Извор: Мара Нацева и др. (ур.) „Куманово и Кумановско во НОБ
1941-1942“, Куманово, 1979, 605-622 стр.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: октомври 2014
Во недела навечер, на 12 октомври 1941 година околу 23 часот на „Студена Вода" членот на Месниот комитет на КПЈ за Куманово и на Воениот штаб Панче Пешев ги построи насобраните борци и ја пренесе нивната кратка порака:
„По одлука на Комитетот формирани се два одреда. Овој одред треба да тргне кон планината Козјак. Задача на одредот е да го подготвува населението на вооружено востание, да ја разбива окупаторска власт и да дејствува на комуникацијата Скопје — Куманово — Софија. Командант на одредот е Љубомир Здравковски — Гачо, а комесар Киро Нацев — Фетак.
На зборното место „Студена вода" беа следните 25 борци[1]: 1. Љубомир Здравковски — Гачо, командант на одредот, 2. Киро Нацев — Фетак, комесар на одредот, 3. Тодор Ангеловски, 4. Борко Божиновски 5. Стојан Георгиевски — Тане, 6. Стојан Георгиевски — Ага, 7. Васе Гелев, 8. Герасим Димковски — Чвор, 9. Стојко Додевски — Оџа, 10. Димче Јовчевски — Еребица, 11. Боро Јовчевски, 12. Александар Јакимовски — Кеке, 13. Урош Караџински, 14. Филимена Михајлова, 15. Михајло Мургашански, 16. Киро Менков, 17. Киро Наков, 18. Салтир Путински, 19. Среќко Петрушевски — Пужаљка, 20. Трајан Стојмановски — Грне, 21. Христијан Тодоровски — Карпош, 22. Мирко Трајковски, 23. Гиго Цветковски, 24. Александар Георгиевски 25. Стојан.
Поглед врз составот на одредот укажува на следново: Од вкупниот број борци присутни при формирањето на одредот (25) — работници се 15, земјоделци 3, студенти и ученици 6 и занаетчија 1.
Од вкупниот број — 11 борци се членови на КПЈ и 2 кандидати, 5 членови на СКОЈ, а 7 симпатизери.
Во одредот се и познати револуционери и активисти на Партијата и Синдикатот во Куманово, Белград и други градови, и поради таква активност прогонувани, осудувани и затворани по логори и зандани: Димче Јовчевски — Еребица, Васе Гелев, Љубе Здравковски, Киро Нацев, Боро Божиновски — Прцан н др.
Гледано врз старосна структура одредот ја имал следнава состојба: под 20 год. — 6 борци, од 20—25 год. — 14, од 25—27 год. — 4 борци и над 27 години — 1 борец. Овој просек исто така укажува дека одредот е релативно млад, т.е. со доминација на борци на возраст во која се поседува најснажен потенцијал. Од вкупниот број 15 борци се со отслужен воен рок (1 со завршено школо за резервни офицери) и 9 борци кои не се отслужиле војска. И овој однос укажува за доста поволна положба во поглед на воената подготовка.
При закажувањето за излегување во партизани заедничка средба беше закажана за во 20 часот, а добар дел од борци пристигнаа и пред тоа. Меѓутоа, некои борци кои беа задолжени за вадење оружје од складиштето, пристигнаа од „Студена вода" со задоцнување. Неколку борци и делегатот П. Пешев дојдоа дури мошне доцна, нешто пред 23 часот.
Тоа доста долго чекање (од 20 до 23 часот), како и престојната маршрута од „Студена вода" до Козјак (над 35 км), не можеше да мине и без коментари, забелешки и предлози за времето и правецот на движењето на одредот. Оправдан беше стравот дека таа релација низ полето на тешка и навлажена смолница, ќе може да се совлада за преостанатите 5 часа од ноќта. Поради тоа од некои другари и пред формирање на одредот беа предлагани други решенија за правец на движењето и преденување на одредот во пештерите кај месноста „Бислим" (на неколку км. јужно од „Студена вода"), а наредната ноќ да се тргне по одредената маршута кон Козјак. Бидејќи нашето излегување не ќе можеше да биде незабележано и можеше да се очекува потера следниот ден, со што движењето на одредот од „Бислим" кон Козјак би било многу поризично, се прифати вториот предлог за движење на одредот под заштита на ноќните часови што преостануваа до с. Четирце.
Со првите чекори на борците се јавија повеќе непредвидени околности, кои значеа и први отстапувања од планираното и замислувано. Тие како и други околности, кои го условија и доцнењето на членот на Месниот комитет и членот на Воениот штаб, другарот Панче Пешев, имаше последици не само врз задоцнувањето на формирање на одредот и неговото тргнување во определен правец, туку и врз моралот на извесен број борци.[2]
Одредот беше официјално формиран со тие кратки пораки и Панче Пешев респектирајќи ги новите околности (задоцнувањето на стартот на одредот) одлучно го одреди правецот за движењето кон с. Четирце. Така одредот во колона, нешто пред полноќ тргна низ падините на „Студена вода" минувајќи ја Кумановската Река, кај воденицата на Најдо Тричковиќ, источно од „Вруќа вода" низ полето кон с. Четирце. Одредот во почетокот форсираше темпо со цел да се надокнади од изгубеното време. Колоната беше долга, движењето низ полето се одолговлечуваше поради отсуство на кондиција кај борците, поради тешките услови, тешката и леплива смолница и тежината на опремата што секој ја носеше. Од опашката на колоната дојде вест, како шeпот, дека двајца од одредот од с. Добрашане дезертирале уште при премин на реката и таа вест беше пренесена до челото, каде беше и командантот.[3] Потоа, беше успорен одот на колоната.
Кога одредот се доближи до патот Куманово — Софија, бидејќи на патот од правец Крива Паланка се движеа неколку камиони, се даде команда: „лежи". Тоа беше прв принуден „здив". Во тој момент одредот го напушти Гиго Цветковски, поради тешкотии во движењето, во согласност од командантот.[4] По петнаесетина минути одредот продолжи и околу 3 часот по полноќ се доближи до селото Четирце.
При пристигнувањето до селото Четирце, командантот Љубе Здравковски го испрати Михајло Мургашански со уште еден другар, во куќата на Доне Тасински — Сурла, каде беше и скривницата планирана за престој на одредот. Бидејќи командантот беше болен и истоштен, се реши тој да остане тука, во првата племна со неколку другари, а другиот дел од одредот да се смести во шумичката близу до племната.
Групата која беше одредена за испитување на положбата со скривницата по прилично задржување се врати со вест дека во текот на изминатиот ден е вршена реквизиција во соседното с. Никуљане и дека наредниот ден треба да дојде и во с. Четирце. Користењето на скривницата за планираното денување на одредот беше ризично. Времето одминуваше, се наближуваше зора. Почна движењето на овчарите и нивните стада. Невозможно беше останување во дадената ситуација. Се наметнуваше нова одлука. Немаше друг избор, освен продолжување на движење кон Козјак. Сè повеќе се поставуваше прашањето како да се дојде понезабележително до Козјак. Комесарот Киро Нацев изврши и одредени консултации за новонастанатата положба со членовите на КП.
По извршената консултација беше соопштено: треба веднаш да се продолжи со движењето кон Козјак, тоа да се одвива во 2—3 групи, на пократко растојание — оружјето да се носи покриено и по патот да се избегнуваат средби со луѓе, а кога тие се неизбежни да се прикажуваме како повратници од Германија.
За врска со другите борци кои останале со командантот Љубе, се задолжи Христијан Тодоровски.[5] Нагласено беше штом здравствената состојба на Љубе му овозможи да тргне по нашата маршрута, за ориентација ќе се остават знаци (скаутски) на раскрсницата кај мостот на реката Пчиња, кај с. Драгоманце.
Борците кои во тој момент останаа во с. Четирце беа:[6] 1. Љубе Здравковски — командант, 2. Стојко Додевски — Оџа, 3. Александар Јакимовски, 4. Урош Караџински, 5. Киро Наков, 6. Христијан Тодоровски — Карпош.[7]
По сите тие промени одредот кој реши веднаш да тргне во текот на денот во правецот на Козјак беше составен од: 1. Киро Нацев — Фетак — комесар, Тодор Ангеловски, Борко Божиновски, Стојан Георгиевски — Ага, Стојан Георгиевски — Тане, Васе Гелев, Герасим Димковски, Димче Јовчевски — Еребица, Боро Јовчевски, Киро Менков, Филимена Михајлова, Мики Мургашански, Среќко Петрушевски — Пужаљка и Салтир Путински.
По завршувањето на други подготовки за покрет — одредот тргна и со забрзано темпо се искачи низ ридот од каде се гледа реката Пчиња и целиот Козјак.
Со премин помеѓу с. Челопек и Бели Грамади се доближивме до река Пчиња и по извесно посматрање на мостот, особено од спротивната страна, по одреден распоред го минавме мостот. Така со премин на реката практично бевме на подрачјето на Козјак. Кај сите борци се манифестираше едно чувство на излез од некој обрач.
Но, веднаш се постави прашањето на врски во тоа подрачје на кои одредот во прво време би се потпирал. Се прашувавме: да не доаѓал некој по задача на ова подрачје во врска со подготовките за исфрлање на одредот? Бидејќи немаше одговор, се прифати предлогот на Боро Божиновски — да се оди во с. Степанце кај некој негов роднина. Штом една група го постави здоговорниот знак за правец на движењето на раскрсницата кај мостот спрема с. Драгоманце, тргнавме кон с. Степанце. Обезбедувањето на престојот во куќата на Драги Спасов, роднина на Боро, беше доста тешко, поради заострените полициски мерки, заради што него, како и неговиот комшија моравме да ги задржиме до нашето напуштање на селото. Движејќи се во правец на селото Малотино и кон врвот на Козјак — Китка, во раните утрински часови нашата претходница сретна две лица,[8] од кои доби доста опширни податоци за дејствувањето на окупаторската власт во овие села, како и за движењето на полициски сили во с. Жегљане, каде имаше мала полициска станица. Врз основа на овие информации, се избра правец за побезбедно движење. Така на 14 октомври околу пладне веќе бевме во близина на селото Малотино.
Движејќи се низ падините на Козјак, одделни лица од Одредот контактираа со минувачи — селани. Во подножјето на с. Малотино од едно лице добивме известување за движењето на окупаторските сили (војска и полиција) од реката Пчиња кон с. Жегљане. Таквата вест сепак нè изненади и предизвика извесни коментари и предлози во врска со правецот за понатамошното движење на одредот. Се одлучи да се движиме североисточно од с. Малотино кон врвот на Козјак — Китка. По неколку часови напорен пат одредот се искачи скоро под врвот на планината и тука во закрила на шумичката направи краток престој за да се направи осврт врз положбата и програмата за дејствување на одредот.
Во отсуство на командантот на одредот, комесарот Киро Нацев — Фетак на тој прв состанок ги постави следниве прашања: — примање на заклетва, проучување на правила за партизанско војување, избор на вршител должноста командант на одредот, и обезбедување на врски — бази во селата.
Бидејќи на зборното место во „Студена вода" немаше време за давање на заклетва, тој чин се изврши тука на вообичаен начин, со читање на текстот.
Во одредот имаше упатство што во рамките на воените подготовки Воениот штаб го беше припремил со наслов: „Правило за партизанско војување". Истото се читаше и коментираше од одделни лица. Одредот беше снабден и со топографски карти и скици.
Бидејќи командантот на одредот Љубе Здравковски — Гачо, остана во с. Четирце, се наметна потреба за избор на лице кое би ја вршело должноста на командантот. За таа должност се избра Салтир Путински.[9]
Положбата во која се најдуваше одредот, без врски и бази во селата на Козјачијата каде требаше да делува одредот, како да ги потиснуваше сите останати прашања. Јасно беше дека без врски нема да има информации ниту организирана акција, ниту пак опстанок на одредот. Во општите подготовки за одредите, Воениот штаб вршел одредени подготовки и на ова подрачје. Но никој од овие луѓе не беше во нашиот одред. Гиго Цветковски, кој бил во една тројка на ова подрачје, беше во нашиот одред, но го напушти по одобрување на командантот и комесарот, а по консултации со некои членови на КПЈ — припадници на одредот.[10]
Таа положба и многу други прашања предизвикаа коментар и предлози од одредени борци одредот да се префрли на територија на Србија. Меѓутоа, такви гледања беа окарактеризирани како напуштање на одредената територија и задачата на дејствување на одредот. Поради тоа, се заклучи дека одредот треба да дејствува на подрачјето што е определено и изнесено при формирање на одредот и според тоа да се направат напори да се најдат врски од самите борци на одредот. Тоа се постави како најактуелно прашање и се постави како задача пред секој. Во врска со ова прашање се јави Среќко Петрушевски — Пужаљка дека има другар од војска во с. Рамно и Салтир Путински, дека има подготвено група со оружје во с. Челопек.[11] Селото Челопек беше прилично далеку од нашето место, а с. Рамно во непосредна близина па се одлучи Среќко да појде во с. Рамно за врски.
По донесување на заклучоците, се пристапи кон нивно извршување. Киро и Васе Гелев појдоа во с. М'глинце,[12] а останатите борци останаа со вршител на должноста на командантот за подготовка на оружје за обука на борците на самиот врв на планината Козјак.
Евидентно беше дека добар дел од оружјето и муницијата, особено тоа што беше извадено од магацинот е главно неупотребливо, недоволно прочистено, а добар дел од муницијата навлажнета и оштетена. Од присутните борци само 9 беа со отслужен воен рок, меѓу кои еден резервен офицер, а 5 немаа искуство за ракување со оружје. Треба да се напомене дека неколку од присутните борци учествувале во двете ноќни вежби, организирани при крајот на септември 1941 година, но таму немале можност да вежбаат. Поради таа положба, и свесни дека нè чека судир со непријателските сили, се одлучи на самиот врв на планината да се извршат извесни подготовки. Се изврши избор на полигон — побезбеден реон, избор на мети за гаѓање (на самите стебла), се изврши чистење на расположивото оружје, а потоа се изведуваше гаѓање од разни ставови. Бевме свесни дека со тоа ќе се демаскира одредот, но положбата на оружјето по вадењето од скривницата и отсуството на искуство за ракување со него од одреден број борци, императивно наметнуваше таква одлука и во тие услови. Обуката траеше до паѓање на ноќта, т.е. до доаѓањето на групата која беше отидена во с. М'глинце, за контакт со селаните.
Групата која се врати од с. М'глинце, ни соопшти дека се добро примени во селото, и дека е закажан собир (митинг) за таа вечер.
Врз основа на дадената информација за селото и положбата на куќата за собир, направивме план за движење и обезбедување на собирот и веднаш тргнавме низ северната падина на Китка кон М'глинце.
На 15 октомври 1941 година приквечерина, одредот тргна на прва средба — митинг. За таа средба размислувавме како за прва политичка акција на одредот. Секој си поставуваше прашања како ќе бидеме примени, како треба да се поставиме. Се слушна лаењето на кучињата по нашата претходница. Малку потоа, на даден знак од претходницата тргнавме кон зборното место. Прилично голема одаја беше исполнета со луѓе на разна возраст. Пријдовме, се поздравивме и некако спонтано започнавме поединечни разговори по разни актуелни прашања: се чувствуваше меѓусебно разбирање, се создаваше пријатна атмосфера, исчезнуваше неизвесноста, воздржаноста, кои се редовни појави при првите контакти.
Во таква атмосфера се пријде и на поединечни настани од борците на одредот. Најпрвин настапи комесарот Киро Нацев — Фетак, потоа Филимена Михајлова. Во изложувањето беше изнесена политиката на КПЈ. За развој на НОБ треба да се бориме против окупаторот и неговите слуги, против насилствата и експлоатацијата. Беше изнесен и повик за оружена борба и во Македонија, а за изградба на ново општествено уредување, без експлоатација со полна рамноправност на народите.
Во претходните разговори во текот на изложувањата повеќето од присутните на некој начин изразуваа согласност со изнесените ставови и погледи. Некои од нив говореа за револтот, омразата, за безправие, реквизициите, што укажуваше готовност за отпор против окупаторот и неговите слуги. Дури неколку помлади лица изразија и согласност да се придружат кон нашиот одред. Меѓу тие дискусии од присутните селани, беше изречена мислата на еден постар човек, кој нагласуваше дека на тој терен доаѓале разни групи и дека слично говореле, и дека потоа следеле масовни апсења и интернирања, рече: „Да ве видиме на дело кои сте".
Претходните информации укажуваа јасно дека, особено по развивањето на народноослободителното движење во Србија и движење на четнички групи, окупаторската власт и на ова подрачје му обрнува посебно внимание. Во тие села на Козјак полицијата испраќала свои групи за провокации на луѓето со легенда на борци за Пеќанац, и други четнички формации, потоа за да го „прочистила" теренот. Тоа мислење дадено од стариот човек и барањето одредот да се легитимира низ акција, и покрај создадената поволна атмосфера во текот на претходните разговори на собирот, како да внесе некоја промена во расположение. Се исчекуваше одговор. Одговорот мораше да се даде веднаш.
Во изложувањата на М. Мургашански и С. Путински се истакна дека претстојат борбите на одредот против тукашната бугарска окупаторска власт, борба против реквизиции, прогонување на населението, и дека е потребна заедничка акција на населението и од овој крај во оваа вооружена борба, дека тоа е пат кон слободата, да се појде како што пошле другите народи од останатите краишта на Југославија.
Потоа пак настанаа групни разговори. И на крајот Киро Фетак, завршувајќи го собирот, рече: „Ние ќе се видиме наскоро, по нашата акција. Ова е само прво запознавање, а сега и само довидување". И по тие дискусии и резерви не изостанаа срдечни поздрави и топли желби за успех и повторни средби.
Ја напуштивме одајата и упатувајќи се кон шумата низ голем и замрзнат снег, окупирани од впечатоците на првата средба, се обидуваме да направиме оценка. Недалеку од селото, во една племна одредот остана до раните утрински часови. Кај секој одѕвонуваше како рефрен само едно: „Потребна е акција. Потребен е оружен судир со непријателот за да се разбие недовербата кај селаните! Да се создадат бази. Но каде?" — се поставуваше прашање.
Поради тоа на селаните кои тоа утро патем ги сретнавме, им поставивме прашања: дали во селото доаѓаат полицајци, војска или некој друг орган на власта?
— „Доаѓаат за реквизиција на жито и стока" — одговори еден селанец.
Информации добивме и од една жена од село Делиновица, Лена, која ни зборуваше за нејзиниот маж и уште некои други селани кои се испровоцирани од полициските агенти и затворени. Со голема горчина таа раскажуваше како нема мир од бугарските полицајци и кметови, како ги ограбуваат селата и прават зулуми ..." Тоа го прават често и со помош на некои наши и тоа со помош на свештено лице — игуменот на манастирот. Прилично гласно и со возбуда реагираше Димче Еребица — „Да се стрела тој џган, што го лаже и злосторствува народот". — Тоа како да му беше вистинска можност да ја изрази напластената омраза од многугодишните темнувања по занданите на Митровица и прогонувањата од поранешните режими. Се разбира, скоро сите така и го разбравме искажувањето. Веднаш беа изнесени мислењата од другите кои укажуваа на мошне лошите последици од таков акт — стрелање на игуменот. Веднаш се постави прашањето: Какав одзив ќе има во религиозните маси нападот на манастирот? Но превладуваше мислењето — тоа е вистинска прилика за наша акција, низ такви акции може да се проширува одредот, да се создаваат бази, и најпосле тоа е напад на бугарската полиција, а не на манастирот. Киро Фетак, веќе како да немаше трпение и веднаш праша: „Какви се полициските сили во манастирот?" Лена рече дека вчера биле таму и дека обично се „вртат" четири-пет полицајци, а нивната станица е во селото Кленике.
Тоа беше добар однос на силите за прво крштевање во борбата, бидејќи во нашиот одред имавме осум лица искусни за борба (со отслужен воен рок), а шест приучени за ракување со оружје. Има уште непознати податоци за акција, а за начелна одлука и приод кон изработка на оперативен план за напад, доволни се тие податоци.
Од Лена разбравме дека треба да замине во Куманово и Скопје да ги посети своите во затвор. Тоа беше можност за испраќање курир во Куманово со известие за положбата на одредот, а посебно заради одржување врска со командантот Љубе Гачо и Христијан Тодоровски, и други борци, кои се одделија од одредот. Тогаш му беше дадено писмо на борецот на одредот Стојан Георгиевски — Ага,[13] и му беше наложено со Лена да замине во Куманово. По разделба, Стојан остана во скривницата под големите карпи до наредниот ден, кога со Лена требаше да замине.
Одредот тргна кон шумичката, каде што требаше да ги сумираме впечатоците и да донесеме одлука за акција. Сите бевме воодушевени за напад на полициските сили лоцирани во манастирот „Прохор Пчињски". Така на 16 октомври 1941 година, под врвот на Китка, во чие подножје се наоѓа манастирот „Прохор Пчињски" се донесе одлука да се оди во прва акција, за прогонување на окупаторските сили во манастирот.
Бидејќи ниеден од нас не го познававме теренот, ниту манастирот, за периодот и планот за напад моравме да се послужиме со топографските карти и непосредното извидување.
Од топографската карта[14] можеше да се види дека сме на околу две илјади метри од манастирот. Потоа по непосредно набљудување можно би било да се направи правилен распоред на силите за напад. Тргнавме низ густата шума и големата стрмнина. Одредот го оставивме во шумата, а Киро, комесарот и в.д. командантот отидоа кон карпата, што беше високо надвисната над шумата. Жуборењето на реката и звукот на воденичкиот камен, беше знак дека сме на правиот пат. Се искачивме на карпата од каде долу се гледаше манастир. Можевме да ги забележиме вратите, распоредот на конаците, а во дворот се гледаа и неколку работници кои делкаа греди. Сите движења во манастирот даваа уверување дека нема лоциран некој поголем контингент на полициски или воени сили. Направивме план: на првата врата да биде Герасим Димковски и Тодор Ангеловски, а на втората — Боро Јовчевски, за обезбедување на дворот и работниците Стојан Георгиевски, за заштитен оган Димче Јовчевски и Михајло Мургашански. За претрес на конаците беа одредени Киро Фетак и Салтир Путински. Движењето низ манастирот се зголемуваше, главно од работниците и некои селани кои се движеа кон воденицата. Се одлучи да се соопшти распоредот на борците и да се тргне во напад.
Кога стигнавме пред самите манастирски порти, тивко ги зазедовме своите места. Групата што влезе низ главната порта, се доближи до работниците, остави еден борец покрај нив и тргна по конакот. Ги отваравме вратите од собите на конакот со неопходна претпазливост. Првите неколку соби беа потполно празни, а кога се доближивме во последната одаја од конакот, наместо очекуваните полицајци, до ѕидот како закован стоеше еден човек, исплашен како грешник. Тоа беше игуменот. По командата „рацете горе", комесарот се доближи до него и со нетрпение го праша: „Каде се полицајците". Прилично нејасно, исплашено олцајќи одговори: „Не се тука. Синоќа заминаа за Кленике ... се колнам".
Игуменот го зедовме со нас, и го претресовме останатиот дел од манастирот. Се уверивме во точниот исказ на игуменот.
Од манастирот зедовме храна (леб и сирење) и пред работниците, кои работеа во манастирот, му ја плативме храната на игуменот, а не игуменот за неговите недела и односот кон населението му се заканивме, доколку и понатаму соработува со окупаторот — ќе дојдеме и ЌЕ ГО ЛИКВИДИРАМЕ! ...
Во дворот имаше околу десетина работници од околните села. Киро Фетак и уште некои борци им ја објаснуваа целта на нашата борба и даваа објаснување за нападот на манастирот.
Со чувство на пропуштена добра прилика за нашето прво борбено крштевање, за добро легитимирање на нашиот одред пред население од тоа подрачје, го напуштивме дворот на манастирот. Но, при излегување, манастирските врати ги оставивме ширум отворени со надеж за повторна посета.[15] Искачувајќи се низ стрмите падини на Китка, бевме исполнети со мисла за други можности за наша акција, на други пунктови каде беа лоцирани одредени окупаторски сили. Ја спомнувавме полициската станица во с. Жегљане и др.
По неколку часови напорен пат, одредот се искачи на врвот на Китка — кој пружаше потполна прегледност над целото Козјачие и Кумановско Поле. Тука, се одморивме и направивме план за натамошното дејствување. Немавме широк избор на села со кои би можеле да контактираме, бидејќи немавме од порано создадени бази (врски). Во моментот не беше разумно насочување на нашата акција во пониските села од Козјак. Очекувавме вест за останатиот дел на одредот издвоен во с. Четирце. До тие поводи, беше одреден правец на движење кон с. Малотино и Рамно, каде го имавме испратено борецот Среќко Петрушевски — Пужаљка. Моравме да одиме на директни контакти со селаните од овие села.
Врз основа на топографските карти и непосредниот увид, одлучивме одредот да се смести во близина на северната страна на селото Малотино, а комесарот Киро Фетак со Васе Гелев да заминат во селото каде би воспоставиле контакт со луѓето. Утврден беше знакот за поврзувањето помеѓу групата и одредот, како и местото за престој на одредот. Мошне доцна, во ноќта, групата го даде договорениот знак и одредот се смести во една племна, која беше на прилично оддалечена од останатите куќи во селото. Од Васе Гелев бевме известени дека комесарот со групата селани води разговори во куќата на селскиот кмет, а по завршувањето на разговорот, ќе дојде кај нас. Во тој момент в.д. командантот нагласи дека нашето заминување од селото треба да биде под заштита на мракот, имајќи ги предвид претходно добиените информации за движење на окупаторските сили во овој правец. Поставено беше обезбедување (стража), но секој остана со мислата за заминувањето од селото под заштита на мракот. Бидејќи од групата со комесарот не добивме никакво известување до 2 часот, в.д. командантот испрати патрола во селото за врска со комесарот Киро Фетак и непосреден увид на положбата. Патролата се врати со информација што ја доби од комесарот дека се испратени лица од село Малотино во село Жегљане за испитување на положбата и се очекува нивно наскоро враќање. Исто така беше дадена порака, одредот да остане на истото место. Прилично нервозно беше примено ова известување на нашето натамошно чекање, особено со приближувањето на зората. Сите бевме подготвени за покрет и со чувство на загриженост.
Во самите мугри, на 17 октомври го забележавме забрзаното движење на комесарот и Васе Гелев кон нас. Штом се приближија, со возбудување Киро рече дека треба да тргнеме веднаш и дека се движи некоја полициска група низ селото. Додека тоа Киро го соопштуваше, еден од нашите борци беше здогледал на околу 300 м. северно од нас движење на 4—5 лица, дури се гледаа и нивните полициски униформи. Вршител на должноста на командантот на одредот, веднаш даде распоред за движење на одредот: правец кон „Големите буки"; Киро Фетак, Боро Божиновски и Киро Менков во претходница, а Салтир Путински и Боро Јовчевски во заштитница. Салтир Путински нагласи дека ќе мора со оган да се задржи полициската група што се движеше паралелно со нас заради безбедно движење на одредот. Штом одминавме од племната, Боро Јовчевски и Салтир Путински зазедоа погодно место за гаѓање, и отворија оган на полициската група.
По неколку наши истрели и излез на претходницата на чистината — премин преку еден рид кон другата шума, од повеќе правци беше отворен митралески оган кон борците Боро Божиновски и Киро Фетак. Куршумите подигаа земја по стапките на Боро и Киро кои успеаја без повреда да го минат сртот и понатаму да го користат мртвиот агол и шумата за своето движење.
Останатите борци беа во шумичката пред самата чистина, на стотина метри од заштитницата, како да беа се уште незабележани од распоредените окупаторски сили. Но штом Димче Јовчевски здогледа војска и полиција — отвори оган врз нив. Митралеските рафали беа насочени и кон оваа група во шумичката. Од истрелите се насетуваше обрачот, а потоа под команда распоредените сили почнаа да го стегаат обрачот, спуштајќи се од околните брда. Беше јасно дека не се работи за група полицајци (патрола), туку за организирана потера од полиција и војска. Исто така, според распоредот на бугарската војска, јасно беше дека потерата е организирана врз основа на точни информации. Сите бевме со уверување дека се работи за предавство и за дезинформирање на нашата група од страна на лица од селото на кои им беше дадена задача да прибираат информации за движење на окупаторската војска, а посебно за полициските сили во полициската станица во с. Жегљане.[16] Јасно беше дека се работи за опкружување на одредот и тоа на терен кој по својата конфигурација е мошне поволен за опкружување, т.е. мошне неповолен за излез од стегнат обрач.
При тие услови, создадениот обрач околу одредот, концентрираноста на војската и оружјето, а посебно што сето тоа се случуваше дење, за пробивање на обрачот не можеше да се помисли.
Во тој момент — Стојан Георгиевски — Тане беше на ивицата на шумичката, најверојатно со намера да помине низ чистината во правец на Киро и Боро, беше пронижен со рафал и падна на земја. Тој беше првата жртва.[17] Од повеќе околни брда и понатаму се слушаа митралеските рафали, истрели од пушки и експлозии на бомби.
Во таа положба, меѓу преостанатите борци се наметна прашањето: што да се прави? Се јавија предлози: да се изврши самоубиство со активирање на бомба; можеме да бидеме спасени од другиот дел на одредот со командантот Љубе Гачо ако се изврши предавање ... Преовлада второто мислење.
Со овој став на групата не се сложи единствено Васе Гелев, и тој веднаш побара друго решение — се издвои од групата и се сокри во еден жбун подалеку од групата. Се даде повик за предавање. За кратко време од сите страни на обрачот се слетеа полицајци и војници. Груби навреди и пцости, се слушаа. Но доминантни беа: србоманска мајка; вие ли ќе го рушите нашето царство; непобедлива е Хитлеровата армија и сл. На реагирање од некои наши борци, дека не сме ни Срби ни Бугари, туку Македонци, одговараа мошне разјарено, со кундаци и закани за стрелање.
По извесно време се чу уште еден рафал. Тој го пронижа Васе Гелев, кој беше откриен од еден бугарски полицаец. Тој беше втората жртва.[18]
Под силно обезбедување на војска и полиција, нашата група беше спроведена во с. Жегљане. Недалеку од местото на настанот под импресија на сите настани со одредот, стариот револуционер Димче Јовчевски — Еребица не можеше тоа да го поднесе, доби нервен напад и со грчеви падна на земја. Офицерите и полицајците кои ја спроведуваа групата како да се натпреваруваа кој да го изврши стрелањето не почитувајќи никакви етички норми.[19]
По патот од Малотино кон с. Жегљане скоро по сите околни ридишта се гледаа распоредени единици на бугарската пешадија.[20] Тоа утро над нас надлетуваа и авиони, веројатно со извидувачки цели, а во подножјето на селото се гледаше и една коњичка единица. Сето ова укажуваше дека оваа потера е подготвувана подолго време и врз основа на информациите за движењето на нашиот одред и дека е грижливо подготвувана за побрзо исчистување на овој дел од „новоослободените краишта на Бугарија".
Предвечер бевме во село Жегљане, сместени во просториите на училиштето.[21] Бидејќи сите бевме заедно сместени, го користевме тоа како можност да се договориме за држањето пред непријателот. Нагласено беше да се внимава на достоинството, да не се предаваат другите другари и за организирање на одредот, за донесување на оружје и за други акции, по можност товарот да се свалува врз паднатите борци. Во училиштето во кое бевме сместени, офицерите на бугарската фашистичка војска и полицијата го искажуваа својот гнев врз нас.
Со овие груби навредливи односи и провокации посебно се истакнуваше поручникот Томов од 53-от пешадиски полк, стациониран во Куманово.[22] Мошне навредливо гледаа на нашите манифестации на одмерена достоинственост во држањето, а за да го скршат моралот се служеа со разни заплашувања — изведувања на одделни лица на стрелање и сл.
На 18 октомври бевме префрлени во истражниот затвор во Куманово. Таму беше организирана мошне интензивна истрага со примена на средства и методи својствени за фашистичка полиција. Забележителни беа настојувањата, со примена на сите методи да го скршат моралот и цврстината, да се издејствува провала во градот, да се поврзе нашата борба и таа да се прикаже како влијание и аспирација на Србија врз „Бугарска Македонија". Благодарејќи на цврстината, држањето и изградената тактика, практично успеавме да не се направи провала. Исто така, во истрагата и судењето во прилична мера се запази тезата дека — мотив на нашата борба е нерешеното македонско прашање. На судскиот процес, очигледно беше дека бугарската окупаторска власт, разбивањето на Одредот сакаше да го прикаже како завршница на пресметката со „бандите". Иако власта сакаше да прикаже дека се работи за малубројни лица поттикнати од надворешни сили — српски и други — сепак беше преземен мошне широк план за обезбедување на самото судење. Насекаде се гледаше војска и полиција со силно вооружување — митралези и пушки — а посебно низ улиците кои водеа кон судницата. На 8 ноември 1941 година кога групата борци е спроведувана кон зградата на Кметството во судницата, сите улици кои водеа кон неа беа преполни со граѓани. Како да беше излегол целиот град. Истата слика беше додека траеше процесот, додека се чекаше на нашите пресуди. Пресудите се знаеа. Немаше илузија никој од нас, а ниту пак некој од граѓаните. На лицата на граѓаните се гледаше пркосење на воените полициски сили кои одржуваа ред, на постојната власт. Тоа беше манифестација на поддршка на нашата борба, израз на отпорот кон окупаторската бугарска власт, која се завиткуваше во различни плаштови со цел да создаде илузии на ослободител, кај дел од нашето население.
Оваа манифестација на масите во време на судскиот процес имаше и свој одраз врз нашето сознание и однесување. Се договоривме и покрај тешките пресуди: 5 смртни и 4 повремени казни, со гордост да ги отпоздравиме граѓаните пред излегување од судницата и низ улиците.[23]
Во текот на судскиот процес, посебно од обвинителот, видлива беше интенцијата нашиот одред да се прикаже како продукт на влијание на туѓи — надворешни сили. Во обвинителниот акт и во самата пресуда покрај обвинување за борба против државата, нагласено е и обвинението за издвојување на Македонија од царството Бугарија. Во воениот суд во Куманово помеѓу другото обвинети сме за: „воведување на советскиот строј во Бугарија, и отцепување на Македонија, како самостојна советска република ..."
Во понатамошното обвинување е кажано дека нашиот одред бил наоружан и тргнал во правец на Козјак планина „за да дејствуваат како за постигање на целите на организацијата, подигнување и разбунтување на населението од тој крај против државните органи, за воспоставување на советска власт, за извршување на истото, го собрале населението од М'гленце — Бујановачка околија, и го повикале да се присоедини кон нив во борбата против државата на 15 октомври, во извршување на поставените цели го нападнале Манастирот Прохор Пчињски, од каде се снабдиле со храна, а на 17 октомври во зората, излегувајќи од с. Малотино, влегле во престрелка со бугарските војници и полиција".
По овие и други обвинувања, прекиот воен суд изрече пресуда и тоа: на сите полнолетни смртна казна со непублично обесување, а по 500.000 лева глоба, вкупно 5 и на малолетните и други со полесни обвиненија со времени казни од 10—20 год. строг затвор.[24]
Со разбивањето на одредот, со осетно големи жртви, пламенот на револуцијата не изгасна, бидејќи знамето на оружена борба го носеа понатаму низ другите краеви на Македонија, Србија и Косово, борците од нашиот одред: командантот Љубе Здравковски, комесарот Киро Фетак, Христијан Тодоровски — Карпош, Боро Божиновски. И тие во понатамошното разгорување на оружената борба ги положија своите животи, но се родија илјада нови борци кои тргнаа по нивниот пат на КПЈ, единствен пат за остварување на идеалите на македонскиот народ.[25]
Говорејќи во врска со тоа другарот Кардељ[26] на II заседание на АСНОМ меѓу другото рече: „Денеска кога се тука резултатите на таа политика, не е тешко да се докаже дека таа политика, е правилна. Ама, тоа не е достаточно. Треба да се има јасно пред очите фактот, дека секоја инаква политика би била катастрофална за македонскиот народ. Македонскиот народ ќе биде со право вечно благодарен на оние свои синови, кои — следејќи го позивот на КПЈ и пламената реч на големиот трибун на нашите народи другарот Тито — тргнаа на тој пат на победата и ослободувањето на македонскиот народ".
Белешки на авторот
[1] Александар Велковски — Бузо бил распореден за нашиот одред и при вадење на оружје од скривалиштето, на истиот му е даден цев од пушкомитралез. Другиот дел од пушкомитралезот му е даден на друго лице од нашиот одред кој е носен во одредот. Меѓутоа, наместо на одреденото збориште за нашиот одред, тој заминува во погрешно зборно место на одредот „за Карадаг". Враќајќи се во градот, при движење низ улиците е забележан и приведен во полицијата. Поради тоа нашиот одред остана без пушкомитралез.
[2] Поради познатата дезинформација на Градскиот комитет од Кочо Попов на наводна Одлука на ПК за промена-одлагање на датумот на излегување на партизанските одреди дадена спроти на излегувањето, на 11 октомври, МК, мораше да ги испрати другарите Перо Георгиевски и Киро Нацев — секретар и Димитар Алексиевски до ПК за проверка. На 12 октомври попладне по враќање на делегацијата на МК одржува состанок по истото прашање, на кој се изнесува непроменет став на ПК и дека Кочо Попов ја дал таа информација за да го попречи излегувањето на одреди и да создаде услови за да избега во Софија. Овие настани се секако една од основните причини за задоцнување на делегатот П. Пешев, за набрзото формирање на одредот и неговото задоцнување и низа други последици. Според сеќавањата на Мара Нацева, Филимена Михајлова, Михајло Мургашански и Бранко Татабитовски.
[3] Во непосредна близина на с. Доброшане, при премин на реката се одделија Александар Георгиевски и Стојан, двајца од село Доброшане. Под влијание на изнесените околности, одлагање на датумот, задоцнување и други околности наметнати од стварната положба на Одредот, предизвика расколебување и нивно бегство од Одредот. За одбележување е дека во подоцнежен развој на НОБ истите повторно станале учесници во НОБ.
[4] По исказите на Гиго Цветковски, и сеќавање на М. Мургашански, тој имал согласност за напуштање на одредот и со посебна задача за поврзување со воениот штаб, за да би ја пренел пораката за положбата во одредот. Тој се поврза со Перо Наков — член на Штабот и, бидејќи Гиго не беше провален од останатите членови на одредот, продолжи со легален живот и соработка со МК.
[5] Христијан Тодоровски беше одреден за оваа задача, покрај другото, и заради тоа што имаше облека за денско движење (кушљак), па можеше незабележливо да ја изврши задачата во тие денски услови.
[6] По патот кон с. Четирце одредот го напуштија уште: Трајан Стојмановски и Мирко Трајковски.
[7] Според сеќавањата на преживеаните, Љубомир Здравковски — Гачо, со останатите од групата, кои останале во с. Четирце покрај една племна, останале долго во очекување на лицето од село, кое требало да дојде и да се погрижи за нивно сместување. Бидејќи истото, до пред зора не дошло, Љубе донесува решение: другарите Киро Наков, Алсксандар Јакимовски, Стојко Додевски — Оџа да одат во с. Д. Којнаре да преденат кај роднините на Стојко и во 18 часот истиот ден се вратат на тоа место. Во селото, во племната останале покрај Љубе Здравковски, Христијан Тодоровски, по дадениот задаток од комесарот Киро и Урош Караџински. Оваа група, кога процени дека лицата кои отидоа во с. Д. Којнаре, нема да дојдат во закажаното време, и дека здравствената положба на командантот Љубе е подобра, тргнува во правец на Козјак. Движењето на оваа група била во друг правец од нашиот одред кон селото Бајловце, Цветишница, Дејловце, во кои села Карпош имал врски. По лутање од 2—3 дена и распрашување, добиле информации за пукање на пушки во планината и за потерата од бугарската војска и полиција низ Козјак. Било донесено решение да се тргне кон Куманово, поединечно и по различни правци и за поврзување во градот да користи секој своја поранешна врска. По враќање во градот, Љубе Здравковски — Гачо добива врска и заминува во Прилепскиот одред каде станува познат борец под име „Орлов".
Христијан Тодоровски, по воспоставување на врска со Врањска партиска организација, оди во Кукавичкиот партизански одред, а околу 20 април 1942 година, поради разбивање на тој одред, откако установиле дека не е провален, претпазливо го легализира своето движење и продолжува со својата активност во Месниот комитет на СКОЈ. Продолжува со интензивна дејност за формирање на одред. По формирањето на одредот брзо станува легендарен воен раководител — Карпош.
Урош Караџински при враќањето од Козјак, не можејќи да воспостави врска за префрлување во одредите во Србија, паѓа во рацете на полицијата. Осуден е со останатата група на времена казна.
[8] Едното од овие лица стана познат учесник во НОБ. Тоа беше чичко Зафир, прогресивен човек, кој се приклучи во соработка со Карпошевиот одред 1943 година.
[9] Избор на Салтир Путински за вршител должноста командант на одредот беше образложено со поседување на воено-стручни квалификации (школа за резервни офицери) во текот на 1940 година.
[10] Во сеќавањата Гиго Цветковски наведува дека по задача на МК превземал група која требало да ја води Кочо Попов, поради тоа што Кочо Попов не ја извршил задачата.
[11] Со цел на испитување на положбата во с. Ст. Нагоричане, Алгуња и Челопек, беше задолжена групата: Салтир Путински, Владо Денковски и Павле Павловски. По неколку контакти подготвена е група со оружје само во с. Челопек и тоа од Младен Челопечки, Гоја Стојковски и Александар Младеновиќ, која требаше да се поврже со одредот.
[12] Селото М'глинце се наоѓа на северната страна на врвот на Козјак — Китка. Бугарски окупаторски режим поострено ги применуваше сите свои мерки (реквизиција и др.) и заведуваше посебни полициски мерки за спречување на дејствување на партизанските одреди од Србија.
[13] Стојан по извршувањето на задачата како непровален легално живее а по формирање на новиот одред 1943 година, станува борец на истиот.
[14] Благодарение на поставуваните задачи од Воениот штаб на МК на Куманово, при прибирање на оружје и муниција да се прибираат и топографски карти, скици, бусоли и сл. ја имавме таа карта, со која се служевме за движење на одредот.
[15] Нашиот одред немаше можност одново да влезе во манастирот, туку во разгорување на пламенот на востание, по неполни 3 години, на 2 август 1944 година се собраа делегати на Првото заседание на АСНОМ и ја конституираа Македонската држава. Се реализираа идеалите со кои беа понесени борците од првиот одред, за кои идеали паднаа споменатите другари и илјадници други.
[16] Не е познато зошто е направен изборот за контакт токму со кметскиот намесник на селото. Подоцнежните настани го расветлуваат ова прашање. Имено кметскиот намесник на село Малотино, Андон Станковски не ги следел задачите на комесарот Киро за прибирање на информации за полициска станица во с. Жегљане, туку — постапувал по инструкцијата на министерот за внатрешни работи на бугарската влада Габровски дадена во заповеста бр. 120 од 11 септември 1941 година во која покрај другото стои: „Заповедувам... секој граѓанин е должен да ја известува власта... кметските намесници во чии села се укаже присуство на разни банди, кои не се фатени и донесени со најбрзи средства на властите, ќе се третираат како заштитници и соучесници во делата на тие банди и ќе се казнува со стрелање... а спрема населението од тие села ќе се преземаат тешки казнени санкции". За кметскиот намесник поснажна била заповедта на владата. Наместо да прибере информации за движењето на окупаторските сили и положбата во полициската станица во село Жегљане, како што му ветил на комесарот Киро Фетак, тој ја известил полицијата за одредот и заеднички со полицијата го претресувал селото, примајќи ја улогата на водач. После две години Одредот под раководство на еден од бившите членови на нашиот одред — X. Тодоровски — Карпош, меѓу првите акции била и апсење на предавниците на нашиот прв одред, Андон Станковски и на кметот во 1943 година, Стојан Бојковски и нивно јавно судење (судење пред 40—50 лица од селото) и извршување на смртната пресуда. Таквата организирана акција на Карпошовиот одред имаше за цел пред сè да се спречи натамошната соработка на одделни граѓани со окупаторските власти. Карактеристично е за фамилијата на Андон што и неговата жена Ката, која за соработка со окупаторот во 1944 год. беше осудена на смрт и стрелана.
[17] Стојан Георгиевски — Тане, студент по ветерина на Белградскиот универзитет, учесник во низа политички манифестации организирани од КПЈ, активен член на КПЈ во подготовките на одредот.
[18] Васил Гелев е еден од истакнатите борци за право на работничката класа, организатор на штрајкови на работниците во Куманово и Белград. По враќање од Белград работи со младината како член на МК на СКОЈ во Куманово.
[19] Димче Јовчевски — Еребица еден од старите комунисти, кој покрај логори, заради својата активност, темнувал и во Сремска Митровица. Прекален низ предратните активности, по окупацијата се јавува како решителен борец за линија на КПЈ и непомирлив борец против опортунизам и шарловштината. Во таа борба тој гореше, а истрелот му даде завршница на неговиот живот.
[20] Единиците на 53 пешадиски полк на фашистичката армија стационирани во Куманово, беа распоредени во потера низ сите околни ридишта на јужната страна на планината Козјак.
[21] Во ова училиште во с. Жегљане по разгор на востание на 26 јануари 1944 година формирана е Ш-та македонска ударна бригада.
[22] По капитулација на фашистичка Бугарија, нашите органи на безбедност во акција за прибирање на агенти и истакнати соработници на бугарската власт, во октомври 1944 год., го приведе и поручникот Томов, во с. Жегљане — т.е. во истото место каде 1941 год. ги вршел горе наведените недела. Само овој пат, тој не бираше средства и начин за да ја истакне заблудата во своите довчерашни господари, во своето покајување за сторените недела и најпонизна молба за животот.
[23] Во сеќавањата дадени во реконструкцијата на историските настани другарот Јоско Илиевски, помеѓу останатото вели: МК на КПЈ и СКОЈ одржаа состанок и донесоа одлука да се организира собирна акција за пари... да се ангажираат повидни луѓе од градот да разговараат со одговорни фактори од Скопската област... да се обезбеди масовно учество на младинците и граѓаните од Куманово.
Неколку илјади граѓани, кои беа насобрани пред судницата и училиштето, манифестираа поддршка на своите борци не плашејќи се од штитовите на бугарската војска и полиција.
[24] Осудените борци со смртни казни се: Михал А. Трајков, Салтир Гиев, Герасим Димков, Борис Јовчев, Тодор Ангелов.
[25] Осудените со времени казни се: Филимена Михајлова, Киро Менков, Александар Јакимов и Трајан Стојманов.
[26] Од говорот на Едвард Кардељ на II заседание на АСНОМ, објавено во „Нова Македонија“ од 31 декември 1944 год. бр. 27.