Настаните на југословенските универзитети во јуни 1968 година[1]


2 јуни — во непосредна близина на Студентскиот град во Нов Белград избија остри демонстрации и нереди кои почнаа по тепаницата меѓу група студенти и младинци — бригадири во Домот на културата. Милицијата остро интервенира при што имаше повеќе повредени.

3 јуни — рано изутрина во Студентскиот град во Нов Белград е одржан митинг на студентите. На митингот е осудена акцијата на милицијата, барано е обештетување на повредените, заштита на автономијата на Универзитетот и најостри казни за виновниците - милиционери. Проректорот на Белградскиот универзитет, Бурушевац, од името на деканите на факултетите ја изјави подршката на студентите. Потоа студентите со пароли тргнаа кон Белград, но повторно имаше остри судири со милицијата која што го имаше блокирано патот. Во масата студенти беа присутни Вељко Влаховиќ, Милош Миниќ и др. високи раководители кои дискутираа со студентите. Нередите траеја целиот ден.

4 јуни — бидејќи во Белград јавните манифестации и демонстрации се забранети, студентите ги продолжија своите акции и митинзи во зградите на факултетите. Се истакнуваат проблемите на студентите и на Универзитетот, но и пошироки општествени проблеми на кои студентите бараат итно решавање. Работниците од многу белградски претпријатија им даваат подршка на тие барања на студентите. Се одржуваат седници на политички форуми и собранија и извршните органи на власта во Белград и Србија.

4 јуни — во Скопје е одржана заедничка седница на Градската и Универзитетската конференција на СКМ на која по повеќемесечни дискусии на факултетите и во градот е донесена Политичката платформа „За што се бори CК на Универзитетот". Студентите на сите факултети и високи школи одржуваат состаноци на кои ја изразуваат својата желба да бидат активни чинители во општеството и во борбата за самоуправување и социјализам.

— Во Белград е одржана седница на ИК на ЦК СКС u објавено е соопштение на Претседателството и Извршниот комитет на ЦК на СК на Србија.

5 јуни — На седницата на Сојузниот собор на Сојузната скупштина најавено е дека студентските проблеми брзо ќе се разгледаат.

— Во Белград, после широка дискусија, на сите факултети студентите, професорите и Акциониот одбор на Белградските студенти ја прифаќаат „Акционата политичка програма".

— Во сите универзитетски центри во земјата се одржуваат собири на студентите. На собирите во Љубљана и на состанокот на деканите на Љубљанскиот универзитет изразена солидарност со оправданите барања на белградските студенти. Во Сараево УК на СК усвојува закључоци на кои им се дава полна подршка на реалните барања на студентите. Во Риека и Мостар водени се дијалози меѓу претставници на студентите и политичките раководства во градовите. Суботичките студенти во широки дискусии ја истакнаа својата готовност да учествуваат во решавање на општествените проблеми што ги истакнале. Во Ниш на седницата на Универзитетскиот совет е формирана комисија составена од студенти и членови на Советот која ќе подготви Програма за акција и мерки за решавање на проблемите што ги истакнале студентите.

6 јуни — Окружното јавно обвинителство ја повлекува забраната на растурање на весникот „Студент" што уследи, според наводите, заради повреда на 3аконот за печат.

— Во Загреб на сите факултети студентите расправаат за Прогласот кој им го упатил Сојузот на комунистите па Универзитетот.

— Раководствата на Сојузот на младината на Хрватска и на Македонија ја истакнуваат својата согласност со барањата на студентите, но се против методите на улични расправи и испади.

7 јуни — Во Белград на заедничката седница на самоуправните органи, политичките форуми и Акциониот одбор на Универзитетот е усвоено соопштение во кое се бара деблокирање на сите факултети, пуштање на уапсените студенти и гаранции против репресалиите, утврдување и казнување на виновниците за инцидентите на Нов Белград и обезбедување на полно и објективно информирање. Се инсистира на спроведување на Акционо-политичката програма. На факултетите продолжуваат собирите на кои се дава подршка на другарот Тито и Сојузот на комунистите. ССРН на Србија бара нормализирање на работата на Универзитетот.

9 јуни — по повод седницата на Претседателството и ИК на ЦК СКЈ, другарот Тито дава изјава на Белградската телевизија во врска со студентските демонстрации. Говорот на другарот Тито со воодушевување и полна подршка е прифатен од белградските студенти и во сите универзитетски центри во земјата. Во Загреб комунистите на Универзитетот одлучно ги отфрлаат ставовите на „левите фразерии".

10 јуни — во Белград се нормализира животот и работата на факултетите. Од студентските зборови му се упатуваат телеграми со подршка на другарот Тито. Голем број работни колективи, поединци, форуми и организации изјавуваат исто така подршка.

11 јуни — На Белградскиот универзитет почнуваат испитите. Продолжува изразувањето на безрезервна подршка на другарот Тито. Во СК се примаат голем број нови членови од редот на студентите. Членовите на комисијата на Извршниот совет на Србија, формирана за испитување на текот и одговорноста на настаните во Нов Белград, не се согласија во оценката на настаните.

— Во Белград Градскиот комитет на СК и Извршниот комитет на ЦК СКС усвојуваат заклучоци кои што се однесуваат на практично остварување на ставовите од говорот на другарот Тито. Другарот Тито го прима Стеван Дороњски кој го запознава со заклучоците.

18 јуни — во Загреб раководствата на СК и ССРН констатираат дека социјалистичките стремежи биле и останале доминантни на Универзитетот.


Забелешки

[1] Хронологијата на настаните во нашата земја е обработена според дневниот печат.


Студентската 1968 година: Содржина

Југословенска тематска архива

марксистичка интернет архива