Ставови на Претседателството на Сојузот на студентите на Југославија[*]


I

Претседателството на Сојузот на студентите на Југославија ги поздрави зборовите на другарот Тито, упатени на студентите и на сите работни луѓе на нашата земја, којшто и овој пат покажа дека е на висина на историскиот момент и дека ги разбира и поддржува прогресивните стремежи на младата генерација. Ние сме уверени дека работничката класа, студентите и младинците на сите прогресивни демократски сили на нашето општество, предводени од другарот Тито и СКЈ, ќе тргнат во одлучна борба неговите зборови да ги претворат во дело, акција, во револуционерен чин и со тоа да отворат нова епоха на нашата социјалистичка револуција. Студентите од Југославија непосредно го поддржуваат другарот Тито и се одлучни да ги зачуваат и изградуваат перманентен, критички став спрема постојното и во натамошната борба да ги разоткријат и да придонесе за рушење на реакционерните и бирократски снаги кои нашиот социјалистички развиток неминовно ги отстранува од историската сцена.

II

Основните причини на широката политизација на југословенските студенти и создавањето на прогресивното и демократско движење на нови основи се содржани во постоењето на нашиот социјалистички развиток, свест за одредените несоцијалистички појави кај нас, во потребата од борба за доследно развивање на самоуправувањето и остварување на мерките и целите на општествено-економската реформа, како и во одлучноста во таа борба да се вклучат.

За тоа придонесе и незадоволството на студентите поради спороста и недоследноста во решавањето на тие отворени прашања, како и мобилноста на постојните општествени институции во нивното брзо решавање.

Основната карактеристика на изминатите настани е преминување на тесните рамки на Универзитетот и излегување на најширок план на општествените движења. Борбата за брзо отстранување на силно изразените социјални нееднаквости засновани на монопол и привилегии, за доследно применување на социјалистичкиот принцип распределба на трудот според резултатите од работата, против стекнување имовина на несоцијалистички начин, за остварување на уставниот принцип на право на работа, за побрз развиток на самоуправувањето и отстранувањето на бирократските снаги кои го кочат развитокот на нашата општествена заедница, против обидите за дезинтеграција на општествената своина, против тенденциите за изродување на личната работа во капиталисување на поединци и групи претставуваат суштина и основна содржина на нашата акција и интегрално вклучување на студентите и универзитетите во целокупниот општествено-политички процес.

Воедно, таа борба е свртена кон радикална реформа на целокупниот систем на образование и посебно на Универзитетот.

Студентите на Југославија се уверени дека социјалистичките интереси на работничката класа и на сите прогресивни снаги на нашата земја можат да се остварат единствено по пат на непосредно и доследно развивање на самоуправувањето, со непосредна борба за целите на општествената и стопанската реформа коишто се онаа општествена реалност во која ги откриваме и укинуваме бирократските и етатистичките снаги. Сметаме дека историските интереси на работничката класа се истоветни со прогресивните барања на студентите од Југославија, на кои што битката за социјализам истовремено е и битка за човек.

Битните обележја на студентското движење се огледуваат во неговата длабока хуманистичка определба; широка демократска основа, прифаќање на основните задачи на сегашниот општествен момент и готовноста за доследна борба за остварување на Програмата на СКЈ и Уставот на СФРЈ.

III

Претседателството на Сојузот на студентите на Југославија смета дека во текот на изминатите недели дошло до зајакната поларизација на прогресивните и демократски снаги од една страна, и реакционерните и бирократски снаги од друга страна, преку кои што од самиот почеток беше уперено движењето на студентите, наставниците и работниците на Белградскиот универзитет. Сите комунисти на Универзитетот се бореле и се борат рамо до рамо со останатите студенти и професори за прогресивни демократски цели изразени во акционата програма.

Студентите и наставниците на Белградскиот универзитет се определија во својата борба за одлучна акција и соработка со сите прогресивни демократски снаги во нашето општество за демократски дијалог, а против употребата на методот на притисок. Исто така, не дозволија во нивните редови да се вовлечат оние елементи кои се туѓи на целите на борбата на Сојузот на комунистите и ова движење, туку во битноста ја очекуваа и ја развија својата основна прогресивна ориентација.

Водечките белградски листови „Танјуг”, радио и телевизијата во голема мера придонесоа за ширење дезинформации и невистини за акциите, барањата и целите на студентите и наставниците на Белградскиот универзитет. Претседателството најостро ги осудува ваквите постапки на центрите за масовна комуникација кои претставуваат тешка навреда на принципот — одговорност на објективноста и јавноста, на кои што и треба да почива демократскиот процес во нашето општество.

IV

Претседателството на ССЈ ќе пристапи кон создавање акционо-политичка програма. Основата на оваа програма ќе ја претставува политичката акција во изминатиот период на сите универзитетски и високошколски центри.


Претседателството на Сојузот на студентите на Југославија


Забелешки

[*] Ставовите се усвоени на седницата од 12. V. 1968 год. на која Претседателството на Сојузот на студентите на Југославија ги разгледуваше целите, карактерот и политичката активност на студентското движење на сите југословенски универзитети и високошколски установи.


Студентската 1968 година: Содржина

Југословенска тематска архива

марксистичка интернет архива