На 4. Јули 1968 година во Белград се одржа заедничка седница на Претседателството и Извршниот комитет на ЦК СК на Србија. После седницата издадено е следново соопштение:
„Претседателството и Извршниот комитет на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Србија на својата седница од 4 јули ја разгледа актуелната политичка состојба и реши да ја извести јавноста за своите ставови.
1. Периодот после IV пленум на ЦК на Сојузот на комунистите на Југославија [во 1966 година] имаше пресудна важност во борбата на комунистите на Србија за остварувањето на реформата, за развојот на самоуправувањето и демократизацијата на политичкиот живот, за преобразување на Сојузот на комунистите во организација на активни борци за самоуправен социјализам. Комунистите на Србија отворено се суочија со снажни бирократски отпори на одлуките на VIII Конгрес на СКЈ [одржан во 1964 година], со заостанување во развојот на самоуправните општествени односи, а сето тоа имаше последици и врз меѓунационалните односи. Тие смело и со полна одговорност го понесоа времето на борбата за демократска преобразба на политичкиот живот во Србија.
2. Таа борба се води во извонредно сложени услови поради економската неразвиеност на делови на Србија, политичка пасивизација на дел од членството на Сојузот на комунистите и проблеми кои настанаа во процесот на реформата. По тие прашања дојде и до диференцијација внатре во Сојузот на комунистите. Истакнуваме дека е извонредно позитивно што диференцијацијата се одвива во процес на демократска политичка борба. Таа е причина на остварувањето на единството врз нови основи на Сојузот на комунистите на Србија.
3. Потпрен врз широката активност на комунистите, Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Србија интензивно работеше во изминатиот период врз разработката на натамошната економска политика врз основа на реформата и изградувањето на политичкиот систем и политичката рамноправност на народите и народностите. Овие ставови широко се прифатени во Сојузот на комунистите на Србија и во општествената јавност. Полна одговорност за таа политика и за тој програм носи Централниот комитет на Сојузот на комунистите и сите негови органи, а посебно Претседателството и Извршниот комитет.
4. Нашите внатрешни превирања се дел на промената која ја доживува современиот свет. Кризата на современиот капитализам, буржоаските политички институции, како и кризата на административно-етатистичките односи во социјализмот ја карактеризираат денешната промена на современиот свет. Тие превирања уште еднаш му даваат потполна сатисфакција на самоуправниот пат кој ние го избравме. На своите знамиња работниците и студентите ширум светот ја истакнуваат идејата на самоуправувањето и социјалистичката демократија. Тој избор ние го направивме, но мораме упорно и без компромиси да се бориме за неговото полно остварување во праксата, против сите отпори кои сакаат да нè вратат назад.
5. Борбата со бирократските појави и тенденции во политичкиот живот и во самите органи и форуми на Сојузот на комунистите — иако јасно прокламирани во најважните партиски одлуки — не е водена секогаш со достатна упорност и принципиелна доследност. Во спроведување на најважните политички одлуки кои се односеа на демократизацијата на политичките односи и методи на работа во Сојузот на комунистите, на одговорност на сите носители на јавните и политички функции, на борбата против сите видови на антисоцијалистички појави во економскиот и политичкиот живот, имаше покрај постигнатите резултати, и доста спорости, па и идејни компромиси, заташкување на разликите во ставовите и демагошко кокетирање со антисоцијалистичките истапи.
6. Сето тоа создаде услови од сите страни, систематски и упорно, да се пропагира и развива идејата за борба за „демократски” барања вон демократските и самоуправни институции на нашиот политички систем, покрај, па и против Сојузот на комунистите. Се обидуваа некои да го игнорираат, потценат и обезвредат сè она што е револуционерно и резултат на нашите револуционерни текови и резултати постигнати во последниве години низ борбата за општествена и стопанска реформа, за ослободување на општествениот живот од етатистичките стеги, за полн замав на творештвото на сите подрачја на општествениот живот. Со таа борба која бараше и бара големи напори, нашата земја зазеде свој став и место во авангардата на оние општествени сили во современиот свет кои ја оживотворуваат во пракса хуманистичката содржина на социјализмот и современата организација на општеството.
7. Оние кои се користеа со методот на притисок и присилна акција, заобиколувајќи ги и игнорирајќи ги демократските и самоуправни организации на работничката класа и работните луѓе, нанесоа озбилна штета и го доведоа во опасност основниот демократски курс на развиток на нашето општество и сето она на што работните луѓе на оваа земја ја засниваат својата верба во социјалистичкиот прогрес. Проповедавање и организирање на таканаречените „спонтани акции” покрај Сојузот на комунистите и другите организирани социјалистички сили е, во својата суштина, политичка обмана, обид сопствените политички цели и во деструктивни сврхи да се искористат стремежите на работните луѓе кои бараат и се борат политичкиот курс на Сојузот на комунистите да се спроведува што побргу и што подоследно.
Претседателството и Извршниот комитет на ЦК на СК на Србија сака во оваа прилика да ги изнесе своите ставови за некои актуелни и политички прашања:
1. Денес во спроведувањето на стопанската реформа основно е реализирањето на мерките на Сојузната скупштина за оживување на стопанството и итно решавање на сите покрупни систематски прашања.
2. Иако Сојузот на комунистите на Србија повеќе пати јавно се декларира за политичките промени на кадровската структура во стопанството и јавните служби, мора да се истакне дека овој процес се остварува знатно поскоро од сегашните стварни кадровски можности и потреби на општеството.
Проблемите на запослувањето се во својата основа поврзани со ритамот на развојот и проблемите на преструктуирањето на стопанските и другите делатности. Нашето општество во оваа фаза на реформата може да запосли онолкав број работници во рамките на можностите на етапата на екстензивниот развиток. Меѓутоа, несомнено дека е можно и неопходно доследно да се застапува ставот во запослувањето а приоритетот треба да го има висококвалификуваниот стручен кадар. Објективни можности за тоа постојат.
Отпорите кон оваа ориентација произлегуваат од неспремноста на поединци од раководните места отворено да признаат дека имаат недостаток на знаења и способности за во оваа фаза на развој на нашето стопанство да го отстапат своето место на висококвалификуваните стручни кадри. Се работи за луѓе чие искуство е извонредно драгоцено, но кои стануваат пречка доколку не се во состојба да се прилагодат на модерната организација на работата и дојдат на вистинско место. Комунистите во работната организација треба да се заложуваат за разработка на внатрешните прописи во работните колективи со кои би се на оригинален начин регулисало работното место на тие раководители.
Друг вид отпор се изразува во ставот дека процесот на работата не бара поголем број висококвалификувани стручњаци. Во прашање е свесно затворање на колективите од кое произлегуваат многубројни штетни последици. Мора јасно да се каже дека нема ни еден работен колектив во СР Србија кој може да тврди дека има вишок на високостручни кадри и дека нема потреба за нови.
Претседателството и Извршниот комитет на ЦК на СК на Србија ги повикуваат сите комунисти на доследно остварување на ставовите на Сојузот на комунистите во поглед на запослувањето на високостручните кадри. Неопходно е претставничките органи во што пократок рок да донесат Републички закон за приправничкиот стаж, а работните организации да утврдат и доследно да го спроведат правилникот за стручната спрема за одредени работни места. Треба да се заложиме за проширена примена на принципот на реизборност на сите значајни стручни работни места внатре во работната организација.
3. Критиките кои се упатени на Сојузот на комунистите и општествената политика, а кои доаѓаат од редовите на работничката класа и работните луѓе за социјалните нееднаквости се засниваат на незадоволството што не се остварува доследно распределбата. Во таа смисла комунистите се должни што побргу и доследно да се изборат за отстранувањето на сите пропусти кои досега овозможувале богатење и социјални диференцијации надвор од создадените работни резултати. Треба итно да се донесат законски мерки за елиминирање на појавата на капиталисување, како и мерки за прогресивно опорезување на високите лични доходи и луксузните објекти во приватна сопственост.
Посебно мора да се преземат енергични мерки од претставничките органи во Републиката и работните организации за отстранување на појавите на шпекулација, корупција и други облици на неморалната работа.
Понекогаш се јавуваат и гледишта дека во нашето општество има сè помалку солидарност. Всушност, само се менуваат формите, па и содржината на солидарноста. Се отстрануваат оние форми на солидарност кои ја прикривале непродуктивноста, неработењето, екстензивното стопанисување. Солидарноста која го поттикнува економскиот развој и влијае на постепеното изедначување на основните услови на образование, за основната здравствена и детска заштита, мора да јакне зашто е составен елемент на социјалистичките односи.
Посебно е важно со сите сили на општеството да се спречи пренесување на младата генерација на оние разлики во материјалната положба на родителите кои се претвараат во разлики во поглед на можностите за образованието како на средното, така и на високото образование. Политиката на кредитирање и стипендирање мора уште во поголема мера да го стимулира подобрувањето на социјалната структура на студентите.
4. Извршниот совет на Србија и другите републички органи ги зедоа во разгледување материјалните прашања и проблеми на студентите. Донесени се, а и понатаму се донесуваат одлуки за кредитите, стипендиите, подобрувањето на студентскиот стандард, изградбата на студентските домови и ресторани, подобрувањето на условите за културен и спортски живот на студентите, регулирањето на здравствената заштита на неосигурените студенти. Претседателството и Извршниот комитет особено истакнуваат дека сиве овие проблеми мора да се решаваат во согласност со општите материјални можности на нашето општество. Елементите на буџетското финансирање ја оневозможуваат полната одговорност на студентите во решавањето на материјалните проблеми на Универзитетот, по пат на демократско и самоуправно договарање и одлучување. Во таа смисла полна актуелност и активност и натаму имаат заклучоците на Осмата седница на ЦК на СК на Србија на која се расправаше за комунистите во областа на високото школство.
5. Претседателството и Извршниот комитет на ЦК на СК на Србија заклучуваат дека треба да продолжи работата на заедничката комисија на Собранието на СР Србија и Универзитетскиот совет на Белградскиот универзитет во преиспитувањето на системот на самоуправните односи, распределбата на самоуправните права и одговорности, а посебно правата на студентите во самоуправувањето со Универзитетот.
Ги подржуваме и договорите постигнати помеѓу органите на Управата и студентските претставници во разработката на системот за управување со домовите и рестораните со знатно нагласена улога на студентите.
Уверени сме дека дискусијата која е во тек ќе укаже и на цела низа нови можности во поглед на ангажирањето на студентите во структурата во самоуправното одлучување.
Јакнењето на самоуправниот статус на студентите обезбедува и нивно поголемо позитивно влијание во политичкиот живот на нашето општество во борбата за натамошен развој на самоуправните односи во сите сфери на општествениот живот.
Општествено-политичкото активирање на студентите го изразува нивниот длабок интерес за развој и реформа на Универзитетот и развој на самоуправното општество во целост. Таквото активирање подразбира стварно вклучување на студентите во побрз, поефикасен развој на универзитетот и општеството во изградбата на самоуправните односи и организацијата на Сојузот на комунистите.
Претседателството и Извршниот комитет на ЦК на СК на Србија на седницата одржана на 3 јуни ги подржаа барањата поенергично да се решаваат материјалните проблеми на Универзитетот и студентите, понатаму да се развиваат самоуправните односи на Универзитетот и поефикасно да се решаваат проблемите на дипломираните студенти.
Меѓутоа, во текот на наредниот ден се јави од тенденции кои оправданите студентски барања ги прогласија за помалку важни и се заложија овие студентски барања да се претворат во борба против политичкиот систем.
Одредени групи се обидоа да го узурпираат правото да зборуваат во името на студентите и сакаа да предизвикаат широки конфликти, да влезат во акцијата против општествениот систем. Обидот на овие групи да влијаат на политичкото расположение на работниците наиде на нивен достоен одговор. Работниците свесно ги раздвојуваа оправданите барања од акцијата која го поткопува самоуправниот систем — голема придобивка на работните луѓе. Антисоцијалистичките, националистичките и разновидните деструктивни пароли и барања кои се слушаат и истакнуваат, а кои немаат врска со оправданите и веќе прифатени студентски барања, покажуваа сè појасно за што заправо се работи. Политичкото подземје, најразлично обоено спремно почнува со систематско сеење на дезинформации и внесување на конфузија. Затоа студентите, а пред сè комунистите на Белградскиот универзитет, треба енергично и докрај да ги разграничат со сите обиди оние што сакаат последните настани на Универзитетот да се искористат во антисоцијалистички, реакционерки цели и тоа, пред сè, на тој начин што:
— да се покаже одговорност и самодисциплина во борбата за своите барања;
— доследно да се носи знамето на конкретната борба за натамошно прогресивно менување на нашето општество и развивањето на самоуправниот систем и средствата коишто тој систем ги дава;
— да се осудат обидите кои под фирмата на самоуправувањето и во името на „спонтаноста” ја поведоа, всушност, борбата против самоуправните и демократски придобивки на нашето општество;
— студентите сами треба да ги оневозможат демагошките обиди нивната акција да биде експлоатирана од страна на непријателот на оваа земја и нејзиниот социјалистички поредок за кого е врзана и нивната иднина.
Претседателството и Извршниот комитет на ЦК СК на Србија сметаат за неопходно дека во решавањето на отворените општествени проблеми сите органи на Републиката и Федерацијата одговорно да ги вршат своите должности. Неопходно е и почитувањето на демократските односи и борбата на сите комунисти во републиките уште повеќе да се развијат елементи на нашиот демократски политички систем на ниво на Федерацијата.