Богомили

(извадок од „Работничкиот речник“)


Напишано: 1902
Првпат објавено: „Работнически рѣчникъ: обяснителъ на най-употрѣбителнитѣ думи, които се срещатъ въ книжовния езикъ“, София, 1902.
Извори: Иван Катарџиев, Иван Лазов, Славко Мандичевски (ур.) „Одбрани статии за работничкото и социјалистичкото движење во Македонија (1895-1914), Скопје, 1962, 130-131 стр. Орде Иваноски (ур.) „Работничкото синдикално движење во Македонија до 1918 година“, „Комунист“, Скопје, 1985, 36-37 стр.
Превод: Атанас Стефанов, од бугарски јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: септември 2015


Богомили - луѓе реформатори кои најнапред се појавиле во Македонија кон XIII-XIV век, а оттаму постепено минувале во Бугарија, Србија и др. Богомилското учење се појавило како отфрлање на сиот тогашен рафиниран разврат, изникнат во Византија и оттаму распространет во околните земји меѓу погорните слоеви на населението: во царските дворци меѓу болјарите, а најмногу меѓу свештенството. Богомилите немале цркви, бидејќи не сакале да станат следбеници на лицемерието на сите развратни свештенослужители и поклоници, кои го истерале бога и вистината од своето срце, туку ги барале меѓу бездушните ѕидови на храмовите кои исто така биле претворани трговски дуќани и фабрики за заблудување на народот. Богомилите немале ни владици, ни попови, ни патријарси, и секој човек може да го проповеда словото божје, а не само лажливите служители. За нив сите големи и мали попови биле служители на ѓаволот и лагата. Богомилите биле револуционери. Тие го поучувале народот да им биде непокорен на господарите, да ги презира богаташите кои трупаат богатства од крвавите солзи и маки на сиромаштијата и да ги мразат болјарите - јадачи; тие учеле дека сите оние што се слепи орудија на царот - развратник и неговите следбеници - ортаци, се омразени од бога; тие докажувале дека господ не сака ни слуги, ни господари, туку браќа и вистински луѓе. Покрај другото, богомилите биле и против војните и смртната казна. Тие страшно ја мразеле лагата и измамата.

Од Македонија, Бугарија и Србија богомилското учење минало и кон Западна Европа и ги поттикнало народите да ја побараат својата слобода. Така, на пример, тоа стигнало во Северна Италија и Јужна Франција и ги повело таканаречените албигојски војни, кои имале за цел да го ослободат разумот од заблудите што ги сеела католичката поповштина и папите. Тоа биле празници од епохата на преродбата. Против нив во Франција папата ја испратил силата на католичка Франција, во Италија и Шпанија ја основал Инквизицијата, каде што како еретици и престапници гинеле илјади и илјади невини луѓе, чиешто злосторство било во тоа што кренале глас против секоја повисока неправда и злосторство. Дури и во самата Бугарија, старите бугарски цареви, како Борил и др., по совет од папата создале инквизиција.

Кога ќе се исклучат некои ритуални заблуди од богомилското учење, тоа е толку големо и револуционерно, што земјата во која се појавило за првпат може со достоинство да се гордее пред светот.