Првпат објавено: „Правда: лист српског радног народа у Канади“, I, 19, 8. X 1937, 1.
Извор: Блаже Ристовски „Животот и делото на Кочо Рацин (1908-1943)“, „Матица македонска“, Скопје, 2009, 287-290 стр.
Превод: Здравко Савески, од српски јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: мај 2010.
Драги браќа, сестри и пријатели класно-свесни Македонци! Преку овие неколку редови сакам да ви упатам топли револуционерни поздрави – вам, на македонските работници и работнички во Соед. Држави на Америка и Канада – поздрави од бојното поле на нападнатиот шпански народ. Истовремено сакам да ги објаснам мотивите и причините што ме поттикнаа мене и моите земјаци и илјадниците други антифашисти од сите земји на светот со оружје во рака да ги браниме идеалите, темелите и желбите на работниот народ. Како што веќе ви е познато, овде во Шпанија цела година се води борба и шпанскиот народ се бори против меѓународниот и домашниот фашизам за одбрана на демократијата и слободата.
На мене и на моите другари Македонци, како и на другарите од останатите народности свесни и напредни работници падна големата ретка улога и чест да се бориме рамо до рамо со шпанскиот народ против ѕверскиот напад на предавничките генерали и нивните наредбодавци Мусолини и Хитлер.
И ние Македонците антифашисти и борци во редовите на републиканската армија, а во баталјоните на нашите славни херои и учители „Ѓ. Димитров“ и „Ѓ. Ѓаковиќ“ – се обврзуваме дека ќе ги вложиме сите физички и интелектуални сили за победоносно да ја завршиме таа голема задача.
Ние сме свесни дека на бојните полиња на Шпанија се бориме за ослободување [испуштен ред при печатењето – Блаже Ристовски] е национално право и ќе го извојуваме како што го извојуваа поодделни народи на Шпанија. Можеме смело да кажеме дека ние, борците од Македонија, нема да ги извалкаме имињата на нашите македонски борци Гоце [отпечатено: Коце – Б. Р.] Делчев и Дамјан Груев како и на храбриот Сандански [отпечатено: Сомдански – Б. Р.] и на многуте други кои ги дадоа животите во борбата за правата на Македонија. Нам на Македонците ни е добро познато дека нашиот народ претрпе и денес трпи многу како ниту еден друг народ на Балканот и во нашата борба за правда и слобода на македонскиот народ паднаа многу жртви и полни се затворите на Југославија и Бугарија со македонски борци и со најдобрите синови на нашиот народ.
Но нас не може ништо да нè задржи. Ние одевме, а и отсега ќе одиме само напред. Ние Македонците имаме своја славна историја, Илинденското востание од 1903 г. и првата Крушевска република, кога македонскиот работен народ се крена со чекан и мотика против турското царство, а за свое ослободување. Ние не се плашиме од жртвите,... против жртвите на нашите браќа... [нечитлив отпечаток во весникот – Б. Р.] ни даваат сила за борба и победа, а ние уште и знаеме дека оној што ќе падне за слобода, тој никогаш не умира и не се оплакува. Овде во Шпанија паднаа нашите млади херои Македонци, другарот Ганчо [стои отпечатено: Танчо – Б. Р.] Хаџипанзовиќ, од Велес, јуначки падна на Каза де Кампо во одбрана на Мадрид. Исто така херојски загина храбриот тенкист, другарот Блажо, родум од Гевгелија, падна на Харама. Пред неколку дена на фронтот Брунете загина стариот и храбар борец, македонскиот учител Тодор Димитров [Димитар Тодоров] од Скопје. Беше командир на чета во баталјонот „Ѓуро Ѓаковиќ“ и полни десет месеци ги разбиваше фашистите. Тие беа прави и вистински синови на македонскиот народ. Тие го положија својот живот за правда и слобода и за спасување на човештвото од паѓање во канџите на фашистичките змејови. Нив повеќе ги нема меѓу нас, но сигурно е дека и нивните убијци веќе одамна се во земја. Ние стоструко ги одмаздивме своите другари.
Овие славни имиња никогаш нема да ги заборави македонскиот народ.
Тие ќе влезат во историјата на човештвото, а македонскиот народ ќе ги носи во своите срца. Нас ништо не нè плаши, драги другари и пријатели. Сега нашата парола е „ќе поминеме“, па макар и дошле уште десет Хитлери и Мусолинци. Нема што работниците не би можеле да освојат. Тоа веќе се гледа, зашто во последно време оваа наша парола станува стварност: ние од ден за ден на фашистите им нанесуваме удар по удар. Можеме слободно да кажеме дека Шпанија ќе биде гроб на фашистите. Таа гробница ние сега ја копаме со оружје во рацете по цена на својот живот. Другари и пријатели, треба да знаеме дека и најмалата помош од ваша страна го забрзува завршувањето на таа гробница за фашизмот од целиот свет и ова имајте го предвид кога зборувате за настаните во Шпанија. Фашизмот на сите нас ни е заеднички непријател. Ние дојдовме да му покажеме што значи да се нападне и убива работниот народ. Во конечната победа ние сме сигурни, но таа зависи и од вас. Вие имате широко поле за работа. Организирајте се, работете и јакнете. Нашиот работнички фронт не е само во Шпанија, тој е во секоја земја, во секое село и во секоја фабрика. Зацврстувајте го единството на работничката класа, создавајте народен фронт, кој има поволни услови за развој во тие земји, зашто не заборавајте дека тоа е средство со кое се рушат фашизмот и војната. Токму сега сме поблиску до светска војна од кога и да е, зашто Хитлер и Мусолини му подготвуваат нов колеж на човештвото.
Дали можеме ние, свесните работници и селани како и напредната интелигенција од целиот свет да го дозволиме тој злочин на безумниците. Не. Само треба да се напрегнат сите сили во борбата против војната и фашизмот за леб и слобода, мир и напредок за среќа на работниот народ, за целосна рамноправност на народите во Југославија и за нивна слобода.
Тоа се нашите неодложни задачи, драги другари.
Примете искрен поздрав од сите борци од Македонија и од вашиот Македонец Трајко Јордан Мишковиќ.
1.8 – 37, од фронтот на Мадрид.
Архива за Шпанската граѓанска војна и револуција |
Македонска тематска архива
марксистичка интернет архива