Димитар Мирчев

Студентската 1968: смисла, мотиви и значење


Можеби ниту еден феномен во политичкиот живот на голем број земји во светот, — илјада деветстотини шеесет и осмата, не беше толку видливо, радикално и експлозивно изразен — колку што тоа беа студентските акции. Дури и повеќе, тие акции, давајќи му своевиден и невообичаен белег на политичкиот процес и во национални и во меѓународни размери, длабоко ја потресоа системската основа во која тој традиционално се одвиваше и придонесоа неговите содржински компоненти да излезат на видело, да ги откријат своите замаскирани и напнати противречности, движења и перспективи.

Студентските акции внесоа нешто ново во 1968 година. Нив ги имаше и порано, претходната година, претходната деценија, односно ги имаше во сета современа политичка историја. Ги имаше и масовни и изолирани, мирни и бунтовни, парцијални или универзални — според целите и мотивите. Овој пат — сепак значеа нешто друго, а тоа значење објективно се наметнува и со површна анализа на условите, времето, општествените околности и движења во кои никнаа и се реализираа. Речиси немаше регион во светот во кој студентските акции не се исполија, речиси немаше општествен систем, режим и заедница во кои тие не се наметнаа со својот фактицитет. Ако ги отстраниме повеќегодишните студентски и народни немири и вриења во оние земји чиј политички живот не е конституиран во обликуван систем, чии системи се во неконзистентна и лабилна форма, чии општествено-економски структури се во превирање и еманципирање, најинтересен и значаен е фактот на студентските акции во развиените, индустриски обликувани општества — и капиталистички и социјалистички. Всушност, токму во овие земји феноменот на студентските акции и немири — бара првенствена анализа и означување.

Факт е дека таква експлозија на студентски акции во 1968 година малкумина очекуваа. Настаните течеа бурно, силно и еруптивно, како поврзани со единствен иницијален импулс. Тие не само што рушеа и доведуваа во прашање одредени општествени и политички структури, дури и во наднационални рамки, туку истовремено ги рушеа и заблудите и мистификациите за тие структури. Би рекле — ги рушеа и заблудите за можностите на студентите, за нивните стремежи, барања. Настаните можеби беа предвидливи, но самиот нивен тек, вкупните рефлексии и остварувања малкумина можеа одеднаш да ги согледаат, бидејќи на нив веројатно во толкава мера и не се сметало ...

Да се потсетиме — во Западна Европа, тоа беше година на изразито интегрирање, концентрација на капиталот и економско прегрупирање, година која и покрај монетарната лабилност мошне многу му ветуваше на таканареченото „индустриско општество”. Година (барем првата половина) на натамошно попуштање на политичката затегнатост во Европа и разбивање на блоковските стеги, железните и други завеси. Центрите на кризите веќе беа отселени од Европа во Азија, на Блискиот Исток ... На Исток — Полскиот Март помалку успешно, а Чехословачкиот — восхитувачки, наговестуваа постапно ослободување на социјализмот од бирократско-етатистичките окови. Кај нас, веќе беше во тек темелно раскрстувањето со силите осудени на Брионскиот Пленум, во полн ек беше чекорењето на стопанската и општествена реформа. Тие и таквите процеси ја беа усмериле политичката, јавната, па и научната мисла — на сосема други сили, на сосема други очекувања отколку што тоа би биле студентите и студентското движење.

И одеднаш или за кратко време, од речиси невини па и вообичаени конфликти — како што беа — оној во Берлин, во Нантер, Прага или на Нов Белград — букнува ерупцијата. Толку збунувачка, што одвај можеше да пробуди еден сонлив начин на мислење кај многу „официјални” структури.

Денес може да се оцени дека колку политиката не беше спремна да се соочи со студентското движење, уште помалку беше во состојба тоа да го стори науката. Иако науката, во вид на Alma Mateг, најмногу направи тоа движење духовно и политички да се еманципира. Се разбира, не може да се оцени дека науката и научните работници не биле ангажирани во студентските настани. Дури беа и доста ангажирани. Да ја земеме Франција и движењето во неа; беа мошне присутни речиси сите еминентни научници — од Рејмон Арон на десното крило, до Лефевр и Гароди на левото. Но науката, општествената наука, социологијата, немаше одреден систем на категории, соодветен пристап и теориски и методски инструментариум во кои би се вклопило и експлицирало студентското движење. Дури и повеќе, може да се оцени дека голем број хипотези и теории за движењето во современото општество, во практика беа оповргнати од студентското движење. Изгледа сепак дека публицистиката до овој момент најмногу направи за објаснувањето на студентските акции.

Како ниедно прашање, настан, општествен проблем во последните години, студентите се најдоа во центарот на публицистичкото перо. Но и кога имаме права инфлација на есеи, тркалезни маси, маса списанија — од забавни до сосема сериозни — полни со прашања и одговори за студентите, објаснувања — валидни и компетентни има сосема малку. И покрај тоа, речени се многу вистини, многу остроумни спекулации и логички заклучоци. Позитивно е, што е пробуден интерес не само за студентите, туку и за вредностите и институциите што тие ги атакуваа.

Заради сето тоа, очигледно е дека дури сега престои еден посериозен пристап во проучувањето на феноменот на студентското движење и тоа во сите димензии, па и пошироко — прашањето на интелигенцијата и интелектуализмот и сите други „потешко уловливи и егзактно нефатливи” структури. Нивната реалност во општествената структура, нивните белези, улога, аспирации и политичко cгedo, нивната комуникација и интеракција во општествениот живот наметнуваат широки проучувања.

Состојбата е, речиси, идентична и во Југославија. Парцијалност, емпиризам, занимавање со организационите облици на студентското движење беа белези на научно-истражувачката акција, иако во последно време има и настојувања со вредни резултати.[1]

Ова говори во колкава мера постои хендикеп кога нешто треба да се утврди за студентското движење и акции. Можеби најмалку може да се зборува за смислата, мотивите и универзалноста на студентското движење денес: недостасуваат компаративни студии, нема интердисциплинирани проучувања на социологијата, психологијата, политичките науки. Заради тоа објавувањето на овој избор текстови за студентското движење во 1968 година, има мошне скромна претензија. Авторите би биле задоволни ако текстовите кои што ги избрале послужат како извесна информација за мислата што ја покрена студентското движење и за самите акции, и дури ако бидат поттик за натамошни проучувања.

***

Се чини дека елементарниот преглед на емпириските индикатори за студентските акции во 1968 година, пред сè, го наметнува прашањето за универзалноста на тие акции и за универзалната смисла на студентското движење денес. Ако се ослободиме за момент од епистемолошките определби и од различните појмовни специфики на универзалноста, систематизирањето на податоците би дало една доминантна оцена: има и премногу аргументи кои говорат во прилог на мислата за универзалноста, а ги има и уште повеќе кои ја оповргнуваат, барем во социо-политичка смисла на зборот. Потврдни индикатори се сигурно следните:

— Студентското движење се активира речиси во сите краеви на светот, и во развиените и во неразвиените општества, и во автократските и во демократските системи, и во социјалистичките и во несоцијалистичките. Се јавуваше и манифестираше — верижно, временски концентрирано и, речиси, секаде доби пошироки општествено-политички импликации и белези.

— Почнувајќи акции врз проблемите на Универзитетот и неговата реформа и автономија, движењето се усмерува брзо на мошне пошироки прашања од општествен и политички карактер. Тоа секаде има изразен белег на револт, изразена формула на оспорување и негација на постојното и особено институционалното, и тоа во толкава мера што се стекнува впечаток за универзализација на објектите на оспорувањето.

— Насекаде движењето е следено или условено со видлива политизација и идеологизација на студентите, секаде има барем надворешни белези на едно револуционерно вриење.

— Без разлика на специфичните барања и цели, движењето секаде исфрлаше и извесни универзални пароли. За Виетнам, на пример, за Че Гевара, за моралот и борбата против граѓанската хипокризија.

Сето тоа може да создаде привид за универзалноста на движењето. Но и спротивните индикатори се уште покарактеристични:

— Недостаток на елементарна политичка платформа која би опфаќала некои заеднички цели. Дури, целите на движењето се неверојатно контрадикторни, особено во меѓународни размери. Почнувајќи од Индонезискиот КАМИ на ултра-десното крило, до дучкеовците и француските анархисти на левото крило. Не се работеше толку за различни услови и општествени миљеи во кои никнува студентското движење (а тука беше и „индустриското” општество со развиена граѓанска демократија или диктаторските режими во Латинска Америка ...) туку — за реални разлики меѓу студентските групи дури и во рамките на еден универзитет.

— Општествените сили со кои се судираше или барем против кои беше студентското движење се најразлични, а исто така и неговата социјална подлога и силите кои го подржуваа беа вонредно хетерогени.

— Резултатите кои моментно движењето ги извојува или иницира исто така беа мошне различни и по содржина и по својот општествен домен.

Сето тоа веројатно говори дека е невозможно да се најде димензија на универзалност, барем што се однесува до смислата, внатрешните мотиви и непосредните општествени цели кон кои тежеше студентското движење. Дури и најсилните и најорганизирани групи не најдоа меѓусебно и во себе заеднички јазик, ниту исфрлија некој програм на творечка и критичко-конструктивна општествена акција; француските студенти, на пример, ја атакуваа буржоаската култура и политичките институции или — профитното општество — мошне единствени. Но, на прашањето на прифатот на Де Головата партиципација — не се согласува дури ниту заедничкиот акционен комитет на студентите — на еден факултет. Затоа, изгледа, наместо белезите на универзалност (а такви оценки има, дури и тези дека непосредно претстои интегрирање на студентското движење во светот и создавање на студентска интернационала) би било посоодветно да се бараат некои заеднички именители и заклучоци што ги наметна за себе и за општеството студентското движење во 1968 година. Се разбира, објективно најзначајно е она што студентите го покренаа во развиените западни општества, а за нас и она што се манифестираше во југословенски рамки, кое што по своите мотиви и смисла битно се разликува од другите студентски акции во светот.

***

Студентските акции не можат да се објаснат со еден единствен или доминантен чинител. Наспроти тоа, мошне неодредено е за суштината на движењето да се посочува неограничен плуралитет на фактори или сплет на околности чие дејство ги покренува студентите. Исто така се чини дека би било непростиво симплифицирање ако движењето и акциите на студентите се протолкуваат само со „длабоките кризи и противречности на современото општество” како што го чини често догматизираната општествена мисла, па и на — социјалистичка, а не навлегувајќи во причинските релации на тие противречности. Без претензија да се даде на ова место таков сеопфатен одговор и да се откријат сите димензии на проблемот, би посочиле на неколку факти и тези погодни за размислување околу карактерот на студентските акции.

Пред сè, интересен е фактот на вонредното зголемување на бројот на студенти во речиси сите модерни општества, а особено во социјалистичките и развиените граѓански. Во САД и СССР тој број веќе достигнува неколку милиони. Во Велика Британија последните десет години се отворени повеќе универзитети отколку за претходните 60 години вкупно. Тоа е резултат не само на процесот на „отварање” и демократизација на образованието, туку и на објективните потреби на современото општество во фазата на технолошка револуција, а чиј развој се темели токму на науката и техниката. При тоа, расте обемот и одговорноста на општествените задачи што ги очекуваат студентите. Од друга страна, видливи се соодветни промени во производната, а слично на неа и во социјалната структура на развиените граѓански општества. Добар дел на пролетаријатот тендира да се изедначи во материјалниот стандард и положбата со класичниот поим на средната класа која станува доминантен слој во индустриското општество. На тоа рамниште е, се разбира, и мнозинството од сега бројната интелигенција во која се влива и студентската структура. Истовремено колку што може да се зборува за „буржоазирање” на пролетаријатот во класична смисла (висок стандард, култура, квалификационо ниво) толку може да се зборува и за „пролетеризирање” на средната класа.

Еден од авторите, присутни во овој избор — Сињорини, говори дека студентското движење антиципира еден нов историски блок во граѓанските општества на што впрочем посочуваше уште Грамши. Имено, дека мнозинство од денес — мошне бројната средна класа, интелигенцијата, техничарите, организаторите, минуваат низ универзитетите и уште пред да се вклучат во процесот на производство тие самите себе се обликуваат во класа, класа која е во слична положба — наемна, како и работничката. Таа е школувана од општеството и самата себе се школува да ужива во извесен стандард, да живее убаво — но и да управува, организира и раководи во име на друг и во интерес на друг (врвната буржоазија и бирократија).

Тука не се поставува веќе прашањето дали се работи за пролетеризација на средната класа, интелигенцијата и студентите, или „буржоазирање” на најголемиот дел на работничката класа, туку пред сè — каде е ориентацијата на класната свест. Материјалните аспирации на таа свест не можат да одат повеќе отколку во постојната просечна благосостојба, барем за мнозинството, бидејќи државниот капитализам им стави релативно сигурни бариери на милијардерските профити. Средствата за производство и начинот на производство како поопштествени и социјализирани веќе е значајно. Според тоа, ориентацијата на класната свест нужно води кон поопштествување на процесот на управување и распределба и кон афирмација на човечката слобода изгубена во технолошките и политички лавиринти на индустриското општество. Впрочем, ова (самоуправување, партиципација) се доминантните пароли во современото движење на работништвото и интелигенцијата на Запад.

Отуѓеноста на политичката сфера, политичкиот систем, процесот на управување, се централните проблеми врз кои се гради платформата на револуционерното движење. Ако во досегашното движење граѓанското општество до максимум ги разви институциите на својата политичка демократија, токму во овој период се виде колку тие институции го потиснуваат и декласираат активниот политички статус на мнозинството и колку тој тип на демократија е илузорен. Таканаречената стара левица (партиите на пролетаријатот) опонирајќи во рамките на системот и постојните институции, не постигнаа речиси ништо или многу малку. На пример, коалиционата политика на социјалистите и социјалдемократите. Митот на парламентарните борби и победи — на работништвото и интелигенцијата не им ветуваше ништо повеќе од натамошно робување и потиснување, без разлика на номиналните носители на власта, дури и да се оличени во бирократизираните политички организации на сопствената класа.

Новата левица или ткн. вонпарламентарна опозиција во такви околности се појавува на политичката сцена на граѓанското општество. Таа добива шанса,шанса што уште не е искористена, но што созрева. Студентите и студентското движење се чини нужно ѝ припаѓаат на новата опозиција и по својот карактер и по своето политичко значење. Зошто студентите? Каде се нивните довчерашни политички организации? До каде било досега нивното движење?

Повеќе индиции говорат за тоа дека во, речиси, сите развиени општества — студентските маси се обликувале во политичка структура par excellence. Психо-физичките фактори, можностите за теориско разбирање на нивната акција, потоа значајниот социјален мобилитет и релативна автономија што ја дава недетерминираниот со работни односи статус на студентите, силно влијаат на изразувањето на таа структура. Пред сè, во неа се изразуваат одликите на политичка динамика, антиконформизам и радикализам.

Не навлегувајќи подлабоко во содржината на политичките ставови на студентското движење и во факторите кои што ја определуваат токму содржината, нужно е да се укаже на неколку чинители од поширок карактер со кои и можело да се анализираат мотивите на студентските акции, немири и аспирации:

а) Морално-етичкиот чинител. Нема сомневање дека моралниот аспект е мошне значаен за покренување на студентските маси. Живеејќи во доба на релативно висок стандард и поволни материјални перспективи, барем во развиените граѓански општества, кај студентите мошне брзо се проектираат потребите за комплексен израз на генеричката суштина и природа на човекот. Современото граѓанско општество, меѓутоа, не може да го обезбеди таквиот комплексен израз. Идиличните прокламации на тоа општество за сопствената хармонија, спокојство, еднаквост, хуманизам, ја потврдуваат пародично профитерската реалност што се крие зад тие прокламации. Филистерскиот механизам и блажениот христијански морал не само што не даваат одговор на современите проблеми на младата генерација и на општествената реалност, туку токму настојуваат да конзервираат односи и вредности што се инертни и декадентни спрема аспирациите на таа генерација.

Можеби австрискиот марксист Ернст Фишер најдобро ја означи моралната голгота на студентските маси и младината: „Општеството кое нуди само стока а не и цели — води кон нереди и мрак...” Студентите се распнуваат на моралните дилеми на профитерското општество. На една страна се широките и богати идеали на автентичниот хуманизам со чии вредности тие видливо се идентификуваат, а на друга страна е стварниот, скучен морален простор во кој нема големи идеали, стварни вредности, во кој нема големи водачи и примери кои енергично би ја привлекле новата генерација. Митот на Че Гевара станува супститут на такви водачи и идеали. Студентското движење и стремежи добиваат и нагласена морална димензија.

б) Психолошкиот чинител. Социјалната психологија на студентските маси се хомогенизира заедно со нивниот броен раст и општествена и политичка еманципација. Таа ги руши бариерите на другите групно-психолошки влијанија, на кои им се подложни студентите (социјално потекло, семејно воспитување, религија итн.). Феноменот на нивната масовност и концентрираност станува посебна сила, посебен фактор на политичкиот мобилитет. Од друга страна, студентските маси во напонот на своето општествено настојување чувствуваат веројатно дека можат повеќе да влијаат на движењето во битието на општеството — сега, концентрирано, еруптивно — отколку подоцна, кога ќе се распршат и втопат во општите процеси на реалниот живот. Стравот како ќе бидат интегрирани во социјална и политичка средина утре, како и колку ќе се одржи нивниот морален и политички интегритет и колку тој ќе може ефективно да влијае на обременетите, противречни, неизвесни и често стагнантни политички и општествени текови — условува студентите да ги нагласуваат своите барања како општествени, актуелни, неодложни, да им даваат ударна нога на едно генерациско движење. Социо-психолошката димензија ја прожима интеракцијата во студентските маси и му дава особен белег на движењето.

в) Чинителот на општествената положба. Се пројавува свеста за машинеријата на модерното технолошко општество која и производителите и интелектуалците, а посебно стручниот кадар, ги чинат штрафовите во бескрајната лента на автоматизираното производство, навики, живот. Фридмановиот „Размрвен труд” и Маркузеовиот „Еднодимензионален човек” аветински продираат во свеста на генерацијата која се школува и ѝ ги покажуваат темните патеки што денес или утре водат кон нејзиниот општествен статус. Карл Манхајм своевремено разгледувајќи ја положбата на младината докажуваше дека е таа, речиси, идентична со положбата на класна подреденост и дека тоа имплицира генерациски удари. Кон-Бендитовската реакција е можеби прилог кон вреднувањето на стариот Манхајм.

Во секој случај односот капитал — труд не е променет во тоа општество, а експлоатацијата се префрла сè повеќе и во непроизводните дејности каде што сè повеќе се префрла и живиот труд. При сето тоа современата технологија и компјутерска техника ги роби трудот и свеста повеќе од секогаш, покажувајќи ѝ го скоро безначајниот статус на цела една генерација. И над сè политичката држава октоподски го зафаќа сиот тој општествен организам создавајќи нови и нови стеги — институционални, нормативни, системски ... Студентското движење значи и одбојност спрема таа реалност, спонтано, импулсивно, а често и деструктивно ...

г) Чинителот на политичкиот израз на студентите. Факт е дека можностите за изразување на студентските маси како политичка структура, а тие се тоа, беа комплетно блокирани. Не заради дискриминацијата на старосниот цензус, туку заради фактичкото држење во изолираност на тоа движење. Политичките организации на студентите веќе десетици години имаа статус на обичен фрагмент на апаратите на големите партии. Тогаш кога студентските и младинските организации ги радикализираа своите политички барања и ставови — партиите едноставно ги распуштаа или „инжектираа” со своите програми (случајот на Лигата на младите лабуристи во Велика Британија). Конечно се добиваа „послушни” и партиски дисциплинирани организации, но кои масовно ги губеа самите студенти. Студентите стануваат објект на политичка пропаганда, и во крајна линија, пазар и храна на гласачките машини.

Политичките ставови на студентите, колку и да беа конструктивни, се губеа не само во каналите на бирократизираната и отуѓена политичка сфера, туку и во посредничката улога и функција на сопствените организми. Дури и на меѓународен план. Затоа студентското движење се јавува во изразени анти-институционални белези, спонтано, непосредно. Тоа добива карактер не на организација или организационо единство на студенти, туку на движење со акционо и политичко единство.

Тоа би бил најопштиот и несеопфатен преглед на чинителите кои го имплицираа, мотивираа и импулсираа студентското движење на Запад. Во социјалистичките земји на Источна Европа движењето имаше поинакви, барем внатрешно, цели и мотиви. Во Чехословачка и Полска, а делумно и во СССР, студентските настани имаа своевидна подлога на борба против бирократско-етатистичките структури и механизми и на покренување иницијални акции во правец на реафирмација на автентичните вредности и цели на социјализмот. Зрелиот и плодоносен пред-јануарски и пост-јануарски настап на чехословачките студенти, грубата административно-полициска пресметка со студентите во Варшава и Москва, зборуваат само за тоа колку е напрснат и преживеан бирократко-етатистичкиот кожурец на соодветните општествени организми.

Студентската 1968 година покажа четири битни работи:

— дека созрева една генерација спремна да ја поведе борбата против преживеаните општествени системи колку тие и да се адаптираат на новите цивилизациски и социјални услови;

— дека крајните и суштинските општествени и политички цели на студентското движење се идентични со оние на работничката класа, а остварливи само со работничката класа;

— дека студентското движење станува општествена сила која не може да се игнорира во политичките процеси и која се наметнува со својот прогресивен карактер особено таму каде класичните политички партии, вклучувајќи ги и работничките, не успеале да одговорат на некои витални општествени прашања;

— дека студентското движење може успешно политички да се оствари само низ сопственото идејно и политичко еманципирање, осмислување и единство.


Забелешки

[1] Мислиме на сплитското советување на социолозите и на извесни студии од Институтот за општествени науки од Белград, односно универзитетите во Љубљана, Скопје и др.


Студентската 1968 година: Содржина

марксистичка интернет архива