Договор за соработка
помеѓу Штабот на Првата зона на НОВ и ПОМ и ЦК на Бали комбетар[1][A]


Напишано: 25 август 1943
Извор: Глигор Тодоровски, Петко Домазетовски „Окупацијата на Западна Македонија (1941-1944)“, „Браќа Миладиновци“, Струга, 2003, 169-170 стр.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: ноември 2018


Денес, на 25 август, ден – среда, во 11 часот се дојде до состанок меѓу двете страни претставители на Штабот на Првата зона на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија – другарите Елисие Поповски и Страхил Ѓераков[2] и делегатот на Централниот комитет на БК (Бали комбетар – Национален фронт), едновремено член на Дефинитивниот комитет за спасување на Албанија, г. Јусуф Љузи и командантот на националните доброволни сили во реонот на Дебар, г. Цен Елези, како и во присуството на другарот Ќазим Приштина, политички комесар на Партизанскиот одред Слов. По разговорите што се развија со цел за зближување меѓу двете страни, земајќи го како база конкретниот договор за платформа од договорот меѓу Бали комбетар (Национален фронт) и Народноослободителниот комитет на Албанија од 2 август о. г. во Мукај,[3] во рамките на надлежностите на Комитетот за спас на Албанија, со тој критериум и со тие цели како продолжение на тој договор за координирањето на сите сили против окупаторот, претставителите на двете страни, Албанци и Македонци, како консеквенца на внатрешните потреби и паралелно со меѓународното положение, решија:

1) Вооружените сили на Комитетот за спасот на Албанија, во соработка и координирање со силите на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија, ќе влезат заеднички одеднаш во борба против окупаторот, каде било да се наоѓа тој и каде што ќе биде најпотребно.

2) Се формира привремен заеднички штаб за непосредни акции (имедијат).

3) На едно друго собрание откако ќе се разгледаат (апровациите) предлозите на комитетите на двете страни, ќе се формира еден Дефинитивен заеднички штаб за координирањето на дејноста.

4) Главниот заеднички штаб се состои од овие членови: од страната на Комитетот за спас на Албанија: г.г. Цен Елези, Хаџи Леш, Есат Елези и Јусуф Љузи, а од страната на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија, другарите: Хамди Дема, Елисие Поповски и Тома Софроновски [Софрониевски].

5) Со формирањето на Дефинитивниот штаб, привремениот престанува со работа.

6) Местата населени од Албанци ќе се прокламираат за ослободени од страна на Комитетот за спас на Албанија. Местата населени од Македонци ќе се прокламираат за ослободени од НОВ и ПО на Македонија. Местата населени од мешано население ќе се прокламираат за ослободени од двете страни.

7) Овој договор стапува на сила од референдумот по земањето на апровациите на односните две страни и формирањето на Дефинитивниот штаб.


Претставители на НОВ и ПО на Македонија,

Елисие Попоски

Страхил Ѓераков

Претставители на ЦН на БК на Албанија,

Јусуф Љузи

Цен Елези

Политички комесар на Партизанскиот одред Слов

Ќ. Приштина



Забелешки на уредувачите

[1] Договор за соработка, склучен меѓу Штабот на Првата зона на НОВ и ПОМ со делегатот на ЦК на Бали комбетар, член на Дефинитивниот комитет за спасување на Албанија и др. Документот е оригинален, од 25 август 1943 година, Архив на Македонија, Скопје, I ОЗ, Инв. бр. 298/16. К-38.

[2] Неидентификувано лице.

[3] Мукај [Мукје], место во Албанија, каде што во 1943 година е постигната согласност за соработка меѓу Бали комбетар и КПА. Набрзо тој договор е откажан од КПА.



Забелешка на транскриберот

[A] Овој договор, како што пишува во самиот документ, бил инспириран од сличниот договор помеѓу НОВ на Албанија и Бали комбетар во Албанија на конференцијата во Мукје кратко време претходно. Тој договор многу брзо бил отфрлен од НОВ на Албанија. Што се однесува до овој договор, тој не заживеал и најдоцна со нападот на ослободеното Кичево на 2 октомври 1943 година од страна на балистите, тој практично престана да биде на сила.



Архива на Народноослободителната борба

Македонска тематска архива

марксистичка интернет архива