Општината е самоуправна и основна општествено-политичка заедница, заснована врз власта и самоуправувањето на работничката класа и на сите работни луѓе.
Во општината работните луѓе и граѓаните создаваат и обезбедуваат услови за својот живот и работа, го насочуваат општествениот развиток, ги остваруваат и усогласуваат своите интереси, ги задоволуваат заедничките потреби и остваруваат власт и управуваат со другите општествени работи.
Функциите на власта и управувањето со другите општествени работи, освен оние што според уставот се остваруваат во пошироките општествено-политички заедници, се остваруваат во општината.
Во остварувањето на своите заеднички интереси и права и должности во општината, работните луѓе и граѓаните одлучуваат организирани во основни организации на здружениот труд, месни заедници, самоуправни интересни заедници, други основни самоуправни организации и заедници, други облици на самоуправно здружување и во општествено-политички организации, со самоуправно спогодување и општествено договарање и преку делегациите и делегатите во собранието на општината и во другите органи на самоуправувањето.
Правата и должностите на општината се утврдуваат со уставот и со статутот на општината.
Во општината особено:
1) се создаваат и развиваат материјални и други услови за живот и работа и за самоуправно задоволување на материјалните, социјалните, културните и другите заеднички потреби на работните луѓе и граѓаните;
2) се насочува и усогласува стопанскиот и општествениот развиток и се уредуваат односите од непосреден интерес за работните луѓе и граѓаните во општината;
3) се утврдуваат и распоредуваат средствата за потребите на општината;
4) се организира вршење на работи од заеднички и од општ општествен интерес и се образуваат органи на самоуправувањето и органи на власта за вршење на тие работи;
5) се обезбедува непосредно извршување на законите, ако нивното извршување со законот не им е ставено во надлежност на органите на пошироките општествено-политички заедници;
6) се обезбедува остварување и заштита на слободите, правата и должностите на човекот и граѓанинот;
7) се обезбедува остварување на рамноправноста на народите и народностите;
8) се заштитува законитоста;
9) се заштитува сигурноста на луѓето и се обезбедува јавниот ред и мир;
10) се заштитува општествениот имот и имотот на граѓаните;
11) се организира и обезбедува општествена заштита на самоуправните права на работните луѓе и на општествената сопственост;
12) се уредува и организира народната одбрана во согласност со системот на општонародната одбрана;
13) се организира и обезбедува општествена самозаштита;
14) се организира и обезбедува општествена контрола;
15) се обезбедува остварување на социјалистичката солидарност;
16) се создаваат услови за работа и вработување и се води грижа за невработените;
17) се уредува користењето на земјиштето и имотот во општа употреба и се уредуваат во согласност со закон односите во политиката на градењето и користењето на становите и станбените згради;
18) се уредуваат односите во станбено-комуналната област;
19) се уредуваат односите во просторното планирање и изградбата и уредувањето на населбите;
20) се определуваат општи услови за вршење на дејностите на комуналните и слични организации;
21) се уредуваат односите во врска со заштитата на природата и унапредувањето на човековата околина и се обезбедуваат услови за искористување на природата и природните богатства;
22) се вршат и други права и должности утврдени со уставот и статутот на општината.
Заради задоволување на заедничките потреби во општината, работниците во основните организации на здружениот труд и другите работни луѓе и граѓаните во месните заедници, самоуправните интересни заедници и во другите самоуправни организации и заедници и во општината како целина, со референдум и со други облици на лично изјаснување, со самоуправно спогодување и општествено договарање одлучуваат за здружување на средства и за нивното користење.
Заради задоволување на општите општествени потреби во општината, во рамките на системот на изворите и видовите даноци, такси и други давачки утврдени со закон, работните луѓе и граѓаните во општината самостојно одлучуваат за обемот и начинот на финансирање на општите општествени потреби во општината.
Обемот на средствата за општите општествени потреби се утврдува и се распоредува со буџетот на општината.
Со средствата за општи општествени потреби што се создаваат во општината се финансираат: функционирањето на собранието на општината и на неговите органи; правосудните органи; народната одбрана, боречката заштита, обврските на општината утврдени со закон и со одлука на собранието на општината во областа на воспитувањето и образованието, културата, физичката и техничката култура, здравствената и социјалната заштита, заштитата на децата и инвалидската заштита; и се обезбедуваат дополнителни средства за финансирање на определени комунални дејности и на дејноста на општествено-политичките организации.
Со закон се утврдуваат критериумите и начинот на обезбедување дополнителни средства за финансирање на општите општествени потреби на општините чии приходи се недоволни за финансирање на тие потреби.
Одделни работи од надлежност на Републиката во врска со извршувањето на законите можат со закон да се пренесат во надлежност на општинските органи. Во овој случај Републиката е должна на општините да им обезбеди соодветни средства односно извори на приходи за вршење на тие работи.
Општината може, во рамките на своите права и должности, да основа фондови за доделување на општествени признанија.
Со статутот на општината се уредуваат особено: правата и должностите на општината и начинот на нивното остварување, финансирањето на општите општествени потреби; организацијата на собранието на општината и на другите органи на општината и нивните права, должности и овластувања; начинот на работа на собранието на општината, начелата за организирање на народната одбрана, на општествената самозаштита и општествената контрола; начелата за меѓу општинската соработка; основите за работењето на комуналните организации на здружениот труд, како и други побитни прашања, во рамките на правата и должностите на општината.
Статутот на општината го донесува собранието на општината со мнозинство од две третини гласови од вкупниот број делегати во секој собор.
Општината во вршењето на своите права и должности донесува прописи.
Собранието на општината донесува одлуки, решенија, заклучоци и препораки, а извршниот орган наредби, упатства, решенија и заклучоци.
Собранието донесува насоки за работата на извршниот орган и на органите на управата, а извршниот орган со свои насоки ја насочува работата на органите на управата.
Собранието на општината разгледува општи прашања од значење за развитокот на стопанството и на другите области на општествениот живот и по тие прашања може да им дава препораки на организациите на здружениот труд, месните и самоуправните интересни заедници и на другите самоуправни организации и заедници.
Организациите на здружениот труд, месните и самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници на кои им е упатена препораката се должни да ја разгледаат, да заземат став по прашањата на кои се однесува препораката и за тоа да го известат собранието.
Собранието на општината избира претседател на собранието од редот на делегатите во соборите на собранието.
За решавање на прашања од општ интерес за општината, како и за претходно изјаснување на работните луѓе и граѓаните за одделни предлози на одлуки или мерки од надлежност на собранието или за нивно потврдување собранието на општината може да распише референдум.
Со статутот на општината се определуваат прашањата за кои задолжително се распишува референдум во општината.
Одлуката на референдумот се донесува со мнозинство гласови на повеќе од половината на работните луѓе и граѓаните што имаат право на глас на референдумот.
Одлуката донесена на референдумот е задолжителна.
Општината самостојно ја организира и уредува организацијата и работата на собранието на општината и на другите органи на општината.
Во случај на непосредна воена опасност или за време на воена состојба ако не постои можност да се состанат надлежните собори на собранието на општината, за прашањата од надлежноста на собранието одлучува претседателството на собранието на општината. Одлуките што ги донело претседателството на собранието по прашањата од надлежноста на собранието, должно е да му ги поднесе на потврдување на собранието штом тоа ќе биде во можност да се состане. Составот и другите надлежности на претседателството на собранието на општината се уредуваат со закон.
Во собранието на општината се образува совет за народна одбрана чиј состав и надлежност се утврдува со закон.
Општината се образува за подрачје на едно или повеќе населени места или за дел од населено место, во кои работните луѓе се поврзани со заеднички интереси и во кои постојат услови за самостојно остварување на правата и должностите на општината, за материјален и општествен развиток, за развиток на општественото самоуправување, како и за остварување на правата на работните луѓе и граѓаните и за вршење на нивните должности.
Општината се образува и нејзиното подрачје се утврдува со закон по претходно мислење од соодветните собранија на општините.
Издвојувањето или присоединувањето на одделни населени места се врши со закон по претходно изјаснување на работните луѓе и граѓаните од соодветните населени места со референдум и мислење на собранијата на соодветните општини.
Општините во градовите се здружуваат во градска заедница како посебна општествено-политичка заедница.
Градската заедница ги врши правата и должностите што и ги доверуваат општините спогодбено во заеднички интерес. На градската заедница Републиката може со закон да и довери вршење на определени работи во рамките на своите права и должности.
Градската заедница има својство на правно лице.
Со статутот на градската заедница, во согласност со уставот, се утврдуваат правата и должностите, организацијата и начинот на работа на градската заедница, како и односите меѓу градската заедница и општините што се здружени во неа.
Статутот на градската заедница го донесува собранието на градската заедница во согласност со собранијата на општините што се здружени во неа.
Собранието на градската заеднина го сочинуваат делегати на собранијата на општините здружени во неа, што се делегираат на начинот и според постапката утврдени со статутот на градската заедница, во согласност со закон.
Општините меѓусебно соработуваат врз принципите на доброволност и солидарност, здружуваат средства и образуваат заеднички органи, организации и служби за вршење на работи од заеднички интерес и за задоволување на заедничките потреби.
Општините соработуваат и со општини од другите социјалистички републики и од социјалистичките автономни покраини по прашања од заеднички интерес.
Општините можат да се здружуваат во регионални заедници.
Општините остваруваат соработка со соодветни странски и меѓународни органи и организации и со административни единици на странски држави, во рамките на утврдената надворешна политика и меѓународните договори на Југославија и политиката на Републиката за оваа соработка.