Милан Војновиќ

Улогата на младината во современата политика[*]


Идеолошкото определување, политичката ориентираност на младата генерација во современиов свет е мошне разновидна. Младината, никната во разновидните социјални амбијенти, регрутирана во сите класи, слоеви на современото општество, ги рефлектира неговите вистински разлики и противречности. Меѓутоа, во изобилството на разновидните идеолошки ориентации, политички движења и акции на младите, очигледна е скоро општата тенденција за револуционирање на младата генерација. Мошне разновидни се и сложени процесите за револуционизирање на младиот свет, како што се разновидни и социјалните ситуации со кои таа се соочува.

Постојат гледања дека младината станала основен субјект на актуелните политички настани, дека на историската трибина стапила нова општествена сила. Посебно се раширени сфаќањата за авангардната улога на студентската младина и пошироката интелигенција. Меѓутоа, ваквите оценки се чинат претерани. Истакнувањето на една социјална група или спој како исклучителен субјект на револуцијата во сите конкретни општествени околности претставува своевиден догматизам. Судејќи според расположивите индикации, различните општествени групи ја чинат авангардата за социјални промени (во зависност од сплетот на конкретните социјални, економски, правни, идејни и други чинители).

Во современиот свет силите на иновациите се мошне широки и разновидни; тоа се работниците, интелигенцијата, селанството, како и пауперизованите општествени слоеви. Поточно, на глобалниот, светски план, централните чинители на револуционерното движење се сиромашните, општествени слоеви од дното на скалата. Зашто, во основа, тие општествени групи се стремат кон иновацијата, преовладувањето на status kvo, што се депривирани; упростено, степенот на радикалноста на општествените групи се во пресвртена размера со најновата позиција на социјалната скала. Во т.н. третиот свет тоа се милионски маси сиромашни, притиснати со оковите на современиот империјализам. А во развиеното капиталистичко општество концептот на пролетеријатот содржи и други аспекти: сиромаштвото не се изразува (единствено) во елементарната материјална оскудица, туку и во неможноста за вертикална подвижност на пониските слоеви, стеснатата социјална комуникација итн. Поимот пролетеријат, исто така, инкорпорира и разни видови на отуѓувања.

Точно, е меѓутоа, дека денес извесни делови на младината во голем број земји имаат авангардна улога. И тоа не заради некои вродени револуционерности, а туку од причина што е младината отворена и флексибилна, чувствителна на проблемите на општеството и историските задачи, зашто е вистински барометар за социјалните ситуации. А борбата на младината е составен дел на ослободителните движења на сиромашните.

Мошне силен облик на протести на младите против потрошувачкото општество во Западна Европа и Америка се главно самоорганизираните движења на младите: хипици и адигери во Америка, провоси во Холандија и Белгија, рагани во Шведска и други. Овие младински движења претставуваат бунт против дезинтеграцијата на општеството, социјалните неправди, бруталностите и агресивноста. Во нив се содржани и елементи за негација на приватната сопственост, стоковнопаричното стопанство, безобѕирната конкуренција во трката за потрошувачки стопанства. Колониите на хипиците имаат посебно значење како социјален експеримент во потрагата за нови облици на општествената организација. Хипи-движењата настојуваат да остварат еден нов морал во љубовта, соработката и взаемноста, еден повисок степен на хуманитет, човечка заедница врз нови основи.

По широките подрачја на Европа, во САД и Латинска Америка, дури и во другите региони во светот, се случуваат жестоки немири на младата генерација. Протестите и немирите на младите имаа белег на еден сегенерациски, општосветски бунт на младите.

Младинските немири се случувале и во рамките на комунистичкото движење. Протестите на студентите покажаа дека нивниот основен непријател е бирократијата, која безобѕирно се бори за зачувување на status kvo, во кои рамки ги потчинува луѓето под својот хоризонт на мислење и партикуларните интереси, го остварува владеењето над луѓето и идеите. Комунистичкото движење што не е револуција без прекин, непрестано освојување на слободата и солидарноста за човешка заедничка заедница, коешто не е „младо”, не може да смета на приврзаноста со младината.

Немирите на младината и студентите во современиот свет имаат разновидни причини, бидејќи и социјалните и политичките услови во кои расне и делува младиот свет се мошне различни. Меѓутоа, постојат и некои заеднички корени и белези во актуелните младински протести.

Причините за протестите на младината се содржани во кризата на универзитетот што го карактеризира конзервативната структура и доминацијата на бирократизираниот и централизиран систем. Студентите протестираат против застарените универзитетски правила и односи, тие се борат за реформа во наставата и студиите, за учество во управувањето, автономијата на универзитетот. Исто така, во многу земји материјалната положба на студентите е мошне тешка и тие, иако мнозинството од нив се припадници на средните и богатите слоеви, чувствуваат дека му припаѓаат на пролетеријатот.

Еден дел од причините за сегашните младински немири ги наоѓаме и во процесите на револуционирањето на извесните средни слоеви во современото капиталистичко општество. Поларизацијата на капиталистичкото општество е засилена, таа се карактеризира со стеснување на класните сопственици и зголемување на новите средни слоеви чијашто егзистенција се засновува врз личниот труд и позицијата во управувањето во стопанството и бирократскиот апарат. Во нашата земја мнозинството од студентите се регрутираат од средните слоеви и нивниот револт е посреден израз за јакнењето на антикапиталистичките чувства на оваа социјална категорија.

Протестите на младината во Европа ја изразуваат критиката на антихуманата содржина во современото потрошувачко општество, загриженоста за човекот, неговата судбина, слобода. Современото општество, што се карактеризира со драстичните класни нееднаквости и недемократскиот политички систем, на младината не им пружа шанси да се остварат како автентични, творечки личности. Младата генерација посилно и пострасно ја чувствува кризата на современото општество отколку старите. Додека постарите генерации настојуваат кон статус квото и парцијалните промени во рамките на постојечките општествени вредности, ставот на младината е стихијски револуционерен. По својата суштина, студентските протести се хуманистички, блиски на интересите и идеалите на пролетеријатот. Слободарските и демократски насочените младински протести навестуваат една нова човечка заедница — без неправди, бруталности, егоизам, потчинување — заедница на трудот, взаемност и солидарност. Студентските протести се апел, автентично морален, за остварување на социјалните правди, слободата и демократијата.

Немирите на младината претставуваат израз на кризата на посредната, исклучително политичката демократија, што останува во рамките на државата. Посебно е значаен фактот што еден дел од студентското движење (пред сè, извесни rрупи во Франција и Западна Германија) пружаат позитивна алтернатива на социјалистичкиот систем што негира — остварување на самоуправно општество. Тие силно го актуелизираат централниот проблем на современоста, — учество на масите во управувањето; тие бараат остварување на самоуправување во универзитетот и сите општествени структури во кои масите ќе станат основен субјект во социјалните акции. Тоа е настојување кон остварувањето на човечката заедница, којашто се реализира надвор од авторитативните институции, државата, политичките партии — во негацијата на класичната политичка структура. Младината, нејзиниот најпрогресивен дел, ги антиципира елементите на новите концепции на општеството — на солидарната човечка заедница, како неопходна и можна алтернатива на современото општество. Револуционерниот занес на младите, можеби произлегува од нивното чувствување дека светот се наоѓа на прагот на новото време, младите навестуваат воспоставување на нови човечки заедници, без потчинување на партикуларните интереси, без монопол на парцијалните структури, човечка заедница во која човекот може да се оствари како слободна, творечка личност.

Младинските немири ја рехабилитираат перманентната револуција во едно општество во кое нема можности за иновации, чијшто основен хоризонт е — (статус кво). Неизмерниот елан на младите, борбеноста и подготвеноста за жртви, ја поставија судбинската алтернатива на современото технократско општество на изобилството — перманентната револуција и тоа во смисла на „критичкиот немир на човековиот дух против конкретно достигнатиот облик на човековиот живот во заедницата”.

Актуелното студентско движење има остварено еден повисок степен на решителност, борбеност и самоорганизираност отколку младинските немири што се случуваа порано. Студентските и младинските немири се блиски на револуционерното насилство какво во рамките на работничкото движење го применувале Бланки, Ленин, Че Гевара. Меѓутоа, демонстрациите на студентите, како и некои специфични методи на нивната акција против владеачките структури, главно имаат дефанзивен карактер. Младинските немири ја актуелизираа виталната дилема на пролетерското движење во развиените капиталистички општества: мирен пат, еволуција или насилна деструкција на владеачкиот систем. Централниот проблем е дали бунтот на младите може да се трансформира во сенароден бунт, револуција; или тоа е само беспомошен обид, вознемирен извик на совеста на една младост.

Од друга страна пак, младинските и студентските движења имаат извесни, значителни ограничувања. Според своите теоретски манифестации тие се хетерогени, разединети на бројни струи, со различни политичко-акциони цели и методи на дејствување. Младинското движење го остварува повисокиот степен на единство во негацијата на поедини институции или дури на целиот систем, отколку во она за што се стреми да го оствари. Студентското, младинското движење не е достатно поврзано со работниците и другите социјални групи, не е остварена нужната поврзаност и интеграција на сите прогресивни сили во едно општонародно движење. Владеачките сили можат релативно брзо да ги задушат изолираните жаришта на револуционерното движење. Hajпocлe, критиката на младата генерација што се однесува на политичките системи, не е достатно насочена на социјален план, на основните општествено-економски односи.

Една од карактеристичните појави на современото младинско движење е порастот на спонтаната, самоорганизирана политичка акција на младите. Скоро општа е тенденцијата младината или нејзиниот поголем дел да биде надвор од постоечките политички организации. Исто така очебијна е тенденцијата за распаѓање на т.н. умерени, реформистички младински организации, додека во некои региони слабее и влијанието на традиционалната политичка левица врз младата генерација. Современите протести на младите укажуваат на кризата на традиционалната левица, која што не само што не е на чело на револуционерните настани, туку во некои земји со својот опортунизам се наредува на страната на владеачките сили. Студентското, младинското движење претставува составен дел на новата левица која се формира покрај организациите на традиционалната левица. Исто така е карактеристично дека прогресивните младински групи во Западна Европа се институционализираат во самостојни политички движења. Основните причини за расчекорот на младите со постоечките политички партии се наоѓаат во нивното конзервативно раководство, како и во несоодветниот однос спрема младината. Во рамките на таквите партии младината не може да најде можност за остварување на своите радикални, напредни идеи.

Се чини дека младоста е најзначителното човеково време; таа е прва творечка шанса, најотворената човекова можност. Младите можат да бидат само млади како бунтовници против сè што е нехумано, како борци за ново. Да се биде млад, тоа значи да се протестира, безобѕирно да се критикува статус квото поаѓајќи од хуманите вредности. Ернест Блох пишува: „Секое постоење е отворено и младо. Младоста, која е таква, и постоењето едно на друго тесно си припаѓаат. Нивната заедничка одлика е немирот и стремежот кон напред. Таа ѝ се спротивставува на окоравеноста и го бара она што не е дојдено ...” Повикот и правото на младината е бунт без прекин против сите нехумани односи и заостанатите социјални облици.


Забелешки

[*] Одломка од написот „Младината и социјалните иновации”, објавен во списанието „Гледишта” бр. 6-7, Белград, 1968 година.


Студентската 1968 година: Содржина

марксистичка интернет архива