Никола Кирков, Милан Сланев

Алови китки


Напишано: 1959
Извор: Никола Кирков, Милан Сланев „Бараме леб...: записи од работничкото движење во Велес 1937-1941 година“, Работнички универзитет, Титов Велес, 1959, 133-138 стр
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: декември 2013


Во предвоените години работништвото во Велес редовно го прославуваше борбениот празник на работничката класа Први мај. Од 1920 па сè до капитулацијата на кралска Југославија под разни форми и при разни услови велешкото работништво, предводено од Партијата, на Први мај ја изразуваше солидарноста со сите работници во светот во борбата против класниот непријател.

Во 1920 и 1921 година на Први мај се направени големи излети во блиските излетишта на градот. На овие излети учествуваше мнозинството од велешкото работништво. Покрај борбените работнички песни, овие излети беа проткаени со програма за историјатот на празникот и на борбата на работничката класа против класниот непријател. При враќањето во градот, излетниците минуваа групно низ неговите улици, пеејќи борбени песни, посветени на Први мај.

И во наредните години продолжуваат прославите на Први мај. Често тие се организираа како излети, „на маија“, а до колку не можеа да се одржат на денот на празникот, тоа стануваше или пред или по Први мај. Доколку и тие не можеа да се одржат, тогаш празникот се прославуваше на вечеринки по куќите во градот. Обично групните излети беа организирани преку постојните спортски друштва. Покрај тоа на овој ден најчесто работниците, по работното време, во помали или поголеми групи одеа во блиските градски полјанки на излети и таму го прославуваа празникот. Излетничките групи, односно излетниците симболично се враќаа во градот. На реверите од палтата прикачуваа црвени цветови или во рацете носеа букети од црвени лалиња.

Во почетокот на 1937 година во велешкиот затвор беа притворени над 100 комунисти од повеќе места во Македонија. Први мај се прослави и во затворот. Во надвечерјето на празникот поголема група работници, под ѕидиштата на затворот, на затворениците им ги пееја Интернационалата и Марселјезата, прифатени и од затворените. На Први мај затворениците на прозорците распослаа црвени килимчиња. Во текот на денот пред затворот се насобра голема група работници. Иако одделени со затворските ѕидишта, тие го прославија Први мај заеднички со затворените другари.

Во 1938 година, по штрајкот во април, монополските работници на посебен начин го прославуваат Први мај. На самиот празник, по иницијатива од партиската организација, работниците дојдоа со празнични алишта, накитени со црвени цветови и лалиња. Пред да започне работата, работниците си го честитаа празникот. Преку целиот ден по работилниците само се пееше. Така во сиот монопол кај работниците владееше празнично расположение. По работното време монополските работници групно отидоа на излет и вечерта во градот се вратија пеејќи борбени работнички песни.

Посвечена прослава на Први мај се организира во 1939 година. Тогаш празникот се совпадна со неделен ден, па не се работеше. Партијата преку УРС-овите синдикати реши да организира масовен излет, со учество на сето работништво и на граѓанството. Преку партиските организации и синдикатите се агитираше за посета на излетот. На Први мај уште од раните утрински часови групи работници и работнички со своите семејства, ученици и студенти, занаетчии и други се упатуваа кон реката Тополка, на рамнината кај месноста Св. Недела. Вакво скришно место нарочно се избра за излетот за да остане тој незабележан од полициското око. На излетот дојдоа над 1.000 излетници. Сите беа свечено облечени. Девојките и жените имаа црвени марами. Сите ќебиња на излетниците беа црвени. Преку целиот ден се пееше и се играше. Се изведуваше и програма, посветена на празникот. Најмногу се рецитираа песни од пролетерски поети. Ороводците го водеа орото со црвени шамивчиња. На излетот се читаше, по групи, прогласот на ЦК КПЈ за Први мај.

Овој излет не остана незабележан од полициските органи. И жандармеријата пристигна на излетиштето. Во моментот кога жандармите се ближеа кон излетниците, се виеше оро. Намерно никој не обрнуваше внимание на пристигнатите жандарми. Но тие со сила го прекинаа орото. Се запреа кај ороводецот, кај старата Ката Капчева, во чии раце се мавташе голема црвена шамија. Жандармите бараа да и’ ја одземат шамијата. Таа не ја даваше.

- Не ви ја давам шамијава - велеше старата Ката, втурнувајќи им ја пред нос на жандармите. - Ако сте силни, забранете им на фабриките да прават црвени шамии. А јас купувам црвена шамија, оти сакам да носам црвена боја.

Жандармите не се запреа само на старата Ката Капчева. Ним им пречеше зошто една група младинци беше накитена со црвени лалиња. И од нив бараа да ги фрлат лалињата. Младинците тоа не го сторија.

- Забранете ѝ на природата да раѓа црвени лалиња, - им велеа младинците на жандармите. - А ние ги носиме затоа што тие со црвената боја ни се допаѓаат.

Жандармите не се задоволија со овие провокации. Тие бараа по секоја цена да го растурат излетот. И отпочнаа со бруталности над излетниците. Ним им пречеше и ги бодеше в очи црвената боја. Многу ги нервираа црвените марами на девојките. Со сила бараа да им ги симнат од вратот. Но тоа ниедна од нив не го допушти. На бруталностите не останаа мирни и излетниците. Се спротивставуваа. Жандармите се повлекоа. Прославата продолжуваше. Песните и ората пак отпочнаа. Пак се мавтаа црвените шамии. Реверите на палтата црвенееја од лалиња. Во рацете се шаренееја црвени букети од полски цвеќиња.

Дури во попладневните часови излетниците го напуштија излетиштето. И групно се упатија кон градот. Црвената боја доминираше. Од нивните грла ечеше борбената песна на трудот. Се ширеа извиците за Први мај.