ЦК СКМ

Универзитетот — вистинска самоуправна заедница[*]


IV

Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Македонија, разгледувајќи ја положбата и проблемите на Универзитетот и студентската младина, заклучи:

1. Му се дава полна подршка на основниот правец содржан во платформата усвоена од Градската и Универзитетската конференција на СКМ „За што се бори Сојузот на комунистите на Универзитетот” и на заклучоците за нејзиното непосредно спроведување. Посебно се поддржува решеноста на Сојузот на комунистите на Универзитетот да истрае во реализирањето на прифатените принципи и со тоа уште повеќе да го подигне авторитетот на авангардната позиција на организацијата, отворајќи rи своите редови во таа акција општествено да се ангажираат.

2. Се подржуваат барањата на студентската младина на Сојузот на студентите на Универзитетот за подоследен социјалистички курс во нашата политика, за коренита реформа на Универзитетот, развивањето на самоуправувањето и подобрување на материјалниот и општествениот стандард на студентите.

3. Се укажува на потребата сестрано да се анализира и творечки насочува нараснатата политизација на студентите и нивното изразување и барање да се прифатат како општествен субјект, готови да се заложат за натамошен подем на нашето самоуправно социјалистичко општество, борејќи се против секое априорно опозиционерство и непријателско вмешување.

4. Се укажува на неопходната потреба да се изврши длабока реформа на наставата на факултетите, која ќе биде спремна многу повеќе да ги следи и развива денешните сознанија, современите учебници и учебни помагала, без оглед на тоа каде се тие создадени, за поголемо присуство на општествените науки во сите гранки а да можат студентите веднаш по завршувањето да се вклопат не само во стручните, туку и во самоуправните дејности. Посебно се истакнува потребата од непосредно поврзување на катедрите и факултетите, наставниците и студентите со движењата, сознанијата и процесите во општеството и стопанството.

5. Се истакнува неопходната потреба факултетите да се трансформираат во вистински самоуправни заедници на студентите, наставниците и на другите работници во нив. Сојузот на комунистите на Македонија ќе се бори за обезбедување на полно учество на студентите во сите домени на самоуправата, за да станат, заедно со наставните кадри и другите работници, носители во решавањето на сите проблеми на Универзитетот и во одредувањето на својата позиција во нив, Во тој правец потребно е докрај да се реализира законодавната иницијатива студентите да станат предоминантен фактор во управувањето со објектите од студентскиот општествен стандард.

6. Сојузот на комунистите на Македонија посебно ќе се залага Универзитетот и понатаму да се реализира како една од првостепените институции во развојот на Републиката и понатамошното збогатување и афирмирање на нашата нација.

7. Се повикуваат сите комунисти, наставници и студенти, да го поддржат и остварат настојувањето за интегрирање на одделни катедри и институти за да може факултетите и Универзитетот во целост да се оспособат за современа образовна дејност, за ефикасни и ефективни научни истражувања преку тимска работа на одделни струки и сл.

8. Во реализацијата на кадровската политика, Сојузот на комунистите ќе се залага слободните работни места да се пополнуваат со нови талентирани научни работници, а хонорарната настава да се сведува на неопходните потреби.

Во нашата кадровска политика, на јавни функции сè повеќе се истакнуваат и наставници афирмирани во општествено-политичкиот живот. Нивниот избор и неможноста да ја обавуваат наставната функција, треба да биде надоместена со избор на нови наставници. По истекот на изборниот мандат, како што е веќе практика и во другите дејности, треба да им се обезбеди враќање на соодветни работни места.

9. Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Македонија rи поддржува напорите на универзитетските и факултетските органи и на Извршниот совет на СРМ за обезбедување на слободен упис на Универзитетот, залагајќи се истовремено за таков систем на студии низ кој уште во првата година ќе се врши селекција.

Долгото просечно траење на студиите општествено е неоправдано, неприфатливо и скапо.

10. Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Македонија ги поддржува напорите на Извршниот совет на СРМ и на Заедницата за финансирање на образованието да се зголемат можностите за кредитирање и преку тоа да се обезбеди забрзано менување на социјалната структура на студентите во полза на оние од редовите на работничките и селските семејства.

Сојузот на комунистите на Македонија одлучно се изјаснува да се води таква политика на стипендирање што ќе тргнува од имотната состојба на фамилиите, способноста и резултатите на студентот.

Централниот комитет на СКМ ги повикува комунистите во работните организации, општествено- политичките заедници и другите даватели на стипендии бескомпромисно да се заложат за доделување на стипендиите на деца од работничко и сиромашно селско потекло, како и да се изврши генерална ревизија на веќе доделените стипендии со цел да се одземат од оние чија фамилијарна имотна состојба е таква да можат самите да го понесат товарот на школувањето. Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Македонија ги смета за неоправдани и неприфатливи сите оние настојувања и барања од одделни комунисти и функционери да земаат стипендии за своите деца и покрај тоа што нивната имотна состојба е добра.

Се подржуваат напорите на Извршниот совет, Градското собрание и општинските собранија во Скопје за изградба на нови факултети и објекти на студентскиот стандард.

Сојузот на комунистите на Македонија ќе се залага за поголема реалност во барањата на Универзитетот, сообразно со материјалната положба на Републиката, резултатите на стопанството и неопходната солидарност преодните тешкотии подеднакво да се носат од сите структури на општеството, а не само од работничката класа.


Забелешки

[*] Дел од заклучоците на XVII седница на ЦК СКМ, одржана на 3. VII. 1968 година во врска со актуелната политичка состојба во Републиката. Препечатено од весникот „Студентски збор” од 8. VII. 1968 година.


Студентската 1968 година: Содржина

Македонска тематска архива

марксистичка интернет архива