Првпат објавено: „Политическа
свобода“, бр. 2, 19 февруари 1898, 6-7 стр.
Извори: Иван Катарџиев,
Иван Лазов, Славко Мандичевски (ур.) „Одбрани статии за
работничкото и социјалистичкото движење во Македонија (1895-1914)“, Скопје,
1962, 67-69 стр.
Превод: Атанас Стефанов, од бугарски јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: октомври 2015
Весникот „Глас Македонски“, одбележувајќи го деновиве растурањето на позивот на Македонскиот таен револуционерен комитет, ги прави следните белешки по точка втора од неговата програма (што ја отпечатуваме во овој број).[1] „Првото барање, вели „Гл. мак“, може да биде полезно, додека второто не може ни да се прилага практички и како такво не може да се смета за разумно барање.“ Подолу истиот весник продолжува „затоа, оваа појава повеќе може да се смета за една реакција што се готви и ќе избувне еден ден со сета сила, благодарејќи на држењето што бугарските управници го имаат по однос на македонските работи.“ Ние го прашаме г-ин Шахов[2] откаде тој го вади чудниот заклучок дека таа појава можела да се должи повеќе на една реакција. Што разбира тој под зборот реакција и каде ја наоѓа тој во позивот на тајниот револуционерен комитет. Дали изјавата што се прави со зборовите во програмата дека револуционерниот комитет „нема да го изострува националниот антагонизам“ што постои во Македонија, што два и трипати повеќе ја зголемува неподносливата положба на македонското население, отколку самата турска власт. Да се стремиш да ја смируваш непотребната никому национална борба, дали е реакција? Да се стремиш да ја зачуваш енергијата што се троши за бесполезни работи дали може да се нарече реакција? А таа енергија е толку многу потребна, толку неопходна за општата цел – политичкото ослободување на Македонија, што се наложува како долг на секој Македонец, кој вистински ја сака својата татковина, да не го изострува „националниот антагонизам“. Г-н Шахов, се гледа, не може да го разбере големото значење што може да го има прекинувањето на националните непријателства во Македонија – тој не може да го разбере тоа значење, зашто неговиот хоризонт за националните стремежи е сосем тесен; не ги надминува рамките на вулгарниот национализам, останал веќе во архивите на историјата, кој гласи: дека секоја друга националност се јавува како непријател на друга, штом и’ е соседна, дека патриот е само оној што ја сака само својата земја, а ги мрази соседните на неа. При таква една положба ние не можеме освен да жалиме што се наоѓаат уште македонски синови, при тоа такви македонски синови, кои се сметаат за водачи на мненијата на своите сонародници, со такви плитки и ограничени поими...
Друга една забелешка имаме да направиме врз забелешките на г-н Шахов. Тој наоѓа дека второто барање во програмата „не може да се изложува практично (к.н. [курзивот наш]), а како такво не може да се смета за разумно барање“. Пред сè, ние прашуваме, што разбира редакторот под изразот не може да се излага практично? Како така не може да се изложи практично? Како да може, на пример, да има и некаков друг прилог непрактичен. Јасно е, оти сигурно постои една логичка грешка – но да го оставиме тоа на страна, сигурно со тој израз редакторот сакал да каже дека неостварливи ќе бидат стремежите на оние кои ќе се зафатат со помирувањето на националните непријателства што постојат во Македонија, а според тоа и сосем бесполезна би била таа работа. Доколку г-н Шахов има право да тврди такво едно излагање, ние не знаеме, зашто не ни се познати и неговите докази, тој не ги приведува во своите забелешки, па ги изнесувал и во својот весник кој веќе неколку години понекогаш излегува. Ние ќе чекаме да ни даде поподробни сведенија и тогаш ќе поговориме надолго и нашироко, сега ќе обрнеме внимание уште врз една точка од забелешките, направени по повод на споменатата програма. Во точка пет од програмата, која гласи дека: мирно турско население, кое не само не се смета за непријател – но напротив – ќе зависи од комитетот дали ќе ја прими или не неговата помош во случај и тоа да изјави желба да дејствува заедно со нас за уништувањето на султанската неограничена власт (не е целосна реченицата – б.р. [белешка на редакторот]). За мирното население г-н Шахов поставил еден прашалник, со кој веројатно сака да каже дека не постои слично турско население. Не знам доколку г-н Шахов е уверен во тоа, но ако тој искрено верува оти отсуствува мирно турско население, ние жалиме, зашто покажува колку малку сведенија има тој за Македонија. Ако, пак, неговиот презир и омраза кон султанското господство беззаштитните Македонци (нејасно – б.р.) го надахнува со презир и омраза кон целото турско население, што исто така претставува крава за молзење на власниците во Турција, како и самото подвластено население, тогаш една омраза што не е на своето место – таа може да ги завладува само тесноградите луѓе, кои можат да се раководат само од ситници, кои не можат да гледаат подалеку од носот. А не такво мислење имаме ние за редакторите на в. „Гл. Македонски“. Нема сомнение дека турското мирно население, кое не пречи на ослободителното дело, не може да се земе како непријател, и ако комитетот најде за потребно, ако самото население би изјавило желба да помогне за уништувањето на султанската неограничена власт, зошто да не се ползуваме од него? Како и да е, ние веруваме дека во в. Гл. М. ќе излезе една статија да ни раскаже на долго и широко за своите погледи врз програмата на Тајниот револ. комитет и тогаш ние ќе се вратиме пак. Сега ние само ги констатираме чудните заклучоци што се поставуваат во весник кој се бори за политичкото ослободување на Македонија.
Забелешки на транскриберот
[1] Втората точка од Програмата на МТРК гласи: „Бидејќи Македонија се населува од разни народности, Комитетот изјавува дека нема да покровителствува никоја од нив одделно на штета на другите; тој нема да го заострува нивниот национален антагонизам, а ќе се грижи да ги организира во една целина за уништувањето на турската власт во Македонија; и откога ќе го постигне тоа, тој ќе им го остави на самите нив разрешувањето на прашањето: да се присоединат кон некоја од соседните држави или да си образуваат своја независна област.“
[2] Коста Шахов (1862-1917) бил публицист активен во Бугарија, роден во Охрид. Бил член на Лозарското движење и на Македонскиот врховен комитет (ВМОК). Весникот „Глас македонски“ го издавал и бил негов уредник во периодот од 1893 до декември 1898.