енергија за да се произведат. Не е случајно што машините што произведуваат биткоини се нарекуваат рудници за биткоини.

Предлогот на Хакл и Вајт не само што е заснован на погрешно разбирање на предлогот за трудови ваучери, тој исто така би претставувал губење на ресурси и труд, и непотребно ќе придонесе за емисиите на јаглерод диоксид, бидејќи фосилните горива и понатаму се еден од главните извори на енергија кои би требало да се користат во производството на биткоини. Хакл и Вајт се свесни за ова, бидејќи тие самите изнесоа конзервативна проценка од 3,38 TWh за тековната годишна потрошувачка на енергија на рударството на Биткоини (Huckle and White 2016).

Целата мотивација за Биткоин и слични системи е да се создаде дигитална замена за златото. Целта е да се отцепи, како што го сфаќаат тоа застапниците, од државниот монопол на емисијата на валути и зависноста од меѓународниот систем на банка за клириншко плаќање. Идејата дека Биткоинот ќе го замени доларот или еврото се заснова на фундаментална заблуда за тоа зошто циркулираат државните пари (Knapp 1924[2], Wray 1998)[3]. Државните валути циркулираат бидејќи тие се единицата што мора да се користи за плаќање даноци. Сè додека ова опстојува, нивната циркулација ќе биде примарна, а Биткоинот и сл. ќе останат на ниво на шпекулативни хеџ фондови, исто како што сè уште е златото. Во споредба со постојниот систем на клириншки банки, тој е ужасно енергетски неефикасен. Malmo (2015)[4] вели дека во 2015 година било потребно 5000 пати повеќе електрична енергија за да се обработи трансакција со биткоини отколку плаќање со Visa. Така, како технологија што треба да се користи во секојдневните плаќања за шолјa кафе или вреќи ориз, таа е неостварлива. Големите трошоци за енергија се неопходна последица на децентрализацијата. Потврдувањето на блокверигата треба да се направи компјутерски тешко со цел да се спречи измама, а таа компјутерска тешкотија се преведува во употреба на енергија.

За луѓето кои ги интересира перење пари, избегнување даноци и нелегални зделки со дрога, Биткоинот им е привлечен, но како модел за плаќање во социјалистичкиот систем, инфраструктурата што ја обезбедуваат постоечките платежни картички и читачи на картички е повеќе ветувачка. Суштинската разлика помеѓу трудовите ваучери предложени од Маркс и банкнотите е во тоа што трудовите ваучери не циркулираат. Тие им се доделуваат на луѓето за завршена работа и се поништуваат кога работникот купува нешто од јавните продавници. Ако ја прочитате утописко социјалистичката книга на Белами, „Гледајќи наназад“ (Bellamy 2003)[5], во неа можете да најдете објаснување за тоа како ова би функционирало со помош на технологијата од 19 век. Белами замисли социјалистичка Америка во 2000 година. Луѓето имаат социјални кредитни картички, како дупчените картички што неодамна ги измисли Холерит за обработка на податоци. На почетокот на секој месец добивате нова картичка со вашите кредити означени на картичката. Со неа одите во јавните продавници за да купите артикли и касата физички ги дупчи кредитите од вашата картичка додека таа ги отчитува. Стоката потоа е испратена до вашата куќа низ пневматски цевки.

Самата идеја за кредитна картичка всушност произлегува од оваа утопистичкo социјалистичка литература. Но, за разлика од капиталистичките кредитни картички од реалната 2000 година во САД, нема да има начин да се изврши приватно тргување во системот на Белами. Вашите кредити не се преносливи бидејќи, во моментот кога ќе ги користите, тие стануваат бескорисни мали хартиени фрагменти во каналот за ѓубре на касата. Ниту една приватна активност на црниот пазар не е можна без некоја форма на циркулирање на пари.

Социјалистичката економија во 2030 година нема да мора да се врати на хартиените кредитни картички. Сè што е потребно, откако банките, средствата за производство и дистрибуција ќе бидат во јавна сопственост, е да се измени софтверот што го користат банките. Наместо евра или фунти да се префрлаат од вашата сметка на сметката на Tesco, софтверот едноставно ќе ви го поништи трудовиот ваучер. Продавницата, која е јавно менаџирана, нема да биде бизнис што работи за профит, така што нема да треба да се кредитира со пари. Продавницата нема да купува стока од веледрогерија затоа што магацините и фабриките од кои доаѓа стоката исто така ќе бидат јавно управувани. Како последица на тоа, нема да има пренос на сопственоста помеѓу фабриката, магацинот и супермаркетот, а со тоа и нема да има потреба од синџир на плаќања.

Сè уште треба да се соберат статистички податоци за да се види колку часови труд луѓето трошат на корнфлекс или пченични бисквити итн., за да се осигураме дека јавните фабрики одвоиле соодветни количини ресурси за производство на овие производи. Истата евиденција, во врска со контролата на залихите ќе се користи за откривање на грабеж. Но, нема да има пари и нема потреба од детална заштита од меѓусебно мамење што го користи Биткоин. Биткоинот, далеку од тоа да биде модел за задружна економија, всушност е олицетворение на немилосрден капитализам каде никој со никого не соработува и никој не верува на другиот.


Фусноти

[1] Huckle, S. and White, M. (2016). ‘Socialism and the Blockchain’. Future Internet 2016, 8, 49.

[2] Knapp, G. F. (1924). The state theory of money. History of Economic Thought Books.

[3] Wray, L. R. (1998). Understanding modern money (Vol. 11). Cheltenham: Edward Elgar.

[4] Malmo, C. (2015). Bitcoin is unsustainable.

[5] Bellamy, E. (2003 [1888]). Looking Backward: 2000-1887. Broadview Press.


Архива за Пол Кокшот | Тематска архива за економија

марксистичка интернет архива