Ќамуран Тахир

Писмо до Јосип Броз Тито од 15 мај 1973 година


Напишано: 1973
Извор: Невен Радически, „Политички пресметки во СКМ (писмо на Ќамуран Тахир до Јосип Броз Тито од 15. V 1973)“, Гласник ИНИ, Скопје, 2015, бр. 1-2, 223-232 стр.
Превод и забелешки: Невен Радически
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: септември 2016


Другар Тито,

Долго време размислував дали да Ве информирам за тоа што се работеше и што ми направија мене и на крајот решив да Ви напишам писмо, убеден дека еден ден ќе ме прекорат зошто не сум го направил тоа. Сакав да Ве поштедам и затоа барав разговор со другарот Доланц. Меѓутоа, тој ми остави порака дека е презафатен и дека не може да ме прими, упатувајќи ме кај другарот Киро Глигоров со кого јас, инаку, и пред тоа разговарав за мојата состојба.

Работата е свршена. Јас јавно сум осуден како групаш, човек кој го потценил национализмот и што сè уште не. Другарите се подготвуваат да ме исклучат и од СКЈ и тоа сè затоа што не можев да го прифатам барањето да поднесам оставка на членството во постојаниот состав на Сојузната конференција на СКЈ. Тоа не можев да го направам зашто од мене се бараше имплицитно да се обвинам самиот себеси, лажно и невистинито, за некаква групашка спрега со другарот Славко Милосавлевски, секретар на Секретаријатот на СКМ. Бидејќи не можев да го направам тоа, ЦК на СКМ на својата последна седница, а по предлог и според оцената на Секретаријатот на ЦК на СКМ, без мое присуство и давање можност да се искажам пред Централниот комитет, ја прифати оцената за мене која воопшто не одговара на вистината.

Приближно две недели пред тоа, по мое барање, ме прими претседателот на ЦК на СКМ, Ангел Чемерски, и отворено призна дека тој не можел да направи ништо, зашто имало многу силни притисоци од некои наши другари во Претседателството на СКЈ и Сојузната влада, дека јас со многумина од нив сум се замерил, сум изразил несогласување со нив, дека затоа дошло до сето ова и дека јас, ако сакам да се спасам, треба да поднесам оставка. Јас ветив дека ќе размислам, дури и се обидов да барам некаква формулација за мојата оставка.

Меѓутоа, ни тогаш, ни денес не можев и не можам да сфатам дека забелешките, и тоа за принципиелни прашања, во Сојузот на комунистите на Југославија можат да бидат повод и критериум за ликвидација на раководни кадри.

Уште во март минатата година од сè срце го прифатив предлогот на претседателот на ЦК, другарот Ангел Чемерски, повторно да не се кандидирам за претседател на Градската конференција на СК – Скопје, зашто создадените услови и односи беа невозможни. Тогаш се договоривме да го усовршувам англискиот јазик и оваа година да бидам испратен за амбасадор во некоја земја. Затоа во октомври минатата година бев испратен во Англија. Во јануари о. г.[1973] е одржана затворена проширена седница на ЦК на Македонија со цел да се расчистат односите во раководството.[1] Јас бев информиран од мојата другарка, која дојде во Лондон, дека ќе се одржи таков состанок и затоа писмено го замолив претседателот на ЦК на СКМ, другарот Чемерски, да бидам повикан на таа седница, ако се дискутира и за активноста на Градската конференција на СК – Скопје и лично за мојата активност како нејзин претседател.

Меѓутоа, тоа не беше направено. Во мое отсуство, особено другарот Благој Попов, ме нападнал со сите можни епитети, како технократ, бирократ, либерал, групаш и како наметнат претседател на Градската конференција на СК – Скопје, иако моето доаѓање на таа функција, од функцијата потпретседател на Извршниот совет на Македонија, беше по барање на претседателот и секретарот на ЦК на СК на Македонија, па дури и со целосна согласност на другарот Благој Попов, кој тогаш беше претседател на Градското собрание. Значи, во мое отсуство, без никаква можност јас да дискутирам и документирано да ги изнесам сите свои гледишта и за мојата активност, како и ставовите на Градската конференција на СК – Скопје, јас, токму со квалификацијата што ја изразил другарот Благој Попов и уште нешто додадено на тоа, на 37. седница[2] бев оквалификуван така, како што нагласив погоре. Кога го прочитав тоа во Лондон, бев зачуден и крајно вознемирен. Преку мојата другарка, која беше вратена од Лондон, го прашав другарот Ангел Чемерски што да правам, дали веднаш да се вратам, зашто беше јасно дека веќе нема зошто да останам во Лондон. Меѓутоа, тој ме советуваше да останам во Лондон уште неколку месеци за своја сметка, зашто ќе се обидел во текот на идната година да бидам предложен за амбасадор. Јас така и постапив и во Лондон наместо три останав пет месеци.

При крајот на април се вратив од Лондон и по десетина дена бев повикан на разговор во Секретаријатот на ЦК. Разговорот беше многу непријатен, зашто Секретаријатот беше обврзан да ги реализира заклучоците на ЦК. Ниеден мој аргумент и документ не можеше да бидат земени предвид. Тоа уште повеќе ме увери дека се работи за лични, а не за принципиелни работи, така што дури и другарите кои разговараа со мене отворено рекоа дека имаат многу непријатна задача. При третиот разговор со другарите од Секретаријатот јас ја изразив мојата неподготвеност да поднесам оставка со какво било образложение кое имплицитно би значело дека навистина сум бил вклучен во некаква групашка спрега, дека сум ја потценил опасноста од национализмот итн. На другарите им оставив да решат тие, очекувајќи дека барем на седницата на ЦК ќе имам можност аргументирано и документирано да ги оспорам изнесените невистини. Меѓутоа, и овојпат, иако се наоѓав во Скопје, другарите не ме повикаа.

Другар Тито, барем мене, не ми е познат ваквиот метод на политичка ликвидација на еден долгогодишен борец, комунист и раководител во историјата на нашата Партија откога Ти си на нејзиното чело од 1937 година. И тоа зошто, поради тоа што бев бескомпромисен во борбата за остварување на идеите, програмата на Партијата и заклучоците на Конгресот, поради што, се разбира, морав да се замерам со тие кои со зборови прифатија сè, а се однесуваа опортунистички при спроведувањето на заклучоците на Партијата и чија преокупација пред сè беше да имаат или да стекнат нова позиција во општеството и да ја остварат својата кариера. Еве некои факти. Уште за време на Петтиот конгрес на СК на Македонија наједноставно го одбив фракционерството заради остварување кариера. Тогаш ја извршував функцијата потпретседател на Владата на Македонија. За време на Конгресот другарот Димче Беловски од негово име и од името на другарот Лазар Колишевски ме убедуваше дека по моето доаѓање од Белград, каде што божем како претседател на Организационата комисија на Сојузниот одбор на Социјалистичкиот сојуз, а подоцна како секретар на Секретаријатот, политички до таа мера сум се афирмирал во југословенски рамки, што поради тоа заслужувам многу повисока функција во Републиката. Јас укажав дека тоа е непринципиелно, дека ние имаме ЦК и Извршен комитет кој води кадровска политика и дека тие работи се решаваат таму, а не вака преку врбување и обиди за предизвикување незадоволство кај кадрите и дека јас од функцијата што ја извршувам не само што сум презадоволен, туку дека дури и не можам да ја извршувам така како што би сакал јас. Јас за ова го известив тогашниот претседател на СКМ, другарот Крсте Црвенковски, не знаејќи дека во текот на Конгресот другарот Лазар Колишевски инсистирал Крсте Црвенковски понатаму да не остане на функцијата претседател. Изгледа дека тоа било моето прво големо замерување со другарите Лазар Колишевски и Димче Беловски.

Другар Тито, како претседател на нашата Партија, морам отворено да Ти кажам дека другарот Лазар Колишевски многу го почитував и ценев во минатото, со него долго време работев и соработував, особено во Белград, додека работевме заедно во Социјалистичкиот сојуз. Но две работи уште тогаш го намалија неговиот углед во моите очи. Прво, кога се обиде да ме фрли во оган за укинување или некаква трансформација на нешто сосема […] на Титовата штафета по повод Твојот роденден, образложувајќи дека и Ти си се застапувал за тоа. Јас навреме се повлеков од тоа, зашто некаква интуиција ми кажуваше дека тоа не е во ред. Второ, неговото однесување за време на Четвртиот пленум на СКЈ, за кое Вие знаете дури и подобро од мене.

Настапувањето на другарот Лазар Колишевски на 22. седница на Претседателството на СКЈ[3] јас го сфатив како намерен напад и затоа на една проширена седница на Секретаријатот на СКМ, по интервенцијата на другарот Матариќ,[4] претседател на Сојузот на борците на Босна и Херцеговина, му го реков в очи – како комунист на комунист – тоа што го мислев, зашто тоа негово настапување создаде кризна состојба во Сојузот на комунистите на Македонија. Мислев дека тој можеше да го каже тоа на еден затворен состанок. Меѓутоа, по тоа мое, можеби, несреќно настапување, несреќно за мене лично, во кулоарите почна да се шири оцената дека Градскиот комитет на својата проширена седница […] за појавата на национализам во Македонија. Тоа беше седница на која и ние, како и многу други организации во Република Македонија, реагиравме на настапувањето на другарот Матариќ од Босна и ја оценувавме конкретната политичка состојба и појавата на национализам во Скопје, кој тогаш навистина, под притисокот на членството и сите жители на Скопје, кои беа загрижени поради движењето на работите во Хрватска пред 21. седница,[5] а охрабрени од заклучоците на 21. седница на Претседателството на СКЈ, не можеше, како непријателска страна, во тие денови да се пројави. Но затоа на 27. седница на ЦК на СКМ и на пленарната седница на Социјалистичкиот сојуз почна нападот врз Градскиот комитет. Јас лично, уште пред 27. седница на ЦК на СКМ, на проширена седница на Градската конференција на Социјалистичкиот сојуз дискутирав за национализмот, за неговите корени и неговата суштина и појавните облици во Социјалистичка Република Македонија, што весникот „Нова Македонија“, три дена пред 27. седница, го објави тоа, но никој не сакаше тоа да го земе предвид.

Градскиот комитет инсистираше да се даде документиран одговор за неговите ставови наспроти необјективните и злонамерни напади. Тој одговор, што ја содржеше хронологијата на нашите конкретни и начелни оцени за национализмот и прифаќањето на ставовите на 21. седница на Претседателството на СКЈ и 27. седница на ЦК на СКМ, тогаш по инсистирањето на другарот Лазар Колишевски беше прифатена оцената дека на едно советување на претседателите и секретарите на општинските комитети на СК имало обиди да се создаде впечаток за постоење на две линии во СКМ. Од претседателот и од секретарот на Секретаријатот на ЦК на СКМ јас барав да дојдат на состанокот на Градскиот комитет за да се расчисти таа работа, но тие тоа не го прифатија и ме советуваа таа работа натаму да не ја комплицираме. Јас, заради зачувување на дисциплината, нив ги послушав, иако на членовите на Комитетот тоа им беше непријатно, зашто навистина НЕМАШЕ НИКАКВИ РАЗЛИКИ меѓу нашите оцени за национализмот и ставовите на 27. седница на СКМ. Но некој сакаше да ја претстави состојбата во Македонија како наполно иста со состојбата во Хрватска, иако прашањето за степенот на постоењето на национализам и сепаратизам не беше суштинско. Битно беше дека национализмот и сепаратизмот беа осудени, зашто сето тоа водеше во опасни води. Поради сето ова, јас денес сум осуден паушално дека при крајот на 1971 година сум давал отпор на позитивниот курс на градењето единство на акцијата врз основа на доследното остварување на политиката утврдена на 21. седница на Претседателството на СКЈ и на 27. и 28. седница на СКМ и дека сум настојувал да го потценам национализмот, дека луѓето сум ги делел на конзервативно догматски и прогресивни и дека тоа било директно насочено кон дискредитирање на одреден број луѓе, што значело отпор на остварувањето на ставовите на 21. седница на Претседателството на СКЈ. Меѓутоа, самиот другар Ангел Чемерски, претседател на ЦК на СКМ, минатата година во интервјуто во НИН, покрај другото, изјави дека дури и во Македонија постоеле луѓе кои сосема погрешно ја сфатиле 21. седница на Претседателството на СКЈ, што се однесуваше за оние другари кои сакале да ја искористат состојбата за своја афирмација, по долгогодишно молчење и неактивност. Зар догматски сили и поединци, како и либерали немало и во Македонија. Чудно?

Понатаму ми се припишува дека сум правел некои нелегални кадровски комбинации за сменување на некои одговорни функционери во Градот и Републиката.

Другар Тито, прво за тоа што се однесува на Градот. Каков претседател […] би бил јас, кога не би размислувал за нашата кадровска состојба во Градот. Зар тоа не е моја обврска? Во Скопје корупцијата и злоупотребувањето на функцијата и грабежот беа раширени појави. Кај работничката класа, партиското членство и жителите на Градот постоеше многу големо незадоволство поради тоа. Градската конференција уште во 1969 година зазеде став за беспоштедна борба против овие зла и причините за нив, не исклучувајќи никого, без оглед на неговата функција во општеството. Јас и секретарот на Комитетот доследно се боревме за тоа. Од Службата за општествено книговодство беше утврдено дека тогашниот претседател на Синдикатот на Градот, а порано претседател на општина во Скопје, изградил куќа со вредност од 47 милиони стари динари, а дека платил само околу 27 милиони стари динари. Јас и секретарот на Градскиот комитет[6] го повикавме него и му понудивме да се исели од куќата и неа да му ја остави на градежното претпријатие кое ја градело и, како сите други граѓани, да уплати за стан според своите можности. Тој тоа не го прифати, туку прифати да оди на суд. За овој случај се зборуваше во целиот град, а особено сред работничката класа. На мое и на инсистирање на другарот претседател на Синдикатот на Македонија, Павле Давковски, тој беше сменет од функцијата и даден на суд од Службата за општествено книговодство. Претседателот на Градското собрание од мене лично бараше да го спасиме зашто тој е наш другар. Меѓутоа, во таа ситуација и создадената атмосфера, тоа беше невозможно, а би било и сосема неисправно, зашто, ако ние би го направиле тоа, тогаш воопшто не би можеле да ја водиме борбата против корупцијата и грабежот во Градот. По притисоците да отстапам, по притисоците врз судот и јавниот обвинител таа работа да се забошоти, јас се заканив со поднесување оставка. Најголем притисок врз судот вршеше другарот Благој Попов, иако тогаш беше член на Сојузната влада. Меѓутоа, и покрај тоа, судот, со нашата јавна морална поддршка, успеа да одолее на сите притисоци и донесе пресуда за конфискација на изградената вила и казна од 5 години затвор за осуденикот. Но, за жал, по Вашето Писмо и Писмото од Извршното биро, при повторното судење, по враќањето на судскиот предмет од Врховниот суд, во текот на оваа година, осуденикот беше ослободен од сите обвиненија, па дури не му беше досудено да ја доплати разликата во вредноста на куќата од 26 милиони динари.

Јавниот обвинител на округот сакаше да испитува и нешто околу другарот Благој Попов во врска со некои материјални работи уште додека беше претседател на Градот. Меѓутоа кога јас тоа го дознав заедно со секретарот на Градскиот комитет […] советувавме дека тоа може да биде и работа на озборување и дека е незгодно да се испитува нешто околу него зашто тој сега е член на Сојузната влада и тоа би било голем срам дотолку повеќе што податоците беа доста сомнителни.

Второ, добивме две изјави од првоборци од Скопје дека Томислав Папеш, потпретседател на Собранието на Градот, примил поткуп од 5.000 нови динари од една жена која тоа морала да го направи за да го оствари своето право за добивање плац за градење куќа, која пред тоа се жалела дури и до Вас. Таа го потврди сето тоа пред мене и пред секретарот на Комитетот, но рече дека тоа не може да го направи пред […], зашто и таа би настрадала.

Ние изјавите и краткиот опис на разговорот со оваа другарка му ги дадовме на претседателот на Собранието на Градот и ги испративме до ЦК со мислење дека е незгодно другарот Папеш и натаму да остане на функцијата потпретседател на Собранието на Градот, зашто и за него во градот се ширеа гласови и се зборуваше, изгледа, не без основа дека прима поткуп и дека би требало заеднички да се договориме и да најдеме најдобра солуција. Меѓутоа, никој нас не нè повика и не одговори на нашето писмо.

Трето, Вие знаете дека поради Уставните амандмани се одложуваат изборите [...]. Јас, како претседател на СК на Градот, размислував при следната [...] за претседател на Собранието на Градот да биде предложен другарот Васил Гривчев, сегашен претседател на Сојузниот стопански совет на Сојузното Собрание, со оглед на тешката состојба на стопанството во Градот. Зар тоа е грев? Но тоа денес ми се припишува како јас да сум сакал да го сменам сегашниот претседател на Собранието на Градот. Меѓутоа, се работеше за тоа дали јас при нормална ротација би настапил со таков предлог и пред другарите во Градот и во Републиката.

Четврто, што се однесува до мојата таканаречена нелегална комбинаторика во врска со сменувањето на некои личности во Републиката, тоа се најобични измислици и озборувања. Јас еднаш кај мене дома пред еден мој другар поведов разговор во врска со другарот Киро Глигоров, за неговите способности како економист и политичар. Тогаш мојот пријател во разговорот се противстави на тоа мое мислење. Јас му одговорив дека, според моето мислење, при идните нормални измени, кога ќе дојде време за измени во Републиката, другарот Киро Глигоров би можел да ја заземе која било од највисоките функции во Републиката и дека тоа би било полезно за нашата Република. Меѓутоа, овој мој другар тоа го извртил како јас да сум сакал да сменам некого во нашата Република. Другар Тито, од каде јас да имам таква моќ и сила?

Најмногу ме зачуди квалификацијата и оцената дека јас идејно и политички сум дејствувал неодговорно како претседател на Градската конференција на Скопје. Јас на другарите им ги понудив сите мои реферати и дискусии, акционите програми на Градската конференција на Скопје, особено тие по 17. Седница на Претседателството на СКЈ. Нашата интервенција до Извршното биро на СКЈ, во врска со патната афера во Словенија, која од некои многу истакнати другари тогаш кулоарски беше оценета како нарушување на односите меѓу СР Македонија и СР Словенија, а не како битен интерес и акција за зачувување на единството на Југославија. Меѓутоа, тие не сакаат тоа да го видат и оценат.

Другар Тито, интимно, а не само декларативно, го прифаќам денешниот курс на Партијата, за што, покрај другото, јас за овој курс јавно и практично се борев како претседател на Градската конференција на Скопје. [...] 17. седница на Претседателството на СКЈ, на седницата на ЦК и во рефератот пред Градската конференција на Скопје се залагав за демократски централизам во СКЈ, за единството на СКЈ како една Партија во земјата. Јавно се залагав за Уставните амандмани и јавно се борев против сите видови отпори, како и за работничките амандмани и за единството на народите и народностите врз основа на поголема рамноправност.

Имам 4 деца кои се членови на Сојузот на комунистите на Југославија. Тие во овие тешки моменти за мене ми го рекоа следново: „Ако ти самиот си го валкаш своето име затоа што си така убеден е едно, но, ако ти тоа го правиш под притисок на некого, во нашите очи ќе изгубиш многу како комунист. Не плаши се од никакви материјални репресалии, ќе јадеме и ќе се облекуваме полошо, но остани онаков комунист каков што ние и другите луѓе те знаат“. Другар Тито, да поднесев оставка со такво образложение какво што се бараше од мене, јас можев да доживеам и семејна трагедија.

За измислиците дека сум бил групаш како причина за моето отповикување и евентуално исклучување од Партијата, не се решава проблемот на единството во [...].

Основниот проблем на единството е немањето другарски односи и доволно доверба меѓу раководните комунисти, како и борбата за стекнување или зачувување на стекнатите позиции. Тоа мораме да го совладаме, зашто ова и денес, како и пред две години, во Скопје се зборува дека претседател на ЦК на СК на Македонија ќе биде Благој Попов. Значи, работата, што треба да се случи дури идната година, веќе се [...] и се подготвува терен за тоа. Уште пред две години јас и секретарот на Комитетот отидовме кај претседателот на ЦК, другарот Ангел Чемерски, и го информиравме дека [...] нашироко се зборува дека за претседател на ЦК на Македонија доаѓа другарот Димче Беловски, а за претседател на Владата, другарот Благој Попов. Тој ни рече дека имал и други информации за тоа и дека треба да се преземат мерки за да се спречи тоа [...] за таа цел Извршниот совет, Секретаријатот ЦК на СКМ, Претседателството на [...] и Претседателството на Синдикатот одржаа состаноци и го осудија ширењето на таквите гласови. И Градскиот комитет на Скопје го направи тоа и упати соопштение до членовите дека ширењето на такви гласови е недозволен метод и дека тие немаат никаква врска со реалноста, се разбира, не именувајќи за кои луѓе и за какви функции се работи. Изгледа дека и за тоа некој ни замерил.

Другар Тито, без оглед на сето тоа што ќе се случи со мене, јас, веројатно, ќе морам да заминам во пензија, иако уште немам доволно работен стаж за полна пензија. Не ќе можам ни да го користам законското право да бидам повеќе години на располагање како долгогодишен раководител, зашто не постои такво расположение кај другарите. Меѓутоа, останувам верен борец за денешниот курс на нашата Партија и никој не може да ме спречи во тоа.

Инаку, јас сум борец на партизанскиот одред од Т. Велес уште од 1942 година и никогаш ни за јота не сум скршнал од линијата на нашата Партија, ни за време на Информбирото, ни за време на Ѓилас, ни за време на Ранковиќ./p>

Со целосно почитување и преданост

Тахир Ќамуран с.р.


Забелешки

[1] Се работи за 36-тата седница на ЦК на СКМ одржана од 18 до 21 јануари 1973 година.

[2] 37-та седница на ЦК на СКМ се одржала на 3 февруари 1973 година.

[3] На 9 декември 1971 година, на 22 седница на Претседателството на СКЈ, Лазар Колишевски истакнал дека и во СР Македонија, каков што бил претходно случајот во СР Хрватска има појава на национализам и шовинизам, при што како одговорни ги посочил македонските либерално ориентирани функционери меѓу кои и Ќамуран Тахир.

[4] На 13 декември во Белград на седницата на Претседателството на Сојузот на здруженијата на борците од Народноослободителната војна на Југославија, Илија Матариќ го обвинил Крсте Црвенковски за соработка со Мико Трипало, еден од водечките хрватски либерални политичари, принуден на оставка по 21 седница на Претседателството на СКЈ.

[5] 21 седница на Претседателството на СКЈ е одржана на 2 декември 1971 година. На неа биле разгледани состојбите во СР Хрватска каде дошло до националистички и сепаратистички превирања. Како главен виновник за таквиот развој на настаните бил осуден и сменет либералниот дел од хрватското раководство.

[6] Секретар на Градскиот комитет на СКМ на Скопје тогаш бил Љупчо Арнаудовски, уште еден од политичарите кои ќе бидат отстранети од политичката сцена поради либералните сфаќања.