Устав на Социјалистичка Република Македонија од 1974


Тргнувајќи од историскиот факт:

дека работниците, селаните и сите напредни луѓе на македонскиот народ и на народностите на Македонија, обединети во Народноослободителниот фронт на чело со Комунистичката партија, со својата борба здружени со другите југословенски народи и народности во Народноослободителната војна и Социјалистичката револуција, го урнаа стариот класен поредок заснован врз експлоатација, политичко угнетување и национална нерамноправност и започнаа создавање на општество во кое човечкиот труд и човекот ќе бидат ослободени од искористување и самоволие, а секој народ и народност и сите заедно ќе најдат услови за слободен и сестран развиток;

дека македонскиот народ, заедно со народностите на Македонија, во заедничката Народноослободителна борба со другите југословенски народи и народности, ја создаде Социјалистичка Република Македонија како национална држава на македонскиот народ и држава на албанската и турската народност во неа, во која се остварија историските стремежи на македонскиот народ за национална слобода и државна самостојност, на народностите за рамноправност и на работничката класа и на сите работни луѓе за социјалистичко општество;

дека македонскиот народ, врз основа на правото на самоопределување, вклучувајќи го и правото на отцепување, доброволно се соедини со другите народи на Југославија заедно со народностите со кои тие живеат во социјалистичка федеративна заедница на слободни и рамноправни народи и народности, свесен дека само во неа може да обезбеди услови за свој слободен и сестран национален, материјален, политички и културен развиток;

имајќи предвид дека натамошното продлабочување и постојаното јакнење на нераскинливото братство и единство на југословенските народи и народности и на нивните слободни и рамноправни односи се основа на меѓусебното почитување и заемното гарантирање на националната индивидуалност и слобода, што на македонскиот народ и на народностите им обезбедува сестран размав на нивните творечки сили како во нивни сопствен интерес така и во заеднички интерес на здружените југословенски народи и народности и дека работничката класа и сите работни луѓе на Социјалистичка Република Македонија со сопствена творечка дејност и со заеднички напори на работничката класа и работните луѓе на Југославија оствариле и остваруваат постојан напредок во сите области на општествениот живот, јакнејќи ја материјалната основа и изградувајќи ги и проширувајќи ги социјалистичките самоуправни односи меѓу луѓето;

со оглед на тоа што со развитокот на материјалната основа на земјата и на социјалистичките општествени односи, како и со натамошното изградување на односите засновани врз самоуправувањето и националната рамноправност, се остварени битни промени во општествените и политичките односи, кои бараат соодветни измени во Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1963 година и со оглед на тоа што одредбите на тој Устав во одделни области се веќе изменети со уставните амандмани од 1967, 1969 и 1971 година;

со стремеж да се зацврстат и натаму да се развиваат постигнатите револуционерни придобивки, да зајакне правото и одговорноста на Социјалистичка Република Македонија за сопствениот развиток и за развитокот на југословенската заедница како целина, да се обезбеди натамошен развиток на социјалистичките самоуправни демократски односи на патот кон ослободувањето на трудот и изградбата на комунистичко општество;

тргнувајќи од потребата и со новиот текст на Уставот на Социјалистичка Република Македонија кој, покрај измените што се вршат со него, ги опфаќа и со него усогласените одредби на Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1963 година и на Уставните амандмани I до XI, да се зацврсти уставниот систем врз единствени социјалистички самоуправни основи утврдени со договор на социјалистичките републики и социјалистичките автономни покраини во Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија;

изразувајќи ги суверените права на македонскиот народ и на народностите, —

Собранието на Социјалистичка Република Македонија

д о н е с у в а

У С Т А В

НА СОЦИЈАЛИСТИЧКА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА