Списанието „Нувел опсерватор" објави хронологија на студентските немири во многу земји во текот на 1968 година. Ја пренесуваме во кратки делови оваа хронологија.
8. I. — Шпанија. — Соочени со поновите настани и избивањето на студентските немири во последните месеци во 1967 година, владата го затвори Факултетот на политичките науки, потоа на 12. I. Филолошкиот факултет, на 18. I. Природниот факултет и на 27. I. Медицинскиот факултет.
12. I. — Италија. — Студентите ги зазедоа сите факултети во Падова протестирајќи против проектот на универзитетските реформи, којшто го сметаа за „недоволно демократски". Полицијата интервенираше и уапси 120 лица.
18. I. — Јапонија. — Демонстрации на Зенгакурена (студентите од крајната левица) против доаѓањето на американскиот брод „Ентер прајс" во базата Сасебо. Полицијата интервенираше; 90 лица се ранети.
25. I. — Италија. — Студентите по архитектура во Фиренца гласаа за заземање на факултетот, а полицијата го запоседна факултетот. 27. I. — Демонстрации. — Ректорот на 31. I. поднесе оставка во знак на протест против бруталностите на полицијата. Движењето за заземање на факултетите се шири низ цела Италија.
6. II. — Алжир. — Студентите на алжирскиот факултет со подршка на гимназијалците демонстрираат на улиците на Алжир, истакнувајќи пароли: „Синдикални слободи!", „Да живее демократијата". Судири со полицијата, апсење. Универзитетот е затворен уште истата вечер, а повторно е отворен на 19. II.
17., 18. и 19. II. — Берлин. — Меѓународниот конгрес против војната во Виетнам во Западен Берлин е одржан на иницијатива на социјалистичките студенти кои тој конгрес и го организираа: на него беа околу 15.000 учесници од кои 10.000 германски студенти. Огромни демонстрации во центарот на градот, со портретите на Карл Либкнехт, Роза Луксембург и Че Гевара. Големо учество на странските студенти.
24. II. — ОАР [Обединета Арапска Република]. — Демонстрации на студентите во Каиро. Тие ги осудија селекциите при примањето на факултетите и бараа оснивање на работничко-селски фронт. Каирскиот универзитет е затворен на 24. II., a повторно отворен на 16 март.
29. II. — Италија. — Од полицијата и карабинерите заземен е и Римскиот универзитет. Другиот ден следеше општа конференција [конфронтација] со полицијата. Затворени се 228 лица, а повредени 200.
9. III. — Полска. — Студентите штрајкуваат и ги заземаат факултетите. Се појавува нова парола: „Да живее Чехословачка". Два дена подоцна на 11. III, демонстрациите на студентите и на другите граѓани на вратите од зградата на Централниот комитет на Комунистичката партија. Нови демонстрации на 13 март.
11. III. — Јапан. — Две илјади студенти демонстрираа против изградувањето на америчката болница во Токио. Судири со полицијата во кои се повредени 130 лица, а 160 затворени. Студентите Зенгакурен на 30. III. ја заземаат болницата. Полицијата интервенираше и во тие прилики се повредени 100 лица.
15. III. — Тунис. — Штрајк на Тунискиот универзитет во знак на солидарност со студентот Бен Џетгетом, кој е затворен по повод антиизраелските демонстрации во јуни 1967 година. Затворања и судења.
18. III. — Париз. — Атентат со пластични бомби на просториите Насе Манхатан Банк, Банк оф Америка и Т.В.А. затворање на активистите на комитетот за Виетнам.
22. III. — Индија. — Штрајк на Медицинскиот факултет во Аколи. Студентите бараат подобрување на условите за работа и реформа во системот на наставата и испитите. Полицијата интервенирала: повредени се 100, а затворени 30 лица.
22. III. — Нантер [Франција]. — Студентите на крајната левица ја заземаат управната зграда. Сите правци обединети прават „движење од 22 март" кој објавува летци во кои се осудуваат полициските насилби и капиталистите. Деканот го затвори факултетот од 28 март до идниот понеделник.
28. III. — Бразил. — Полицијата нападна еден студентски собир. Во таа прилика беше убиен студентот Едсон Лујс. Другиот ден повеќе од 100.000 лица присуствуваа на погребот. Студентите во целата земја стапија во генерален штрајк.
30. III. — Колумбија. — Заземени се 6 факултети во Богота. Студентите протестираат против присуството на полицијата на Универзитетот.
3. IV. — Венецуела. — Штрајк во целата земја за да се поткрепи желбата за сменување на гувернерот кој е одговорен за задушувањето на студентските демонстрации, во кои се убиени 4, а повредени 200 лица.
11. IV. — Берлин. — Атентат на Руди Дучке, лидер на социјалистичките студенти. Талас на студентски демонстрации, на илјадници учесници во сите универзитетски градови во Германија против новинскиот концерн, Шпрингер.
25. IV. — Италија. — Судир помеѓу студентите и полицијата во Рим. 36 полицајци и 4 студенти се повредени, а 160 лица затворени. Поведена е истрага против повеќе од 2.000 студенти во Италија.
29. IV. — САД. — На Универзитетот во Колумбија судири меѓу студентите со радикални тенденции и умерените, при што умерените настојуваа да ги „изолираат" црвените со кои раководи Мок Рад. Полицијата го ослободува Универзитетот. Донесена е одлука за штрајк.
1. V. — Бразил. — Работниците и студентите во Сао Паоло го спречија гувернерот да одржи говор на еден митинг, го протераа, ја запалија трибината и настапуваа низ улиците на градот.
2. V. — Нантер. — Деканот ја забранува универзитетската настава. 4 студенти се повикани пред Универзитетскиот совет.
3. V. — Париз. — Ректорот Рош ја повикува полицијата да влезе во просториите на Сорбона за затварање на студентите кои се припремаа да се спротивстават на командосите од крајната десница. 596 студенти се затворени, а 27 се ставени под контрола. Оваа интервенција доведува дo жестоки демонстрации: подигнати се барикади. Ректорот ја затвора Сорбона. Сојузот на студентите повикува на штрајк.
5. V. — Париз. — 4 демонстранти се осудени со казна — затвор.
6. V. — Париз. — 20.000 студенти демонстрираат во латинската четврт и се спротивставуваат на полицијата: 422 студента се затворени.
7. V. — Париз. — Голем марш од латинската четврт до плоштадот Етоал и назад. Нови инциденти со полицијата.
8. V. — Париз. — Демонстрации од Ал-о-Вена до плоштадот Едмонд Ростан.
9. V. — Париз. — Студентски митинг во салата Митијалите.
10. V. — Париз. — Ноќ на барикади. Учествуваат и многу гимназијалци. Затворени се 460, а повредени 367 лица.
11. V. — Западна Германија. — Демонстрации во знак на солидарност со француските студенти и работници.
13. V. — Франција. — Генерален штрајк против полициските репресалии. Големи демонстрации. Во Париз 500.000 лица дефилираа од плоштадот на Републиката до Данфер-Рошроа. Студентите ја зазедоа Сорбона.
14. V. — Западна Германија. — Марш на Бон против „Законот за вонредни овластувања" (закон кој многу ја стеснува формалната слобода во случај „озбилна опасност" на земјата).
17. V. — Франција. — Штрајк во фабриката „Рено". Марш на париските студенти кон фабриката во Биланкур. Демонстрации во гимназиите.
17. V. — Шпанија. — Студентите истакнуваа црвена застава на Филозофскиот факултет во Мадрид. Тука се собрале 1.500 студенти и во текот на 3 часа се бранеа од полицијата.
20. V. — Франција. — Работничкиот штрајк станува генерален штрајк.
21. V. — САД. — Универзитетот Колумбија: полицијата ги истера студентите кои ги зазедоа становите. Беркли: полицијата затвора неколку десетини студенти иако од утрината ги зазеле административните простории.
22. V. — Уругвај. — Студентите го окупираа Работничкиот универзитет во Монтевидео и Националниот педагошки институт. Тие бараат овие установи да почнат да работат под нивна контрола. Доаѓа до демонстрации што ќе траат цело лето.
24. V. — Франција. — Ноќ на барикади во Париз. Запалена е Берза (едно лице загинало, 648 затворени). Во Лион е убиен еден полициски комесар.
25. V. — Чиле. — 3.000 студенти го зазедоа Ректоратот во Сантијаго.
29. V. — Франција. — Генералната конференција на трудот организира демонстрации во Париз. 200.000 демонстранти бараат формирање на народна власт.
30. V. — Западна Германија. — Сојузот на социјалистичките студенти бара од студентите да се заземат универзитетските згради.
30. V. — Франција. — Говор на генерал Де Гол. Провладини демонстрации од Конкорд до Етоал во кои учествуваат стотини илјади парижани.
30. V. — Аргентина. — Демонстрации и барикади во Буенос Аирес. Во текот на два месеца студентите ќе развијат акција во која бараат автономија на Универзитетот.
30. V. — Боливија. — Демонстрации на наставниците и студентите, кои на таков начин ги поткрепуваат своите барања. Универзитетот е заземен и полицијата отстранета.
31. V. — Сенегал. — Генерален штрајк на студентите, кој се претвара во побуни. Војската го зазема Универзитетот: Најмалку 4 жртви и 300 ранети. Сите студенти се затворени.
3. VI. — Југославија. — Во Универзитетскиот град во Нов Белград е одржан митинг. Студентите бараат општествена реформа. Ги заземаат универзитетските простории и прокламираат „црвен универзитет". Маршал Тито на 9 јуни истакна дека барањата на студентите се оправдани и дека студентската акција била потстрекната од спороста и на одговорните, вклучувајќи ја и самата партија. Два дена подоцна студентите го запираат штрајкот и ги уредуваат факултетите.
7. VI. — Италија. — Миланските студенти демонстрираат против листот „Кориере де ла сера“: многу се ранети, а 200 затворени.
8. VI. — Колумбија. — Студентите во Богота го одбиваат нападот на полицијата, која настојува да го заземе Универзитетскиот град.
10. VI. — Флен. — Удавен е Жил Тотен, гимназијалец, марксист-ленинист кого го гонела полицијата. Демонстрации во Париз; демонстрантите ги палат полициските коли.
12. VI. — Турска. — Студентите покренуваат акција за остварување на своите барања. Во текот на неколку дена 50.000 студенти стапуваат во штрајк, факултетите се заземени.
15. VI. — Јапонија. — Зенгакурен демонстрира своја солидарност со француските студенти. Поворка од 10.000 студенти го блокираат центарот на Токио.
16. VI. — Франција. — Полицијата поново ја зазема Сорбона.
20. VI. — Бразил. — Полицијата напаѓа на еден митинг на Универзитетот во Рио: 15 ранети, 300 затворени. Полицијата на 22. VI. го зазема подрачјето на Универзитетот во Бразилија. После тоа на 26. VI. студентите во Сан Паоло го заземаат својот универзитет и подигнуваат барикади.
22. VI. — Доминиканска Република. — Студентите на крајната левица презедоа мерки за да ги истераат од Универзитетот подржувачите на власта што ги поставија Американците; 3 мртви. Војската го блокира Универзитетот.
24. VI. — Тајланд. — Еден студент е повреден за време на демонстрациите против корупцијата.
28. VI. — САД. — Беркли: Демонстрации за солидарност со француските студенти. Подигнаа барикади, фрлаа „молотовки". Се прогласува полициски час и вонредна состојба.
15. VII. — Турција. — За да го поздрават доаѓањето на америчката Шеста флота во Истанбул студентите на Турскиот универзитет ги спуштија на половина копје турските знамиња. Инциденти се повторуваа и за време на префрлањето на морнарицата. Судири и со полицијата на 17 јули: едно лице загинало, 52 ранети, а над стотина затворени. Немирите продолжуваа до крајот на месецот.
20. VII. — Перу. — Затворање на Г. С. Вертис, претседател на Универзитетската федерација. Универзитетот во Лима го зазедоа студентите, кои бараа ослободување на Вертис. Полицијата на 22. VII. затвора повеќе студенти после жестоки борби.
23. VII. — Мексико. — Инциденти помеѓу левичарските и десничарските студенти. „Грандадароси" продираат до универзитетските згради, иако се спротивставуваа наставниците и студентите. Демонстрациите против интервенцијата на полицијата се брутално уништени на 26. VII. Другиот ден се подигнати и барикади. Армијата интервенираше на 29. VII. 200 лица се затворени.
31. VII. — Јужен Виетнам. — Студентите истакнуваат знаме на Националниот фронт за ослободување на зградата на Филозофскиот факултет во Сајгон и делат антивладини летоци.
31. VII. — Филипини. — Маса од 25.000 студенти протестира против дискриминацијата во правосудството.
З. VIII. — Чиле. — Демонстрации на студентите од Педагошкиот институт во Сантијаго против велепоседниците. Барикади.
5. VIII. — Мексико. — Студентите донесуваат одлука за штрајк и заземање на факултетите.
19. VIII. — Индија. — Во Маранатиј и во Акала Парбани студентите вршат напади на зградите од државните установи и креваат демонстрации. Полицијата затвора 800 студенти.
21. VIII. — Чехословачка. — Остар напад на студентите против советската инвазија. Во текот на целиот тој период студентите вршеа многубројни акции против окупацијата: демонстрираа, делеа весници и летоци, лепеа плакати, организираа тајни печатници.
27. VIII. — Мексико. — Студентите истакнуваат црвени и црни знамиња на еден плоштад во Мексико.
28.-30. VIII. — САД. — Студентите и хипиците од целата земја демонстрираа во Чикаго против виетнамската борба и против дегенеризирањето на политиката на Демократската партија во моментот кога оваа ја одржуваше својата конференција за да го одреди [Хјуберт] Хамфри за свој кандидат. Жестоки борби со полицијата.
30. VIII. — Индија. — Затворени се сите факултети во Њу Делхи.
1. IX. — САД. — Беркли: жестоки демонстрации. Воведен е полициски час.
12. IХ. — Уругвај. — 1.000 студенти заедно со работниците ја зазедоа Ладилницата во Монтевидео. Немирите продолжуваа во текот на целиот месец. Универзитетот се затвара на 24. IX.
IX. — Мексико. — Спроти отварањето на Олимписките игри, војската влегува во Универзитетскиот град во Мексико: 500 лица се затворени. На 24 септември борба со полицијата, во која загинуваат 2 лица. Другиот ден инцидентите продолжуваат и ја зафаќаат и провинцијата.
20. IX. — Боливија. — Студентите во Ла Паз бараат да се „поништат книгите за измислување на оружје". Мислејќи дека се наоѓаат во ситуација на револуционерна побуна и тие бараат формирање на еден „антиимперијалистички фронт".
23. IX. — Западна Германија. — Даниел Кон-Бендит е затворен во Франкфурт и осуден на 8 месеци затвор условно заради учество во демонстрациите против Леополд Сенгор.
2. Х. — Мексико. — Големи демонстрации се одржуваат на плоштадот „Три култури" во Мексико. Војската отвора оган. 200 мртви.
6. Х. — Чиле. — Жестоки демонстрации во знак на солидарност со мексиканските студенти.
9. Х. — Јапонија. — Жестоки судири во Токио, Киото (400 повредени, 178 затворени) за време на демонстрациите што студентската организација ги организира во 18 јапонски градови.
21. Х. — Гана. — Демонстрации во Легон, во близина на Акра. Студентите бараат воениот режим да се либерализира: затворања и протерувања.
27. Х. — Велика Британија. — Демонстрации во Лондон против Виетнамската војна. Околу 100.000 луѓе, повеќето студенти, се спротивставија на полицијата: Неколку десетици луѓе се лесно ранети, а 40 затворени.
28. Х. — Италија. — Римските студенти штрајкуваа со непосетување на предавањето. Во текот на идниот месец слични немири ги зафатија и сите универзитети и гимназии во земјата.
1. XI. — Шпанија. —Повторно е затворен Универзитетот во Мадрид по жестоките инциденти.
2. XI. — Колумбија. — По три дена демонстрации и грабнување на два полицајца, 11.000 студенти во Богота стапија во штрајк во знак на протест против присуството на американски професори.
5. XI. — Мексико. — После завршувањето на „Олимпиското примирје" студентите на Универзитетот во Мексико одлучија да го продолжат штрајкот.
8. XI. — Пакистан. — По жестоките демонстрации наставните установи во земјата се затворени.
8. XI. — Мароко. — Штрајк на Филолошкиот факултет во Рабат „Ифесу" и на Високата национална школа во Рабат. Немирите продолжуваат.
13. XI. — Судан. — Заземен е Техничкиот институт во Картум. По демонстрациите на 14. XI. затворен е Картумскиот универзитет.
25. XI. — OAP. — Многу жестоки демонстрации во Монсури, потоа во Александрија: студентите бараа демократизација на режимот. Последиците од војската беа сурови: 16 мртви, 84 ранети и 30 затворени. Универзитетите беа затворени.
26. XI. — Еквадор. — Студентите кои демонстрираа против насилствата на полицијата ги нападнаа полициските комесаријати во Аласи и Илагру: тројца мртви.
3. XII. — Италија. — Смртта на двајцата земјоделски работници, кои rи уби полицијата на Сицилија, другиот ден предизвикува низа судири со силите на редот во целата земја. Во Рим 30.000 студенти ги зазедоа улиците. Генерален штрајк имаше и другиот ден.
4. XII. — Колумбија. — Заземен е Факултетот на хуманитарните науки во Богота.
7. XII. — Перу. — Демонстрации во Лима. Еден студент е ранет. Во Кускулт 5.000 студенти го окупираа Универзитетот.
12. XII. — Мексико. — Бидејќи го заврши штрајкот на студентите, Националниот штрајкачки комитет се претвора во „Национален комитет за борба".
13. XII. — Полска. — Двајца студенти од Варшава, кои беа затворени во варшавските настани, Јан Литински и Северин Блумштајн, се осудени по еднонеделниот процес на две и пол, односно две години затвор.
19. XII. — Јапонија. — Во Токио 250 студенти извршија марш на амбасадата на САД.
19. XII. — Никарагва. — Студентите на Манагва и Леона го зазедоа Националниот конгрес за да го поткрепат своето барање за зголемување на буџетот за образованието за 1969 година.
20. XII. — Италија. — Генерален штрајк на универзитетите и гимназиите во Рим.
25. XII. — Јапонија. — За време на судирите меѓу полицијата и припадниците на Комунистичката партија се ранети 116 студенти на Токискиот универзитет. Двете противнички страни се спротивставија една спроти друга во борбата за „власт над студентите" на Универзитетот.
Забелешки
[1] Хронологијата е преземена од француското списание „Ле Нувел Опсерватер" бр. 216 од 1969 г.