Устав на Социјалистичка Република Македонија од 1974


Глава I

Општи одредби

Член 1

Социјалистичка Република Македонија е национална држава на македонскиот народ и држава на албанската и турската народност во неа, заснована врз сувереноста на народот и врз власта и самоуправувањето на работничката класа, и на сите работни луѓе, и социјалистичка самоуправна демократска заедница на работните луѓе и граѓаните, на македонскиот народ и рамноправните со него албанска и турска народност.

Социјалистичка Република Македонија е во состав на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

Член 2

Припадниците на другите народи на Југославија што живеат во Социјалистичка Република Македонија се рамноправни и имаат исти права и должности како Македонците и народностите.

Член 3

Во Социјалистичка Република Македонија македонскиот народ и народностите, работните луѓе и граѓаните го утврдуваат општественото уредување на Републиката и обезбедуваат и остваруваат: сувереност, национална слобода, независност, територијален интегритет на Републиката и народна одбрана; општествено самоуправување и социјалистички општествено-економски и политички односи; учество и одговорност на Републиката во утврдувањето и спроведувањето на политиката на федерацијата; рамноправност на македонскиот народ, народностите и припадниците на другите народи на Југославија; солидарност и социјална сигурност на работните луѓе и граѓаните; уставност и законитост; единство на правниот систем на Републиката; заштита на поредокот утврден со уставот, јавна безбедност и општествена самозаштита; демократски слободи и права на човекот и граѓанинот; политичка, економска, културна и друга соработка на Републиката со органи и организации на други држави и со меѓународни органи и организации, како и грижа за почитување на правата на деловите на македонскиот народ што живеат во другите земји како национално малцинство и за Македонците во другите земји, во рамките на заеднички утврдената надворешна политика и меѓународните договори на Социјалистичка Федеративна Република Југославија; соработка со органите и организациите на другите социјалистички републики и на социјалистичките автономни покраини; единство на југословенскиот пазар; услови за рамномерен стопански и општествен развиток на Републиката и за побрз развој на недоволно развиените краишта; иницијатива за решавање на прашања од областа на стопанскиот, општествениот и културниот живот; усогласен самоуправен развиток; услови за што понепосредно и поефикасно остварување на самоуправните права на работните луѓе и граѓаните; заштита на самоуправните права на организациите на здружениот труд, месните заедници, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници и на општините; услови за ефикасно вршење на општествената и самоуправната работничка контрола и за остварување на општествената одговорност; интеграција во сите сфери на општествениот живот во Републиката врз самоуправни основи; услови за јавно информирање и ги вршат сите други општествени работи од заеднички интерес за политичкиот, стопанскиот и културниот развиток на Републиката.

Член 4

Во Социјалистичка Република Македонија македонскиот народ и народностите и работните луѓе и граѓаните заедничките интереси ги остваруваат во организациите на здружениот труд, месните заедници, самоуправните интересни заедници и во другите самоуправни организации и заедници, како и во општините и Републиката; со самоуправно спогодување, општествено договарање и со здружување на организациите на здружениот труд, месните заедници, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници; со непосредна соработка на општествено-политичките и другите организации и здруженијата на граѓаните и со слободни и сестрани активности на граѓаните.

Член 5

Територијата на Социјалистичка Република Македонија е составен дел на територијата на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

Границите на Социјалистичка Република Македонија можат да се менуваат само врз основа на одлука на Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

Член 6

За граѓаните на Социјалистичка Република Македонија постои државјанство на Социјалистичка Република Македонија.

Државјаните на Социјалистичка Република Македонија едновремено се и државјани на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

Државјаните на другите републики во Социјалистичка Федеративна Република Југославија ги имаат во Социјалистичка Република Македонија истите права и должности како и нејзините државјани.

Член 7

Одлуките, исправите и другите акти издадени од државните органи и овластените организации од другите републики во Социјалистичка Федеративна Република Југославија имаат во Социјалистичка Република Македонија иста важност како и во републиката во која се издадени.

Член 8

Грбот на Социјалистичка Република Македонија претставува поле опкружено со житни класје, испреплетено со плодови од афион и тутунови лисја, што се поврзани на дното со лента прошарена со народни мотиви. Меѓу врвовите на класјето има петокрака ѕвезда. Среде во полето се оцртува планина во чие подножје тече река. Зад планината изгрева сонце.

Член 9

Знамето на Социјалистичка Република Македонија е црвено со петокрака ѕвезда. Ѕвездата е црвена со златен (жолт) раб и има правилен петокрак облик. Односот на широчината и должината на знамето е еден спрема два.

Кога ќе се подели знамето на четири правоаголници, тогаш средишната точка на ѕвездата се поклопува со точката во која се сечат дијагоналите на горниот правоаголник што е до прицврстениот дел на знамето. Горниот крак на ѕвездата е насочен спрема горната линија од должината на знамето, а долните краци се насочени спрема долната линија од должината на знамето. Полупречникот на ѕвездата е еднаков со една шестина од широчината на знамето.

Член 10

Социјалистичка Република Македонија има химна.

Член 11

Главен град на Социјалистичка Република Македонија е Скопје.