Извор:
Државен Архив на Република Македонија. Фонд: Трајко Мишковски
–
шпански борец (1903-1981)
Превод: Здравко Савески, од српскохрватски јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јуни 2016
Роден сум во 1903 година во Велес во работничко семејство. Татко ми беше тулаџиски работник, а мајка ми исто така работничка. Собираше афион (опиум) по бавчите. По документите се водам дека сум роден во 1904 година, а тоа моите родители така напишале за подоцна да одам во војска. По националност сум Македонец. Во работничкото движење се вклучив уште во раната младост, како шегрт на изучување на кројачкиот занает во 1920 година, кога станав и член на синдикатот.
Во 1921 година бев избран за член на управата на синдикалната подружница на шивачите во Велес, задолжен за културна работа. Во 1922 година сум примен во СКОЈ (не се сеќавам на точниот датум). Во прво време бев во занаетчиската ќелија, а подоцна, кога преминав на работа во стовариштето за тутун, ја примив должноста секретар на СКОЈ-евската ќелија, каде останав сè до приемот во КПЈ. Колку што се сеќавам, тоа би можело да биде во април или мај месец 1923 година. Примен сум на состанокот кој е одржан на германските гробишта, а на кој присуствуваа следните другари: Панко Прашнер [Брашнар], Тодор Шоптрајанов, Лазо Богдан и Карлето.
Во партијата ги имав следните функции: секретар на партиска ќелија, а во 1924 година на градската конференција на КПЈ бев избран за член на Месниот комитет на КПЈ за Велес, сè до заминувањето за Москва во 1926 година.
Во 1924 година бев делегат на Обласната партиска конференција, одржана во Скопје. Исто така бев и на Обласната СКОЈ-евска конференција која е одржана во 1923 година во Скопје.
Со решение на ЦК КПЈ во 1926 година испратен сум на школување во СССР, на КУНМЗ [Комунистичкиот универзитет за националните малцинства на Западот], каде што останав на универзитетот до 1930 година.
По завршувањето на школувањето, испратен сум на партиска работа во Српохово, каде бев инструктор при Окружниот комитет на РКП(б) и останав на таа работа сè до 1931 година. Тогаш доаѓам во Москва и работам во заводот Хлептун како раководител на агитпропот при комитетот на РКП(б) сè до 1933 година. По одлука на ЦК РКП(б), при формирањето на полит-одделите при совхозите и колхозите, поставен сум за заменик на началникот на полит-одделот на совхозите во Туркменија, во Геак [Геок] Тепе, каде што останав до 1934 година. Повикан сум во Коминтерната и ми е соопштено дека ме бараат другарите за партиска работа во земјата и да се јавам на нашиот претставник (на КПЈ) во КИ, на другарот Владимир Чопиќ - Сенко. Кога му се јавив на другарот Чопиќ, соопштено ми е дека треба да одам во земјата на партиска работа како инструктор на ЦК КПЈ. Откако некое време читав разни материјали за состојбата во нашата земја и се запознав со разни технички прашања во врска со мојот пат, во јануари 1935 година тргнав од Москва за Виена. Пасошот го добив на име инж. Фрањо, Југословен-Хрват, а на презимето не се сеќавам. Откако дојдов во Виена, го предадов пасошот. На пат за Виена, се задржав во Прага два дена, зашто требаше да предадам некоја порака на другарката Грабекс [Јованка Милеусниќ - Хорватин], која во тоа време работеше во техничкиот апарат на ЦК КПЈ. Тоа беше жена на [Камило] Хорватин, викан Петровски. Во Виена се состанав со [Милан] Горкиќ, [Благоја] Паровиќ, Хорватин и други на чии имиња не се сеќавам. Горкиќ и Паровиќ ми рекоа да одам во земјата како инструктор на ЦК и да работам во Македонија на формирање на ЦК КП за Македонија, врз основа на одлуката на [Четвртата] земја конференција или Пленум на ЦК КПЈ, кој е одржан некаде во земјата, мислам во Словенија во 1934 година.
Во врска со моето заминување за земјата направив повеќе разговори со другарите и за петтомајските избори во 1935 година. Во февруари 1935 година, преку австриската граница, тргнав за Југославија. Првата јавка ми беше во Загреб, па поради тоа што тоа беше сè добро направено, продолжив за Белград. Се јавив во Белград на јавката и по половина час добив врска со Стаменковиќ Трајко. Во тоа време тој беше секретар на КП за Србија. Тој подоцна ме поврза со другарот Јоцо - Ѓорѓе Митровиќ, со Панта - Михајло Бунбуловиќ. Подоцна кога дојде Оскар - Карло Ходомал, Благоја Паровиќ и Флајшер (Иван Гржетиќ), сите се состанавме. По моето доаѓање, јавено е во Македонија да ми се најде стан. Во тоа време, пролетта 1935 година, секретар на ПК на Македонија беше Анастасовски [Мире Анастасов], а седиштето беше во Куманово. Анастасовски дојде во Белград и ние се договоривме околу моето доаѓање во Македонија. Во прво време би бил во Куманово, додека не ми се најде стан во Скопје.
Кога дојдов во Куманово, одржавме неколку состаноци со членовите на Покраинскиот комитет и Месниот комитет на Куманово. Тогаш беше актуелно прашањето на работата на партиската организација во УРС-овите синдикати, влегувањето на комунистите во УРС-овите синдикати, постепеното преземање на позиции во синдикатите. Второ прашање беа подготовките на комунистите за петтомајските избори. Во врска со тоа главна задача на партијата беше поврзување со масите, а особено со селанството. По одредено време поминато во Куманово, отидов во Скопје и тогаш се поврзав со Месниот комитет во кој, колку што се сеќавам, беа Орландиќ Блажо, студент Црногорец, еден шивач кој се викаше Орце [Николов] и уште еден работник на чие име не се сеќавам, а работеше на аеродромот. Доаѓав во допир со доста другари како на пример со Антон Грубишиќ, [Душан] Цекиќ (во тоа време тој држеше некоја крчма). Останав во Скопје до април месец 1935 година и го известив ЦК КПЈ дека не можам понатаму да останам во Скопје, зашто сум доста познат и дека во Скопје има доста мои велешани и дека ми е отежната работата. Во меѓувреме работев на поврзување на партиските организации од Велес, Прилеп, Струмица, Штип и Битола.
Врз основа на одлуката на ЦК КПЈ се вратив во Белград, каде што почнав да работам, зашто бев кооптиран во Месниот комитет на КПЈ за Белград.
Бев поврзан и со ПК КПЈ за Србија. Во тоа време во Белград беа Груловиќ, секретар на ПК за Србија беше Трајко Стаменковиќ, потоа Ѓорѓе Митровиќ, Бунбуловиќ викан Панта, Карло Худомал - Оскар, за врска со другарите ми беше одреден Винко Винтерхалтер.
Во врска со априлската провала (од 1935 година) во Србија, испратен сум од страна на ПК КПЈ за Србија да воспоставам врска со партиските организации во Лесковац, Ваљево, Крушевац, Ниш, Зрењанин. Воспоставив врски со тие организации и формирав месни комитети.
Во Белград формиравме синдикална школа со која раководев јас. Школата ја завршија две групи, а една броеше околу 16 слушатели. Тоа за она време беше голем успех. Исто така успеавме да ги собереме интелектуалците членови на КПЈ и симпатизерите на изданијата на листот НИН. Не се сеќавам точно кога беше тоа, но знам дека тоа беше во 1935 година. Ја ангажиравме организацијата на подготовките за петтомајските избори, не гледајќи на директивите на ЦК КПЈ, кои, како што се знае, задоцнија. Колку што се сеќавам, на октомврискиот пленум на ЦК КПЈ донесена е директива да се организираат масовни акции и да се работи на помасовно собирање на работните луѓе. Така учествувавме на крагуевачкиот собир. Таа директива беше дадена по оној пленум кој е одржан во Сплит во октомври 1935 година.
Јас уште останав во Белград, а Ѓорѓе Митровиќ отиде во Загреб, Бунбуловиќ отиде да се лечи, исто така и Карло Худомал, а подоцна дојде и Флајшер, кој исто така беше член на ЦК КПЈ. По него дојде Паровиќ Благој, кој исто така се задржа некое време во Белград.
Во Белград останав до провалата кон крајот на 1935 година. Требаше да се сретнам со Трајко Стаменковиќ, ми се чини некаде на Калемегдан. Чекав пет минути и тој не дојде. Така, доаѓав на тоа место три пати, но него го немаше. Кога сакав да одам во кино, ме сретна еден другар кој работеше во техниката и се зачуди кога ме виде. Мислел дека и јас сум уапсен. Ме извести за провалата и ми предложи да бегам во Загреб. Не можев тоа да го прифатам, зашто немав јавка. Кога ми предложи да патувам со една другарка која студираше музика во Прага, и таа да ме поврзи, се согласив и отпатував со неа за Загреб.
Ние се договоривме таа да ме поврзе, а јас ќе чекам во хотел додека не ми даде врска. Чекав четири дена и дури тогаш таа дојде и ми кажа дека и во Загреб има провали, но дека успеа да ме поврзи со младината. Така се поврзав со Марко Дреслер. Тој ме поврза со Антон (Лилиќ Стефан), кој тогаш раководеше со партиската техника. Засолнет бев во приватен стан кај некој професор. По кратко време јавено ми е дека ЦК КПЈ одлучи да одам за Виена во јануари 1936 година. Добив врска и преку Словенија и австриската граница, се префрлив во Виена. Таму прво се сретнав со другарот Паровиќ и разговаравме за белградската провала, како и за работата на организациите. Бараше сето тоа да го напишам. Исто така се сретнав и со Горкиќ. Ми рече засега да останам во Виена, додека се види како е со провалата во Белград, па, ако постојат можности, потоа да одам за Белград, ако не, тогаш во Москва. Така останав во Виена околу месец дена. Потоа Паровиќ ми соопшти да одам во Прага февруари-март 1936 година и таму да чекам за заминување во Москва, зашто нема повеќе да се враќам во земјата. Во Прага отидов илегално преку австриско-чешката граница. Останав во Прага сè до заминувањето во Шпанија (кон крајот на јули 1936 година). Во Прага работев во еден реонски комитет на КПЧ и во тој реон беше и Крч Павел, Шајка - Данило Раушевиќ, Иван Рукавина, Марко Дреслер и еден Босанец од Бања Лука. Ја изучувавме историјата на РКП(б).
Кога избувна Шпанската граѓанска војна, му напишав писмо на ЦК КПЈ и изразив желба да одам во Шпанија. По кратко време дојде Горкиќ во Прага и со него се сретнав, па ми рече дека ЦК КПЈ го прими моето писмо и се согласува да одам во Шпанија, но да одам во Париз и да стапам во врска со нашите економски емигранти и да видам дали би можел да соберам доброволци за Шпанија. Отидов преку Германија за Париз, а со мене дојде и Шајка - Данило Раушевиќ. Во Париз стапив во контакт со нашите другари и успеав да соберам група од 40 борци и во почетокот на септември 1936 година ја преминав границата и дојдов во Шпанија. Прво бевме во Фигерос?, а потоа во Албасете. Тука формиравме чета, која прво ја нарековме „Балканска чета“, зашто во неа имаше Бугари, Грци, Унгарци, Романци, а најмногу Југословени. Јас бев избран за четен комесар, а Вељко Рибар викан Ангер за четен комесар. Во тоа време борците ги избираа комесарите и командирите, старешините. Нашата чета влезе во состав на баталјонот „Едгар Андреи“ [Андре], тоа беше германски баталјон во составот на 11-та интернационална бригада. По формирањето веднаш отидовме на мадридскиот фронт. Во борбата стигнавме на ден 7 ноември 1936 година, на денот на Октомвриската револуција. По Мадрид, бев на Харама, Гвадалахара, Брунете, Торуел, Сарагоса, Тартоза, Ебро и на останати фронтови. Ги имав следните должности: началник на штабот на баталјонот „Ѓуро Ѓаковиќ“, а подоцна командант на баталјонот „Ѓуро Ѓаковиќ“, комесар на офицерската школа во Посорубија, началник на оперативното одделение во 17-та дивизија, а по чин бев капетан. Бев произведен во мајор, но не го добив указот, зашто тоа се случи кога дојде до повлекување од фронтот на интер-бригадите.
По повлекувањето од Шпанија во прво време бев во логорот Сансепис, потоа во Гурс, каде останав до познатиот бунт во Гурс, во март-април 1940 година.
После тоа сум префрлен во логорот Верне, каде останав до нападот на Хитлер на СССР во јуни 1941 година. Пратен сум во затвор во градот Кастре, а потоа во градот Гајак на југот на Франција. Во тој затвор останав до 1944 година, кога побегнав и се приклучив на партизаните (Маки). Нашето бегство беше организирано од страна на месната организација на КП Франција. Формиравме одред во кој имаше Италијанци, Французи, Шпанци, Југословени. Вршевме разни акции. Стапивме во врска со руските војници кои беа во германската војска и ги наговаравме со оружјето да бегаат во партизани. Така успеавме да формираме два баталјони од тие војници. Јас бев комесар на еден таков баталјон, а командант беше некој Грузиец. Во вториот баталјон комесар беше некој Црногорец, „Арсениевиќ“, а вистинското име мислам дека му беше Тодор Вујачиќ. Во 1945 година, кога дојде во Југославија, умре од ТБЦ, а во Шпанија дојде од СССР [Лука Вујачиќ?].
Учествувавме во многу акции, а особено во борбите за ослободување на градовите: Тулуз, Марсеј, Алби и други. Кога во февруари 1945 година во градот Алби стапивме во контакт со руската воена делегација, ги предадовме руските борци, а ние Југословените, преку нашето воено претставништво, со англиски бродови сме префрлени за Италија во Бар [Бари] и по кратко време со авион за Белград.
Од Белград ЦК КПЈ ме испрати веднаш за Скопје, каде работев на формирање на синдикатите и бев член на Извршниот одбор на синдикатите за Македонија, инструктор при Претседателството на Владата во одделението за изградба на народната власт. По некое време испратен сум како редовен судија во Врховниот суд за Македонија, избран од Народното собрание на Македонија. При формирањето на министерството за труд за Македонија во прво време бев инструктор, а потоа помошник на министерот за труд. За сето време на работата во министерството бев секретар на партиската организација. На тоа работно место останав до моето апсење во јануари 1949 година, поради Резолуцијата на ИБ [Информбирото]. Од 1949 до 1954 година бев на работа на Голи Оток. По враќањето долго време бев невработен, па потоа продавав детски играчки на пазар. Во 1957 година дојдов во Белград и едно време бев невработен, па после продавав на пазар производи на една задруга. Тоа го правев сè до повторното апсење во 1958 година, кога ме протераа на островот Гргур и таму останав сè до 1960 година. По враќањето, се пензионирав и денес живеам во Белград.
Трајко Јорданов Мишковски