Наоми Клајн

Наследството од 11 септември: војната како франшиза[1]


Првпат објавено: Naomi Klein. September 11’s Legacy: War as Franchise, 26.08.2003.
Извор: Агора
Превод: Хана
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јули 2019


Хотелот „Мериот“ во Џакарта сѐ уште гореше кога Сусило Бамбанг Јудхојоно, координативниот министер за политички и безбедносни прашања на Индонезија, ги објасни импликациите на тој напад:

„Оние кои се занимаваат со критикување на кршењето на човековите права мора да разберат дека жртвите на бомбашките напади се побитни од кој било проблем од областа на човековите права“.

Во една реченица го добивме најдоброто сиже на философијата на која се заснова Бушовата т.н. „војна против тероризмот“. Тероризмот не се занимава само со разнесување објекти, туку и со бришење на другите проблеми од политичката мапа. Сеништето на тероризмот, како она реалното, така и она преувеличеното, се претвори во штит кој ги прави владите од целиот свет отпорни на критика поради извршените повреди на човековите права.

Многумина укажуваат дека војната против тероризмот е едвај прикриено оправдание кое владата на САД го дава за обидот да создаде класична Империја според моделот на Рим или Британија. Две години по походот, јасно е дека ова размислување е погрешно: бандата на Буш ја нема упорноста успешно да окупира една земја, а камоли дузина.

Но, Буш и неговата банда се разбираат од маркетинг и знаат како да ти продадат. Она што Буш го создаде во Впт™ [трговска марка „Војна против тероризмот“] не е толку „доктрина“ за светска доминација, туку алатка која лесно се склопува, а може да се употреби од страна на секоја мини-империја која сака да се ослободи од опозицијата и да ја прошири сопствената моќ.

Војната против тероризмот никогаш не беше војна во класична смисла, бидејќи ѝ недостигаше јасна цел или фиксна локација. Таа војна е попрво еден вид трговска марка т.е. идеја која лесно може да се франшизира од страна на која било влада која е присутна на пазарот за магични крпи за отстранување секаков вид опозиција.

Веќе знаеме дека Впт™ може да се користи против домашни групации кои користат терористички тактики, како на пример Хамас или Вооружените револуционерни сили на Колумбија (ФАРК). Но тоа е само наједноставната примена на Впт™. Таа исто така може да се користи против секое ослободително или опозиционерско движење. Може во изобилство да се примени и на непосакувани имигрант/к/и, незгодни активист/к/и за човекови права, па дури и на истражувачките новинар/к/и.

Прв кој ја прифати Бушовата франшиза беше израелскиот премиер Ариел Шарон, кој папагалски повторувајќи ги заклетвите на Белата куќа за „отстранување на тој плевел сосе корен и уништување на инфраструктурата“, испрати булдожери во окупираните територии за да ги корнат маслиновите дрвја и тенкови за да ги рушат куќите на цивилното население. Шароновата „терористичка инфраструктура“ набрзо ги вклучи и набљудувач/к/ите за човекови права кои беа сведоци на нападите, како и хуманитарните работници/чки и новинар/к/ите.

Втората франшиза набрзо потоа беше отворена во Шпанија, така што премиерот Хозе Марија Азнар ја прошири својата Впт™ од баскиската герилска група ЕТА до целото баскиско сепаратистичко движење, сочинето во најголема мера од страна на тотално мирољубиви активист/к/и. Азнар не се огласи на повиците да преговара со баскиската автономна влада и ја забрани политичката партија „Батасуна“ (и покрај тоа што, како што забележа „Њујорк тајмс“ овој јуни, „директната поврзаност на Батасуна со терористичките акции не е докажана“). Тој исто така забрани и некои баскиски групи за човекови права, списанија, како и единствениот дневен весник на баскиски јазик. Минатиот февруари, полицијата направи рација во Здружението на баскиските средни училишта, обвинувајќи го за поврзаност со тероризмот. Се чини дека ова е вистинската порака на Бушовата воена франшиза: зошто би преговарале со вашите политички противници/чки кога можете да ги уништите?

Помеѓу оние што фаќаа внимателни белешки на новите правила е грузискиот претседател Едуард Шеварнадѕе. Минатиот октомври, додека екстрадицираше петмина Чеченци во Русија (неприменувајќи ја вообичаената процедура) во врска со својата Впт™, тој изјави: „Меѓународните договори за почитување на човековите права можат да избледат кога ќе се споредат со важноста на анти-терористичката кампања“.

Претседателката на Индонезија, Мегавати Сукарнопутри ја доби истата порака. Таа се стекна со власт, ветувајќи дека ќе ја исчисти војската од ужасната корумпираност и бруталност и ќе донесе мир во поделената држава. Наместо тоа, таа ги откажа преговорите со Движењето за слободен Ачех и во мај изврши инвазија на оваа провинција, инаку богата со нафта. Тоа беше најголемата воена офанзива во Индонезија по инвазијата на Источен Тимор во 1975 година. Индонезиската организација за човекови права, ТАПОЛ, ја опишува ситуацијата во Ачех како „жив пекол, со дневни дози на траума и екстремен страв, со села кои исчезнуваат и каде луѓето биваат произволно заробени, а нивните тела, неколку часа подоцна, можат да се видат оставени покрај патот“.

Зошто индонезиската влада мислеше дека лесно ќе помине со оваа инвазија, кога токму меѓународниот бес беше она што ја присили да го напушти Источен Тимор? Одговорот е едноставен: по 11 Септември, владата го означи движењето за национално ослободување на Ачех како „терористичко“, што значи дека таа влада нема веќе што да се грижи за почитувањето на човековите права. Ризал Маларангенг, постар советник на Мегавати, го нарече тоа „благословот на 11 Септември“.

На претседателката на Филипините, Глорија Аројо, изгледа ѝ е даден истиот благослов. Мошне брзо таа ја означи битката која ја води со исламските сепаратист/к/и во јужниот регион Моро, како дел од Впт™. Аројо, исто како Шарон, Азнар и Мегавати, ги напушти мировните преговори и, наместо тоа, поведе брутална граѓанска војна како резултат на која минатата година 90.000 лица мораа да ги напуштат своите домови.

Но, таа не се задржа само на ова. Минатиот август кога им зборуваше на војниците во воената академија, Аројо ја прошири војната против терорист/к/ите и вооружените сепаратист/к/и и на „оние кои ги тероризираат фабриките кои обезбедуваат работни места“ – јасна порака до синдикатите. Работничките групи во слободните трговски зони на Филипините известуваат дека синдикалците/ките се изложени на зголемени закани, а штрајковите биваат прекинати со екстремна примена на сила од страна на полицијата.

Во Колумбија, владината војна против левичарската герила веќе подолго време се користи како покритие за убивањето на лицата со левичарски идеи, било тоа да се синдикални активист/к/и или локални земјоделци/ки. Но дури и во Колумбија работите се влошија откако во август 2002 година Алваро Урибе дојде на претседателската позиција, потпирајќи се на платформата за Впт™. Мината година беа убиени 150 синдикални активист/к/и. Како и Шарон, Урибе веднаш пристапи кон отстранување на сведоците, исфрлање на странските набљудувач/к/и и намалување на значењето на човековите права. Во март оваа година тој изјави дека единствено откако „терористичките мрежи ќе бидат растурени... дури тогаш ќе бидеме сведоци на потполното почитување на човековите права“.

Понекогаш Впт™ не е изговор за започнувањето војна, туку за одржувањето на истата. Мексиканскиот претседател Винсенте Фокс дојде на власт во 2000 година, ветувајќи дека „за 15 минути“ ќе го среди конфликтот со запатист/к/ите и ќе се справи со кршењата на човековите права од страна на војската и полицијата. Сега, во оваа пост-единаестосептемвриска атмосфера, Фокс ги напушти двата проекти. Мексиканската влада не презема никакви чекори за да го обнови запатистичкиот мировен процес и, минатата недела, Фокс ја укина влијателната позиција „потсекретар за човекови права“.

Ова е ерата која ни ја донесе 11 Септември: неограничени војни и репресии, не од страна на една единствена Империја, туку од една глобална франшиза империи. Владите на Индонезија, Израел, Шпанија, Колумбија, Кина и Филипините, се приклучија кон смртоносната Бушова Впт™ и ја употребуваат истата за да ги унишат своите противници/чки и да ја зајакнат сопствената моќ.

Минатата недела, на вестите слушнавме за една друга војна. Сенатот во Аргентина гласаше за повлекување на два закона кои им даваа имунитет на садистичките криминалци од времето на диктатурата (1976-1983). На времето, генералите ја нарекуваа кампањата за уништување која ја водеа „војна против тероризмот“, користејќи ги сериите киднапирања и насилни напади од страна на левичарските групи како изговор за да ја преземат власта.

Но големото мнозинство од оние 30.000 лица кои „исчезнаа“ за време на диктатурата не беа терорист/к/и, туку синдикални активист/к/и, уметници/чки, учител/к/и, психијатри и психијатарки. Како што е случајот со сите војни против тероризмот, тероризмот воопшто не е целта – тој е само изговорот за започнување војна против оние кои се осмелиле да не се согласат.


Забелешки на преведувачот

[1] Франшиза: право или лиценца дадено на лице или група да продава добра или услуги кои ги поседува компанија на одредена територија.


Архива на Наоми Клајн

марксистичка интернет архива