Црвено работничко календарче за 1911 година

(извадок)


Првпат објавено: „Червено работническо календарче за простата 1911 година“, „Работническа Искра“, Солунъ, год. II.
Извори: Иван Катарџиев, Иван Лазов, Славко Мандичевски (ур.) „Одбрани статии за работничкото и социјалистичкото движење во Македонија (1895-1914)“, Скопје, 1962, 175-176 стр.
Превод: Атанас Стефанов, од бугарски јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: октомври 2015


Празник на трудот

Тоа се тие! Гледате ли ги? Колку среќни се тие денес!

Доаѓаат, почекајте да ги пречекаме и да им испратиме по еден поздравен поглед, по еден осмев.

По нивните бледи и измачени лица денес цути блага насмевка; нивните истоштени гради дишат слободно, совладани од нова сила за борба.

Меѓу таа народна маса што се движи, меѓу тие собрани луѓе владее една мисла, една радост, еден поттик за борба. Нив ги топли еднородно чувство на братска приврзаност!

Тоа се тие! Истоштените од труд за прехрана што не бил по нивните сили, под натисокот на потребите и немаштината.

Тоа се тие! Тоа се тие! Поразени, секогаш изигруваните од „правото“ на еден грст задоволни.

Дали ги познавате? Тоа се тие – праведно незадоволните, синовите на иднината!

Иставете се, направете им пат; наведнете ги смирено главите пред нивното знаме.

Да, тоа се тие – погледнете ги:

Наредени стројно во редици под развеаното црвено знаме, самонадеани, горди ја разгласуваат својата радост и тврдата верба во иднината. Борбени, издржливи, тие чекорат бестрашни и здраво напред и секогаш со успех во борбата пред ѕверствата на денешната наредба и тиранијата...

Калени борци на трудот, такви и во борбата за господство на социјалистичкиот идеал – тие денес го празнуваат својот празник – Празникот на трудот!

 


Песната на Први мај

Царевите што носат златни круни и што си ја делат земјата на народите, имаат вонредно многу празнични денови. Работникот има само еден ден - Први мај.

Според тоа како е напишано, напишано во најстар вид, христијанството има толку празници колку што и гревовите на поповите: - Коледе, Велигден, Св. Васил, Св. Аранѓел. Работникот има само еден ден - Први мај.

Во светската историја нашите господари имаат празници што за народот се крв и солзи: тоа се празнувањата на годишнините на нашите жалосни порази – дефилето на ропството. Работникот има само еден ден - Први мај.

Тој ден потиснатата класа се радува, тој ден таа ја покажува својата огромна сила и затоа тој ден насекаде, во сите катчиња на светот, работникот радосно извикува: Да живее Први мај!