Првпат објавено: Naomi Klein. Bush to NGOs: Watch Your Mouths, 20.06.2003.
Извор: Агора
Превод: Хана
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јули 2019
Владата на Буш си најде нова цел за превентивна војна, но таа цел не е Иран, Сирија или Северна Кореја – барем сѐ уште не.
Пред да отпочне какви било нови авантури во странство, Бушовата банда мора малку да си среди по дома: ќе ги исчисти сите оние незгодни невладини организации кои ѝ помагаат на светската јавност да се сврти против американските бомби и брендови.
Војната против НВО-ите се води на два јасни фронта. Од една страна, го купуваат молчењето и соучеството на хуманитарните и религиозните групи од мејнстримот, нудејќи им профитабилни договори за обнова. Од друга страна, ги маргинализираат и криминализираат послободоумните НВО-и, тврдејќи дека претставуваат закана за демократијата. „Американската агенција за меѓународен развој“ (УСАИД) е задолжена за распределбата на морковите, додека „Американскиот институт за претпријатија“ (АЕИ), најмоќното експертско советодавно тело во Вашингтон, ракува со стаповите.
На 21 мај во Вашингтон, Ендрју Нејциос, шефот на УСАИД, одржа говор во кој остро им префрли на американските НВО-и што не успеале да ја одиграат улогата за која многу од нив не ни знаеја дека им била доделена: вршење односи со јавноста за владата на САД. Според „Интер-акшн“, мрежа на 160 хуманитарни и развојни НВО-и која беше домаќин на конференцијата, г-нот Нејциос бил „иритиран“, бидејќи изгладнетите и болни ирачки и авганистански деца не сфаќаат дека благодарение на Џорџ В. Буш добиваат храна и вакцини. Од сега натаму, НВО-ите треба поинтезивно да поработат на поврзување на нивните хуманитарни активности со надворешната политика на САД, како и јасно да стават до знаење дека тие се „продолжена рака на владата на САД“. Ако не го сторат тоа, извести „Интер-акшн“, „Нејциос се закани дека лично ќе ги искине нивните договори и ќе најде нови партнери“.
За хуманитарците, американските долари се условени и со други барања. УСАИД им порача на неколку НВО-и со кои имаше склучено договори за хуманитарна помош, дека не смеат да зборуваат во медиумите – сите новинарски барања мораат да одат преку Вашингтон. Мери Меклајмонт, главна извршна директорка на „Интер-акшн“, ги оцени овие барања како „без преседан“ и рече: „Изгледа како НВО-ите да не се независни и да не можат во свое име да зборуваат за она што го гледаат и мислат“.
Многу раководители на хуманитарни организации се шокираа кога слушнаа дека нивната работа е опишана како „продолжена рака“ на владата; повеќето се гледаат себеси како независни (што е содржано и во придавката „невладини“ во името на нивните организации).
Најдобрите НВО-и ѝ служат на својата кауза, а не на државите и не се плашат да кренат врева кога нивната сопствена влада се занимава со недозволени активности. Помислете само на „Лекарите без граници“ кои им се спротиставија на Белата куќа и на ЕУ во врска со патентите за лекови против СИДА-та или на кампањата на „Хјуман рајтс воч“ против смртната казна во САД. Самиот г-н Нејциос ја уживаше оваа независност за време на претходната функција – потпретседател на „Ворлд вижн“. За време на гладта во Северна Кореја, тој не се двоумеше остро да ја прекори сопствената влада што ја задржува помошта во храна и ја означи реакцијата на Клинтоновата влада како „пребавна“, а владината изјава дека политиката не играла улога – „тотална глупост“.
Немојте да очекувате ваква искреност од хуманитарните организации кои г-нот Нејциос моментално ги надгледува во Ирак. Денес, НВО-ите не смеат да прават ништо друго освен тивко да ги распределуваат хуманитарните пакети на кои е прикачено големо лого „помош од САД“ – во јавно-приватни партнерства со „Бехтел“ и „Халибртон“, се разбира.
Тоа е пораката на „Енџио воч“, основан од Американскиот институт за претпријатија и „Федералистичкото друштво за правни студии и студии на јавната политика“, насочени кон растечкото политичко влијание на непрофитниот сектор. Целта на веб-страницата на „Енџио воч“, покрената на 11 јуни, е „да донесе јасност и одговорност во растечкиот свет на НВО-и“.
А всушност, се работи за црна листа како онаа на Мекарти.[1] Оваа листа ја оцрнува секоја НВО која ќе се осмели да зборува против политиката на владата на Буш или да даде поддршка за меѓународните договори на кои Белата куќа им се противи.
Оваа бизарна иницијатива тргнува од идејата дека не е на добро кога групи граѓани кои не се „избрани преку избори“ се здружуваат во обид да влијаат врз владата. „Во земјите со либерална демократија, невообичаениот пораст на бројот НВО-и кои се занимаваат со лобирање може да доведе намалување на суверенитетот на уставните демократии“ – тврди веб-страницата.
Фактот што овакво нешто потекнува од АЕИ, не е без иронија. Раџ Пател, политички аналитичар при калифорниската НВО „Фуд фрст“ вели: „Американскиот институт за претпријатија е самиот НВО и е поддржан од најмоќните корпорации на планетава. Тие им полагаат сметки само на својот одбор, во кој влегуваат ‘Моторола’, ‘Американ експрес’ и ‘Ексон мобил’.“ Што се однесува до влијанието, малкумина се оние кои можат да се носат со АЕИ, чии најлуди идеи наоѓаат начин да станат дел од политиката на владата на Буш. Па да не се чудиме што Ричард Перл, член и поранешен претседавач на Oдборот на Пентагон за одбранбена политика, е соработник на АЕИ, заедно со Лин Чејни, сопругата на потпретседателот; во владата на Буш со лопата можеш да ги ринеш поранешните соработници на АЕИ.
Како што рече претседателот Буш за време на една вечера во АЕИ во февруари: „Во Американскиот институт за претпријатија, некои од најголемите умови на нашата нација работат на некои од најголемите предизвици за нашата нација. Вие толку добро си ја вршите работата што мојата влада позајми 20 такви ума“. Со други зборови, АЕИ не е само експертско советодавно тело; г-нот Буш го плаќа АЕИ да мисли за него.
Заедно со изјавите на г-нот Нејциос, овој напад врз непрофитниот сектор ја означува појавата на една нова Бушова доктрина: НВО-ите не треба да се ништо повеќе од добронамерен, милосрден огранок на воените сили, кој тивко ќе го расчистува теренот по војните и епидемиите на глад. Нивната задача не е ниту да прашуваат како овие трагедии можеле да се спречат, ниту пак да се залагаат за политички решенија. А дефинитивно не им е задача да пристапат кон анти-воените движења и движењата за праведна трговија кои притискаат за вистински политички промени.
Луѓето од Белата куќа, опседнати со контролата, овој пат се надминаа себеси. Прво се обидоа да ги замолчат владите кои ја критикуваа нивната надворешна политика, купувајќи ги преку договори за помош и трговска размена. (Минатиот месец [мај 2003], американскиот претставник за трговија Робер Зелик рече дека САД ќе влезат во нови трговски зделки само со оние држави кои им понудиле „соработка или нешто повеќе во однос на надворешната политика и безбедносните прашања“). Потоа, се осигураа од незгодни новинарски прашања за време на војна, нудејќи им пристап на новинарите, а добивајќи за возврат контрола врз уредувачката политика.
Сега се обидуваат да ги претворат хуманитарните работници во Ирак и Авганистан во промотори на „САД“ – заштитената марка на г-нот Буш, за, како новинарите на „Фокс њуз“, да ги вклучат во Пентагон.
Владата на САД вообичаено се опишува како „унилатералистичка“, но јас не мислам дека тоа е сосема исправно. Иако Бушовата влада работи на своја рака, она што таа навистина го сака се легии автоцензурирачки следбеници, почнувајќи од странските влади, па преку националните новинари и сѐ до меѓународните НВО-и.
Ние немаме работа само со осамен волк, овој е и овчар. Прашањето е: кои од НВО-ите ќе му бидат овците?
Забелешки на преведувачот
[1] Американски сенатор, кој во периодот од 1950-1954 г. водел остра кампања против американските комунисти како резултат на која, многу од тие лица биле отпуштени од работа.