Напишано: 1920
Првпат објавено: „Социјалистичка зора“, бр. 105, 26 октомври 1920, Скопје
Извор: Велимир Брезовски и др. „Деведесет денови на Скопската црвена општина“, Историски архив Скопје, Скопје, 1970, 95-97 стр.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: септември 2011
И покрај сите обиди на српската буржоазија и на нејзините партии, политичката борба од старите граници[1] да ја пренесат на еден шаблонски начин во Македонија, општинските избори во Скопје покажаа дека таа во тој обид претрпе целосен пораз.
И покрај тоа што беговско-радикалскиот блок[2] се подготви и сега да ги збрка народните маси и да му го опљачка на бедниот народ и последното негово богатство - топчето,[3] не му помогна. Тој се разби од тарпејската стена[4] на силната и солидно организирана партија на работниот народ. И покрај тоа што бего-радикалите спроти самите избори, на еден незапомнето безобразен начин излегоа пред скопскиот народ и со некакво право на заслуги бараа да им се даде доверба, ние сме убедени дека тие и самите се свесни за својата положба, дека знаат оти таа доверба не ја заслужуваат, но ненаситноста и стремежот кон правото ги натера да претрпат уште еден пораз.
22 август[5] им го создаде тоа единство, на 24 октомври им се разби. Вчерашната победа одекна низ цела Македонија; работниот народ од градот и селото го слави Црвено Скопје.
Синоќната грандиозна манифестација го најави доаѓањето на Советите[6] во градот. Целото работништво, излегувајќи на избиралиште, ја осуди хистеричната политика на буржоаските партии, а синоќната манифестација беше израз на неопишано задоволство и радост, што тоа најпосле се ослободи од сите предрасуди.
Околу шест часот вечерта, според дотогаш познатите резултати и не чекајќи ги дефинитивните резултати, работништвото во Скопје, на чело со црвеното знаме, тргна да манифестира по улиците. Од Работничкиот дом до Нар. театар се протегна поворка, од каде што се слушаа извици: „Да живее комунизмот! Да живее Црвено Скопје!“ Пред Нар. театар, при незапирлива акламација на поворката, другарот Коста Стефановиќ, црвениот претседател, ја поздрави на српски, а другарот Ферид Бајрам - на турски јазик присутната маса; оттаму поворката се упати кон железничката станица. Се манифестираше во најголем ред и со железна дисциплина, со пеење на Интернационалата. Пред железничката станица на непрекинатото барање на манифестантите - црвениот претседател зеде збор и накратко го изложи значењето на комунистичката победа. По завршниот говор, што неколкупати беше прекинуван, корпорацијата се упати кон општината и таму да го манифестира своето задоволство.
Во манифестацијата зедоа учество повеќе од 3.000 луѓе, еден знатен дел од обесправените граѓани, кои на повик на своите организации, дојдоа да ја покажат својата свест, дека се способни и тие да располагаат со својата судбина.
Корпорацијата се запре пред општината, и по неколку моменти, се разви црвеното знаме на балконот. Секој од манифестантите, со полни гради го дишеше воздухот на слободата - воздухот на победата. Секој увиде дека тој момент, откако влеговме низ големата врата, општината е прибежиште на сите бедни граѓани - на целокупниот работен народ, а не гнездо на бего-радикалите или на лажните демократи,[7] што на еден безобразен начин успеаја, и против волјата на народот, да го заземат тоа место.
Со неколку зборови, другарот Перо Ѓорѓевиќ [Петар Георгиев] им препорача на манифестантите во најголем ред да ја продолжат манифестацијата во правец на периферијата на Скопје и таму да ја најавиме нашата победа.
Другарите од Топаана и Чаир се ставаат на чело под закрилата на Црвеното знаме и тргнуваат пеејќи ја Интернационалата. При поминувањето крај Гарнизонскиот затвор, огромен број војници ја поздравуваат поворката со извици: „Да живее комунизмот! Да живеат комунистите!“ Колку поворката се оддалечуваше од центарот и влегуваше во сосема тесните квартови, толку радоста стануваше поголема.
На вратите на зафрлените скопски краишта, се гледаа маси бедни луѓе, што излегоа да ја дочекаат поворката - досега незапомнета.
Во Чаир на една полјанка започна оро каде што зедоа учество скоро сите манифестанти. Потоа, при враќањето во градот, се помина низ Караѓорѓева улица, на поважните места се гледаат верните лакеи - полицијата - за „одржување на редот“. Преку железниот мост, корпорацијата го посети Маџари и Ново маало и најпосле оттаму, покрај Вардар, во Работничкиот дом, каде околу 11 часот е извршена дисолуција.
Во Домот, околу 11 часот, другарот Коста Стефановиќ, со еден краток говор му се заблагодари на работниот народ што беше решителен во првиот чекор на ведисолуцијата.
Да живее Црвената Општина на град Скопје.
Да живее Комунистичката партија.
Да живее Светската Револуција.
Забелешки на транскриберот
[1] Се мисли на границите на Србија пред Балканските војни.
[2] На овие избори настапија заедно Радикалната партија и Џемиетот, партијата на муслиманските бегови.
[3] Во тоа време се гласаше со топчиња наместо со гласачки ливчиња.
[4] Тарпејска стена беше стрмна карпа во Стариот Рим, најпозната по тоа што за време на Републиката служеше како губилиште за осудениците, кои беа фрлани во провалијата.
[5] На 22 август 1920 година во Скопје, како и во цела Македонија и Србија, се одржаа општински избори, први по крајот на Првата светска војна. На изборите во Скопје победи коалицијата на Радикалната партија и Џемиетот, но поради констатираните изборни нерегуларности, изборите беа поништени. На повторените избори, кои се одржаа на 24 октомври, победи КПЈ со освоени 1.617 од вкупно 3.188 гласови, односно 50,7% од гласовите.
[6] Се мисли на комунистите, кои се застапуваа за вршење на власта од страна на советите, по примерот на Советска Русија.
[7] Се мисли на Демократската партија, која исто така учествуваше на изборите.