Христовото воскресение и Први мај

 


Првпат објавено: „Политическа свобода“, бр. 11. 19.4.1899, 1-2 стр.
Извори: Иван Катарџиев, Иван Лазов, Славко Мандичевски (ур.) „Одбрани статии за работничкото и социјалистичкото движење во Македонија (1895-1914), Скопје, 1962, 105-108 стр. Орде Иваноски (ур.) „Работничкото синдикално движење во Македонија до 1918 година“, „Комунист“, Скопје, 1985.
Превод: Атанас Стефанов, од бугарски јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: октомври 2015


При завршувањето на XIX век, за последен пат оваа година христијанскиот свет го празнува денот на Христовото воскресение. Без разлика на сословија: богати и сиромаси, господари и робје, управници и потчинети, капиталисти-фабриканти, лихвари и богати трговци од една страна, и сиромашни работници - од друга, сите што се дел од христијанската црква во тој ден го празнуваат - првите лицемерно, а вторите искрено, воскреснувањето на знаменитиот правдољубец Исус Христос.

Откога на земјава постои неправдата, во сите времиња пред Христа и досега, богатите пливале во раскошен и расипнички живот, додека сиромасите од денот на општествено-економското неравенство секогаш ја влечеле, и во сегашно време продолжуваат да ја влечат, земската колесница, во која имаат место само експлоататорите на потиснатото човештво.

Цели 19 века минуваат за работното човештво во празно очекување ослободувањето на Христовата правда од прангите, во кои одново ја оковаа денешните фарисеи — псевдохристијани и антихристи: цареви, кнезови, папи, патријарси, егзарси и чорбаџии. Сите тие се крстат и во Христово име подигаат брат против брата да ја пролева крвта, народ со народ да се истребува во страшни борби.

Пред 1900 години во лицето на Исуса воскресна и величествено почна да сјае правдата и вистината на земјата. Но, не за долго беше нејзиното царување. По Христа псведохристијаните императори и папи одново ја распнаа на крст човечката правда за многу векови. Но, залудни се сите усилби на тираните.

Доста беа само 50 години, втората половина на денешниот век, за да се прокламира, по долгата и страшна средновековна ноќ, воскреснувањето на слободата што почнуваше, вистината и правдата. Денес таа ликува во срцата и умовите на милиони страдалници.

При непобедливо величие, носители на правдата се јавуваат луѓето на кои светот им должи сè, без нив науката, прогресот и уметноста би биле мртви. Тоа се новите робје — работниците-пролетери.

Пред 50 години громкиот глас на слободата и правото се истргна од градите на двајца големи апостоли на вистината, Карл Маркс и Фридрих Енгелс: „Работници пролетери од сите земји, обединете се!“, беше возвишениот позив на двајцата знаменити борци за општочовечка среќа. Тој борбен и ослободителен вик се понесе низ целата земја, живо се отпечати во умовите на милиони пролетери, во срцата на кои предизвика радосен одглас, и еден благороден изблик на животни струи побуди голема верба во блиското ослободување.

Ослободувањето на работниците е дело на самите работници" - прогласија предвесниците на великото човечко спасение од секоја земска тиранија и грабеж. А што, всушност, се работниците ако не современи економски робје, спрема тоа и политички поробени! Ние имаме смелост, без да се отклонуваме од правдината, да кажеме дека ослободувањето на робјето, под каква и тиранија да стенкаат тие, е работа на самите робје.

Македонците, кои се исцрпуваат и гинат под ужасното султанско потисништво, треба да се опираат пред сè на своите сопствени сили и да не ја откажуваат помошта што би можеле да им ја дадат други народи, исто така потиснати од турскиот деспотизам. Македонскиот работен народ треба не малку да очекува: полна морална поткрепа и можна материјална помош од свесните работници од целиот свет, и за да го засили нивното сочувство, македонската работничка класа треба да ја манифестира својата согласност со сите работници кои денес го празнуваат празникот на трудот, предвесник за ослободувањето на сите народи, на целото човештво, од сите тирани како што се: султаните, царевите, кнезовите, министрите, папите, патријарсите, егзарсите и владиците.

Со нашиов апел ние се обрнуваме само кон работниот македонски народ, а не и кон македонските владици и чорбаџии, бидејќи вековните борци - тоа се работниците, кои со своите челични мускули и бронзени гради ќе го кутнат султановиот и секој земски деспотизам. А македонскиот народен учител треба да му биде светилник на работниот народ и да му го покажува правилниот ослободителен пат, свестувајќи го работникот, да го просветува и воспитува да биде готов за борба против сите некрстени и крстени кесеџии.

Местото на македонскиот работник не е меѓу привремените борби на оние револуционери кои сега се борат за отфрлувањето на турската тиранија, која веројатно утре самите тие ќе ја заменат со ново ропство под крстени тирани: кнез, министри и др. како што е во Бугарија.

Достојното место за македонските работници е во редовите на оние што се борат за ослободувањето на човекот од секое политичко и економско ропство. Тој треба да мине во редовите на работниците-социјалисти, зашто социјалистите се луѓето кои свесно го сакаат и се борат за сестраното човечко ослободување, одејќи под црвеното знаме, под крвавото знаме на револуционерниот социјализам!

Работници Македонци! Во името на македонската слобода, за постигање на нашите економски и политички интереси, вие денес треба да се јавите на ослободителниот празник 1 Мај (19 април) и братски да им подадете рака на бугарските свесни работници — социјалисти, и наредете се до нивните редови за да ја образувате вистинската револуционерна македонска армија која со полна свест ќе ја изврши својата ослободителна должност.

Знајте, жестоко онеправдани Македонци, дека историјата на секоја своја страница ги потврдува великите дела на работниците кои во сите времиња биле во првите борбени редови и на своите силни плеќи го изнесувале секое ослободително движење.

Денес десетици милиони свесни работници од цел свет, низ океани, мориња и високи планини, си подаваат раце, опфаќајќи ја целата земја, тие смело изјавуваат пред потисниците дека сакаат веќе земјата да почне да му робува на работникот, дека работникот треба да стане слободен и да престане да им робува на господарите-капиталисти, секој човек да стане господар на земските блага.

Во овој велик ден за милиони луѓе распрснати по Земјината топка, срцата бијат полни живот и радост, еднакви мисли ги разбрануваат нивните умови, еден општ велик идеал го исполнува со свети надежи од векови истраданиот работник. Над мрачниот општествен хоризонт - тој гледа дека проблеснува новата зора на вистинското собудување на човештвото. Над страшната планина, издигната од вековните човечки страдања, светнуваат првите зраци на новото земско сонце, социјализмот, сонцето на човечката преродба.

Први мај е предвесникот на тоа светлозрачно сонце, посилно да ги стопли срцата на потиснатите.

Да живее Први мај!

Напред под црвеното знаме на меѓународниот револуционерен социјализам!

ОД МАКЕДОНСКИТЕ СОЦИЈАЛИСТИ-РЕВОЛУЦИОНЕРИ