Врз основа на предлозите и барањата добиени од собирите на студентите, наставниците и воннаставниот персонал, одржани на 3 и 4 јуни 1968 година, пленумот на Универзитетскиот совет на студентите од Белградскиот универзитет, Универзитетскиот комитет на СКС [Сојуз на комунистите на Србија] и акционите одбори на својот заеднички состанок од 4 јуни 1968 година донесоа нацрт на акционо-политичката програма.
Да се преземат мерки заради побрзо е поефикасно решавање на отворените и нерешени прашања во изградба на нашето социјалистичко општество, како самоуправна заедница на слободни и рамноправни народи и народности.
Итно е потребно да се преземат мерки за да се решат следните проблеми:
1. Да се донесат енергични мерки заради побрзо отстранување на силно изразената социјална нееднаквост во нашата заедница. Во врска со тоа бараме доследно да се применува социјалистичкиот принцип на распределба според трудот, јасно е прецизирано да се дефинираат критериумите за одредување на личниот доход, да се одредат минимални и максимални лични доходи и да се преземат мерки за да можат разликите од личните доходи што се засновани врз несоцијалистички, монополистички и други привилегирани положби ефикасно да се отстранат, да се преземе енергична акција против добивање имот на несоцијалистички начин, да се изврши национализација на неоправдано добиени имоти. Што побрзо да се ликвидираат привилегиите во нашето општество. Да се донесат мерки за кои доходите над максималните најостро ќе бидат зафатени со прогресивно оданочување.
2. Заради поефикасно и побрзо решавање на проблемот на безработноста, потребно е да се изработи долгорочна концепција за развој на нашето стопанство и како една од приоритетните задачи да се обезбеди остварување на социјалистичкиот принцип на право на работа на сите работни луѓе во нашата земја. За таа цел е потребно да се донесат мерки соодветни на инвестиционата политика за да може политиката за запослување да се оствари со непрекинато подобрување на материјалните и културните услови за животот на нашите луѓе.
Да се донесат мерки заради решавањето на проблемот на безработноста и запослувањето на млади стручни кадри. За таа цел ефикасно да се регулира прашањето на приправничкиот стаж и задолжително запослување на сите млади стручњаци и хонорарната работа, со цел таа да се сведе на минимум или наполно да се укине. Доследно да се спроведува кадровската политика и на местата што бараат одредени квалификации да се запослат стручњаци со соодветни квалификации.
3. Да се донесат мерки заради побрз развој на самоуправните односи во нашето општество и за отстранување на бирократските сили кои го кочат развитокот на нашата општествена заедница, како самоуправна заедница на работните луѓе.
4. Системот на самоуправни односи треба да се развие не само во работните организации, туку и на сите нивоа на нашето општество од општината до Федерацијата, на тој начин што во органите мнозинството ќе го претставуваат непосредните производители. Појдовна позиција за високото развивање на непосредното самоуправување е непосредните производители самостојно да решаваат за сите битни услови на својата работа, а посебно за вишокот на работата. Сите самоуправни органи треба да бидат одговорни за остварувањето на задачите што спаѓаат во нивна надлежност и треба да се повикаат на општествена одговорност во случај да не ги извршат тие задачи. Посебно е важно да се дефинира прашањето на личната одговорност.
Во сообразност со развојот на самоуправните односи, потребно е да се забрза процесот на демократизацијата на сите општествено-политички организации, посебно на Сојузот на комунистите. Со процесот за демократизација треба енергично да се зафатат сите средства за информирање на јавно мислење и да се обезбеди остварување на сите слободи и права предвидени со Уставот.
5. Енергично да се спречат сите обиди за дезинтегрирање на општествената сопственост и нејзино изродување во акционерска сопственост. Да се спречат тенденциите за изродувањето на личниот труд и капитализирање на поединци и групи и да се сведат во рамките на Уставот и позитивните законски прописи.
6. Што побрзо да се ревидира законот за станбени односи за да се спречи луксузот, богатењето и шпекулирањето со станови од општествена и приватна сопственост.
Потребно е да се преземе итна реформа на целиот школски систем заради негово усогласување со потребите на развојот на нашето стопанство и самоуправните односи. Посебно треба да се преземат мерки за остварување на Уставот загарантирано право на еднакви услови за школување на сите млади луѓе. Особено ја истакнуваме неопходноста од преземање на следните конкретни мерки:
1. Да се организира Универзитетот како самоуправна институција во која слободно ќе се развива прогресивна научна мисла. За таа цел неопходно е побрзо развивање на вистински самоуправни односи на Универзитетот и творечко градење на оние самоуправни облици што ѝ одговараат на универзитетската средина. Посебно е потребно вистинско учество на студентите во самоуправувањето. Исто така, потребно е да се подобри материјалната положба на Универзитетот и да се обезбеди доследна примена на принципите на доходот и формирање потребни материјални средства.
2. Да се преземат мерки социјалната структура на студентите да одговара и на структурата на општеството.
3. Потребно е да се преземат мерки за да се подобри материјалната положба на студентите, како и да се пристапи кон поинтензивна изградба на станови за студентски стандард. Тие установи треба да им се предадат на управување на студентите врз принципот на самоуправните односи на нашето општество.
4. Треба да се заложиме за зајакнување на влијанието на науката, на Универзитетот и студентите врз формулирањето на основните ставови за патиштата, облиците и методите на нашиот натамошен општествен и стопански развој.
5. Во кадровската политика на Универзитетот потребно е да се воведе принципот на реизборност и неговата формализација за сите звања и Универзитетот да се отвори за младите луѓе, способни за научно-истражувачка и педагошка работа на Универзитетот.
Програмата во целина е усвоена со следниве дополнувања: I дел, се внесува став за демократизација на културата, во II дел се внесува став со барање да се донесе закон за автономија на Универзитетот и став со барање за укинување на сите видови школарина.
Забелешки
[*] Програмата е објавена во в. „Нова Македонија” од 9. VI. 1968 г.