Ричард Питерсон

Студентите левичари во високото школство во Америка[*]


Спротивно на студентите од многу други земји, американските студенти сè до неодамна не беа познати по своето интересирање за политиката и националните работи. Во американското општество никогаш не постоела традиција на студентската политика, ниту радикални ниту некакви други, а сега, заради ненадејниот раскин со минатото, одненадеж студентската политичка активност во текот на 60-тите години наполно ги окупира гледачите на американската сцена.

Би било корисно студентската левица да се дистанцира од другите студентски движења — десничарите и хипиците. Студентската левица е движење што се јавува последниве 7 или 8 години и нејзината основна идеја е отфрлање на мнозинство американски институции, потоа ја застапува демократско-социјалистичката идеологија, со вера во ученичка демократија и настојувања кон директна општествена акција. Со оглед на тоа што студентската левица израснала од борбата за граѓански права, за мир и против сиромаштија, нејзината основна цел е радикалната реформа на американското општество и посебната улога на човекот и меѓучовечките односи, врз кои едно општество е засновано. Програмата на студентската левица е усвоена претежно од две организации — едната скоро исклучително црнечка, Студентскиот комитет за координација на мирните протести и една скоро исклучително бела — Студенти за демократско општество. По минатогодишните промени и на програмата и на тактиката Студентскиот комитет се чини стана преслаб за каква било борба за реформирање на општеството. Студентите за демократско општество имаат извесни нови надежи за оживување на радикалното движење.

Студентската десница, заради споредување, својот протест го насочува не толку против сегашната состојба колку кон она што го подразбираат како бран на левичарското влијание во општеството. Образовната тактика на студентските конзервативци е насочена главно кон спротивставување и на студентската левица, а во сите други протести без некаква одредена идеологија.

Најголемата конзервативна студентска организација на младите Американци за слобода, има околу 20 до 30 илјади членови растурени во повеќе од 2.000 колеџи. Од своето основање во 1960 година, младите Американци зеле најголемо учество во предизборната кампања — Голдвотер — Џонсон [во 1964 година]. Оттогаш младите Американци се познати по својата перманентна подршка на државната политика во Виетнам — со барања за ескалација на војната до конечната воена победа, со доброволното давање на крв за војниците во Виетнам, божиќните подароци за армијата и слично.

Родителите на конзервативните студенти, главно, се републиканци и протестанти, и тие најчесто им даваат насоки. Студентските десничари, претежно концентрирани во деловните кругови, станале активни не само во големите универзитети, туку и во малите колеџи, посебно во оние основани од црквата, на универзитетите во Јужните држави, во техничките и слични колеџи што овозможуваат подобра кариера. Како што покажале Липсет и Олгтбах, покрај огромната финансиска и организациона позадина студентските конзервативци сепак не успеале да изградат движење што би се поврзало со членството ниту имале некое битно влијание во колеџите.

Новата студентска левица не треба да се идентификува со старата левица или, според зборовите на Џек Њуфилд, со „Наследената” левица — студентско крило кое досега главно претставуваше напредната работничка партија. Бројно мошне малечка, старата левица не може сериозно да се земе како политичка сила и тоа најповеќе заради своето фракционерство и идеолошката догматика.

Може да се докажува дека студентите на новата левица сметаат дека американското општество е премногу дефектно и дека само потполната реконструкција на базичните институции ќе го даде вистинскиот лек. Оваа дефиниција левичарите ги издвојува од хипиците кои не сакаат никаква акција, а во исто време ги издвојува и од либералните групи на кои целта им е помалку радикална. Овие либерални групи имаат низа свои организации, а најпознатите се младите демократи на колеџите и новооснованото Универзитетско христијанско движење. Студентската левица опфаќа помеѓу еден и два проценти од сите студенти. Организираната студентска левица брои околу 15.000 членови.

Студентскиот комитет за координација на мирните протести е формиран во октомври 1960 година, на состанокот во Аталанта. Тој е формиран од претставници на разни протестни акции што се случиле низ целиот Југ по протестите во Гринсбороу и Нашвил во почетокот на таа година. Мнозинството од тогашните активисти на студентскиот комитет, и на црнците и на белците, беа припадници на средната класа од Југот. Имаа заеднички ставови за мирниот протест, љубов и мир, како и тоа дека лидерството и организираноста се само формалност. Нивната првобитна тактика им била седечките протести и маршеви за слобода.

Кон крајот на 1961 година Студентскиот комитет ја изменил својата тактика и почнал да праќа активисти во селските населби на Југот, што би ги помагале црнците да се регистрираат за наредните избори. Поедини активисти покажале навистина упорност и храброст кои Њуфил лесно ги опишал: „Тие биле обвинувани, на нив се пукало, шибани се и затворани”.

По периодот на црно-белиот популизам, организаторите на студентскиот комитет почнале да губат доверба во белите либерали и во мерките на федералните граѓански права. Во рамките на студентскиот комитет почна да расне уверување дека за Црнците е подобро самите да си ја кројат судбината пред да се интегрираат во „заболеното” бело општество. Во мај 1966 година Стокли Кармајкл го заменил Џони Луис и од тогаш започна новиот студентски комитет. Финансиски прекршени, околу 80 негови платени активисти се обидувале да ја убедат црнечката генерација во потребата за отворени протести и црнечко самоопределување.

И организацијата Студенти за демократско општество е формирана непосредно по седечките протести. Мала група студенти, главно од Универзитетот во Мичиген, воспоставила врска со Лигата за индустриска демократија, која правеше обиди студентскиот огранок што умираше да го реорганизира. Групи се организирани на 11 колеџи и Том Хејгн [Хајден] составил манифест.

Година дена по извршеното организирање Студентите за демократско општество се организирале и во гетата на Север, како со црните така и белите.

Се чини дека најдобро би било тополошкото изразување за политичкото определување на студентите. 3емајќи го за основа прифаќањето на сегашното американско општество, студентите можат да се поделат во осум групи од кои две, вокационилистите и професионалистите, ја прифаќаат сегашната состојба, додека други две, левите активисти и хипиците, ја отфрлаат. Другите групации се неутрални.

Основната преокупација на вокационилистите е образованието коешто тие го прифаќаат со цел за остварување на професионалната кариера. Вокационалистот на образованието во колеџите гледа, главно, инструментално — како средство за здобивање на вештина што ќе му овозможи професионална сигурност и место во општеството кое што му е потребно на неговото семејство. Тие во колеџите се посветуваат скоро исклучително на техничките науки. Тие не се интересираат за либерализам и единствено се прифаќаат за тоа што поскоро да се вклучат во американскиот систем и кој некритички го прифаќаат. Од нив професионалистите се разликуваат по повеќе ставови, меѓутоа и тие го прифаќаат американското општество онакво какво што е сега. Мнозинството од нив се студенти од повисоката класа и тоа оние студенти кои го прифаќаат животниот пат на своите успешни родители.

Со добрата интелектуална позадина, професионалистите често биле меѓу најдобрите средношколци, а и во колеџите се трудат да продолжат со своите извонредни академски успеси и да се вклучат во постдипломските професионални училишта (право, медицина, економија). Професионалистите се непропорционално застапени во најдобрите училишта, зашто тие претставуваат неопходна алка и за добри студии и за прво запослување. Професионалистите се конзервативци и ориентирани на статус кво.

Левите активисти се оптоварени со реформирањето на американскиот начин на живот — и политичкиот, и економскиот, и културниот. Членовите на овие организации се наоѓаат во најдобрите колеџи и универзитети. Хипиците, кои исто така го отфрлаат сегашното општество, се неактивни и докрај аполитични. Тие истовремено ги отфрлаат и мнозинството студентски должности.

Многу коментатори зборуваа за отуѓувањето и деперсонализацијата на студентот како единка. На тој начин тие даваат објаснување дека голем број студенти бараат свој идентитет и се надополнува со ангажирање во радикалните политички движења. 3емајќи задоволство со факултетот и однос на студентите и факултетите, потем задоволство со основниот поим за работа и конечно задоволство со административните закони и практиката, земајќи како основен индекс на задоволство со неакадемската страна на универзитетскиот живот, се покажало дека студентите немаат многу приговори за академскиот начин на живот во колеџите, затоа пак имаат неброени притужби врз животот вон од училниците. Споредувајќи ги резултатите од овие испитувања, што се вршени врз произволно избраната група студенти од Мичигенскиот универзитет и до колку тој резултат ќе се спореди со одговорите на исти прашања што ги дале активистите на левицата, може да се согледа дека одговорите од првите две области се скоро идентични, додека одговорите за степенот на согласноста со административните правила се различни. Додека првата група е релативно задоволна со постоечката состојба, активистите ги отфрлаат овие правила во потполност.

Големи разлики постојат и помеѓу американските институции на високото школство, пред сè, во намената, големината и селективноста. Неопходни се и извесни додатни карактеристики за полесно следење на сегашната состојба и идниот развиток на студентската левица. Треба да се истакне локацијата на колеџите во големите градски центри, каде основните негативности на општеството полесно се согледуваат, потоа традиционалниот студентски радикализам во поедини универзитети како што се Беркли, Мичигенскиот универзитет и Висконсин; потоа степенот до кој колеџот и во својата поотворена и неформална политика е затворен и одбива, или отворен и либерален како спрема своите студенти така и спрема политичкиот живот. Мнозинството колеџи и универзитети, според своите ставови, однапред им се познати на своите клиенти, така што мнозинството од нив го одбираат помеѓу три или четири такви институции оној чијашто слика се поклопува со нивните сопствени интереси, вреднувања и стремежи.

Овој прелиминаторен механизам е критичен, подразбирајќи ја разликата во студентскиот активизам од едниот колеџ до другиот. Гледајќи го она што е познато за студентските левичари, за нивната сличност и материјалната позадина, предодреденоста за учество во радикалната политика постои уште пред влегувањето во колеџот. Клиентите што се наклонети на акции претежно ги одбираат оние колеџи што се познати по либералните традиции.

„Слобода за изразување на студентите” на Едмонд Вилијемсен и Џон Коуден е појдовната точка на секое истражување во високото школство. Во оваа студија се покажува до кој степен кој колеџ им дозволува на своите студенти слобода на изразување во своите убедувања. Ова испитување е вршено со анкета упатена на сите четиригодишни институции во земјата. Прашања се упатени до претседателите, деканите, претседателите на факултетските комитети за студентски прашања, на претставниците на студентите и издавачите на студентските листови. 85% од колеџите испратиле барем еден исполнет прашалник, 70% сите пет прашалници.

Авторите покажуваат дека приватните универзитети се релативно поеластични во поглед на студентските слободи за дискусии по различни теми, говорниците да ги повикуваат на универзитетот и активно да протестираат и учествуваат во акциите за граѓански права. Издавачите на студентските листови се наполно независни во своите институции и постои низа општествени и политички акциони групи. Студентите во приватните универзитети многу подобро ги користат своите слободи отколку студентите од другите колеџи.

Макаршто и студентите во приватните уметнички академии имаат слични слободи како и во приватните универзитети, овие академии повеќе се свртени кон традицијата и студентите немаат посебни амбиции за ангажирање во контраверзите на општеството. Резултатите добиени од големите јавни универзитети главно се слични, освен што службениците од управата изразувале ограничена согласност со студентските слободи; студентското учество во политичките комитети е дури и поголемо од на приватните факултети, затоа пак, се застапени и конзервативни струи. Слична е состојбата и на помалите јавни универзитети. Студентските лидери се независни и активно се занимаваат со политика. Мнозинството од управниот персонал се согласува со филозофијата на слободата, истовремено е и резервирано спрема настаните на големите универзитети. По ништо не се разликуваат ниту протестантските универзитети и академии. Таму дури постојат и поголеми слободи за студентските листови. Дури постои и поголемо разијдување помеѓу деканот и студентските претставници за толерирањето на либералните студентски организации. Техничките институции се на нивото на националните гледања за респектирање на академските слободи. Управите не се согласни со тоа дека студентите треба да се занимаваат со контраверзните општествени проблеми и дека тоа не е битно за образованието. Студентите претежно се заинтересирани за здобивање на знаења од своите области, додека општествените настани толку не ги интересираат.

На католичките универзитети постојат мошне малку академски слободи. Сметаат дека студентите говорниците однадвор не треба да ги викаат. Постои и голема контрола над студентските листови и во овие институции егзистираат само неколку политички организации. Управите покажуваат мошне малку симпатии спрема идеите за академска слобода. Слична е состојбата и во католичките уметнички академии, со таа разлика што студентите во нив имаат и ограничено право на изразување.

Уште помали слободи постојат во наставничките колеџи во дискусијата за разните актуелни теми, повикување на говорниците надвор од универзитетот или на демонстрации. Студентските листови скоро секогаш се под влијание на управата. Постои минимален број на студентски политички организации. Учеството на студентите во креирањето на политиката, сепак, е на нешто повисоко ниво, затоа, пак, слободата повеќе се проповедува одошто се практикува.

Во септември 1965 година испратен е прашалник до деканите на сите четиригодишни колеџи. Поставени им се прашања од 27 области — за големината, условите на предавачите, правилата за куќниот ред во домовите, за Виетнам итн. — и конечно, дали имало организирани студентски протести во минатата академска година и какви. Ги замоливме да се ограничат исклучиво врз организирањето на јавните изливи на незадоволство од страна на групи студенти, а не поединечни истапи. Се покажа дека деканите и управите на колеџите се во тесна врека со студентските протести. Во 85% од одговорите се покажа дека со активноста на студентите раководат предавачите на тие колеџи. Во оваа расправа ќе се задржиме само на проблемите надвор од универзитетите — граѓанските права во американската воена политика — што мошне повеќе ја ангажира студентската левица одошто проблемите на универзитетот. Интересно би било да дадеме еден национален пресек, пред да поминеме кон расправата во институционалните разлики. Повеќе колеџи одговорија дека основниот проблем била реализацијата на граѓанските права. 1964 година, а нарочно летниот семестар, била херојски период на борбата за граѓански права, виетнамскиот проблем бил најважен само за една петина колеџи, исто како и протестите против мобилизацијата на студентите. Причината за ова треба да се бара во географската положба на некои колеџи. Само неколку колеџи од Југот изјавија дека се интересираат за проблемите надвор од универзитетот. Така се појави овој голем расчекор: дека само една петина од студентите се интересираат за проблемот на војната во Виетнам, а само една третина, на пример, се заинтересирани за промената на правилата во интернатите.

Претставниците на независните универзитети изјавија дека мнозинството од нивните студенти се ангажирани во борбата за граѓански права. Деканите на половина од овие колеџи одговорија дека нивните студенти учествувале во борбата за граѓански права или во своето место, или за време на летниот распуст оделе на Југ. Од друга страна, само една од осумте управи на наставничките колеџи, изјавила дека и меѓу нивните студенти имало активисти на движењето за граѓански права. Спрема добиените податоци може да се направи табела за учеството во движењето за граѓански права: на независните универзитети, независните уметнички академии, јавните универзитети и католичките институции биле над нивото на националното учество во ова движење. Додека под нивото биле јавните уметнички академии, протестантските институции, техничките институции и наставничкиот колеџ. По овој институционален тип разликите се мошне поголеми по прашањето за американската надворешна политика. Процентуално, во организирањето на студентските протести против американската политика во Виетнам учествувало 65% студенти од независните универзитети, а од протестантските и католичките институции само 8%, додека во учителските колеџи учествувале околу 6% студенти.

Деканите требале да одговорат и на овие информативни прашања: за процентот на докторатите, социјалното потекло на студентите кои им припаѓаат на левичарските организации и големината на самиот колеџ. Односот помеѓу овие варијабли и одговорите на прашањата за учеството во движењето за граѓански права на Југот за време на летниот распуст 1964 година, како и другите протести, проучувани се со методата на корелативна анализа.

„Откритието” за робувањето на Црнците во демократска Америка даде силен елан на радикалното студентско движење. Овој проблем го окупираше и младиот и идеалистички претседател [Џон Кенеди] сè до неговата трагична смрт. Движењето беше интензификувано со откритието на сиромаштво кое тешко може да се опише во најбогата земја во светот, како и сознанието дека најголемата светска сила е ангажирана во жестока војна во една малечка и неразвиена земја. Стана општо гледиштето дека студентите се деградирани и дека граѓаните живеат „без било какви идеали”. Социјалниот систем што ја одржува ваквата хипокризија не може да се толерира и мора радикално да се измени.

Меѓутоа, само еден мошне мал број студенти го застапуваат ова мислење — не повеќе од 2%. Интелигентни, независни, некариеристи и надвор од влијанието на своите родители, левичарските студенти настојуваат да студираат во најдобрите и најлиберални колеџи и универзитети. Посматрајќи го целокупниот број на студентите, радикалните студенти би биле помалку во споредба со која било група студенти, дури и од хипиците кои имаат слични гледишта за препородот на моралот, но немаат волја сегашната состојба да ја изменат. Огромното мнозинство на студенти е аполитично — заинтересираноста е само вербална, академски и хедонистички за овие проблеми.

Левичарските студенти соработувајќи со разни групации и уште сега имаат видно учество во универзитетскиот живот, нарочно врз мислењето за проблемите надвор од универзитетот. Студентите добиле многу нови слободи — најверојатно поскоро заради стравот од протести одошто врз основа на некое планско поврзување на личната слобода со интелектуален и личен развиток. Со исклучок во некои случаи на протести за вонуниверзитетските прашања, професорите стоеја на страна. Затоа пак, многу други знаци кажуваат дека во универзитетите се случуваат извесни промени. „Студентска сила” е израз усвоен со премолчување на Конгресот на студентските здруженија во 1967 год. што го прифатија и делегатите кои не ѝ припаѓаат на левицата. Следбениците на новата левица сметаат дека обидот за реформа на универзитетот и можностите околу него да се соберат големи маси студенти, да се радикализираат и политизираат, всушност се подготвуваат за евентуална реформа и на другите институции и општество. Универзитетот е институција која што игра сè поголема улога во американското општество; неговата реформа може да предизвика и низа други последици.

Сепак, влијанието на студентската левица врз животот надвор од универзитетот досега не било нарочно големо. Досега само неколку сегрегирани ресторани, автобуси и училишта интегрирале и животот се подобрил само кај помал број Црнци. Новите надежи можеби ќе предизвикаат подлабоки фрустрации и уште посеобѕирни акции. Макаршто може да се согледа дека последниве месеци постои извесна промена на јавното мислење за Виетнам, што делумно може да ѝ се припише на студентската левица, војната во Виетнам сепак продолжува. Извесните промени во новото законодавство добиени се само на хартија. Јазот помеѓу оние кои имаат и оние кои немаат се чини дека се проширува место да исчезнува. Установите, организациите и меѓучовечките односи и натаму во својата суштина се бирократизирани. Накусо, значајни постигања има мошне малку; сите оние услови што го предизвикаа радикалното движење сè уште постојат. Иднината на студентската левица е зависна од многу работи: спротивставување на ангажирањето во војната, против неомакартизмот, бројот на либералните институции кои што ги прифаќаат радикалните идеи, студентската практична интелигенција што сака да расправа за општествените и политичките проблеми не е од порастот или паѓањето на материјализмот и кариеризмот.

Студентите сами по себе не можат да предизвикаат поголеми општествени измени. Студентската левица мора да настојува за обединување со другите радикални и либерални елементи: свештениците, разни интелектуални групи (и академски и професионални), Црнците, хронично незапослените и други елементи на исклучената најниска класа на општеството.


Забелешки

[*] Преземено од Радио Белград, емисија на III. програма, 31. VII. 1968 г.


Студентската 1968 година: Содржина

марксистичка интернет архива