Првпат објавено: Andrew Kliman Andrew Kliman's blog I ain't Gonna Work on Piero's Farm No More, 2001.
Превод: Томислав Захов
Онлајн верзија: октомври 2022
Карл Маркс разви свој „закон на тенденциски пад на профитната норма“ во Дел 3 од Капиталот, том III. Законот вели дека усвојувањето на трудово заштедувачки, продуктивно наголемувачки, технолошки иновации од страна на капиталистите ќе тежнеат да предизвикаат општата профитна норма на стопанството да паѓа. Според теоремата на Окишио, сепак, Марксовиот закон не е само фактички неточен, но неопходно лажен – под Марксовите претпоставки, опаѓачка профитна норма поради технолошки напредок е невозможна.
Нобуо Окишио, јапонски марксистички економист, во еден труд од 1961 година тврди дека ја докажува неможноста. До неодамна, речиси сите последователни теоретичари го прифаќаа ова тврдење. Сепак, сега е познато дека теоремата на Окишио е лажна и дека Марксовиот закон е логички веродостоен.
Основната идеја на која подлежи теоремата на Окишио е дека попродуктивна економија е попрофитабилна економија. И покрај лажноста на теоремата, оваа идеја отсекогаш била и останува популарна. Пред трудот на Окишио, многу други немарксистички и марксистички теоретичари исто така го критикуваа и тврдеа дека го побиваат Марксовиот закон. Тие исто така тврдеа дека повисоката продуктивност нужно се претвора во поголема профитабилност.
Маркс сфатил дека индивидуалните капиталисти можат да ги зголемат своите профитни норми усвојувајќи попродуктивни технологии. Сепак, неговата теорија на вредност подразбира дека капиталистите во целина ќе страдаат како резултат на тоа. Бидејќи новите технологии се технологии кои штедат труд, тие ќе тежнеат да ги намалат вредностите на стоките и (доколку нема усложнувања од други фактори) ги намалуваат цените во стопанството. Падот на цените, аргументирал Маркс, ќе тежнее да ја намали просечната профитна норма.
Теоремата на Окишио навидум ја побила оваа последна поента. Окишио претпоставил дека профитните норми се изедначени ширум индустриите пред технолошките иновации и повторно изедначени потоа. Врз оваа основа, тој тврдел дека докажал дека секоја иновација која ја зголемува профитната норма на иновативниот капиталист мора исто така да ја зголеми општата профитна норма (или, во одредени случаи, да ја остави непроменета), а не да ја намали.
Теоремата е невалидна, сепак, бидејќи таа го прикрива падот на цените врз кој почива Марксовиот аргумент. За да ја пресмета својата профитна норма, Окишио самоволно ги вреднувал инпутите купени пред производството, а аутпутите кои се појавуваат после производството, по истата група на цени – постапка која е позната како симултано вреднување. Повисоката продуктивност се преобразува во повисока профитабилност кога (но само кога) можноста на опаѓачки цени е прикриена.
Бранителите на привременото едно-системско толкување (TSSI) на Марксовата теорија на вредност покажаа дека штом технолошкиот напредок е допуштен да ги намали цените на аутпутите во однос на цените на инпутите, тогаш реалната профитна норма може да паѓа под услови во кои профитната норма на Окишио мора да расте. Ова не треба да биде привремен случај; ако технолошкиот напредок е постојан, реалната профитна норма може да паѓа постојано иако нормата на Окишио расте постојано.
Не е јасно зошто Окишио ги вреднувал неговите инпути и аутпути симултано. Можеби тој претпоставил дека ако профитните норми се еднакви, тогаш цените на инпутите и аутпутите мора исто така да бидат еднакви. Не се работи за тоа.
Исто така било сугерирано дека Окишио применил симултано вреднување бидејќи тој избрал да го пресмета профитот како разлика помеѓу приходот од продажбите и трошокот за замена на инпутите после производството, отколку реалниот трошок за инпутите кога тие биле стекнати. Сепак, бидејќи Маркс не го пресметал профитот на тој начин (ниту деловните луѓе или инвеститорите се разбира не го пресметуваат така), движењата во „профитната норма врз трошокот за замена на инпутите после производството“ немаат тежина на логичката веродостојност на неговиот закон на опаѓачка профитна норма.
Теоремата на Окишио привлече големо внимание во 1970-тите и 1980-тите. Неколку теоретичари ја проширија неговата теорема на случајот во кој се користи фиксен капитал. Многу други бараа начини да добијат опаѓачка стапка на профит без да го отфрлат симултаното вреднување, кое стана популарна алатка на конвенционалната „марксистичка економија“.
Таквите работи можеа да добијат пад на профитните стапки со претпоставка дека реалните плати на работниците се зголемуваат, дека опремата неочекувано застарува, дека фирмите одлучуваат да инвестираат во помалку продуктивни или профитабилни технологии итн. Сепак, бидејќи прибегнаа кон симултано вреднување, не успеаја да покажат дека самиот технолошки напредок може да предизвика пад на профитната стапка. Така тие не успеаја да ја оправдаат логичката кохерентност на Марксовата сопствена теорија.
Маркс сметал дека неговиот закон на опаѓачката профитна норма е најважниот закон на политичката економија. Денес, контроверзијата околу законот и теоремата на Окишио е важна посебно поради нејзините политички импликации. Марксовиот закон сугерира дека капиталистичкото производство – производство преземeно да умножи вредност, не само да произведува стоки и услуги – е самонегирачко; поттикот да се умножи вредноста периодично го предизвикува неговиот спротивен ефект.
Еден клучен начин на кој капиталистите се обидуваат да ја умножат вредноста е со усвојување нови технологии кои ја зголемуваат продуктивноста. Сепак, зголемувањата на продуктивноста всушност тежнеат да предизвикаат пад на вредностите и цените на стоките. Ова тежнее да ја снижи општата профитна норма и да ги активира економските кризи кои ја уништуваат вредноста на веќе инвестираниот капитал. Марксовиот закон, според тоа, сугерира дека економските кризи се природен, неминовен резултат на капиталистичкото производство. Тие ќе исчезнат само кога ќе исчезне капиталистичкото производство.
Архива на Ендру Климан |
Тематска архива за економија |
марксистичка интернет архива