Леток од Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија
по повод убиството на Мирче Ацев и Страшо Пинџур


Напишано: прва половина од јануари 1943
Извор: „Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава“, Скопје, 1981, II том, 330-332 стр.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: ноември 2020


Мирче Донев Ацев и Страшо Пинџур се мртви. Они не умреа како што умира секој смртен човек, ами беа на најдзверски начин мачени и претепани од Хитлеровите и Борисовите фашисти па после утепани. На колку хиљади чесни македонци им се дига косата кога ќе го види Мирчета во болничка мртвачница и во Прилеп кога го закопуваа со исечени прсти, со извадени нокти и искинато месо од коските. Македонските мајки, татковци и сестри виделе ногу свој синови и браќа мачени и утепани, но досега вакви дзверства и нечовечно мачење немаја видено. Вака не мачеле ни турските јаничари, башибозлуци и крджалии како што мачат Хитлеровите и бугарските фашисти. Додека Пинџурот го скрија да не се гледаат неговите искршени коски, оти поучени од Мирчеовиот случај, виде како за резилок стануват во очите на народот.

Кои беа Мирче и Страшо?

Два македонски сина, кои вистински го сакаја својот народ и неговата срекја и слобода. Това беја синови на чесни македонски фамили, кои во борбата за македонскиот народ дадова по неколку свои чеда. Мирче е син на прочуената Ацевска фамилија од Прилеп. Неговите чичковци славно загинаја за слободата на Македонија. Мирче Ацев беше долго години војвода и загина во село Крапа од пропагандата борееки се и заштитуеки ја македонската слобода од империјалистичките апетити. Другиот му чичко Илко, пак долгогодишен македонски војвода, загина во борба со поробителите на Македонија, турците во село Уланци (Велешко).[1*] А третиот му чичко Петре, после осумнаесет годишно војводуење и славни борби за Македонија умре во Пловдив.

Страшо Пинџур е од чуената фамилија Пинџуровци, от с. Ваташа, Кавадарско. Татко му[1] беше долгогодишен комита и ополченец и најпосле беше отепан од големосрпските хегемонисти. Неговата баба Наста славно и геројски ја зела участие во народната ослободителна борба на македонскиот народ. Она со коли и карвани е пренесувала оружие, четници и била курир на организацијата.[2]

Ете од какви чесни македонски фамилии се Мирче и Страшо.

Мирче и Страшо верно и искрено одеа по патот на македонските апостоли Гоцета и Дамета, и со целиот жар и ентузијазам на своите млади и искрени души се бореа за слободата на македонскиот народ. Они со чист и голем интузијазам со искрен самопрегор се бореа против големосрпскиот хегемонизам, тиранија и плачкане на македонскиот народ, како што се против Хитлеровото тиранисване и против фашистичките окупатори. Нив ги бркаше и затвораше, претепуваше и испракјаше во затвори и концентрациони логори големосрпскиот хегемонизам. Они беа водачи на македонската младеж и македонскиот народ против големосрпските тирани и за това беа мачени.

Големосрпскиот хегемонизам и насилие беше заменет со ново ропство и тиранија, со ропство на фашистите и нимната не чуена тиранија. Они први видоа оти фашизмот не му носи слобода на македонскиот народ, ами уште поголемо ропство. Они смело го дигнаја знамето на македонскиот народ, и пак застанаја во првите редови на борбата на македонскиот народ, за да се борат за неговата слобода, равноправност и самоуправление, за по убав и посреќен живот. Во таја света борба они ништо не жалеја, они и својте млади животи ги дадова. Затоа срамно и гадно лажат фашистичките кучина кога викат оти биле продадени и платени од големо Србите. Не, господа фашисти, они не беа платеници на српските империјалисти, оти за исто од ним беја оптужени кога се бореа против нив. Но, секои треба да знае оти немаше злато, немаше скапоценост, што можеше да се купи нивната чесност. Они не се бореа за да имајат злато или какви било други облаги, ами за слободата и срекјата на својот народ како што се бореше Гоце Делчев, оти от слобода и срекја нема по големо злато и богатство во светот.

Мирчета и Страша ги нема меѓу нас, ама они ни се пример на самопрегор и оданост на делото на македонскиот народ, и вечно ќе ни блескајат како светол пример. Нивното херојско држане прет полицијата, кога народниот тиранин те мачи и сака от тебе да дознае како е организирана народната борба, за да може да ја потуши, да ја разбие, пријателу овија два народни сина треба да ти бидат пред очи. Оди по патот по Страша и Мирчета. Ако попаднеш во рацете на полицијата, суми си ги Мирчета и Страша и како ним ако ти кинат месо, ти кршат коски и нај грозно те мачат ништо да не признаваш. Така ќе докажеш оти си вистински син на својот народ, син како Гоцета и Дамета и следбеник на Мирчета и Страша.

Мирчета и Страша, како и сите паднати синови ќе ги осветиме со слободата на нашиот народ, во која борба паднаја они.

Слава на Мирчета и Страша, слава на сите паднати за слободата на Македонија.


Забелешки на редакцијата на изданието

[1] Димитар Пинџуров, загинат во Првата светска војна.

[2] Се мисли на ВМРО.


Забелешка на транскриберот

[1*] Тука авторот на летокот направил грешка. Мирче Ацев – Оровчанецот, чичкото на Мирче Ацев, е тој што загинал во селото Уланци.


Архива на Народноослободителната борба

Македонска тематска архива

марксистичка интернет архива