Михаил Цоков

Нов синдикат во Скопје



Напишано: март 1910
Извор: „Работническа искра“, Битоля, 19 мартъ 1910, год. II, брой 6, 3-4 стр.
Превод: Здравко Савески, од бугарски јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: август 2018


Положбата на пекарските работници во Скопје е најмизерна, толку е мизерна што неверојатно се гледа на самите луѓе.

Во Скопје има околу 30 пекарници и во секоја од нив има по 3-4 работници, а во некои по 5-6. Сите работници се 130. Работниот ден е 20 часа. За одмор им останува само 4 часа и тоа два часа за ноќен одмор и два часа преку ден. Но и тој одмор честопати се скратува, особено во пазарните денови, кога треба да се произведе повеќе леб. Местото за ноќниот одмор – за спиење, не е определено, па спијат работниците таму каде што ќе најдат и додека се работи. Штиците, кои служат за лебовите при месењето, служат и за спиење на работниците.

За храна им го даваат оној леб кој останува непродаден и стоен 3-4 денови мувлосан. За јадење секој добива одделно, по 30 пари!

Работата е неутврдена. Секој работник треба да работи сѐ: да меси, да размесува, да пече, да цепи дрва, да потпалува, да го разнесува лебот по чаршијата итн. Претрупани се сите тие работи, без нужниот за секој човек одмор, за да ги надомести изгубените сили, работниците при тоа се одговорни пред газдата за сѐ што се однесува до квалитетот на лебот. За најмалку нешто работникот е напаѓан.

Газдите ги плаќаат работниците не како на други места – месечно или неделно, туку за 6 месеци или година. Најголемата шестмесечна плата е 850 гроша и тоа ако е специјалист т.е. добар месач и пекар. Но, има други работници кои не вршат полесна работа, а им се плаќа по 200 гроша за 6 месеци. А и таа мизерна плата не ја добиваат на време; работникот е најбедно шиканиран додека ја добие својата со крвава пот заработена пара.

Но тој неподнослив живот веќе им се смачи на работниците. Особено на оние работници кои биле малку во Србија и Романија, кои виделе како работниците живеат во другите земји, особено таму каде што се добро организирани. Тие можеа да им објаснат на своите другари, кои не се потрудија да се погрижат за создавање на еден пекарски работнички синдикат.

Месната социјалдемократска организација, имајќи го предвид кажаното, ги свика пекарските работници на општо собрание во работничкиот клуб на 10-ти овој месец попладне. Откако им се зборуваше подробно за нивната положба, работниците едногласно решија да образуваат пекарски работнички синдикат под раководство на месната социјалдемократска организација, која го запази правото во статутот, потврден од власта, да може да ги држи под свое влијание работниците во целиот Скопски вилает и да ги организира во работнички синдикати. Собранието реши: синдикатот да го носи името „Пекарски работнички синдикат“, зачленувачки внос 2 гроша и неделен 1 грош. Се избра управа и контролни членови до свикувањето на друго општо собрание. Управата се избра од 7 члена, имено: секретар Петре Илиев, благајник Лазо Цветков. Советници: Атанас Петров, Сокол Стевков, Јордан Стојанов, Митре Нешиќ, Џон Вицин. Контролори: Нешо Мициќ и Димитрија Петров.

Управата на синдикатот со согласност на управата на организацијата ќе изработи и еден привремен правилник и ќе го поднесе пред општото собрание, кое ќе се свика на 21-ви овој месец, идната недела попладне, на одобрување.

Засега запишани има 104 работници и ентузијазмот е голем. Негодувањата од страна на газдите се чувствуваат многу и самата јавност е растревожена, натпреварувајќи се секој да си купи леб од страв од штрајк.

Се разбира, газдите не спијат; тие преку разни начини ги одвлекуваат работниците од организирањето. Но, мизеријата веќе ги научи работниците дека нивниот спас е во самите нив – организирани во работничка организација и само таму е нивната победа!

Скопје, 15 март 1910 г.

Со социјалистички поздрав,

Секретар: М. [Михаил] Цоков