Четврт конгрес на Комунистичката интернационала

Проглас против белиот терор во Југославија



Првпат објавено: ноември-декември 1922
Извори: “Komunistička Internacionala: stenogrami i dokumenti kongresa”, Kulturni centar, JUR "Privredna Knjiga", Gornji Milanovac, 1981, t. 2, 663 str. „Револуција: македонско е-списание за историјата, теоријата и праксата на марксизмот“, Антифа-Битола, 2019, бр. 2.
Превод: Евгениј Литовски
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: декември 2019


Работничка класа од целиот свет!
Работници и работнички! Другари!

Реакционерната влада на младиот југословенски капитализам во текот на две години изврши бел терор, односно безброј злосторства над Комунистичката партија на Југославија. Нејзините правосудни власти веќе изрекоа повеќе смртни казни. Една нивна жртва треба да биде погубена овие денови.

Оваа најнова жртва е нашиот другар Керошевиќ помладиот.[1] Тој е осуден на смрт затоа што беше водач на генералниот штрајк на југословенските рудари во 1920 година.

Нашиот револуционерен пролетаријат и нашите другари, иако се вон законот, пронајдоа начин да поведат кампања од широки размери во земјата против ова најново злосторство на југословенската влада. Тие, исто така, на членовите на Втората и Амстердамската интернационала во земјата, им упатиле проглас во кој ги повикаа да основаат единствен фронт на целата работничка класа против белиот терор. Но, тоа било одбиено.

Четвртиот конгрес на Комунистичката интернационала со ова ја изразува својата безрезервна солидарност со комунистичкиот пролетаријат во Југославија, кој се бори против оваа реакција. Тој го повикува револуционерниот пролетаријат од сите земји да се приклучи на борбата на југословенскиот пролетаријат и ја прогласува својата полна солидарност со него во неговиот протест против погубувањето на другарот Керошевиќ.

Со водачите – ако е возможно, или без водач – ако е потребно – работничката класа од целиот свет мора еднодушнода го подигне својот глас на протест, со што би се спречило извршувањето на ова најново злосторство на југословенската буржоазија и нејзините социјалдемократски сојузници.

Долу белиот терор!

Да живее комунистичкиот пролетаријат на Југославија!


Забелешка на транскриберот

[1] Станува збор за Јуро Керошевиќ. Бил учесник во Хусинската буна на рударите од рудникот „Крека“ во декември 1920 година. Во задушувањето на буната помеѓу уапсените бил и Керошевиќ, кој бил обвинет за убиството на еден жандарм. На почетокот на 1922 година е осуден на смрт со бесење, но поради големиот притисок за негово ослободување, смртната казна му е заменета со 20-годишна робија. Од затвор излегува во 1937 година. Учествува во НОБ. Умира во Тузла во 1986 година.